Оризари (Скопје)
Оризари во постарата литература познато како Сарајско Оризаре — историско село и современа скопска населба на територијата на Општина Ѓорче Петров. Името го добила по бројните оризови полиња во селото.
Оризари | |
Црквата „Св. Атанасиј“ во Оризари | |
Координати 42°00′21″N 21°20′51″E / 42.00583° СГШ; 21.34750° ИГД | |
Регион | Скопски |
Општина | Ѓорче Петров |
Население | 15637 жит. (поп. 2021)[1]
|
Шифра на КО | |
Надм. вис. | 259 м |
Оризари на општинската карта Атарот на Оризари во рамките на општината | |
Оризари на Ризницата |
Географија и местоположба
уредиНаселбата се наоѓа помеѓу населбите Ѓорче Петров и Дексион, на патот Скопје-Тетово кој поминува низ неа.
Историја
уредиВо XIX век, селото е дел од нахијата Кара Даг во Скопската каза во Отоманското Царство. Според опширните османлиски дефтери за населението на Скопската Каза од 1832/33 година, селото било забележано со името Оризари Челтук и било со христијанско население. Имало 19 христијански домаќинства. На овој попис биле забележани 71 мажи христијани, со 7 новороденчиња. Се проценува дека селото во тој период имало 156 жители.[2]
Стефан Верковиќ го забележува со 208 жители.[3]
Во минатото патот го делел тогашното село на два дела. Северното маало било јадрото на селото и било постара населба. Додека јужното маало, под патот, било основано во 1919 година од српски доселеници. Како и секое село, така и Оризари имало свој атар чија обработлива површина кај селаните била позната под имињата: Чашурка, Сливче, Влашко Поле, Бањиште, Ранак, Сув Дуб, Паламида, Орманче, Црвлица, Башалг, Динг, Оризарски Јаз, Чатал, Ветерник, Бунариште, Веле Поле, Рамниште, Крст, Зимниче, Чушк и Страња.
Во 1913 година, во селото биле евидентирани 133 жители. Било дел од Општина Бардовци.
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на СХС во 1931 година, селото имало 150 Македонци и 50 други.[4]
Во 1949 година селото броело 49 домаќинства.[5] Оризари било стара населба. Заради својата поволна местоположба и плодното поле, селото уште во турско време брзо станало чифличка населба. Еден од беговите имал и кула во селото која била срушена во 1944 година. Додека селото било чифличко во него живееле Македонци и Роми кои работеле како момоци. Кога селото се ослободило од чифлигарството тогаш се населиле и други домаќинства од различни националности кои добиле и земја со самата прераспределба на земјиштето. Во 1944 година селото било бомбардирано и скоро целосно разрушено. Потоа повторно било обновено. Селото постепено со ширењето на Скопје почнало да се поврзува од двете страна со соседните населби и некаде во 60-тите годни на XX век целосно прераснува во урбана населба. Денес има централно место во урбаниот дел на Општината Ѓорче Петров.
Население
уредиНационалност | Број |
Македонци | 13 394 |
Албанци | 346 |
Турци | 303 |
Роми | 279 |
Власи | 48 |
Срби | 534 |
Бошњаци | 429 |
останати | 304 |
Родови
уредиОризари е мешана населба.
Според истражувањата од 1949 година, родови во Оризари се:
- Македонци: Јанковци (3 к.) и Трајковци (2 к.) староседелци; Најдовци (6 к.) доселени се во турско време од селото Барово; Миајлевци (4 к.) доселени се од селото Катланово. Некое време живееле и во селото ’Ржаничино, па во Скопје и на крај во Оризари. Го знаат следното родословие: Спиро (жив на 70 г. во 1949 година) Никола-Мијајле, кој се доселил; Здравковци (1 к.) доселени се од Битолско. Го знаат следното родословие: Димче (жив на 55 г. во 1949 година) Стојче-Здравко, кој се доселил; Митковци (4 к.) порано живееле во селата Злокуќани и Волково, па дошле овде; Стаменковци (1 к.) доселени се од селото Бардовци; Марко (1 к.) дошол Марко од некое село во Дебарско; Капламов (1 к.) основачот на родот дошол како домазет од мијачкото село Требиште; Стојковци (2 к.) и Крстовци (1 к.) доселени се од некое село во Порече; Ѓоргија (1 к.) доселени се од некое село во Кумановско.
- Срби: Младеновиќи (2 к.), Павичевиќи (3 к.) и Поповиќи (1 к.) доселени се како колонисти од српските власти после 1918 година, доселени се од областа Топлица во Јужна Србија.
- Роми: Мустафовци (2 к.), Шаиновци (1 к.), Исовци (1 к.), Усеиновци (1 к.) и Бако (1 к.) во селото живеат уште од турско време, подалечното потекло не го знаат; Рашитовци (2 к.) доселени се пред крај на турското владеење од некое село во Кумановско; Салија (1 к.) доселени се од селото Злокуќани; Метуш (1 к.) доселени се од околината на Гнилане во Косово и Метохија; Бајрамовци (3 к.) доселени се во 1944 година од селото Злокуќани, пред тоа живееле во некое село кај Куманово.
- Албанци: Алитовци (3 к.) по потекло се од северна Албанија. Од старото место најпрво се населиле во селото Крушопек на планината Водно, па потоа дошле во денешното село.[6]
Знаменитости
уреди- Црква „Св. Атанасиј“ — единствената црква во населбата. Изградена е во 2002 година;[7]
- Бањиште — археолошко наоѓалиште со неопределен тип и период поради неистраженоста. Тука биле пронаоѓани плочи со латински натписи и големи керамички садови;
Личности
уредиЛичности родени во Оризари
- Атанас Велковски (1921-1945) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
- Владо Митревски (?-?) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
- Илија Таневски (1924-1945) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
- Илија Тодоровски (1926-1945) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
- Јован Саздовски (1921-1945) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
Наводи
уреди- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ Османлиски документи за историјата на Македонија - пописи од XIX век на христијанското население - Скопски Санџак, каза Скопје. Скопје: д-р Емил Крстески. 2021.
- ↑ Верковиќ, Стефан (1889). Топографическо-этнографическій очеркъ Македоніи. Санкт Петербург.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ Јован Трифуноски – Сеоска насеља Скопског Поља; Одељена друштвених наука САН; 1955
- ↑ Трифуноски, Јован (1955). Скопско поле. Скопје.
- ↑ „Културни споменици од христијански карактер“. Архивирано од изворникот на 2016-05-08. Посетено на 2016-05-17.