Потковица[1][2] или поткова[3][4]железна подлошка што се заковува на копитата на домашните животни (непарнокопитни и парнокопитни) со цел да се заштитат од трошење и повреди и да му овозможи на животното да оди побезбедно.[5] Потковицата се дотерува на големината и обликот на копитата, одењето, работата и грешките на копитата. Кај непарнкопитните (коњи, магариња, маски, мулиња) животни потковицата е во облик на латиничната буква U и потребни се четири потковици за потковање на едно животно. Кај парнокопитните животни (волови и биволи) потковицата е во облик на полукружна плочка и потребни се 8 потковици за едно животно.

Модерна коњска потковица.
Воловска потковица (за половина копито)
Потковање на коњ.

Во многу култури, постои верување дека потковицата што виси над вратата носи среќа. Ако е свртена нагоре, ќе се погрижи среќата да не исчезне, а ако е свртена надолу, среќата ќе падне на секој што ќе помине низ таа врата.

Впрегнување и потковување коњи уреди

Голема новина во средниот век, најспектакуларна и најзначајна според последиците, била користењето на коњи, кои се побрзи и поиздржливи од воловите, за влечење на плуг. Таквата употреба на коњите била овозможена со „модерната запрега“, низа технички подобрувања кои околу 1000-тата година овозможиле подобро искористување на влечната сила на животните и зголемување на придонесот од работата на животните. Современото впрегнување во суштина се состои во пренесување на товарот на влечењето на рамениците и дополнување на новата опрема со потковици, што го олеснило движењето на животните и обезбедувало заштита на нозете; и запрега во низа, што овозможило да се влечат потешки товари.

Античката запрега, која го ставаше темпераментот на вратот, ги притискаше градите на животното, му го отежнуваше дишењето и брзо го измори. Опремата што ја користеле за коњите во суштина била иста како и за воловите. Традиционалниот запрега за вратот, која волот ја поднесувал поради краткиот врат, не бил погодна за коњот. Таа запрега донекаде била погодна за волови (главното влечно животно), но била целосно несоодветна за користење коњи за истата намена, бидејќи појасот на градниот кош, штом коњот се повлече посилно, се лизгал кон вратот и го задушувал животното, драстично намалувајќи ја ефективната моќност.

Европејците го приспособиле коњскиот ам што се потпирал на рамениците на коњот кој ја заменил лентата преку градите на коњот. Новиот начин на впрегнување го префрлил притисокот врз животното од душникот на рамената и градната коска, овозможувајќи му на животното полесно да дише, што пак му овозможило да влече посилно, а со тоа ја зголемил ефикасноста на коњот при влечење за четири до пет пати. Коњскиот ам е изум со потекло од Кина, од 7 век. Првата веродостојна европска претстава на ам за коњ може да се најде во ракопис од приближно 800 година, но оваа нова технологија се проширила дури во 11 и 12 век. Ова, во комбинација со употребата на железни потковици, го заменило волот со коњот како главно влечно животно. Првиот приказ на коњ кој влече земјоделски алат (брана) може да се најде на таписерија од околу 1080 година. Железните потковици почнале да се користат во 9 или 10 век, можно е и тие да пристигнале од Азија, но можно и да биле изворен европски изум. Оваа новина била многу важна и во земјоделството и во превозот, бидејќи им овозможило на коњите да извршуваат потешки задачи. Непосредна последица била тоа што потоа коњите можеле да ги заменат воловите при влечење на плугот. Користењето на коњ, кој е побрз од вол, за влечење и орање овозможило забрзување и зголемување на бројот на извршени работи. Во исто време, колите влечени од коњи ги замениле колите влечени од волови, бидејќи потковиците со клинци овозможиле да се користат коњи за превоз на товари по патиштата.

Треба да се има на ум дека големината и силата на средновековните влечни животни била многу помала од онаа на денешните. Влечниот коњ бил помал од борбениот коњ, кој мора да носи оклоп и тешко вооружен коњаник. Ова го потврдува првенството на воените пред стопанските потреби. Исто така, многу селани и благородници не сакале да користат коњ поради неговата висока цена и тешкотиите за негова прехрана (зоб). Затоа, коњот не го заменил волот секаде. До 12 век, коњот бил претпочитан како животно за влечење коли. Управувањето на колата е подобрено на различни начини. [6]

Наводи уреди