Царев Двор

село во Општина Ресен

Царев Двор — село во Општина Ресен, во областа Горна Преспа, во околината на градот Ресен, сместено во близина на северниот брег на Големото Преспанско Езеро.

Царев Двор

Поглед на селото

Царев Двор во рамките на Македонија
Царев Двор
Местоположба на Царев Двор во Македонија
Царев Двор на карта

Карта

Координати 41°02′35″N 21°00′25″E / 41.04306° СГШ; 21.00694° ИГД / 41.04306; 21.00694
Регион  Пелагониски
Општина  Ресен
Област Горна Преспа
Население 470 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 7315
Повик. бр. 047
Шифра на КО 23041
Надм. вис. 865 м
Царев Двор на општинската карта

Атарот на Царев Двор во рамките на општината
Царев Двор на Ризницата

Потекло на името

уреди

Во врска со името на селото, Влоѓимјеж Пјанка пишува дека е придавноименски состав со посесивно значење. Во преданието на царедворци името на селото се поврзува со легендите за постоењето дворец на цар Самуил на ова место. Според други легенди на мештаните, пред стотина години, на пат за некаде, некојси цар и неговиот везир неколку дена престојувано на местото на денешното село, така што својот шатор царот го раширил на денешното место Царева Нива, а неговиот везир на денешното место Везирова Нива. Потоа, најпрвин местото, а потоа селото биле наречени Царев Двор.[2]

Географија и местоположба

уреди
 
Сретселото со задружниот дом и селската џамија во позадина

Селото е едно од поголемите села во Преспанската Котлина, сместено речиси во средишниот дел на Општина Ресен.[3] Селото е рамничарско, сместено на надморска височина од 863 метри. Од градот Ресен е оддалечено околу 6 километри.[3]

Царев Двор на околу пет километри северно од брегот на Големото Преспанско Езеро, на раскрсницата на патот Битола-Корча и Ресен-Езерани, во јужниот дел на Ресенското Поле. Низ атарот на селото тече Болшница (Болска Река), чиј водотек во летниот период значително се намалува или целосно пресушува.[2]

Царев Двор е големо и убаво село од собран тип со преку 430 куќи, повеќето обновени или новоизградени, на приземје и кат, а внатре опремени. Околу куќите постојат разновидно оградени дворни места во кои се изградени стопански и други објекти (гаражи, магацини, летни кујни и др.) и парцели на зеленчукови, овошни и цветни градини. Според самата групираност на куќите може да се подели на повеќе маала: Андоновско (Средно), Келепуровско (источниот дел на селото), Поповско (Горно), Прцуловско (западниот дел на селото) и Ајруловско (југоисточниот дел на селото).[2]

Царев Двор се граничи со следниве села: со градот Ресен на север, со Горна и Долна Бела Црква на исток, со Езерани и Дрмени на југ, со Горно Дупени и повторно со Дрмени на запад.[2]

Месности во атарот на селото се следниве: Арапица, Ајдарица, Амбака, Бајрамица, Болшница, Влашкине, Герамидница, Голобарник, Голешајнца, Гротче, Големи Ливаѓе, Градник, Дандилица, Елински Пат, Езеренско, Есење, Кај Дабон, Карасмајлиците, Љабојца, Лозјата, Ливачко Речиште, Лигоец, Мељ, Нурон, Кладенец, Немшоец, На Гробон, Орешје, Пајоско, Петринсконо, Пречни Пат, Прешлинков Мост, Певчина, Рачунојне, Ридон, Ракидјено, Сталев ’Рвеник, Стара (Голема) Река, Сандрачица, Скендерица, Сливче, Селски Лозја, Стари Куќи, Турски Гробишта, Царев Пат, Цицкоец, Ќорбеџица, Џелои Колиби, Шамак, Шавчеи Јасики и други.[2]

Селото добило свој задружен дом во 1949/50 година, електрична енергија во 1952 година, систем за наводнување во 1960 година, телевизиски прием во 1965 година, асфалтен пат во 1967 година, со водовод околу 1980 година, а со телефонски приклучоци во 1981 година.[2]

Историја

уреди
 
Зачувана стара архитектура

Не постојат официјални извори, ниту други сознанија, дека Царев Двор во минатото било преместувано. Сепак, кај некои царедворци постојат претпоставки дека селото некогаш се селело двапати. Како негови можни местоположби се наведуваат месноста Село, во југоисточниот дел на селото, во непосредна близина на селските гробишта и црквата Свети Никола Долни (Долна Црква), како и Селски Лозја, северно од денешното село. Како поткрепа на ова се наведува дека постарите семејства и на двете месности имаат мали површини, кои се претпоставува дека биле дворни места. Во месноста Село постои и наоѓалиштето Џело Колиба, што укажува дека таму се живеело во колиби, а подоцнежното подигнување на Долна Црква на темели на постара црква упатува дека тоа село имало и своја црква, околу која и денес се сретнуваат гробни плочи. Исто така, се верува дека првото место било напуштено поради надојдените води на езерото, а второто поради загрозеност од карванските патници, бидејќи низ неа поминувал „Царскиот пат“.[2]

Царев Двор е старо национално, верски и јазично мешано село во кое живееле православни Македонци и муслимански Турци. Под различен облик на денешното име (Ц’рев Двор, Царисвор, Царедвор, Царесдвор, Цареви Дворови и Царев Двор) неговото постоење е забележано во повеќе извори од различни периоди. Најрано е споменато во Слепчевскиот кодик од XVI век и турските пописни дефтери од 1519 година.[2]

Во XIX век, Царев Двор се наоѓало во Битолската каза, нахија Горна Преспа, во Отоманското Царство.

 
Разрушена стара градба пред селската црква „Св. Никола Горни“

Мештаните истакнуваат дека селото некогаш била развиена населба, поткрепувајќи го истото со постоењето на седум влезно-излезни патишта, постоењето на црквичето „Меркурија“ и преданијата дека некогаш тука живееле Евреи, познати како носители на трговијата.[2]

До 1912 година, Царев Двор било под турска власт, а со тоа и беговски чифлик. Во текот на подготовките за Илинденското востание учествувало активно со своја востаничка чета, а нејзин војвода бил некој Толе од Златари. Во текот на востанието загинал 4 жители.[2]

Во Првата балканска војна (ноември 1912 г.), селото се нашло под српска власт, а во текот на Првата светска војна (октомври 1915 г.) под бугарска окупација. Подоцна, со поместувањето на фронтот, низ селото поминале и војските на Антантата. Во текот на војната, езеренци биле мобилизирани во војските на спротивставените страни.[2]

По завршувањето на Првата светска војна, Царев Двор повторно се нашло под српска власт. Во тоа време, селото било општинско седиште на истоимената општина.[2]

Во Втората светска војна селото паднало под окупација на фашистичка Италија (мај 1941 година), со што се нашло во составот на т.н. Голема Албанија. Во тоа време во селото била воспоставена потпрефектура за сите преспански села и сместена командата на италијанската војска во Преспа. По капитулацијата на Италија (8 септември 1943 година) паднало под окупација на фашистичка Бугарија, под која останало до ослободувањето на 11 септември 1944 година. Во текот на војната загинале двајца жители.[2]

За селото се вели дека било револуционерно село. Повеќемина мештани биле членови на КПЈ уште пред војната, а тројца[4] од нив биле учесници и во Граѓанската војна во Шпанија. Во 1941 година во селото била создадена организација на СКОЈ, а во октомври истата година и организација на КПЈ, во 1942 година воен поткомитет, во мај 1943 година излегле и првите партизани од селото, во април 1944 година бил создаден НОО, а септември истата година општински комитет на КПМ и општински НОО.[2]

Стопанство

уреди

Атарот зафаќа простор од 7,5 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина 682 хектари, пасиштата заземаат 108,1 хектар, додека на шумите само 37,6 хектари.[3] На останатиот дел од атарот се наоѓаат пасишта на површина од 16 хектари и шума на подрачје од 1 хектар.[2]

Според составот на земјиштето на атарот, селото има полјоделска функција, со значителна нагласка на овошните насади, односно, на јаболкото, по кое што е позната Преспанската Котлина.[3]

Мештаните се занимавале со полјоделство, сточарство и печалбарство. До 1960-тите години најмногу се сеело жито (пченица, ’рж, јачмен, овес и пченка), се саделе градинарски култури (пипер, домати, праз, зелка, лук, кромид, грав, компир и друго). Во некои периоди се садело и тутун. Денес, преовладуваат овошните насади со јаболка. Во рамките на сточарството најмногу се одгледувале волови, коњи, овци и биволи. Денес, оваа гранка е целосно замрена.[2]

Население

уреди
Население во минатото
ГодинаНас.±%
19481.237—    
19531.327+7.3%
19611.303−1.8%
19711.152−11.6%
19811.233+7.0%
ГодинаНас.±%
19911.067−13.5%
1994708−33.6%
2002605−14.5%
2021470−22.3%

Во делото „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“ се вели дека во 1873 г. Царев Двор било село со 125 домаќинства и 320 жители, од кои 200 муслимани и 120 христијани.[5]

Според статистиката на бугарскиот етнограф Васил К’нчов („Македонија, етнографија и статистика“) од 1900 година во селото имало 1.025 жители, од кои 650 Македонци, 350 Македонци-муслимани и 25 Турци.[6] Според секретарот на Бугарската егзархија Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Царев Двор имало 760 Македонци под врховенството на егзархијата.[7]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 750 Македонци и 300 Турци.[8]

Царев Двор во 1961 година било големо село со 1.303 жители, од кои 950 биле Македонци и 344 Турци. Во 1994 година бројот се намалил на 708 жители, од кои 612 биле Македонци, а 95 жители Турци.[3]

Според пописот од 2002 година, во селото Царев Двор живееле 605 жители, од кои 520 Македонци, 81 Турчин и 4 останати.[9]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 470 жители, од кои 388 Македонци, 3 Албанци, 58 Турци, 1 Србин, 1 останат и 19 лица без податоци.[10]

Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Царев Двор:

Година Македонци Албанци Турци Роми Срби Ост. Лица без под. Вкупно
1948 1.237
1953 934 0 387 5 1 0 1.327
1961 951 7 344 0 1 0 1.303
1971 836 5 308 0 1 2 1.152
1981 875 2 343 0 4 9 1.233
1991 814 0 124 0 0 129 1.067
1994 612 1 95 0 0 0 708
2002 520 0 81 0 0 4 605
2021 388 3 58 0 1 1 19 470

* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1948-2021), според податоци од официјалните пописи во соодветните години

Родови

уреди

Според потеклото на родовите Царев Двор е македонско-турско село, со преовладувачко мнозинство на Македонците.[2]

  • Македонски православни родови се: Бубулевци, Гештаковци, Бојчевци, Ѓеловци, Ѓорговци, Каровци, Кузаревци, Кејтовци, Лазаревци, Пејчиновци, Поповци, Попевци, Прцуловци, Принцевци, Сарбиновци, Танци, Трајчевци, Узуновци, Ушковци, Шеќеровци и Шиндековци.
  • Турски муслимански родови се: Ајруловци, Абишовци, Араповци, Беќировци, Вејселовци, Јонузовци, Камберовци, Каџаџиковци (според родовското име можно е да имаат потекло од Коџаџик), Кантуровци, Лаповци, Мифтаровци, Муратовци, Метовци, Оџовци, Сарачовци, Чкоревци и Шерифовци.

Според истражувањата на Бранислав Русиќ во 1949 година, родови во селото се:[11]

  • Македонски родови:
    • 'Староседелци: Целовци (2 к.) и Ѓорговци (54 к.).
    • Доселеници: Лазоровци (17 к.), доселени се од раселеното село Исток; Пејчиновци (8 к.), доселени се исто така од раселеното село Исток; Поповци (17 к.), доселени се од селото Полјани кај Корча во Албанија; Прцуловци (12 к.), доселени се од селото Орово во егејскиот дел од Преспа; Танци (14 к.), доселени се исто така од селото Орово; Милошовци (10 к.), доселени се од раселеното село Исток; Узуновци (3 к.), исто така од Исток; Шеќеровци (1 к.), доселени се од селото Езерани; Каровци (3 к.), доселени се од селото Дрмени, каде им биле роднини Вецовци; Принѕовци (5 к.), доселени се од раселеното село Исток; Ушковци (2 к.), доселени се од Бела Црква; Ѓештаковци (3 к.), доселени се од селото Туминец во Мала Преспа; Шиндаковци (3 к.), доселени се од селото Горно Дупени; Сарбиновци или Петковци (2 к.), доселени се од селото Горно Дупени; Дојкиновци (1 к.), доселени се од селото Дрмени; Кавазовци (1 к.), доселени се од селото Покрвеник; Царевци (3 к.), доселени се исто така од Покрвеник; Ѓештак (2 к.), доселени се од селото Лескоец; Јанакијовци (2 к.), доселени се од селото Шулин во Мала Преспа; Лалаковци (3 к.), доселени се од селото Дрмени; Маринче (1 к.), доселени се од селото Перово; Мајсторот (1 к.), доселени се од селото Збажди во Малесија; Пупалевци (1 к.), доселени се од селото Болно; Кипревци (1 к.), доселени се од селото Петрино; Цеповци (1 к.), доселени се од селото Езерани; Ѓеровци (1 к.), доселени се од селото Перово; Кузаревци (1 к.), доселени се од селото Кривени; Трајчевци (1 к.), доселени се од селото Евла и Бубулевци (4 к.), доселени се од селото Отешево.
  • Турски родови:
    • Доселеници: Кантуровци (6 к.), доселени се од Арабистан; Лаповци (4 к.), доселени се од Авлона (?) (можеби Валона ?); Јунузовци (4 к.), доселени се однекаде; Кижевци (5 к.), доселени се од селото Ракицко во Мала Преспа; Ајруловци (8 к.), доселени се од некаде; Чкоревци (1 к.), доселени се од селото Штрбово; Араповци (5 к.), доселени се од Арабистан; Оџовци (1 к.), доселени се од селото Коџаџик кај Дебар; Мифтаровци (1 к.), доселени се од селото Туминец во Мала Преспа; Камовци (4 к.), доселени се однекаде; Сарачовци (2 к.), доселени се одамна, однекаде; Муратовци (1 к.), доселени се од Бела Црква; Беќировци (1 к.), доселени се од Чамрија во Албанија; Ашбашовци (5 к.), доселени се од Арабистан; Метовци (2 к.), доселени се од селото Туминец, основачот на родот бил Ѓуптин; Вејселовци (1 к.), доселени се од некое место во Албанија; Шерифовци и Агочевци (8 к.), доселени се од селото Коџаџик; Сулчевци (2 к.), доселени се од Дебар, а таму од Коџаџик и Целамовци (3 к.), доселени се од селото Коџаџик.

Општествени установи

уреди
 
Поглед на основното училиште

Со своја прва училишна зграда селото се здобило во турско време, сместена во близина на црквата „Св. Никола“. Новото училиште е изградено во 1964/65 година.[2]

  • Пошта (7315)
  • Амбуланта
  • Дом на културата

Самоуправа и политика

уреди

Селото влегува во рамките на Општина Ресен, една од малкуте општини кои не биле изменети со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Ресен.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Ресен. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото било дел од некогашната Општина Ресен.

Во периодот 1952-1955, селото било седиште на тогашната Општина Царев Двор, во која покрај селото Царев Двор, се наоѓале и селата Волкодери, Горно Дупени, Дрмени, Евла, Коњско, Лавци, Лескоец, Отешево, Перово, Покрвеник, Прељубје, Стење, Стипино и Шурленци. Во периодот 1950-1952 година, селото било седиште на некогашната Општина Царев Двор, во која влегувале селата Горно Перово, Долно Перово, Дрмени и Царев Двор.

Избирачко место

уреди

Во селото постои избирачкото место бр. 1661 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[12]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 633 гласачи.[13]

Културни и природни знаменитости

уреди
 
Главната селска црква
 
Теренот на ФК Младост погледнат од камбанаријата на црквата
Цркви[14]
Џамии[14]
  • Џамија — селска џамија, обновена во 1974 година
Споменици
Реки[15]

Личности

уреди
Родени или потекло од Царев Двор

Култура и спорт

уреди

Галерија

уреди

Наводи

уреди
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 2,10 2,11 2,12 2,13 2,14 2,15 2,16 2,17 Јовановски, Владо (2005). Населбите во Преспа (PDF). Скопје: Ѓурѓа. стр. 312–319. ISBN 9789989920554. Посетено на 3 јули 2020.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 310. Посетено на 3 јули 2020.
  4. Цветко Узуновски, Вангел Темовски и Алексо Стефковски.
  5. „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, стр. 88-89.
  6. Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900. стр. 241.
  7. Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рp. 170-171.
  8. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  9. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 3 јули 2020.
  10. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  11. Русиќ, Бранислав. Преспанска област. Архивски Фонд на МАНУ, к-2, АЕ 87.
  12. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 5 јули 2020.
  13. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2020-06-16. Посетено на 5 јули 2020.
  14. 14,0 14,1 Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  15. Петрушевски, Илија; Маркоски, Благоја (2014). Реките во Република Македонија (PDF). Скопје: Геомап. стр. 14. ISBN 978-9989-2117-6-8.
  16. 16,0 16,1 . Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том I, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија. Отсутно или празно |title= (help)CS1-одржување: друго (link)
  17. 17,0 17,1 . Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том I, дел II. Скопје: Државен архив на Република Македонија. Отсутно или празно |title= (help)CS1-одржување: друго (link)
  18. . Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том II, дел II. Скопје: Државен архив на Република Македонија. Отсутно или празно |title= (help)CS1-одржување: друго (link)
  19. 19,0 19,1 . Јасмина Дамјановска; Ленина Жила; Филип Петровски (2017). Илинденски сведоштва том III, дел II. Скопје: Државен архив на Република Македонија. Отсутно или празно |title= (help)CS1-одржување: друго (link)
  20. Беа, загинаа, останаа. Скопје: Историски Архив. 1969. стр. 170. На |first= му недостасува |last= (help)

Надворешни врски

уреди