Крпен живот
„Крпен живот“ — роман на македонскиот писател Стале Попов, првиот дел е издаден во 1953 година, додека веќе следната 1954 излегува од печат и вториот дел во издание на издавачката куќа „Кочо Рацин“, денес Македонска книга. Веднаш по објавувањето литературната критика го прогласи Стале Попов за изразит регионалист.[1]
Автор | Стале Попов |
---|---|
Земја | Македонија |
Јазик | македонски |
Жанр | битов |
Издавач | Кочо Рацин (денес Македонска книга) |
Издадена | 1953 |
Медиум | печатено издание |
Содржина
уредиРоманот „Крпен живот“ композициски е составен од два дела и тематскиот периметар е врзан за личности, датуми и настани што се случиле при крајот на деветнаесетиот и почетокот на дваесетиот век во Мариово и дава една шаренолика панорама на мариовскиот бит. Според Димитар Митрев „амбицијата на авторот е да биде крајно објективен, строг и спокоен инкарнатор на една неизвртена животност“.[2] Во насловот тој го употребува атрибутот „крпен “, па насловот „Крпен живот“ претставува синтагма и стана синоним за тежок живот. Сместено во колоритниот рурален пејзаж, дејството во романот „Крпен живот“ се случува во мариовското село во времето на Илинденското востание, Балканските војни и Првата светска војна. Основа за композицијата на романот е личниот и семејниот живот на семејството Сукаловци од селото Витолишта. Сите настани се околу двете главни личности Митра и Доста Рожденката, кои се носители на дејството. Во првиот дел централно место зазема Митра, но во вториот дел нејзиниот лик почнува да се губи и наместо неа Стале се задржува на стремежите на Доста Рожденката за растежот и напредувањето на нејзините деца Нешка и Толе. [3] Со писателското мајсторство на Стале Попов, во „Крпен живот“ на реалистичен начин, по хронолошки редослед се прикажуваат битовите подробности на селскиот живот, верувања и обичаи. Личностите се неделиви од битовата средина и опстановка. Тој детално го опишува селото Витолишта со неговиот изглед, број на куќи, дворови и улици. Исто така, дава и слика на приватниот и општествениот живот во Мариово. Стилот е сликовит и емоционален, сличен на народните приказни. Најголемата вредност е во пластичноста и сликовитоста, како и во јасното реалистично раскажување, пропратено со голем број народни поговорки и изрази со кои се искажува некоја мудра мисла од мариовскиот крај, па претставува според М. Друговац „мариовски летопис за судбината на Македонија и нејзините луѓе на тримеѓето на времето и тримеѓето на историјата“. [4]
Наводи
уреди- ↑ Љубен Андреев, Литературни разработки (втор дел), Скопје: Ми-Ан, 1993 стр. 58.
- ↑ Стале Попов,Крпен живот, Скопје: Македонска книга, 1990. стр.317
- ↑ Стале Попов, Крпен живот, Скопје: Македонска книга, 1990.
- ↑ Љубен Андреев, Литературни разработки (втор дел), Скопје: Ми-Ан, 1993 стр. 69.
== Стале Попов]]