Дискриминација
Дискриминација значи секое правење разлика, искористување или ограничување на луѓето врз основа на нивните колективни идентитети (пол/род, класа, етнос) со што ги загрозува или оневозможува остварувањето или заштитата на нивните човекови права и слободи.[1]
Дискриминацијата е осудувачки третман или предрасуда кон едно битие, заснована врз група, класа или категорија на којашто се смета дека истото припаѓа. Дискриминацијата е обележје врз кое не треба да се темели недозволениот различен третман, а кое може да биде лична одлика или статус, или пак претпоставена или сродна лична одлика или статус преку кој едно лице или група на лица се идентификува(ат) со одредена раса, боја на кожа, етничка припадност, јазик, државјанство, пол, род, сексуална ориентација, религија, уверување, образование, ментална и телесна попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, здравствена состојба итн. Тука спаѓаат и семејниот статус, родовиот идентитет, родовиот израз, генетските одлики, брачниот статус, националноста, религијата, полот, како и сексуалните одлики, сексуалната ориентација, општествената класа итн. Ваквата перцепција доведува до исклучување на поединецот, засновано на нелогично или ирационално одлучување.
Потекло на поимот
уредиТерминот дискриминација се појавува во почетокот на 17 век во англискиот јазик. Потекнува од латинскиот збор “Discriminat” – што значи „разликува помеѓу“, како и од глаголите „Discriminare“ и „Discernere”.
Основи за дискриминација
уредиПостојат различни дефиниции за „основа за дискриминација“. Една од најчесто цитираните дефиниции е онаа на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), според која тоа е „лична одлика според која лицата или групите на лица се разликуваат едни од други“.
Во зависност од тоа како се утврдени основите во законската рамка на една држава, постојат три модели на одредување на основите за дискриминација:
- Модел со генерална забрана: Главна одлика на овој модел е постоењето на генерална одредба за заштита на еднаквоста на сите пред законите. Во овие земји определувањето на тоа кои основи ќе бидат заштитени е оставено во целост на судовите. Ваков модел постои во САД и Канада.
- Затворен модел: Дискриминацијата е забранета само на точно определени основи. Проширувањето на заштитата од дискриминација на други основи може да се направи само со законски измени, а не преку практиката на судовите и телата. Ваков модел постои во ЕУ (засновано на директивите), и во Обединетото Кралство и Шведска.
- Отворен модел: Дискриминацијата се забранува така што се набројуваат неколку основи, а листата се остава отворена со додавање на „и друга основа или статус“, „основи како што се“, итн. Тука судовите и телата имаат одредена слобода при определувањето кои лични одлики или статуси ќе може да се сметаат за заштитени во тој отворен дел. Ваков модел има во ЕКЧП, во ЕУ Повелбата, и во Македонија. Во случајот на Македонија, широка слобода на интерпретација ужива националното тело за еднаквост, кое е насловено како Комисијата за заштита од дискриминација. При постапувањето, Комисијата може да ја одреди основата за дискриминација доколку подносителот на претставката не го сторил тоа, да сугерира промена на наведената основа за дискриминација, или да разгледа и дополнителна основа. Законодавецот предвидел дека составот на Комисијата ќе се избере во рок од три месеци од донесувањето на новиот закон и од тие причини во него е содржана одредба која предвидува прекин на мандатот на членовите на комисијата најдоцна во рок од 90 дена од стапувањето во сила на Законот. Известувањето за спроведувањето на конвенциите и известувањето пред одредени меѓународни тела претставува една од новите надлежности на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и е веќе воспоставена активност на голем број органи на управата и Народниот правобранител, зависно од конвенцијата или од меѓународното тело, а со доминантна активност на Министерството за надворешни работи.[2]
Историски развој
уредиОд историска гледна точка еднаквоста меѓу граѓаните и во рамки на Социјалистичка Федеративна Република Југославија била третирана првенствено во Уставот, на највисоко ниво, без оглед на националност, раса, пол, јазик, вероисповед, образование или социјална положба.[3]
Од друга страна, според Кривичниот закон на Социјалистичка Република Македонија, од 1977 година, била предвидена санкција за повреда на рамноправноста на граѓаните. Член 50 го истакнува следново: „Тој што врз основа на разлика во националност, етничка припадност, раса, вероисповед, пол, јазик, образование или општествена положба ќе му одземе или ќе ограничи права на човекот и граѓанинот, утврдени со устав, закон или со друг пропис или општ акт, или кој, врз основа на овие разлики, им дава на граѓаните повластици или погодности, ќе се казни со затвор од 3 месеци до 5 години”.[4]
Имајќи ја предвид оваа одредба, може да се заклучи дека и во време на тогашниот, социјалистички систем, законодавецот ја истакнувал и сериозно ја третирал забраната за дискриминација според повеќе дискриминаторски основи.
По осамостојувањето на Република Македонија и по донесувањето на Уставот на 17 ноември 1991 г., начелото на еднаквост било издигнато на највисоко (уставно) ниво, каде било предвидено: „Граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата, независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните, пред Уставот и законите се еднакви”.[5]
Понатаму, член 110, став 3 од Уставот експлицитно забранувал дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност и во таа смисла Уставниот суд е овластен да постапува по поединечни барања за заштита на некое од погоре наведените права. Воедно, нормативното уредување на принципот на недискриминација предвидува два вида судска заштита и тоа: судска заштита во постапка пред редовните судови, како и уставно-судска заштита пред Уставниот суд, согласно со одредбата од член 50 од Уставот.
Покрај уставотворниот аспект на дискриминацијата, опфатен во погоренаведените уставни одредби, како и кривичниот аспект, опфатен преку дефинирање на начелото на еднаквост во Кривичниот законик, недостасувал само граѓанскиот аспект, кој потоа се реализирал преку носење на „lex specialis,“ кој ја тангирал превенцијата, како и забраната за дискриминација.
Во 2010 година бил донесен Закон за спречување и заштита од дискриминација, кој не понудил целосно усогласување со праксата на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во примената на Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП), Протоколот бр.12 на ЕКЧП, кој Македонија го ратификувал и кој стапил во сила во 2005 година. Особено, Законот не понудил концепт на целосно професионализирана Комисија за заштита од дискриминација која ќе постапува по поднесени претставки од граѓани кои сметаат дека биле дискриминирани поради еден или повеќе дискриминаторски основи. Во однос на дискриминаторските основи, потребно е да се истакне дека меѓународната теорија препознава широк дијапазон на основи на дискриминација, додека пак, во Законот од 2010 година, таксативно беа наведени неколку основи, па оттаму списокот на дискриминаторски основи не ги исцрпувал сите основи и остава простор за различно толкување. Другите основи би можеле да се вклучат во ова таксативно набројување, ако се има предвид фактот дека личниот и правниот живот се еволутивни категории и бараат соодветен третман од законодавен аспект, но и имплементација во практика и усогласување со другите закони кои ја тангираат превенцијата од дискриминација. Во таа насока, доколку се има предвид интерпретацијата на Европскиот суд за човекови права, во кој е потцртано дека Конвенцијата е „жив инструмент кој треба да се толкува во сегашни услови”, се поставувало прашањето дали во Законот за спречување и заштита од дискриминација, по набројувањето на дискриминаторските основи, постоел и избор на други основи, како што всушност е и во ЕКЧП.
Така, нашиот законодавец, сакајќи да се доближи до правото на ЕУ и до Советот на Европа и да ја хармонизира легислативата, на 16 мај 2019 година, го донел новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација. Законот бил донесен со многубројни пречки и оспорувања, па не останал многу простор за неговата имплементација.[6]
Наводи
уреди- ↑ „Водич во феминистичката и родовата терминологија“. Здружение на граѓани Акција Здруженска, Скопје. 30 мај 2007. Архивирано од изворникот на 2007-10-08. Посетено на 22 јуни 2007.
- ↑ „Водич за основи за дискриминација“. ОБСЕ, Скопје. 2013. Посетено на 7 февруари 2020.
- ↑ „Устав на Социјалистичка Федеративна Република Југославија - 1974 година (член 154)“. 1974. Посетено на 7 февруари 2020.
- ↑ „Кривичен закон на Социјалистичка Република Македонија“. Сл. весник на Социјалистичка Република Македонија бр. 25/1977. 18 јуни 1977. Посетено на 7 февруари 2020.
- ↑ „Устав на Република Македонија - 1991 година (член 9)“. Сл. весник на Република Македонија бр. 52/1991. 1991. Посетено на 7 февруари 2020.
- ↑ „Новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација:Предизвици и предности за неговата имплементација“ (PDF). Институт за човекови права (ИЧП), Скопје. 2019. Архивирано од изворникот (PDF) на 2020-02-07. Посетено на 7 февруари 2020.