Изолација (еволуција)

Во генетиката на популацијата, изолација означува неможност или потешкотија за слободно вкрстување меѓу единките од еден биолошки вид. Изолацијата се јавува како основен еволуциски фактор кој дејствува на ниво на микроеволуција и доведува до видообразба.

Според карактерот на изолирачките бариери се разликуваат географска и репродуктивна (биолошка) изолација.

Географска изолација

уреди

Географската изолација претставува одделување на една популација од другите популации од истиот вид со голема географска бариера. Ваков вид на изолација може да настане како резултат на промени во географските услови во пределите на ареалот на видот или при преселбата на група единки надвор од ареалот, кога ,,популацијата-основател‘‘ може да закрепне и да насели некои посебни региони со благопријатни услови на животната средина. Географската изолација е еден од важните фактори на видообразба, бидејќи го оневозможува вкрстувањето, а со тоа и размената на генетски информации меѓу одделените популации.

Репродуктивна изолација

уреди

Репродуктивната (биолошка) изолација води до нарушување во слободното вкрстување или образување на стерилно потомство. Се разликуваат еколошка, етолошка, временска, анатомо-морфо-физиолошка и генетска репродуктивна изолација. При етолошката изолација, на единките од различни популации им е намалена веројатноста за оплодување како резултат на разлики во начинот на живеење и однесување. На пример, кај разни видови на птици постојат ритуали за додворување и брачни песни карактеристични за еден вид. При еколошката изолација, причината за одделување се условите на стаништето. На пример, популациите на риби кои се мрестат на различни места. Временската изолација се огледува во различното време на размножување. При анатомо-морфо-физиолошката репродуктивна изолација кај живите организми настануваат разлики во градбата и големината на одделни органи од репродуктивниот систем, или пак настануваат разлики во биохемиските аспекти на репродуктивната функција. При генетската изолација се јавуваат несовпадливи гамети или се појавуваат хибриди со намалена животоспособност, плодност или стерилност[1].

Овие форми на репродуктивна изолација се јавуваат независно една од друга и можат да се комбинираат на различни начини. Меѓутоа, токму генетската изолација се смета за една од поважните форми на репродуктивна изолација, бидејќи како и останатите форми, при видообразбата таа доведува до независност на генофондовите на двете популации. Појавата на репродуктивна изолација често е поврзана со долгорочна географска изолација.

Наводи

уреди
  1. Воронцов Н. Н., Сухорукова Л. Н. (1996). Эволюция органического мира. Учебное пособие для 10-11 кл. ср. шк. Москва: Наука. стр. 256. ISBN 5020060437.

Поврзано

уреди