Житоше

село во Општина Долнени, Македонија
(Пренасочено од Горно Житоше)

Житоше — село во Општина Долнени, во околината на градот Прилеп. Историски, селото било поделено на Горно и Долно Житоше, кои денес се споени во едно село.

Житоше

Поглед на селото

Житоше во рамките на Македонија
Житоше
Местоположба на Житоше во Македонија
Житоше на карта

Карта

Координати 41°25′12″N 21°17′25″E / 41.42000° СГШ; 21.29028° ИГД / 41.42000; 21.29028
Регион  Пелагониски
Општина  Долнени
Население 1.690 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 7507
Повик. бр. 048
Шифра на КО 16010
Надм. вис. 630 м
Житоше на општинската карта

Атарот на Житоше во рамките на општината
Житоше на Ризницата

До 2004 година, селото претставувало административно седиште на поранешната истоимена општина, која била припоена со Општина Долнени.

Географија и местоположба

уреди
 
Сретселото

Селото се наоѓа во крајниот западен дел на Прилепското Поле, а на западната страна на територијата на Општина Долнени, чиј атар се допира со подрачјето на Општина Крушево.[2] Селото е рамничарско, на надморска височина од 630 метри.[2] Оддалечено е 30 километри северозападно од Прилеп и 24 километри северно од Крушево.

Горно Житоше

уреди

Горно Житоше било познато албанско село, а околни села биле Долно Житоше, Борино, Селце и други. Во минатото, водата за пиење се добивала од бунари, а имало и неколку извори во близина на селото.[3]

Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Мусица, Извор, Житошанец, Црвени Брегои, Балабанои Коњи, Влашки Пат, Шопур, Габер, Равна Чука, Лозишта, Меѓе, Бела Калица, Браница, Шеделица, Коњска Ливада, Дабјански Пат, Кадиов Даб и Лавци.[3]

Селото има збиен тип, поделено на Горно и Долно Маало.[3]

Долно Житоше

уреди

Долно Житоше било мало село во непосредна близина на познатото Горно Житоше, а околни села биле Локвени и Норово. Во минатото, водата за пиење се добивала од бунари, а над селото се наоѓаат послабите извори Неделојца и Леска.[3]

Бидејќи е мало село, тоа не се делело на маала. Сепак, куќите се доста разредени и без огради на дворовите.[3]

Историја

уреди

Горно Житоше

уреди
 
Поглед на Горно Житоше

Помеѓу Горно Житоше и Лажани се наоѓа селиштето Лавци, каде денес има ниви. Житошани при орање на нивите наоѓале големи ќупови, ќерамиди и темели на стара црква. Се говори дека некогаш тоа село броело 500 куќи, но подоцна тоа запустело. Друго селиште, но без остатоци на старини, се наоѓа во шумата западно од Житоше. Источно од селото пак се наоѓаат урнатини од црквата „Св. Ѓорѓи“, околу која се наоѓаат стари христијански гробови.[3]

Житоше е старо село, споменато во Слепченскиот кодик и кодикот на манастирот Трескавец во XVI и XVII век. Поради поволната местоположба и плодноста на земјата, се говори дека некогаш го носело и името Лично Село. Житоше некогаш било христијанско словенско село, но на почетокот на XIX тука се доселиле седум муслимански семејства, кои на почетокот живееле во колиби. Од едно од тие семејства денес потекнува родот Балабановци, кои денес говорат албански, иако се наведува дека нивните предци се од Мала Азија. Останатите доселеници биле Арбанаси.[3]

По доселувањето на муслиманското население, христијаните потполно се иселиле.[3]

Стариот пат Битола-Порече воделе преку Житоше, а преку него до крајот на отоманскиот период се одвивал целокупниот сообраќај. Во тоа време, во селото се наоѓал ан. По патот се пренесувала железна руда од поречкото село Самоков во Битола. Низ селото поминувал и т.н. Дабјански пат, од поранешното село Дабјани до Горно Житоше. По овој пат, селаните од Дабјани доаѓале до житошките воденици.[3]

Долно Житоше

уреди
 
Поглед на Долно Житоше

Долно Житоше е старо христијанско словенско село. Во втората половина на XIX век во него имало 60 до 70 македонски куќи, но се случил зулум, поради што сите христијани се иселиле. Некои заминале во Крушево, други во Прилеп и во Србија.[3]

Зулумите над Македонците ги вршеле муслиманските Арбанаси од соседното Горно Житоше. Последните стари христијански семејства го напуштиле селото во 1913 година.[3]

Во 1908 година, во селото постоеле два чифлици, едниот на Фаик-ага, Торбеш од Лажани, а другиот на Попевски од Прилеп. Кулата на првиот чифлиг постоела до 1950-тите години. Од втората половина на XIX век, голем дел од земјата на Долно Житоше присвоиле Арбанаси од Горно Житоше, поради што селата полека добиле заеднички атар.[3]

Јужно од селото се наоѓа месноста Манастириште, каде се наоѓа средновековниот манастир „Св. Атанасиј“. По иселувањето на христијаните од Долно Житоше, манастирот бил напуштен, а од 1912 година за него се грижат христијаните од селото Локвени (денес припаѓа и во неговиот атар). Манастирот бил доста познат, а на денот на манастирската слава се собирале гости од сите села. Во 1950-тите години, манастирот бил напуштен и полуразрушен.[3] Денес, манастирот повторно е возобновен со конаци.

Стопанство

уреди

Атарот зафаќа простор од 15,7 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 1.014,3 хектари, на шумите отпаѓаат 248,2 хектари, додека на пасиштата 190,1 хектар.[2]

Селото, во основа, има полјоделска функција. Во селото има продавници и угостителски објекти.[2]

Население

уреди
Население во минатото
ГодинаНас.±%
19481.244—    
19531.327+6.7%
19611.435+8.1%
19711.622+13.0%
19811.757+8.3%
ГодинаНас.±%
19911.785+1.6%
19941.773−0.7%
20021.807+1.9%
20211.690−6.5%

Селото се споменува во турските пописни дефтери од 1467/68 година, како дел од Прилепскиот Вилает (Vilayet-I Prilepe) и имало 50 христијански семејства и 2 вдовици христијани.[4]

Во „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“ се вели дека во 1873 година селото било поделено на христијанско Житоше со 35 домаќинства и 153 христијани (Македонци) и муслиманско Житоше со 94 домаќинства и 232 жители муслимани, 83 Македонци и 21 Ром.[5]

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Горно Житоше живееле 560 Албанци, 75 Роми и 66 Македонци, а во Долно Житоше 102 Македонци.[6] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Житоше имало 48 Македонци под врховенството на Бугарската егзархија.[7]

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Житоше се води како две села во Прилепската каза, Горно Житоше (македонско) со 15 куќи и Долно Житоше (македонско-албанско) со 106 куќи.[8]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 800 Албанци и 50 други жители.[9]

Житоше е големо село, коешто во 1961 година броело 1.435 жители, од кои 1.298 биле Турци, 70 Македонци и 48 Албанци, додека во 1994 година селото броело 1.773 жители, од кои 1.054 биле Албанци, 86 Турци, 3 Македонци, 8 Срби и 622 жители изјаснети како други.[2]

Според пописот од 2002 година, во селото Житоше живееле 1.807 жители, од кои 3 Македонци, 1.158 Албанци, 17 Турци, 5 Срби, 604 Бошњаци и 20 останати.[10]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 1.690 жители, од кои 1 Македонец, 1.280 Албанци, 10 Турци, 3 Срби, 354 Бошњаци и 42 лица без податоци.[11]

Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Лажани:

Година Македонци Албанци Турци Роми Срби Бошњаци Ост. б.п. Вкупно
1948 1.244
1953 16 512 756 17 10 16 1.327
1961 71 48 1.298 11 7 1.327
1971 9 61 888 0 6 658 1.622
1981 4 183 315 1 8 1.246 1.757
1991 1 1.005 94 0 8 677 1.785
1994 3 1.054 86 0 8 622 1.773
2002 3 1.158 17 0 5 604 20 1.807
2002 1 1.280 10 0 3 354 0 42 1.690

* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1948-2002), според податоци од официјалните пописи во соодветните години

Родови

уреди

Горно Житоше

уреди

Селото Горно Житоше е албанско муслиманско село.[3]

Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1955 година родови во селото се:

  • Албански родови: Балабановци (6 к.), поалбанчени Турци. Потеклото им е од Мала Азија. Еден нивен предок изградил џамија; Оџовци (18 к.), основачот на родот Асан бил оџа. Доселени се на почетокот на XIX век; Кера (12 к.) и Салиќевци (11 к.), доселени се од селото Белово кај Пешкопеја, и тие се доселени почетокот на XIX век; Дешат (7 к.), доселени се од Дешат кај Пешкопеја. Од споменатото место се иселиле двајца браќа, едниот во Житоше, а другиот во Гостиварско; Дерала (4 к.), доселени се од областа Матија во Албанија, имаат роднини во соседното село Лажани и во Градец (Полог); Цолја (14 к.), доселени се од некое место во Албанија. За нив се зборува дека порано биле католици; Виша (9 к.), доселени се од селото Вшје во Љума (Северна Албанија); Хоти (5 к.), доселени се од околината на Елбасан; Дема (11 к.), Божољи (9 к.), Дулја (6 к.), Мале (5 к.), Далиповци (5 к.), Зира (4 к.) и Шаини (1 к.), доселени се однекаде од Албанија. Постои род Дема во Дебар; Цука (6 к.), доселени се од Дебарско, имаат роднини во Дебарско, Лисичани, Лажани и во Борино; Абдиовци (10 к.), доселени се од околината на Пешкопеја; Боровјане (2 к.), доселени се од селото Боровјане кај Призрен (Косово); Трновчани (3 к.), доселени се од селото Трново кај Гостивар во 1940-тите; Рушановци (5 к.), потекнуваат од предокот Селим. Селим се доселил како домазет од сега раселеното село Солп (кај селата Цер и Црско); Браќани (1 к.), доселени се од селото Браќани, Порече; Шутовци (6 к.) доселени се од селото Шутово, Кичевско; Бала (2 к.), доселени се од околината на Пешкопеја; Ќуска (2 к.), доселени се од соседното село Норово; Ислаиловци (2 к.), Алчија (5 к.) и Циналар (5 к.), доселени се од Албанија.
  • Српски родови: Милиќевиќи (1 к.), доселени се во 1922 година како колонисти од селото Добри Дол кај Ужице.
  • Бошњачки родови: Бошњаци (11 к.), доселени се 1955 година од околината на Сјеница.
  • Влашки родови: Шула (1 к.) на лето живеат во Житоше, а на зима во Крушево.

Долно Житоше

уреди

Во минатото Долно Житоше било христијанско словенско село, додека денес е албанско муслиманско село.[3]

Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1955 година родови во селото се:

  • Муслимански родови: Исмаиловци (6 к.), доселени се во 1908 година од селото Пласница, Кичевско. Кога дошле зборувале македонски, а сега зборуваат албански; Мустафовци (1 к.) и Еминовци (1 к.), доселени се во 1920 година од Прилеп, зборуваат турски; Еминовци (1 к.), доселени се од селото Прибилци, Железник во 1920 година. Зборуваат албански; Исеиновци (1 к.), доселени се од селото Туин, Кичевско. Зборуваат албански; Беадиновци (1 к.), доселени се во 1944 година од околината на Кичево. Зборуваат албански; Афузовци (3 к.), доселени се во 1952 година од Горно Житоше, таму припаѓале на родот Цолја; Аметовци (1 к.), доселени се во 1952 година од селото Србица, Кичевско, зборуваат албански; Елмазовци (1 к.), доселени се во 1910 година. Зборуваат ромски, македонски и албански.
  • Православни родови: Ѓушо (1 к.), лето живеат во Долно Житоше, а зимо во Крушево, зборуваат влашки; Тале (1 к.), доселени се во 1954 година од Крушево, зборуваат влашки; Китановци (1 к.) и Стрезовци (1 к.), доселени се од селото Извор, Кичевско. Зборуваат македонски.

Доселување на Бошњаци

уреди

Во XX век се зголемил бројот на имиграцијата кога се доселени Бошњаците. Бошњаците се релативно доцна доселени на територијата на Македонија. Првите населувања на Бошњаци од Босна и Херцеговина се забележуваат после Големата источна криза и анексијата на Босна од страна на Австроунгарија во 1875-1878 година. Во овој период огромен број на муслимански бегалци (Бошњаци, Турци, Черкези) бил населен во Македонија. По Балканските војни речиси сите доселени муслимани се иселиле во Турција.

Денешните Бошњаци во Македонија се населени во 50-тите и 60-тите години на XX век од областа Санџак во Србија и Црна Гора, претежно од местата Тутин, Рожае, Плав, Гусиње и Нови Пазар, поради што овие луѓе се познати и под името „Санџаклии“. Тргнувајќи на пат за иселување во Турција, според договорот меѓу Турција и Југославија од 50-тите години на XX век со кој муслиманите од Југославија единствено можеле да се иселуваат во Турција преку Македонија, голем број на Бошњаци од Санџак (заедно со Албанци од Косово) остануваат и се населуваат во испразнетите турски и торбешки села во Македонија, најчесто купувајќи ги имотите на Турците и Торбешите кои се иселувале за евтини пари. Така се доселени во Македонија во селата Житоше, Лажани, Десово, Локвени, Борино, Јакреново, Канатларци, Оризари, Батинци, Долно Коњари, Средно Коњари, Љубин, Петровец ,Студеничани и други села.

Иселеништво

уреди

Горно Житоше

уреди

За иселениците од првичното македонско христијанско население се знае за следниве родови: Гулевци (2 к.) и Пуцуловци (4 к.), заминале во Средорек; Бакардановци (6 к.), живеат во Свето Митрани; Житошани (14 к.), живеат во Вашарејца и Житошани (6 к.), живеат во Кривогаштани.[3]

Се иселувале и албански родови, а од 1955 година започнале иселувања во Турција. Се знае за овие иселени албански родови: Камебровци (4 к.), живеат во селото Лажани и Афузоски (3 к.), живеат во Долно Житоше. Од родот Кера има иселеници во Битола. Српскиот род Миловановиќи (1 к.) се иселиле во 1948 година во Србија.[3]

Долно Житоше

уреди

За иселениците од првичното македонско христијанско население се знае за следниве родови: Шамковци (3 к.) заминале во Средорек; Пејовци (1 к.), живеат во Мажучиште и Бојовци (3 к.), живеат во Локвени.[3]

Од муслиманското население, две семејства од родот Исмаиловци се иселиле во Турција.[3]

Општествени установи

уреди

Самоуправа и политика

уреди

Во XIX век, Житоше било село во Прилепската каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Долнени, на која ѝ била додадена поранешната Општина Житоше по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било седиште на тогашната Општина Житоше.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Прилеп. Во периодот 1955-1965, селото се наоѓало во општина Долнени.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Норово, во која покрај селото Житоше, се наоѓале и селата Алданци, Белушино, Норово и Селце. Општината Норово постоела и во периодот 1950-1952, кога во нејзе се наоѓале селата Алданци, Белушино, Норово, Житоше и Норово.

Избирачко место

уреди

Во селото постојат избирачките места бр. 1209 и 1210 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште.[12]

На претседателските избори во 2019 година, на овие избирачки места биле запишани вкупно 1.850 гласачи.[13] На локалните избори во 2021 година, на овие избирачки места биле запишани вкупно 1.894 гласачи.[14]

Културни и природни знаменитости

уреди
Археолошки наоѓалишта[3][15]
  • Рид — некропола од доцноантичко време;
  • Црква — сакрален објект и некропола од средниот век;
  • Лавци — населба од непознат период; и
  • Под Корија - насеолба од непознат период.
Цркви[16]

Во минатото источно од селото Горно Житоше постоела црквата „Св. Ѓорѓи“, околу која во 1950-тите се забележувале стари христијански гробови.[3]

Манастири
  • Житошки манастир — познат средновековен манастир, уништен и разрушен, па возобновен во поново време
Џамии[16]

Личности

уреди
Родени во или по потекло од Житоше

Култура и спорт

уреди

Во селото работи фудбалскиот клуб „Братство“.[17]

Галерија

уреди

Наводи

уреди
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 126. Посетено на 2 јануари 2022.
  3. 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 3,11 3,12 3,13 3,14 3,15 3,16 3,17 3,18 3,19 3,20 Трифуноски; Јован Ф. (1998). Bitoljsko-Prilepska kotlina: antropogeografska proučavanja. Белград: Српска академија на науките и уметностите. ISBN 8670252678. OCLC 41961345.
  4. Турски документи за историјата на македонскиот народ кн.4, Методија Соколоски, д-р Александар Стојановски, Скопје, 1971, стр. 63
  5. „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, с. 74-75.
  6. Кънчов, Васил. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, стр. 245.
  7. Brancoff, D.M. La Macédoine et sa Population Chrétienne, Paris, 1905, pp. 148-149.
  8. Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 22, 24.
  9. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  10. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 2 јануари 2022.
  11. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  12. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  13. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  14. „Локални избори 2021“. Архивирано од изворникот на 2021-12-02. Посетено на 2 јануари 2022.
  15. Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 201. ISBN 9989-649-28-6.
  16. 16,0 16,1 Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  17. markukule (2021-10-16). „Победа му даде "петарда" на Братство од Житоше“. Маркукуле. Посетено на 2022-01-02.

Поврзано

уреди

Надворешни врски

уреди