Архимедов навој
Архимедовиот навој е машина / пумпа, која се користи за подигање течности на повисоко ниво. Може да подигне вода на 3-4 метри. Се смета дека е дизајнирана од страна на Архимед за време на посетата на Египет, а целта била испумпување вода од делтата на реката Нил. Според некои други истражувачи, слични машини се користеле од страна на Асирскиот крал Синахериб уште во седмиот век пред нашата ера.
Машината е составена од винт вметнат во цевка или во цилиндричен жлеб. Вртливиот винт во оваа машина вусшност претставува коса рамнина (уште една едноставна машина) завиткана околу цилиндар.
Пумпата најчесто се придвижува од енергијата на ветерот или пак од мускулна сила. Како што се врти оската, винтот зафаќа одреден волумен од течноста. Овој волумен се лизга нагоре по спирално завиената коса рамнина сѐ додека не излезе од горниот крај на цевката/жлебот, на повисокото ниво.
Архимедовиот навој е особено погоден за пумпање полутечни (кашести) материи, примена каде што други видови пумпи имаат мала ефикасност или трајност. Пример за примена во Македонија е колекторскиот систем околу Охридското Езеро, каде што за погон на архимедовиот винт се користи електричен мотор.