Старогрчка филозофија

Старогрчка наука и филозофија не се имаат јавено без какво и да е влијание однадвор. Тие се надоврзале на достигнувањата на источните народи, главно на Египет и Вавилон, со кои одржувале постојани трговски и други врски. Таму биле развиени науките, пред сè математиката и астрономијата. Таму било издигнато на завидна висина земјоделството и градењето на огромни мрежи од канали за користење на водите од Нил, Тигар и Еуфрат. Во Египет и Вавилон на високо ниво се развиле занаетите за изработка на разни предмети на метал, глина и ткаенини. Таму, исто така, доста се развиле уметностите, особено градежничката, ликовната и литературната. Старите Грци од 8 век п.н.е. до 2 век од н.е. и понатаму до пропаста на Рим до 5-иот век од н.е. се појавиле на историската сцена. Грците живееле на скудна почва, па за својот помин биле упатувани на морето и морепловството, за чиј развиток разгранетото грчко копно давало речиси идеални можности. Се граделе бродови се развивале разни занаети, а земјоделството давало производи со кои се тргувало внатре во Грција, а уште повеќе со други земји. Патувајќи од едниот крај на тогаш познатиот свет, во друг тие се среќавале со разни народи, се запознавале со нивните верувања, обичаи и сфаќања поинакви од своите, ги споредувале и сè повеќе се убедувале во нивното релативно значење, во тоа дека тие се човекова творба. Оттука е разбирливо што Грците развиле поинакви форми на општествено-политички односи. Наместо пространите деспотии се зацврстиле градовите - држави наречени полис. Највисок степен на развиток грчката култура достигнала во Атина, во времето на Перикле (средината на 5-иот век п.н.е.), кога робовладетелската демократија достигнала најпотполн развиток. Тоа бил златниот век на класичната уметност и филозофија, како своевиден израз на античката демократија, кога слободните граѓани располагале со политички права и моќ дотогаш невидени. Демократијата тогаш условувала воспитание и образование за постојан остар натпревар во сите области од јавниот живот, конкуренција на сили и способности.

Наводи

уреди
  • Учебник по филозофија за четврта година гимназиско образование.