Црвена Вода (Охридско)
За селото во Скопско, видете Црвена Вода (Скопско).
Црвена Вода | |
Поглед на селото Црвена Вода | |
Координати 41°19′14″N 20°46′3″E / 41.32056° СГШ; 20.76750° ИГД | |
Општина | Дебрца |
Население | 10 жит. (поп. 2021)[1]
|
Шифра на КО | 19049 |
Надм. вис. | 959 м |
Црвена Вода на општинската карта Атарот на Црвена Вода во рамките на општината | |
Црвена Вода на Ризницата |
Црвена Вода — село во Општина Дебрца, во областа Дебрца, во околината на градот Охрид.
Географија и местоположба
уредиСелото Црвена Вода се наоѓа во областа Дебрца, на источните падини на планината Караорман. Црвена Вода е планинско село чии куќи се изигнуваат на надморска височина од 1.000 до 1.200 метри[2]. Селото има убава и поволна поставеност кон југоисток, опкружено со густо пошумени планински падини при што тоа изобилува со свеж воздух и во најтоплите денови. Имајќи предвид дека Црвена Вода е доста високо село со многу шума, поради својата поставеност тоа повеќе потсетува на утврдена населба (тврдина) при што тоа има специфична глетка: штом се здогледа една куќа така се гледа и целото село[3]. Поради ваквото стратешко значење за време на Втората светска војна селото Црвена Вода било средиште на востаничката власт и војна и политичка на македонските партизански одреди и органите на НОБ[3]. Селото Црвена Вода е од збиен тип и се дели на Горно и Долно Маало[3]. Водата за пиење се носи од една снажна села кој се наоѓа во долниот дел на селото[3]. Од градот Охрид е оддалечено 33 километри[2], и е поврзано со асфалтен пат кој се одвојува како крак од магистралниот пат кај крстосницата за Слатино. Атарот на Црвена Вода се издигнува високо на планината Караорман сѐ до билото на планината Стогово со врвот Бабин Срт, зафаќајќи простор од 17,1 км2, на кои преовладуваат шумите на површина од 1202 ха, на обработливото земјиште отпаѓаат 323 ха, а на пасиштата 150 ха[2]. Во густите шуми на атарот над селото најзастапени се листопадните шуми како буката, дабот, леската, јасиката, брезата, а во пониските делови и овошни дрвја како цреши и диви сливи. Од селото Црвена Вода водат повеќе шумски и планинарски патеки кон билото и врвот на Караорман како и врвот Бабин Срт на Стогово при што тоа претставува завршна точка првата западна македонска планинарска трансферзала која започнува од врвот Љуботен на Шар Планина.
Историја
уредиНастанок и основање
уредиВо пишаните историски документи селото Црвена Вода за првпат се споменува во 1582 година како дервенџиско село со 18 македонски христијански домаќинства[3]. Црвена Вода била дервенџиско село, односно село со посебни задолженија за чување на безбедноста на патните правци и во XVII век[3]. Потоа селото престанало да постои, а денешното село било обновено околу 1820 година од две домаќинства кои се доселиле од блиските раселени села Кочун и Старо Село, а нешто подоцна дошло и трето домаќинство од исто така раселеното село Мацково во соседната долина на Песочанската Река[3]. Од овие три македонски домаќинства кои го обновиле селото Црвена Вода потекнуваа сите останати селски родови[3]. Крај Црвена Вода од јужната страна проеткува рекичката Кочуница, а меѓу народот се вели деа во нејзината долина постоеле две села: Старо Село во горниот дел и Кочун во долниот дел[3]. Старо Село се наошшало 2 км југозападно од Црвена Вода каде во напуштените ниви се гледаат остатоци од некогашните куќни ѕидови, гробови и рушевини од црквиштето Св. Петка[3]. Жителите на Старо Село живееле во големи куќни задруги при што една имала по 20 возрасни мажи, а во „атлакот“ на таа куќа имало по 27 обесени пушки итн[3]. Селиштето Кочун лежело на долинското дно еден километар пониско од Црвена Вода, каде има добро сочувани стари гробови, табуисани дабови, црквиште Св. Богордица и студен сулфурен извор поради што се смета дека селото не било здраво село бидејќи „децата не траеле од лоша вода“[3]. Според народното предание селата Кочун и Старо Село биле раселени за време на турското владеење кога имало некој „бозгун“ (битка, судир) околу 1820 година, кога во Кочун последен останал некој Ѓуро кој е опеан во народна песна во која се вели „бегај Ѓуро по дружина, да не те вати ужина“[3].
Во XIX век и движење на бројот на населението
уредиВо текот на XIX и почетокот на XX век селото Песочани кое се наоѓа североисточно од Црвена Вода било единствено намерно населено албанско село во Дебрца, при што неговите жители до 1912 го прошириле ататрот на своето село сѐ до самите куќи на Црвена Вода поради што доаѓало до повремени вооружени судири и тепачки[3]. Жителите Македонци од Црвена Вода како и целата област Дебрца познати по својата борбеност, храброст и непокорливост во еден судир убиле повеќе Албанци поради што една месност го носи името Турски Гробишта. Според податоците од 1873 година, селото имало 35 домаќинства со 88 жители христијани (Македонци).[4] Според податоците на Васил К’нчов од 1900 година, селото имало 290 жители христијани (Македонци).[5]. Најмногу домаќинства Црвена Вода имала во 1921 година кога броела 63 куќи и 1948 година со 54 домови кога имало задруги со по 15-16 членови[3]. Потоа поради големите иселувања во Охрид, Скопје, Битола, Велес, областа Банат во Војводина и бројни други села бројот на домаќинства опаднал на 53 со 282 жители во 1961 и 28 со 128 жители[3].
Во XIX век, Црвена Вода било село во рамките на нахијата Дебрца, во Охридската каза на Отоманското Царство.
Црвена Вода и Дебрца во НОБ
уредиПоради извонредно стратешки значајната географска местоположба на селото Црвена Вода за време на Втората светска војна тоа било средиште на востаничката власт и војна и политичка на македонските партизански одреди и органите на НОБ[3] на првата слободна територија во Македонија во славната Дебрца. Во селото Црвена Вода престојувале претставници на воените и политичките тела на народнослободителната борба,[3] меѓу кои Кузман Јосифовски - Питу, Методија Андонов - Ченто и други. Со оглед на фактот дека селото Црвена Вода непосредно е поврзано со подлабоките внатрешни планински делови на Караорман, планинскиот и шумовит терен бил одличен за движење на помали востанички партизански групи[3]. Поради тоа на врвот Славеј (1714 м.) на 18 август 1943 била формирана првата регуларна македонска партизанска единица - баталјонот „Мирче Ацев“, а по неколку дена Дебрца станала првата слободна територија во Македонија.[3] На самиот врв на Славеј планина е подгинат споменик. Нападот на фашистичката војска на селото Црвена Вода во текот на Втората светска војна е опеан во народната песна „Силна ми војска идеше“.[6]
Потекло и значење на името
уредиНа многу места на атарот и непосредно над самото село во многу голема мера е застапена почвата црвеница, односно има големи површини на земја и грутки со изразита црвена боја. Во услови на дождови сета вода која се слевала во долот од падините со почва црвеница непосредно над местото на денешното село била црвена, поради што најверојатно месноста и самото село поради тоа го добиле името Црвена Вода. Од црвената земја се правени и тули со кои се градени постарите селски куќи кои заради ова имаат црвена боја на ѕидовите. Во Македонија постои уште едно село со име Црвена Вода (Скопско) за кое постои предание дека потекла вода со црвена боја од крвта на разјарени бик кој правел пакости во селото, но и на падините над самото село има застапеност на почва црвеница во голем обем.
Стопанство
уредиСпоред составот на атарот селото Црвена Вода има шумарско-поледелска функција[2]. Сепак најизразита стопанска гранка е шумарството. Во густите и изобилни шуми со многу квалитетни дрвја, во и над селото Црвена Вода се сече многу дрво за огрев, градежништво и за мебел. Со огревното дрво од шумите над Црвена Вода се снабдуваат градовите Охрид, Струга, Кичево како и бројни села во нивната околина. Од сточарството во многу мала мера се застапени одгледувањето кози и крупен добиток како понекоја крава и вол. Во време кога селото имало повеќе жители, зиме стоката се чувала во куќите каде што се собирало арско (шталско) ѓубре со кое се наѓубрува и гнои земјата[3]. Земјоделството е развиено во многу мали размери поради тоа што околу Црвена Вода има ниви коишто заземаат многу мали простори[3]. Од поледелството исто така во мала мерка за сопствени потреби застапено е одгледувањето на градинарски производи на отворено како домати, пиперки, кромид, лук, морков, компир. Поради големата надморска височина од житата се одгледуваат само 'рж и јачмен, при што секое домаќинство сее жито само за сопствените потреби[3]. Доста е застапено и овоштарството односно одгледувањето на познатите јадри цреши, вишни, сливи, ореви, јаболка, круши и костени. Обработливото и производително земјиште во Црвена Вода значително се намалило помеѓу 50-тите и 70-тите години поради немање на доволно работна сила како резултат на големиот бран на иселување[3]. Надвор од куќите и нивите има гоели простори под ливади и шуми[3].
Население
уреди
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Црвена Вода живееле 290 жители, сите Македонци.[7] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Црвена Вода имало 320 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[8]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Црквена Вода е претставено како чисто македонско село во Охридската каза на Битолскиот санџак со 30 куќи.[9]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 350 Македонци.[10]
Црвена Вода, според намалувањето на бројот на населението, преминало од средно во мало село. Така, во 1961 година броело 282 жители, а во 1994 година 17 жители, македонско население.
Според пописот од 2002 година, во селото Црвена Вода живеат 23 жители, сите Македонци.[11]
Селото Црвена Вода забележало голем пад на бројот на своето население и било во фаза на раселување[2]. Од последниот попис бележи пораст на бројот на жителите, што се должи на враќањето на постари иселени жители и поволната сообраќајна поврзаност со асфалтен пат. Во Црвена Вода има и неколку новоизградени супер-модерни куќи како и повеќе обновени стари куќи кои се постојано населени.
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 10 жители, од кои 7 Македонци и 3 лица без податоци.[12]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 290 | 320 | 318 | 331 | 282 | 127 | 57 | 25 | 17 | 23 | 10 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[13]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[14]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[15]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[16]
Родови
уредиЦрвена Вода е македонско православно охридско село.
Селото Црвена Вода отсекогаш па сѐ до денес е населено исклучиво со Македонци од православна христијанска вероисповед. Речиси сите десет селски родови може да се сметаат за староседелци бидејќи потекнуваат и се доселени претежно од блиските околни раселени историски села. Македонски родови кои живеат во селото Црвена Вода се: Петревци, Смилевци и Мицковци доселени се од соседното одамна раселено село Кочун[3]. Во родот Мицковци го знаат следното родословие:: Никола (на 69 години во 1971)-Неде-Спасе-Мицко чиј татко се доселил тука пред околу 200 години односно околу 1820 година. Од некогашното село кое постоело во месноста Старо Село потекнуваат и се доселиле следните родови кои се намножиле од едно домаќинство: Белевци, Танчевци, Филчевци, Сагламци, Љушовци и Китановци[3]. Родот Мацковци се доселил последен околу 1860 година од раселеното село Мацково кое се наоѓала северно од Црвена Вода во долината на Песочанска Река[3]. Од овој род потекнувал познатиот македонски писател за деца и учител Ванчо Николески[3]. .
Според истражувањата на Бранислав Русиќ во 1948 година, родови во селото Црвена Вода се:[17]
- Староседeлци: Трајановци се делат на Смилевци, Митревци, Филчевци, Танчевци, Лушовци и Толовци; Мацковци или Ѓуровци.
- Доселеници: Шијаковци се делат на Мицковци, Белевци, Марковци и Костадиновци. Доселени се од Шијак во Албанија на почетокот од XIX век; Бучковци доселени се средината на XIX век од селото Големо Илино, Железник.
- Роми: Усеиновци доселени биле од селото Ливада во 1946 година, денес не живеат повеќе во селото.
Општествени установи
уреди- Цркви
- Црква „Св. Атанасиј“ — главна селска црква. Изградена е во втората половина на XIX век, во времето кога според кажувањата на жителите селото имало 7 домаќинства[3]. Денес црквата е возобновена и има простран двор со трпезарија и услужни објекти. Црковна и селска слава е Свети Атанасиј „пролетен“ во мај, додека друга слава на сите родови е Петковден[3]. До 1946 година црквата во посед имала 10 хектари обработливо земјиште кое го добила на подарок од семејство кое не можело да има деца[3]. ;
Самоуправа и политика
уредиОд 2004 година, селото припаѓало во рамките на новоформираната Општина Дебрца, формирана на 12 април 2005 година.
Во периодот 1996-2004, селото било дел од некогашната селска општина Белчишта.
Во периодот 1965-1996, селото било во рамките на големата општина Охрид.
Во периодот 1950-1965, селото било дел од тогашната општина Белчишта.
Избирачко место
уредиВо селото постои избирачкото место бр. 1318 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште.[18]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 13 гласачи.[19]
Културни и природни знаменитости
уреди- Археолошки наоѓалишта[20]
- Старо Село — средновековна населба со црква и некропола;
- Споменици
Поради славната историја за време на Втората светска војна во селото и неговата околина се наоѓаат бројни споменици од НОВ. Во селото се наоѓа спомен чешма со плоча за паднатите борци во НОБ, како и повеќе други споменички обележја за НОБ[2] кои се распоредени на повеќе места на атарот каде се движеле и бореле бројните партизански одреди.
Личности
уреди- Ванчо Николески (10 јуни 1912 - 15 април 1980) - македонски писател, претставник на првата повоена генерација македонски писатели за деца и младинци. Во своето најпознато дело „Волшебното самарче“, како и други негови дела и песни го споменува и дава описи од родното село Црвена Вода наведувајќи го под името Мацково[3].;
- Веле Митаноски (р. 1949) - политичар, пратеник во македонското Собрание од НСДП (мандат 2006-2008);[21]
- Момчило Јорданоски - учесник во НОБ, носител на Партизанска споменица 1941;
- Вељан Ристов Балтакоски — македонски револуционер од ВМОРО.[22]
- Јон Божиноски — македонски револуционер од ВМОРО.[22]
- Дојчин Сиљаноски — македонски револуционер од ВМОРО.[23]
- Митре Танески — македонски револуционер од ВМОРО.[23]
- Јане Трајчев — македонски револуционер од ВМОРО.[23]
- Лазар Филчески — македонски револуционер од ВМОРО.[24]
- Велјан Филчески — македонски партизан.
- Блаже Спасески — македонски партизан.
- Никола Јосифоски — македонски партизан.
- Русе Нестороски — македонски партизан
- Цветко Стојаноски — македонски партизан
Иселеништво
уредиСелото Црвена Вода дало голем број на иселеници во блиската околина, ширум Македонија и во странство. Семејства кои се отселиле од Црвена Вода се: Бучковци, Мацковци и уште 20 домаќинства во соседното село Песочани, Јанкуловци, Јаноски, Новковци, Методиевци во Ново Село во Дебрца, Милевци и Танасковци во струшкото село Враништа, Толевци и Башевци се иселиле во охридско Пештани, Димовци во Македонски Брод, Николовци во кичевското село Патец[3]. Во градот Охрид бројни доселеници од Црвена Вода живеат во т.н. „Црногорска Населба“[3] (Радоица Новичиќ) и населбите во новиот горен дел на градот како 15-ти Корпус, Железничка, Лескајца, Петрино, Видобишта. Иселеници од Црвена Вода има и во Скопје, Битола, Велес, областа Банат во Војводина, Австралија.
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја (I. изд.). Скопје: Патрија. стр. 312. ISBN 9989-862-00-1.
- ↑ 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 3,11 3,12 3,13 3,14 3,15 3,16 3,17 3,18 3,19 3,20 3,21 3,22 3,23 3,24 3,25 3,26 3,27 3,28 3,29 3,30 3,31 3,32 3,33 3,34 Ф. Трифуноски, Јован (1992). Охридско-струшка област (српски). Српска академија наука и уметности. стр. 258-261.
- ↑ „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, стр.102-103.
- ↑ Кънчов, В. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, с.253
- ↑ Томе Саздов, Грива тресе, бисер рони (епска народна поезија). Скопје: Заштита, 1970, стр. 131-132.
- ↑ Кънчов, Васил. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, стр. 254.
- ↑ Brancoff, D.M. La Macédoine et sa Population Chrétienne. Avec deux cartes ethnographiques, Paris, pp. 164-165.
- ↑ Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 31.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2002 - Книга X
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ Русиќ, Бранислав. Дебрца-Црвена Вода. Архивски фонд на МАНУ АЕ 89/1.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
- ↑ „Пратеници“. Собрание на Македонија. Посетено на 2011-12-11.
- ↑ 22,0 22,1 Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том I, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
- ↑ 23,0 23,1 23,2 Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2017). Илинденски сведоштва. том IV, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
- ↑ {Наведена книга|title=Илинденски сведоштва. том IV, дел II.|author=Јасмина Дамјановска|author2=Ленина Жила|publisher=Државен архив на Република Македонија|author3=Филип Петровски |year=2017|isbn=|location= Скопје|pages=}}
Надворешни врски
уреди- Сателитска снимка на Црвена Вода на Карти на Гугл