Вашарејца
Вашарејца (понекогаш познато и како Вашарејци[2]) — село во областа Пелагонија, во Општина Могила, во околината на градот Битола.
Вашарејца Вашарејци | |
Поглед на селото Вашарејца | |
Координати 41°10′23″N 21°24′20″E / 41.17306° СГШ; 21.40556° ИГД | |
Регион | Пелагониски |
Општина | Могила |
Област | Пелагонија |
Население | 116 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 7245 |
Повик. бр. | 047 |
Шифра на КО | 02017 |
Надм. вис. | 584 м |
Слава | Ѓурѓовден |
Вашарејца на општинската карта Атарот на Вашарејца во рамките на општината | |
Вашарејца на Ризницата |
Потекло на името
уредиСелото Вашарејца е некаде познато и како Вашарејци, а во турските документи од почетокот на XIX век било запишано како Акгиџели, име кое денес е воопшто непознато меѓу мештаните и околното население.
Потеклото на името Вашарејца најверојатно доаѓа од зборот вашар со значење на панаѓур, саем или општонароден собир на кој се разменувала стока, производи или имало забава. Доколку се има предвид средишната местоположба на селото веднаш крај главниот пат меѓу Битола и Прилеп на крстосницата со патот кој води кон Ивањевци, Долно Српци и другите села по долината на реката Шемница и во Демирхисарско, голема е веројатноста тука (за Ѓурѓовден) да се одржувал голем вашар или панаѓур, според кој селото го добило и своето име.
Друго објаснување е дека во минатото месноста на која сега се наоѓа селото била обрасната со дрвја. Поради дебелите сенки во летниот период мештаните од околината ја викале „раица“. Околните села им викале на жителите од оваа населба „ваша-раица“ или Вашарејца („ваш рај“).[2]
Географија и местоположба
уредиОва големо село се наоѓа во Пелагонија, во северниот дел на Битолското Поле, во северниот дел на територијата на Општина Могила.[3] Селото е рамничарско, на надморска височина од 584 метри. Се наоѓа непосредно на патот Прилеп-Битола, од неговата лева страна, а од самиот град Битола е оддалечено 20 километри.[3]
Вашарејца е мало село покрај железничката пруга Прилеп-Битола. Околни села се: Лознани, Долно Српци, Беранци и Могила. Жителите се снабдуваат со вода од една чешма, за која водата е спроведена од изворот Мала Ливада кој се наоѓа во атарот на селото Српци.[4] Со изградбата на селскиот крст на врвот на ридот над селото е изградена собирна каптажа и цевковод за вода.
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Манастириште, Кошари, Бучо Трло, Чука, Бел Камен, Гладно Поле, Барачица, Голема и Мала Ливада, Турска Ливада, Браненица, Голема Мртвица (напуштено корито на Црна Река, секогаш полно со вода), Сулеманица и Круша, каде што некогаш биле куќите на денешното село, но поради поплави жителите се преместиле на сегашното место.[4]
Селото е од збиен тип. Одредени делови од селото добиле имиња по поголемите родови, како Житошани, Смилевци и други.[4]
Се наоѓа североисточно од градот Битола, во Пелагониската Котлина, недалеку од десната страна на течението на Црна Река. Селото е сместено во подножјето на мало возвишение, рид висок 608 метри на запад, а селските куќи широко се отвораат кон исток во рамнината на полето во Пелагонија.
Ваквата местоположба блиску до реката Црна која предизвикувала чести поплави била причина селото да биде поплавено во големата поплава во февруари 2015 година.[5]
Историја
уредиАрхеолошките наоди наведуваат дека во селото Вашарејца постојат наоди од римско време.[4] Сепак, имајќи ги предвид откриените остатоци од познатите древни македонски градови Стибера и Алкомена кои се наоѓаат во близина, а во кои живееле античките македонски племиња Линкестиди и Пелагонци, поверојатно е тие старини да се (античко) македонски.
Вашарејца е старо село, а тоа се гледа според присуството на старите родови: Колевци, Оџевци и Ашковци. За нив никој не може да каже од каде се дојдени.[4]
Во пишаните извори Вашарејца за првпат се споменува во опширните турски пописни дефтери од XV век, односно 1468 година каде е запишано дека имало 30 јуручки чифлици.[6]
Потоа, селото Вашарејца во пишаните извори на документи се сретнува во 1817 година под името Акгиџели. Тогаш некојси Кочо од тоа село преминал во ислам.[4]
Во селото постои црквата „Св. Ѓорѓи“, изградена над селото, започната во 1862 година. Мештаните говорат дека на 300 метри подалеку од црквата се наоѓал „латински манастир“, каде што биле пронаоѓани мермерни камења, од кои некои се пренесени кај црквата. Денес, ова место се вика Манастириште.[4]
Во XIX век, Вашарејца било село во Битолската каза на Отоманското Царство.
Кон крајот на турското владеење во ова село имало 7-8 чифлици. Нивни сопственици биле Турци од Битола, кои се викале Мемед-ефенди, Тефик-бег, Зија-бег, Имер-бег и Амди-паша. Тие ги поседувале дури и куќите во коишто живееле селаните.[4]
Само 1 жител на оваа населба е заведен како жртва во Втората светска војна.[7]
Стопанство
уредиАтарот зафаќа простор од 7,3 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 537 хектари, пасиштата заземаат 86,4 хектари, а шумите само 23,3 хектари.[3]
Селото, во основа, има исклучително полјоделска функција.[3]
Иако селото е сместено во најплодниот дел на рамнината на Пелагонија, Вашарејца важи за село со најмалку поле во целата околина, бидејќи во време на социјалистичкото уредување најголем дел од земјата била национализирана и најпрвин пренесена во сопственост на задруга, а потоа била дадена на ЗИК „Пелагонија“ која ја обработува и стопанисува сѐ до денес.[8] Поради тоа, селаните во Вашарејца се во најнезавидна економска положба, со просечни примања од 7.000 до најмногу 22.000 денари по семејство, а има и неколку домаќинства без никакви примања.[9]
Доброто наводнување и извонредно плодната почва нудат одлични услови за земјоделство. Речиси целото население на селото се занимава со земјоделство и сточарство. Од поледелството најразвиено е одгледувањето на житарици, од кои најмногу пченица, а во помал дел јачмен и пченка. Потоа во големи размери е застапено и одгледувањето на индустриски растенија, од кои најмногу тутун и сончоглед. До извесно време се одгледувало многу и шеќерна репка, која се напушта поради големината на родот кој надминува 4-5 килограми во парче со што не ги исполнува новопоставените стандарди на „Шеќераната“ во Битола (до 1 кг) и не се откупува.[9] Во помала мерка за сопствени потреби се одгледуваат градинарски производи како пиперки, домат, кромид, лук, морков и марула. Од сточарството, поради одличните услови, најзастапено е одгледувањето на крупен добиток - крави, волови и телиња, при што големо е производството на млеко кое се откупува од двете најголеми млекарници од Битола. Во значајна мерка се одгледуваат и овци, а во помала мерка и кози. За сточна храна се одгледуваат и крмни растенија како луцерка, граор итн.
Дел од населението се занимава и со други дејности како автопревоз, како и угостителски и градежни услужни занимања во градот Битола. Во селото Вашарејца работат и продавници и угостителски објекти.[3]
Население
уреди
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Вашарејца живееле 250 жители, сите Македонци.[10] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Вашарејца имало 160 жители, под врховенството на Бугарската егзархија.[11]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 250 Македонци.[12]
Селото е средно по големина, но со намалување на бројот на населението. Така, во 1961 година селото броело 502 жители, а во 1994 година 231 жител, македонско население.[3]
Според последниот попис од 2002 година, во селото Вашарејца живееле 202 жители, сите Македонци.[13]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 116 жители, од кои 114 Македонци и 2 лица без податоци.[14]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 250 | 160 | 351 | 419 | 502 | 468 | 474 | 333 | 231 | 202 | 116 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[15]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[16]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[17]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[18]
Родови
уредиСелото Вашарејца отсекогаш па сѐ до денес е населено исклучиво со Македонци од православна христијанска вероисповед.[4]
Родови во селото се следниве:
- Најстари македонски родови, сите староседелци се: Колевци (Св. Пречиста), Оџевци (Св. Ѓорѓи „зимен“) и Ашковци (Петковден).
- Доселени македонски родови во Вашарејца се: Житошани (Св. Пречиста) – Димовци, Пашовци, Кочовци и Ицовци, се доселиле пред 180 години од Житоше, кое е сега албанско село кај Крушево (Марко жив 60 години во 1951 – Начо – Димо – Саботко еден од доселените предци). Тие во Житоше имале „три убави чупи“. Тамошните Албанци сакале да ги грабаат, при што нивните предци убиле некои од Албанците и ноќе побегнале од селото. Имаат роднини кои живеат во други пелагониски села – Бела Црква, Ивањевци (род Аламановци) и Веселчани (род Палгомази), со кои и денес „се држат како сој“; Смилевци (Митровден) дојдени од Добрушево, каде што имаат истоимени роднини; Власковци (Петковден) по потекло се „од Дебарско“; Муртановци (Петковден) дошле од соседното село Ношпал; Чагоровци (Света Петка) дошле околу 1908 година од Чагор, сега непостоечко раселено село кај месноста Древеник во околината на Битола; Штрклевци (Св. Никола) ги нарекуваат и Наумовци. Местото на својата старина и потекло не го знаат; Свињиштани дошле после Втората светска војна „на фондовска земја“ од селото Свиништа кај Охрид. По Втората светска војна на „фондовска“ (државна) земја се доселиле уште и Базерничани и Брезовечки од демирхисарските села Базерник и Брезово.
Општествени установи
уреди- ЖС „Даме Груев“, железничка станица на линијата Скопје-Битола
- Месна заедница
- Подрачно училиште „Кочо Рацин“, подрачно основно училиште до V одделение, сместено на влезот во селото од лева страна во многу оштетена состојба
Самоуправа и политика
уредиСелото влегува во рамките на Општина Могила, која била создадена при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година.
Во периодот од 1996 до 2004 година, селото се наоѓало во рамките на некогашната рурална општина Могила.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото било сместено во големата општина Битола.
Во периодот од 1955 до 1965 година, селото влегувало во рамките на тогашната општина Тополчани.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Ивањевци, во која селото Вашарејца, се наоѓале и селата Беранци, Древеник, Ивањевци, Лознани, Новоселани, Подино, Свето Тодори, Српци и Трновци. Во периодот 1950-1952, селото било дел од Општина Српци, во која влегувале селата Беранци, Вашарејца, Лознани и Српци.
Избирачко место
уредиВо селото постои избирачкото место бр. 0190 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште.[19]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 147 гласачи.[20] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 135 гласачи.[21]
Културни и природни знаменитости
уреди- Археолошки наоѓалишта[22]
- Тумба — населба од доцноантичко време.
- Цркви[23]
- Црква „Св. Ѓорѓи“ — главна селска црква, потекнува од 1862 година.
- Верски објекти
- Свет крст над селото
Редовни настани
уреди- Ѓурѓовден (6 мај) — црковна слава, на која се одржува селски панаѓур; и
- Вашарејски средби — секоја трета недела од месецот јули се одржуваат вашарејски средби на кои присуствуваат сите жители и иселеници кои се родени и водат потекло од селото Вашарејца, а живеат во Битола, Скопје, Прилеп, како и во странство Австралија, САД, Канада и земјите во западна Европа.
Култура и спорт
уредиВо селото Вашарејца има фудбалско игралиште.
Иселеништво
уредиСе знае за овие иселеници од селото Вашарејца: Јосифови (2 к.) и Бараовци (1 к.), живеат во Кукуречани; Димовци (2 к.) и Ристевци (1 к.), живеат во Кравари и Вашаревци (1 к.) живеат во Бистрица. Од родот Колевци по едно семејство се иселило во Ношпал и Битола. Од родот Смилевци има иселеници во Битола и Романија. Стојан-ќаини се иселиле во Битола и Америка. Од родот Бончани едно домаќинство е иселено во градот Битола.[4]
Од ова село има иселено над 200 лица. Најголем дел од нив се имаат иселено во градовите Битола и Прилеп, но и во прекуокеанските земји и во Европа.[2]
Галерија
уреди-
Поглед на селото
-
Железничко стојалиште во селото
-
Поглед на селото
Наводи
уреди- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 „Мој Роден Крај“. www.mojrodenkraj.com.mk. Архивирано од изворникот на 2020-06-29. Посетено на 2019-10-29.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 48. Посетено на 29 октомври 2019.
- ↑ 4,00 4,01 4,02 4,03 4,04 4,05 4,06 4,07 4,08 4,09 Трифуноски; Јован Ф. (1998). Bitoljsko-Prilepska kotlina : antropogeografska proučavanja. Белград: Српска академија на науките и уметностите. ISBN 8670252678. OCLC 41961345.
- ↑ „Жителите од Ношпал и Вашарејца најтешко погодени од поплавите“. kanal5.com.mk. Посетено на 2019-10-29.
- ↑ Соколоски, Методија (1973). Турски документи за историјата на македонскиот народ - Опширни пописни дефтери од XV век. II. Архив на Македонија. стр. 197.
- ↑ „Попис на жртвите од војната 1941-1945, СР Македонија“ (PDF).
- ↑ Според теренски кажувања на жителите Драганчо Лазаровски, Игор Котевски и Добре Мијајлевски. Забележал Марио Шаревски, на 21.02.2015 во Вашарејца.
- ↑ 9,0 9,1 Според теренски кажувања на жителот Добре Мијајлевски. Забележал Марио Шаревски, на 21.02.2015 во Вашарејца
- ↑ Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 238.
- ↑ D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 168-169.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 29 октомври 2019.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 1 ноември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-11-01. Посетено на 1 ноември 2019.
- ↑ „Локални избори 2021“. Архивирано од изворникот на 2021-12-02. Посетено на 17 октомври 2021.
- ↑ Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.