Селце (Крушевско)

село во Општина Крушево

Селце — село во Општина Крушево, во околината на градот Крушево.

Селце

Поглед на селото

Селце во рамките на Македонија
Селце
Местоположба на Селце во Македонија
Селце на карта

Карта

Координати 41°25′09″N 21°15′11″E / 41.41917° СГШ; 21.25306° ИГД / 41.41917; 21.25306
Регион  Пелагониски
Општина  Крушево
Население 6 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 7507
Повик. бр. 048
Шифра на КО 16023
Надм. вис. 920 м
Слава Митровден
Селце на општинската карта

Атарот на Селце во рамките на општината
Селце на Ризницата

Географија и местоположба уреди

 
Поглед на селото

Селото се наоѓа во високиот северен дел на територијата на Општина Крушево, под југоисточната падина на Бушева Планина.[2] Селото е планинско, на надморска височина од 920 метри. Од градот Крушево е оддалечено 11 километри.[2]

Селце е сместено на падините на Бушева Планина, помеѓу албанските села Норово на југ, Житоше на исток, Борино на североисток и Белушино на запад. Во селото и околу него има чести, но послаби извори наречени Бела Вода, Ала Чука, Рудник, Смрдевчец, Езериште, Занога, Кладенец, Житошанец и други.[3]

Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Рамна Занога, Граорика, Преображдија, Ковчегарница, Горно Камење, Кутлиња, Ристева Стапалка, Преслоп, Ледина, Леништа, Стојкојца, Долни Присој, ’Ржишта, Бозд, Папрадиште, Куќишта и Леска.[3]

Селото има збиен тип, поделено на три маала: Долно, Средно и Горно Маало. Во Горно и Долно постојат групи на роднински куќи. Маалата се оддалечени едно од друго.[3]

Историја уреди

Горе над селото, на границата на атарот со оној на Арилево се наоѓал во минатото манастирот „Св. Преображение“. На денот на манастирската слава се собирале мештаните од Селце, Арилево и Дивјаци. Манастирот пропаднал во меѓувреме,[3] но во поново време на иницијатива на пејачот Тоше Проески бил обновен.

Во 1951 година биле пронајдени гробови во лозјата североисточно од селото, за кои мештаните веруваат дека потекнуваат од население кое не е поврзано со денешното.[3]

Селце било основано од три македонски семејства, кои дошле од запад (од околина на Елбасан, од Голо Брдо и некоја друга област). Во кое време се случило доселувањето не се знае. Од овие доселеници потекнуваат сите родови во селото.[3] Други извори укажуваат дека овие семејства имале потекло од истоименото село Селце, Дебарско. По доселувањето, едно време селаните го напуштиле Селце поради чума и се засолниле во шумата, во месноста Куќиште.[3]

Поради опколеноста на селото од албанските села, Селце многу страдало за време на отоманскиот период до 1912 година. Им била одземана стоката, им биле изнудувани пари, па дури и се случувале убиства. Селце било целосно запалено во 1903 година. За да имаат барем некоја заштита, селаните плаќале „ќесаџии“, кои биле Албанци по потекло од Дебар.[3]

За време на Илинденското востание тука се произведувани црешовите топчиња.

Стопанство уреди

Атарот зафаќа простор од 10,1 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 642 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 174 хектари, а на пасиштата отпаѓаат 178 хектари.[2]

Селото, во основа, има полјоделско-шумарска функција.[2]

Жителите на селото најчесто се занимаваат со земјоделство: тутун и жито. Во бавчите на селаните може да се сретнат домати, краставици, бостан.

Население уреди

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948535—    
1953555+3.7%
1961471−15.1%
1971266−43.5%
1981131−50.8%
ГодинаНас.±%
199156−57.3%
199448−14.3%
200222−54.2%
20216−72.7%

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Селце живееле 360 жители, сите Македонци.[4] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Селце имало 400 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[5]

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Селце се води како чисто македонско село во Прилепската каза на Битолскиот санџак со 46 куќи.[6]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 400 Македонци.[7]

Од Селце се иселил голем број од населението и тоа преминало од средно во мало село, населено со македонско население. Така, во 1961 година селото имало 471 жител, а во 1994 година бројот се намалил дури на 48 жители.[2]

Според пописот од 2002 година, во селото Селце живееле 22 жители, сите Македонци.[8]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 6 жители, сите Македонци.

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 360 400 535 555 471 266 131 56 48 22 6
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[9]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[10]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[11]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]

Родови уреди

Селце е македонско православно село, во селото сите родови се доселенички. Кога точно е основано селото не се знае.[3]

Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1952 година родови во селото се: Анѓелевци (20 к.), Брајановци (9 к.), Анѓелковци (8 к.), Стојановци (6 к.) и Цапевци (2 к.), доселени се од некое село во околината на Корча, и потекнуваат од ист предок; Китановци (9 к.), Клинчаровци (4 к.) и Стеблевци (2 к.), потекнуваат од ист предок и доселени се од селото Стеблево во Голо Брдо; Рајковци (12 к.), доселени се од некоја област западно од Пелагонија.

Иселеништво уреди

Од ова село биле чести иселувањата. Се знае за следните иселеници: Зенговци (1 к.), иселени се во селото Врбоец; Рековци (2 к.), иселени се во селото Рилево; Бошковци (1 к.), иселени се во Браилово; Вељановци (1 к.), иселени се во Локвени; Наумчевци (1 к.), во Кошино; Петковци (1 к.), Богојевци (2 к.) и Николовци (1 к.), во Алданци. Иселеници има и на други места: Крушево (10 семејства), Бугарија (10 семејства), Прилеп (4 семејства), Северна Америка (2 семејства) и во Крушеани (1 к.). Од 1961 до 1971 година Селце е смалено за 15 семејства.[3]

Општествени установи уреди

  • Поранешно основно училиште „Веле Марков“

Самоуправа и политика уреди

Во XIX век, Селце било село во Прилепската каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Крушево, која била една од ретките општини во Македонија која не била изменета при територијалната поделба во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото припаѓало на тогашната Општина Крушево.

Во периодот од 1955 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Крушево.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Норово, во која покрај селото Алданци, се наоѓале и селата Белушино, Житоше, Норово и Селце. Селото било седиште на некогашната Општина Селце, која постоела во периодот 1950-1952, кога во нејзе се наоѓале селата Белушино и Селце.

Избирачко место уреди

Во селото постои избирачкото место бр. 1207 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[13]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 7 гласачи.[14] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 5 гласачи.[15]

Културни и природни знаменитости уреди

Археолошки наоѓалишта[3]
  • Лозја — археолошко наоѓалиште од непознат вид; и
  • Преображдија — старохристијанска базилика и средновековна црква.
Цркви[16]
Манастири

Редовни настани уреди

Слави[3]

Личности уреди

Родени во или по потекло од Селце

Галерија уреди

Наводи уреди

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 269. Посетено на 26 декември 2021.
  3. 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 3,11 Трифуноски; Јован Ф. (1998). Bitoljsko-Prilepska kotlina: antropogeografska proučavanja. Белград: Српска академија на науките и уметностите. ISBN 8670252678. OCLC 41961345.
  4. Васил Кънчов. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 245.
  5. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 148-149.
  6. Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 22.
  7. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  8. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 26 декември 2021.
  9. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  10. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  11. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  12. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  13. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  14. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  15. „Локални избори 2021“. Архивирано од изворникот на 2021-12-02. Посетено на 27 декември 2021.
  16. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  17. 17,0 17,1 17,2 . Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том I, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија. Отсутно или празно |title= (help)CS1-одржување: друго (link)

Поврзано уреди

Надворешни врски уреди