Витолиште
Витолиште — село во областа Мариово, во Општина Прилеп, во околината на градот Прилеп. До 2004 година, селото претставувало административно седиште на поранешната истоимена општина, која ги опфаќа селата во областа Мариово.
Витолиште | |
Панорама на селото Витолиште | |
Координати 41°10′50″N 21°49′36″E / 41.18056° СГШ; 21.82667° ИГД | |
Регион | Пелагониски |
Општина | Прилеп |
Население | 41 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 7508 |
Повик. бр. | 048 |
Шифра на КО | 20016 |
Надм. вис. | 862 м |
Слава | Св. Атанасиј |
Витолиште на општинската карта Атарот на Витолиште во рамките на општината | |
Витолиште на Ризницата |
Географија и местоположба
уредиВитолиште е сместено во подножјето под источната падина на планината Козјак, од десната страна на Црна Река во пределот познат како Старо Мариово. Веднаш југоисточно над селото се издигнува густа мешовита шума со особена застапеност на квалитетен црн бор, над која што се издгинува познатиот превој Трибор (1442 м.н.в.) преку кој води патот кон тиквешкиот дел на Мариово, како и највисоките врвови на планината Козјак — Балтова Чука (1822 м.н.в.), Перун (1703 м.н.в), Српјановец (1540 м.н.в) и Ковачевска Чука (1566 м.н.в.). Според ваквата местоположба селото Витолиште се наоѓа токму во средишната точка помеѓу мариовските села Полчиште веднаш на југ, Бешиште на југозапад, Манастир и Мелница со познатиот манастир „Св. Илија“ на запад, Живово и Врпско на север и Рожден, Мрежичко и Клиново на исток во тиквешкиот односно кавадаречки дел на Мариово. Поради ваквата местоположба од Витолиште водат повеќе земјени и шумски колски патишта во правец на сите овие села, кои најчесто се користат за шумарството. Селото е ридско и се наоѓа на надморска височина од 830 m.[2]
Од градот Прилеп селото е оддалечено 46 км[2], а денес до него е изграден асфалтен пат од регионално значење. По овој пат сѐ до селото Витолиште и назад до манастирот „Св. Илија“ во Мелница минува малата велосипедска тура од познатиот фестивал на отворено Mariovo Off-Road Experience. Витолиште е најголемото село во прилепскиот дел на Мариово и претставува негов природен рурален центар, поради што до 2004 година тоа беше седиште на истоимената општина, а денес — село во најјужниот дел на Општина Прилеп. Витолиште има мошне голем атар кој зафаќа површина од 63,3 км2 и се допира со атарот на Општина Кавадарци. На него сите три вида аграрни структури заземаат големи површини, така што на обравотливото земиште отпаѓаат 1424 ха, шумите заземаат површина од 1428 хектари, а на пасиштата дури 1132 ха[2]. Селото Витолиште и неговата околина е честопати опишувано во делата на македонскиот писател Стале Попов.
Историја
уредиВитолиште е едно од најстарите и најголемите села во Мариово. За присуството на луѓе и организиран живот на овој сведочат и повеќето археолошки наоѓалишта и наоди од праисториски и античко време, меѓу кои е и една камена плоча со римски натпис која стои веднаш крај сеслската чешма. Најстариот запис во кој се споменува селото Витолиште потекенува од втората половина на XV век односно од турските пописни дефтери од 1476/77 кога во селото живееле 80 семејства, потоа во 1481/82 биле попишани 112 домаќинства, за потоа да бележат пораст на 188 домови во 1519 година и 204 домаќинства во 1528/29 како и големо намалување на 55 семејства во 1544/45 година.[3] Во овој период Полчиште спаѓало во нахијата Мориово во Прилепската каза[3]. Тоа било најголем производител на пченица, градинарски производи и едно од малкуте села кои одгледувале лен, а поради својата големина и богатство тоа плаќало и најголем данок во цело Мариово[3]. Од овие записи се знае дека во првата половина на XVI век Витолиште било село во кое се одгледувале најмногу свињи и пчелни кошници, а имало и 7 воденици и овоштарски расадници (хасса-поседи)[3].
За големината на селото Витолиште во својот запис објавен во „Цариградски весник“ под наслов „Споменик за села називаеми Мориево прилепско. Статистическо описание“ на 21 ноември 1859 за селата во Мариово, македонскиот просветител Јордан Хаџи Константинов-Џинот за запишал дека селото имало 200 куќи со нова црква Свети Атанасија и стара црква Свети Никола[4].
Во XIX век, Витолиште било село во Прилепската каза на Отоманското Царство.
Кон крајот на XIX и почетокот на XX век во времето на револуционерните и народно-ослободителни борби во Мариово, посебно во селата во битолскиот дел, била многу засилена грчката црковно-просветна и вооружена пропаганда при што Витолиште било до линијата на нејзината граница. Во 1903 година по крвавото задушување на Илинденското востание, дејството на борбите се пренесува во Мариово при што е нападнат турскиот гарнизон во Витолиште[5]. На почетокот на XX век во 1909 година со отворањето на трикласно учичиште со интернат, Витолиште станува и образовно средиште на Мариово.
За време на НОВ во Втората светска војна партизанските единици во два наврати го нападнале рудникот на Лигураса над село Витолиште кој го експлоатирале Германците при што неколку борци ги положиле своите животи во тие борби, меѓу кои и народниот херој Манчу Матак. Во спомен на загинатите борци во овие борби во НОБ постои споменик во Витолиште и на месноста Лигураса.
Потекло и значење на името
уредиМеѓу населението постои легенда за основањето и настанокот на името на селото, која вели дека во некое многу дамнешно минато во овој крај живееле тројца браќа Вито кој се населил и го основал Витолиште, Гале кој заминал преку Трибор и го основал Галиште во тиквешко Мариово и Раде кој заминал преку Дрен Планина и го основал Радобил.[6]
Стопанство
уредиСпоред составот на атарот во однос на земјоделството Витолиште има мешовита функција. Местоположбата на селото е доста поволна за сите типови на земјоделство односно, во зарамнетиот дел на запад и југ од селото се одгледуваат житни и поледелски култури, во долината на реката Бутурица се напасува и напојува крупниот добиток - кравите и воловите како и ситниот - овците за кој постојат неколку бачила на падините југоисточно од селото. Кон југ и исток на падината на Козјак и Трибор е застапена густа, разновидна и многу квалитетна шума од која се истакнува особената застапеност со висококвалитетни дрва од црн бор. Во понискиот дел на шумата се напасуваат козите. Од поледелеството застапено е одгледувањето на жита, најмногу пченица и пченка, а градинарството опфаќа одгледување на пиперки, домати (патлиџани), кромид, лук, морков, марула најмногу за сопствени потреби. Во рамки на сточарството е застапено одгледувањето на сите видови на добиток: крупен - крави, волови, телиња и свињи како и ситен - овци и кози. Од добиените и помешани видови на млеко во значајни количества се прави познатото и прочуено мариовско биено сирење, чие производство во денешно време бележи мал пад во обемот поради долготрајноста на производниот процес и познавањето на вештините на малубројното население и сточари, но држи постојана, стабилна и висока цена. Биеното сирење најмногу се продава на пазарите во Прилеп, Битола и Скопје. Дел од населението се занимава и со пчеларство и производство на квалитетниот и познат мариовски - ливадски и боров мед, како и со овоштарство односно одгледување на јаболка, круши, сливи, цреши во помали размери.
Поради големата застапеност на густа и разновидна високовалитетна шума, значајна стопанска дејност во Витолиште е и шумарството. Поради потребите за сечата на дрво за огрев, градежништво и производство на мебел подружницата „Црн Бор“ од Прилеп на ЈП „Македонски Шуми“ на влезот на Витолиште има свој објект - пункт со стовариште. Дрво за огрев и градежништво од шумата јужно и источно кон Трибор се сече од шумските стопанства „Црн Бор“ од Прилеп и „Бор“ од Кавадарци како и од дрвно-индустриските претпријатија „Современ дом“ од Прилеп и „Треска“ од Кавадарци[5], а на север кон Живово и Врпско ја сечат претежно приватни сопственици на шуми чиишто камиони го оштетуваат патот, на што се жалат мештаните. Во средина на селото Витолиште близу до селската чешма работи и продавница. На атарот на селото во правец на Живово и Врпско има рудни наоѓалишта на кои е застапено и рударството на железни руди и минерали и ископот на градежни материјали. Големи рудни наоѓалишта на железо и хром се наоѓаат и во рудникот 'Ржаново преку Трибор во тиквешко Мариово во кој се ископува руда за ФЕНИ. На мостот крај реката Бутурица непосредно пред селото Витолиште електроенергетската компанија ЕЛЕМ со помош и поддршка од македонската влада, домашни и странски научни установи и експерти вршат истражувања на ископ на јагленова руда за производство на електрична струја.
Население
уреди
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според податоците на Васил К'нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Витолиште живееле 1225 жители.[7] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Витолиште имало 1320 жители, под врховенството на Бугарската егзархија.[8]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Витолишта се води како чисто македонско село во Прилепската каза на Битолскиот санџак со 200 куќи.[9]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 900 Македонци.[10]
Од Витолиште потекнува значителна емиграција на населението, па затоа селото преминало од голема, во средна населба. Така, во 1961 година броело 1291 жител, а во 1994 година 290 жители, македонско население.
Витолиште, како и останатите мариовски села, и покрај поволните услови како постоење на пат, општествени услужни и стопански установи го опфатило процесот на масовно иселување на населението.
На почетокот на XXI век во Витолиште по долги години беа родени неколку новороденчиња, Наталија Цветкоска, Петар и Давид Чакрески, кои поради потребите за посетување на училиште денес повремено живеат и престојуваат во градот Прилеп. Додека Наталија сè уште живее во с. Витолиште и е постојан жител на овоа село.
Според последниот попис од 2002 година, во селото Витолиште живееле 170 жители, од кои:[11]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живеел 41 жител, сите Македонци.
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 1.225 | 1.320 | 1.091 | 1.343 | 1.291 | 1.110 | 664 | 377 | 290 | 170 | 41 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[12]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[13]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[15]
Родови
уредиСелото Витолиште отсекогаш па сѐ до денес е населено исклучиво со македонски православни родови. Поради далечината и непристапноста на Мариово, речиси сите родови се староседелски или старинци доселени од околните и соседни мариовски места, а многу мал дел водат подалечно потекло од соседната област Меглен. Родови и семејства кои живеат во Витолиште се: Чакревски, Биновски, Ристевски, Шаоски, Најдовски, Цветкоски итн.
Општествени установи
уредиПоради постоењето на општината Витолиште во минатото, селото и денес поседува бројни општествени установи, со што и понатаму продолжува да претставува средиште на овој дел од Мариово.
- Основно училиште — моментално е пропаднато и не е во состојба за понатамошни предавања на новите генерации на ученици.
- Пошта — затворена од 2007 година.
- Здравствена амбуланта
- Полициска станица
Самоуправа и политика
уредиСелото влегува во рамките на големата Општина Прилеп, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било седиште на некогашната Општина Витолиште, во која влегувале сите села од прилепскиот дел на Мариово.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Прилеп. Селото припаѓало на некогашната општина Мориово во периодот од 1955 до 1965 година.
Во периодот 1952-1955, селото било седиште на тогашната Општина Витолиште, во која покрај селото Витолиште, се наоѓале и селата Бешиште, Врпско, Живово, Манастир и Полчиште. Општината Витолиште постоела и во периодот 1950-1952 година.
Избирачко место
уредиВо селото постои избирачкото место бр. 1527 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на месна канцеларија. Во ова избирачко место се опфатени и селота Врпско и Живово.[16]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 130 гласачи.[17]
Културни и природни знаменитости
уреди- Цркви[18]
- Црква „Св. Илија“ — главна манастирска црква на Витолишкиот манастир[19] која што се наоѓа во поранешното село на Стале Попов во с. Мелница ;
- Црква „Св. Атанасиј“ — главна селска црква која што е веднаш на влезот од селото.
- Црква „Св. Харалампиј“
- Црква „Св. Петка“
- Манастири
- Витолишки манастир (Мелнички манастир) — сместен на патот кон самото село
Витолиште има бројни културно - историски споменици, цркви и манастири богати со фрески и богата културна традиција. Посебно место зазема Првата мариовска буна на Балканот против Отоманското Царство, Спомен Костурницата на загинатите борци во НОВ, Споменикот на паднатите борци на Лигураса (меѓу кои и Манчу Матак), Надгробната плоча на Војводата Толе Паша и неговиот син Велјан, Спомен плочата на родната куќа на писателот Стале Попов. Мариовската носија зазема посебно место во ризницата на културното наследство.
- Археолошки наоѓалишта
Витолиште изобилува со археолошки наоѓалишта, кои сведочат за неговата исклучително долга историја почјнувајќи од неолитот:[20]
- Бојков Дол — населба од доцноантичко време
- Влајкова Чешма — населба од римско време
- Вртко Ливада — населба од доцноантичко време
- Горе Река — населба од римско време
- Гробишта Св. Илија — некропола од римско време
- Ѓерек — населба од римско време
- Заградничка Чука — утврдена населба од доцноантичко време
- Задна Река - Грмајте — населба со некропола од доцноантичко време и некропола од средниот век
- Каравашчина — населба од доцноантичко време
- Ковачево — населба од доцноантичко време
- Лачникот — некропола од римско време
- Лигораса — населба од доцноантичко време
- Моклиште — населба од римско време
- Полените — населба од римско време
- Пртева Ливада — населба од доцноантичко време
- Св. Петка — населба од доцноантичко време и раниот среден век
- Св. Харалампија — некропола од римско време
- Сињак — населба од доцноантичко време
- Царичина Нива — населба од неолитско и римско време
- Црква Св. Атанас — осамен наод од римско време
- Црквиште — населба од средниот век
- Шупливец — населба од римско време
Редовни настани
уреди- Свети Атанасиј (зимен, 31 јануари) — патронен празник на црквата и селска слава
- Мариовско-мегленски средби (се одржуваат во втората половина на мај - околу празникот Св. Кирил и Методиј) — во минатото постојано се одржувале во селото Витолиште каде покрај културно-забавната програма имало и научни собири, а од пред неколку години одржувањето кое опфаќа само културно-уметничка програма е преместено во блискиот Витолишки манастир „Св. Илија“ кај раселеното село Мелница а воедно и прославувањето на патрониот празник Илинден.
- Mariovo Off-Road Experience — малата велосипедска тура на фестивалот го посетува и застанува во селото кое се посетува и во рамки на планинското трчање.
Личности
уреди- Родени во Витолишта
- Бино Андонов (?-1915) — македонски деец и мариовски даскал;
- Крсто Андонов (1886-1918) — македонски општественик, просветен деец, етнограф и стихотворец;
- Георги Сталев Поповски (1930-) — македонски поет и писател;
- Митре Балевски (1917-1945) — македонски партизан;
- Починати во Витолишта
- Манчу Матак (1920-25 мај 1944) — македонски комунистички деец и народен херој
Култура и спорт
уредиВо рамки на културата во Витолиште секоја година се одржуваат Мариовско-мегленските средби. Природните убавини на Мариово се користат за планинарење, алпинизам, параглајдерство, лов, риболов. Во тој однос во рамки на фестивалот на отворено Mariovo Off-Road Experience селото Витолиште редовно се посетува од велосипедистите во малата тура, како и од посетителите во рамки на планинското трчање.
Иселеништво
уредиПоради отсуството на стратегија за еднаков економски развој на локално и национално ниво, Мариовците (Граѓаните на Мариово) се иселуваат во општинските градски центри кои владеат со територијата на Мариово како Прилеп, Битола и Кавадарци, а исто така својот личен економски опстанок го бараат и надвор од границите на Македонија. Најмногу ги има во Австралија, Канада и Франција.
Галерија
уреди-
Стара разрушена куќа во селото
-
Стара куќа во селото
-
Улица во селото
-
Улица во селото
-
Улица во селото
-
Улица во селото
-
Бачило во непосредна близина на селото
-
Црквата „Св. Атанасиј“
-
Влезот на селото
Наводи
уреди- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија. Скопје: Патрија. стр. 55.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 Стојаноски, Александар (1994). Мориово во XV-XVI век (Осврт на економско-општествените прилики). Фолклорот и етнологијата на Мариово и Меглен. Прилеп: Друштво за организирање на мариовско-мегленски средби и ДНУ Битола. стр. 65–73.
- ↑ Хаџи-Константинов - Џинот, Јордан (1987). Споменик за села називаеми Мориево прилепско. Статистическо описание. Хаџи Константинов, Јордан - Џинот. Избрани страници (Хаџи Константинов, Јордан - Џинот. Избрани страници. изд.). Скопје (Цариград): Мисла (Цариградски весник).
- ↑ 5,0 5,1 Башески, Илија (1994). Мариово и Меглен - Природни и социо-економски одлики (Фолклорот и етнологијата на Мариово и Меглен. изд.). Прилеп: Друштво за организирање на мариовско-мегленски средби и ДНУ Битола. стр. 53–64.
- ↑ Според кажување на мештани. Забележал Марио Шаревски на 24 мај 2015
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 247.
- ↑ D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 162-163.
- ↑ Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 23.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 30 март 2013.
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
- ↑ Грозданов, Цветан (2004). Уметноста и културата на XIX век во западна Македонија: студии и прилози. МАНУ.
- ↑ Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 290-292. ISBN 9989-649-28-6.
Надворешни врски
уреди„Витолиште“ на Ризницата ? |
- Витолиште крие културни остатоци од различни периоди[мртва врска] (Нова Македонија; 31 јули 2015)
- Официјална страница за Витолиште на Фејсбук
- Мрежно место за Мариово