Милан Матов
Милан Матов со псевдонимите Дантон и Раковски[1][2] (Струга, 8 ноември 1875 - Софија, 21 мај 1962) — македонски револуционер, деец на Македонската револуционерна организација, учесник во Илинденското востание, еден од главните организатори на Тиквешкото востание и Охридското востание. По Првата светска војна бил активен во Илинденската организација и Македонскиот научен институт.
Милан Матов | ||
Роден | 8 ноември 1875 Струга, Османска Империja | |
---|---|---|
Починал | 21 мај 1962 Софија, Бугарија |
Животопис
уредиМатов е роден на 8 ноември 1875 година (нов стил) во Струга, тогаш во Отоманското Царство. Останал особено близок со својот брат Христо Матов, еден од идеолозите на Македонската револуционерна организација. Милан Матов завршил во Битолската машка гимназија.
Од крајот на 1895 година станал член на Организацијата, а од јуни 1900 година и на околискиот револуционерен комитет во Струга. Од јули 1902 до 1 март 1903 година лежел во затворот во Охрид. За време на Илинденското востание Матов бил во Струга од каде ги координирал активностите на четите во Струшкиот регион.[3] Во 1904-1905 година учителствувал во Струга. Во април 1905 година отишол во Битола и станал член на Окружниот комитет на Битолскиот револуционерен округ, а во јули 1907 година бил избран и за негов претседател и истовремено за битолски окружен војвода.[4] Како таков, по прогласувањето на Младотурската револуција, во Битола нему и на четите на ВМОРО му бил организиран свечен пречек од страна на младотурците.[5][6] Во периодот помеѓу 1909-1911 година Милан Матов е училиштен инспектор во Струга. Во своите спомени за овој период војводата Матов напишал:
- Една лажна гласина беше ставена во Македонија пред и по Илинденското востание, дека врховните комитети во Софија сакале присоединување кон Бугарија, а ВМРО сакало автономија. И кога во јуни 1906 година бев во Софија за напред наведеното се зазедов за разјаснување од Даме Груев и од брат ми Христо и еве што ми одговорија: „Ние сме Бугари и секогаш сме работеле и ќе работиме за обединување на бугарштината. Сите други формули се фаза за постигнување на таа цел. Не е дошол уште моментот за решавање на нашиот проблем, и затоа нема место сега за расправии и приказни од сличен вид.[7][8]
Во Првата балканска војна, Милан Матов бил војвода на чета № 24 при Македонско-одринското ополчение во Битолско,[9] потоа служел во 3 чета на 6 Охридска дружина, а за време на Втората балканска војна е во зборната партизанска чета на МОО.[10] Тој бил еден од главните организатори на Тиквешкото востание. По завршувањето на Втората балканска војна пребегнал во Албанија, каде останал до избувнувањето на Охридско-дебарското востание. По избувнувањето на востанието со чета од Албанци и Турци заминал за Македонија,[11] каде што заедно со Петар Чаулев, Павле Христов, Антон Шибаков и други, е меѓу главните организатори на востанието.
По завршувањето на Првата светска војна, Милан Матов станал активен член на Илинденската организација и на Македонскиот научен институт, а издавал и свои спомени насловени „Спомените на Милан Матов“. Во тој период се залагал за ставање крај на братоубиствените борби во ВМРО и играл улога на помирител помеѓу противничките фракции.
Милан Матов умрел на 21 мај 1962 година во Софија. Негов син е Христо Матов, правник и деец на ВМРО-СМД.
Во 2002 година се објавени неговите спомени на македонски под наслов „Комитата раскажува“.
-
Милан Матов и окружните војводи на Организацијата по Младотурската револуција, јули 1908 година
-
Младотурска разгледница со војводата Милан Матов од 1909 година
-
Апостол Матов, неговата сопруга Петра Чакрова и нивното семјство, Струга, 1904 година. Милан и Христо Матови не се на фотографијата
-
Браќата Милан (десно) и Христо Матови, снимени во ателјето на браќата Манаки. Битола, 1908 (оштетена плоча)
Литература
уредиНаводи
уреди- ↑ Псевдонимите на ВМРО, Ангел и Христо Узунови, Серија, „Архивата на Ангел Узунов“, Државен Архив на Република Македонија, Скопје, 2015, стр. 77
- ↑ Николов, Борис. ВМОРО - псевдоними и шифри 1893-1934, Звезди, 1999, стр.32, 82
- ↑ Милан Матов „Комитата раскажува“, Скопје, 2002, 33-35 стр.
- ↑ Николов, Борис Й. Вътрешна македоно-одринска революционна организация. Войводи и ръководители (1893-1934). Биографично-библиографски справочник, София, 2001., стр.101.
- ↑ Николов, Тома, „Спомени от моето минало“, Изд. на Отеч. фронт, София, 1989 г.
- ↑ Милан Матов „Комитата раскажува“, Скопје, 2002, 193-199 стр.
- ↑ Димитар Гоцев, Идејата за автономија како тактика во програмите на национално ослободителното движење во Македонија и Одринско, 1893-1941, изд. на БАН, Софија, 1983.
- ↑ Милан Матов „Комитата раскажува“, Скопје, 2002, 260-261 стр.
- ↑ Гоцев, Димитър. Национално-освободителната борба в Македония 1912 - 1915, Издателство на БАН, София, 1981, стр. 21.
- ↑ „Македоно-одринското опълчение 1912-1913 г. Личен състав“, Главно управление на архивите, 2006, стр. 433 и 893.
- ↑ Милан Матов „Комитата раскажува“, Скопје, 2002, 153 стр.