Анархизамполитичка теорија која се залага за елиминација на задолжителната власт (државата) како непотребна, штетна и непосакувана и го поддржува укинувањето на сите политички, економски и општествени хиерархии.[1][2][3][4][5] Таквото општество за кое се залагаат анархистите, тие го нарекуваат анархија. Анархизмот може да се дефинира и како, став дека општеството може и треба да биде организирано без насилната држава. Анархизмот вообичаено е сметан за радикална левичарска идеологија.[6][7][8] Постојат многу типови и традиции на анархизам, не сите од нив се меѓусебно исклучиви.[9] Анархистите имаат различни ставови за економската и легалната организација на општеството: некои претпочитаат колективистички анархизам, анархосиндикализам или партиципаторна економија, додека други поддржуваат пазарна економија и приватна сопственост како мутуализмот, а други пак, како анархокомунистите предлагаат економија на подароци, т.е. „на секому според потребите“. Уште од 1890-тите во Франција терминот „либертеријанизам“ често се користел како синоним за анархизмот и тоа било така сè до 1950-тите кога во САД тој збор добива поинакво значење, но надвор од САД сѐ уште се употребува тој збор како синоним со анархизмот.

Општествени уредувања

Дел од темата Политика

Список на општествени уредувања

Комунистичка држава
Непосредна демократија
Претставничка демократија
Апсолутна монархија
Уставна монархија
Мешовито управување
Уставна република
Парламентарна република
Социјалистичка република
Капиталистичка република
Уставна република со елементи
на непосредна демократија
Портал Политика · уреди

Потекло

уреди

Модерниот анархизам, се раѓа од секуларната мисла на Просветителството, особено од аргументите на Жан Жак Русо за моралната централност на слободата.[10] Иако до XIX век зборот „анархист“ имаше комплетно позитивна конотација, сепак прво се појавува во англискиот јазик во 1642 за време на Ѓраѓанската војна во Англија како термин злоупотребен од страна на Ројалистите со цел да ги колнат оние кои правеле безредие. До Француската револуција некои, како Енраже, започнуваат да го користат терминот позитивно[11], во споротивност на Јакобинската централизација на моќта, сметајќи дека поимот „револуционерната влада“ е оксиморон. Од оваа клима Вилијам Годвин го разви, тоа што многумина го сметаат за првиот израз на модерната анархистичка мисла. Годвин беше, според Петар Кропоткин, „првиот кој ги формулираше политичките и економските концепции на анархизмот, и покрај тоа што не им го даде тоа име на идеите кои ги развиваше во својата работа“. Првиот што се нарече себеси анархист е Пјер Жозеф Прудон[12], со што наведе некои да го наречат основач на модерната анархистичка теорија[13]. Прудон предлагаше спонтан ред, каде што организацијата ќе се појави без централен авторитет, „позитивна анархија“ каде редот се јавува кога „секој го прави тоа што тој сака и само тоа што тој сака“ и каде „самите бизнис трансакции го произведуваат општествениот ред“. Како Годвин, така и Прудон се спротивставуваше на насилна револуционерна акција. Тој ја гледаше анархијата како „форма на власт или устав во кои јавните и приватните свесности, формирани преку развојот на науката и законот, се доволни за одржување на редот и гарантирање на сите слободи. Во тоа, како последица, институциите на полицијата, превентивните и репресивните методи, официјалноста, даноците, итн. се сведени на минимум. Во тоа, особено формите на монархија и интензивна централизација исчезнуваат, за да бидат заменети со федерални институции и шеми на живот засновани на комуната“. Под „комуна“, Прудон подразбираше локално самоуправување или според буквалниот превод, „општина“, наместо комунистичко уредување.

Анархистички школи

уреди

Индивидуалистички анархизам

уреди

Индивидуалистичкиот анархизам се состои од неколку традиции кои го заземаат ставот: „поединечната свест и потрагата на личниот интерес не треба да бидат ограничени од ниту едно колективно тело или јавен авторитет“. Индивидуалистичкиот анархизам се залага за тоа да сопственоста биде во приватни раце, за разлика од Социјалниот анархизам каде се предлага заедничка сопственост над средствата на производтсво. Индивидуалистичкиот анархизам е најзастапен во идеите на Вилијам Годвин, Хенри Дејвид Торо и Џосаја Ворен. Еден од најпознатите пропоненти на индивидуалистичкиот анархизам е Макс Штирнер, кој го напиша делото Егото и неговото себство во 1844. Штирнеровата филозофија беше егоистична форма на поединечниот анархизам, според која единственото ограничување на правата на поединецот е неговата моќ да задржи тоа што посакува, без да се зема предвид идејата за Бог, за државата или моралните правила. Штирнер предлагаше самонаметнување и предвидуваше „асоцијација на егоистите“ со почит кон грубоста што ја носеа луѓето со себе.

Мутуализам

уреди

Мутуализмот започнува во XVIII век во англиските и француските трудови движења пред да заземе анархистичка форма асоцирана со Пјер Жозеф Прудон во Франција и САД. Мутуалистичкиот анархизам накратко се залага за: слободно здружување, доброволни договори, федерација, кредитна и курсна реформа преку „банките на народот“. Фирмите би биле принудени да се натреваруваат за работниците, како и работниците да се натпреваруваат за фирмите, со што ќе се зголемуваат платите. Мутуализмот ретроспективно е окарактеризиран како идеолошки ситуиран помеѓу индивидуалистичките и социјалните форми на анархизмот. Прудон отпрвин ја опишал неговата цел како „трета форма на општеството, синтеза на комунизмот и сопственоста“.

Социјален анархизам

уреди

Социјалниот анархизам е другата половина на анархизмот. Терминот „Социјален анархизам“ се користи за да се идентификуваат комунитарните форми на анархизмот што ја нагласуваат соработката и заемната помош во општеството. Социјалниот анархизам се состои од колективистички анархизам, анархокомунизам, анархосиндикализам, општествена екологија и анархофеминизам.

Колективистички анархизам
уреди
 
Михаил Бакунин

Колективистичкиот анархизам (специфична тенденција која не треба да се помеша со широките категории на социјалниот анархизам, бидејќи често се прави споредбата на поединецот наспроти колективот) е револуционерна форма на анархизам често поврзувана со Михаил Бакунин и со Јохан Мост. За разлика од мутуалистите, колективистичките анархисти се спротивставуваат на сета приватна сопственост над средствата за производство, наместо тоа тие предлагаат дека сопственоста треба да се колективизира. Ова беше иницирано преку мали групи со помош на терористички мерки. Или Пропаганда преку дело, која ќе ги инспирира работниците како целина да се бунат и со сила да ги колективизираат средствата на производство. Сепак колективизацијата не треба да се прошири до дистрибуцијата на приходите, бидејќи работниците ќе плаќаат со времето со кое ќе работат, наместо да добиваат производи според нивните потреби како што е во анархокомунизмот. Иако колективистичките анархисти се залагаат за компензација на трудот, некои се држат за можноста на постреволуционерна транзиција во комунистички систем на дистрибуција според потребите. Колективистичкиот анархизам се појави истовремено со марксизмот, но се спротивставуваше на марксистичката „диктатура на пролетеријатот“, и покрај марксистичките цели на колективистичко бескласно општество.

Анархокомунистите предлагаат општество кое е составено од бројни самоуправувачки комуни со колективна употреба на средствата на производство и директна демократија како политичка организациска форма, и поврзување со останатите комуни преку федерација со што би се добило најслободна форма на општествено организирање. Сепак, некои анархокомунисти се спротивствауваат на просто-мнозинската демократија, и се залагаат за консензуална демократија.

 
Петар Кропоткин

Во анархокомунистичкото општество, поединците нема да примаат директен надомест за трудот, туку тие ќе имаат слободен пристап до ресурсите и вишокот на комуната. Според анархокомунистот Петар Кропоткин и подоцна Мјуреј Букчин, членовите на едно такво општество спонтано ќе го изведуваат сиот потребен труд, бидејќи тие ќе ги увидат придобивките на комуналната претприемчивост и заемната помош. Кропоткин сметаше дека приватната сопственост е една од причините на угнетување и експлоатација, и повикуваше на нејзино напуштање, предлагајќи заедничка сопственост.

Платформизмот е анархокомунистичка тенденција во традицијата на Нестор Махно кој сметаше дека постои „витална потреба од организација која ќе ги привлече сите учесници од анархистичкото движење и ќе се воспостави заедничка тактичка и политичка линија на анархизмот и оттаму ќе служи како водич на целото движење“.

Анархосиндикализам
уреди
 
Анархосиндикалистичко знаме

Во раниот дваесетти век анархосиндикализмот се појави како посебна школа во рамките на анархизмот. Со поголем фокус на трудовото движење одошто претходните форми на анархизмот, синдикализмот позиционира радикални синдикати како потенцијална сила за револуционерна општествена промена, заменувајќи го капитализмот и државата со ново општество, демократски самоуправувано од страна на работниците. Анархосиндикалистите сакаат да го напуштат системот на плати и приватната сопственост на средствата на производство, кои според нив водат кон класни поделби. Важни принципи на синдикализмот се работничката солидарност, директната акција (како генералните штрајкови и окупирања на работните места), и работничкото самоуправување. Анархосиндикализмот и другите гранки на анархизмот не се заемно исклучиви: анархосиндикалистите често се залагаат за анархокомунистички или анархоколективистички економски системи. Неговите адвокати предлагаат дека трудовото организирање е средство за создавање на нехиерархиско анархистичко општество внатре во сегашниот систем и на тој начин да се поттикне општествената револуција. Рудолф Рокер беше влијателен анархосиндикалистички мислител кој ги подвлече ставовите за потеклото на движењето во неговиот памфлет од 1938 Анархосиндикализам. И покрај тоа што најчесто движењето е поврзано со трудовите борби на раниот дваесетти век(особено во Франција и Шпанија), многу синдикалистички организации се активни денес, обединети преку националните граници со членство во Интернационалната работничка асоцијација.

Неодамнешни равиени школи на анархизмот(по 1960-тите)

уреди

Анархизмот продолжува да генерира многу еклектични и синкретични филозофии и движења; со заживувањето на анархизмот во 1960-тите, бројни нови движења се појавуваат и школи. Такви движења се анархофеминизмот, анархопримитивизмот, зелениот анархизам, постанархизмот и постлевичарскиот анархизам. Постлевичарскиот анархизам е тенденција која се дистанцира од традиционалната левица. Постлевичарите сметаат дека анархизмот е ослабен од неговите долги обиди да се спои со левичарските движења и повикуваат на синтеза на анархистичката мисла и особено антиавторитарно револуционерно движење надвор од левичарското миле. Постанархизмот е теоретски потег кон синтеза на класичната анархистичка теорија и постструктуралистичката мисла развиена од Сол Њумен и поврзана со мислители како Тод Меј, Џил Делеуз и Феликс Гаутари. Теоријата влече од широк спектар на идеи како автономизмот, послевичарскиот анархизам, ситуационизмот, постколонијализмот, запатизмот. Друга скорешна форма на анархизам, критична на формалните анархистички движења, е Востаничкиот анархизам кој се залага за неформална организација и активен отпор кон државата; дел од неговите пропоненти се Волфи Лендстрајхер и Алфредо Бонано. Анархокапитализмот не е дел од анархизмот бидејќи не е антикапиталистички настроен. Анархокапитализмот е екстремна верзија на неолиберализмот. Како што Национал-социјализмот не може да се смета за дел од социјализмот, така и анархокапитализмот не може да се смета за дел од анархизмот.

Анархофеминизам
уреди
 
Анархофеминистичко знаме

Анархафеминизмот е синтеза на радикалниот феминизам и анархизмот што го гледаат патријархатот (доминација на мажот над жената) како фундаментална манифестација на недоброволна хиерархија – на која анархистите се спротивставуваат. Анархафеминизмот беше инспириран во доцниот 19 век од записите на рано феминистичките анархисти како Луси Парсонс, Ема Голдман и Волтерин де Клер. Анархафеминистите, како и другите радикални феминисти, критикуваат и предлагаат напуштање на традиционалните сфаќања за фамилијата, образованието и половите улоги. Многу анархафеминисти се особено критични кон бракот, како на пример Ема Голдман која сметаше дека бракот е чисто економски договор... [жената] плаќа со нејзиното име, нејзината приватност, нејзината самопочит, нејзиниот живот. Анархафеминистите го гледаат патријархатот како фундаментален проблем во општеството и веруваат дека феминистичката борба против сексизмот и патријархатот е есенцијална компонента на анархистичката борба против државата и капитализмот. Л. Сузан Браун изрази дека „бидејќи анархизмот е политичка филозофија која се спротивставува на сите односи на моќ, тој е инхерентно феминистички“. Постоеја и неколку машки анархафеминисти како анархокомунистот Жосеф Дежак кој се спротивставува на Прудоновите антифеминистички сфаќања.

Зелен анархизам
уреди
 
Знаме на зелениот анархизам

Зелениот анархизам е школа во анархизмот која го акцентира развојот на природата. Примитивистичките и антицивилизациските анархисти се залагаат за враќање во пред-индустриското и пред-земјоделското општество. Тие ја критикуваат цивилизацијата од перспектива дека технологијата и развојот ги отуѓиле луѓето од природата. Оваа гранка на зелениот анархизам ги развива темите присутни во политичките акции на Лудитите и записите на Жан Жак Русо, и покрај тоа што примитивизмот се јавува кога влијанијата на теоретичарите од Франфуртската школа на маркситите Теодор Адорно и Херберт Маркузе беше во ек; како и антрополозите Маршал Салинс и Ричард Боршеј Ли. Зелените анархисти како Дерик Џенсен и Џон Зерзан се идентификуваат себеси како примитивисти, пропоненти на процес наречен „ре-подивување“ и враќање кон номадскииот живот на ловење и собирање храна. Други форми на зелениот анархизам целат само кон крај на индустриското општество и мора да значи дека се спротивставуваат на припитомувањето на животните и земјоделството. Непримитивстичките зелени анархисти како антропологот Брајан Морис, често влечат влијанија од општествената екологија на Мјуреј Букчин.

Анархизам без придавки
уреди

„Анархизам без придавки“, според историчарот Џорџ Ричард Есенвајн, „се однесува на форма на анархизам без тире, т.е. доктрина без квалификувачки етикети како комунистички, колективистички, мутуалистички или индивидуалистички. За другите, ...[тоа] беше разбрано како став со кој се толерира коегзистирањето на различните анархистички школи“. „Анархизмот без придавки“ ја потенцира хармонијата помеѓу различните анархистички фракции и се обидува да ги обедини околу нивните заеднички антиавторитарни верувања. Оваа позиција за првпат е заземена од страна на Фернандо Тарида дел Мермол во 1889 година како повик за толеранција, предизвикан од горчливите дебати помеѓу различните анархистички движења. Волтерин де Клер, Ерико Малатеста и Фред Водворт се дел од пропонентите на оваа форма на анархизмот.

Анархизмот како општествено движење

уреди

Анархизмот како општествено движење имаше често претрпено флуктуации во популарноста. Класичниот период, каде се демаркираат учителите е од 1860 до 1939 година и се поврзува со движењата на работничката класа од XIX век и со Шпанската граѓанска војна преку борбата протв фашизмот.

Првата интернационала

уреди

Колективистичкиот анархист Михаил Бакунин се спротивставуваше на марксовата цел за диктатура на пролетеријатот за сметка на универзален бунт и се поврза со антиавторитарците од Првата интернационала пред да биде исклучен од страна на марксистите. Интернационалната работничка асоцијација(позната како „Првата интернационала“) ги обединуваше различните револуционерни струи како француските следбеници на Прудон, Бланкистите, Филаделфијанците кои беа Слободни ѕидари(масони), англиските синдикати, социјалистите и социјалдемократите. За време на врските со активните работнички движења Интернационалата стана многу важна организација. Карл Маркс беше водечка фигура во Интернационалата и беше член на Генералниот совет. Прудоновите следбеници мутуалистите се спротивставуваа на марксовиот државен социјализам, предлагајќи политичка апстиненција и ситни приватни поседи. Во 1868 после неуспешното учество во Лигата за мир и слобода - ЛМС, Михаил Бакунин и неговите соработници се приклучија на Првата интернационала – каде тие одлучија не се мешаат со ЛМС. Тие станаа сојузници со антиавторитарните социјалистички секции на Интернационалата, кои предлагаа револционерно отфрлање на државата и колективизација на сопственоста. Отпрвин, колективистите работеа заедно со марксистите со цел да ја туркаат Интернационалата во пореволуционерна социјалистичка насока. Следствено, Интернационалата стана поларизирана од два кампуси, на едната страна водечка фигура беше Карл Маркс, а на другата Михаил Бакунин. Бакунин ги сметаше идеите на Маркс за авторитарни и предвидуваше дека, ако марксовата партија дојде на власт, само ќе ја замени владеачата класа со нова. Во 1872, конфликтот кулминираше со конечното делење на двата кампуси, кога на Хашкиот конгес, Маркс го испланира и спроведе исклучувањто на Бакунин и Џејмс Жилом од Интернационалата и го премести штабот на Интернационалата во Њујорк. Како одговор на ова, антиавторитарните секции формираа своја Интернационала на конгресот во St. Imer, усвојувајќи револуционенрна анархистичка програма.

Анархизмот и организираниот труд

уреди

Антиавторитарните секции на Првата интернациоонала беа предорганизации на анархосиндикалистите, кои бараат „замена на привилегиите и авторитетот на државата“ со „слободбна и спонтана организација на трудот“. Во 1907 на Меѓународниот анархистички конгрес во Амстердам се собраа делегати од 14 различни земји, меѓу кои важни фигури на анархистичкото движење, како Ерико Малатеста, Пјер Монат, Лујџи Фабри, Бено Бротшо, Ема Голдман, Рудолф Рокер, Кристијаан Корнелисен, итн. Различни теми беа третирани на конгресот, особено оние кои се однесуваа за организирањето на анархистичкото движење, образование на масите, генерален штрајк и антимилитаризам. Централна дебата беше: односот на синдикализмот со анархизмот. Малатеста и Монат се противеа за ова прашање, бидејќи Монат мислеше дека синдикализмот е револуционерен и би ги создал условите за општествената револуција, додека Малатеста сметаше дека синдикализмот само по себе не е доволен. Малатеста сметаше дека синдикатите се реформистички и дури на некои моменти и конзервативни. Заедно со Корнелисен, тој ги зеде за пример американските синдикати, каде тие се состоеја од квалификувани работници понекогаш спротивставени на неквалификуваните работници со цел да си ги одбранат нивните релативно привилегирани позиции. Шпанската работничка федерација во 1881 беше првото главно анархосиндикалистичко движење; анархистичките синдикати беа од особено значење во Шпанија. Најуспешен беше Confederación Nacional del Trabajo - CNT (Национална конфедерација на трудот: ЦНТ). ЦНТ беше поврзан со Интернационалната работничка асоцијација, федерација на анархосиндикалистички синдикати основана во 1922, со делегати кои претставуваа 2 милиони работници од 15 земји од Европа и Јужна Америка. Најголемото организирано анархистичко движење денес се наоѓа во Шпанија, во форма на Confederación General del Trabajo (CGT) и CNT. CGT членството беше проценето околу 100 000 во 2003 година. Други активни синдикалистички движења се Работничката солидарна алијанса на Соединетите држави и Солидарната федерација на Обединетото кралство. Револуционерната индустриска унија Индустриски работници од светот има 2000 членови, а Интернационалната работничка асоцијација, анархосиндикалистички наследник на Првата интернационала е исто така активна.

Руската револуција

уреди

Анархистите учествуваа заедно со болшевиците како и со другите левичарски движења во Февруарската и Октомвриската револуција, каде многу анархисти првенствено го поддржаа болшевичкиот пуч. Сепак, болшевиците наскоро се свртеа против анархистите и другите левичарски струи, конфликт кој ќе кулминира во 1921 со Кронштатскиот бунт. Анархистите во Централна Русија беа или затворени или избркани во подземјето или им се приклучија на победоносните болшевици. Во Украина, анархистите поведоа граѓанска војна против Белите, а потоа и против болшевиците како дел од Револуционерната востаничка армија на Украина предводена од Нестор Махно, кој се обиде да воспостави анархистичко општество во регионот на неколку месеци.

Избрканите анархисти Ема Голдман и Александар Беркман беа дел од оние кои агитираа во одговор на болшевичката политика и на угушувањето на Кронштатското востанание, пред да ја напуштат Русија. И двајцата направија записи за нивните искуства во Русија, критикувајќи ја количината на контрола кои ја спроведуваа болшевиците. За нив, предвидувањата на Бакунин за последиците од Марксовата „диктатура на пролетеријатот“ се покажаа како точни.[14] Победата на болшевиците во Октомвриската револуција и резултирачката граѓанска војна беа силни удари за анархистичкото движење ширум светот. Многу работници и активисти го видоа болшевичкиот успех како пример кој треба да се следи. Комунистичките партии станаа многу големи за сметка на анархизмот и другите социјалистички движења. Во Франција и САД, на пример, одредени членови на CGT и IWW ги напуштија организациите за да се придружат на Комунистичката интернационала. Во Париз, групата Дело Труда составена од руски анархисти во егзил, меѓу кои беше и Нестор Махно, заклучија дека анархистите имаа потреба од нови форми на организирање како одговор на структурите на болшевизмот. Нивниот манифест од 1926 е наречен Организациска платформа на генерланиот сојуз на анархисти, кој беше поддржан од некои комунистички анархисти, но сепак и одбиен од многу други.[15] Платформистички групи денес се Работничко солидарно движење во Ирска и североисточна федерација на Анархистички комунисти во Северна Америка.

Борбата против фашизмот

уреди

Во 1920-тите и во 1930-тите, растот на фашизмот во Европа го трансформираше анархистичкиот конфликт со државата. Италија ги виде првите борби помеѓу анархистите и фашистите. Италијанските анархисти одиграа клучна улога во антифашистичката организација Arditi del Popolo, која беше најсилна во областите со анархистички традиции и забележаа бројни победи, вклучувајќи го одбивањето на Црните кошули во анархистичкото јадро во Парма, Август 1922. Во Франција, каде крајно десните лиги дојдоа скоро до востание во немирите од Февруари 1934, анархистите беа поделени околу политиката за Обединет фронт. Во Шпанија ЦНТ првично одби да се приклучи на народниот фронт на изборната алијанса и апстиненцијата од изборите на ЦНТ доведе до победа на десницата. Но во 1936, ЦНТ ја смени позицијата и анархистичките гласови помогнаа да победи народниот фронт. Месеци подоцна, владејачката класа одговори со обид за пуч, и Шпанската граѓанска војна (1936-1939) започна. Како одговор на бунтот од армијата, движење на селани и работници инспирирани од анархистички идеи, поддржани од вооружени милиции, ја заземаа Барселона и големи делови од рурална Шпанија каде тие ја колективизираа земјата. Но, пред евентуалната фашистичка победа во 1939, анархистите ја губеа борбата од страна на Сталинистите, кои ја контролираа дистрибуцијата на воената помош за Републиканската кауза од страна на Советскиот Сојуз. Според Џорџ Орвел и други набљудувачи, трупите предводени од сталинистите ги задушија колективите и ги прогонуваа пристојните марксисти и анархисти.[16]

Внатрешни прашања и дебати

уреди

Анархизмот е филозофија која ги втемелува во себе многу ралични, хетерогени ставови, тенденции и школи на размислувања; и како таков, постојат несогласувања за одредени прашања кои се од вредност, како идеолошки така и тактички гледано. Компатибилноста на капитализмот со национализмот и религијата со анархизмот е широка тема. Слично на тоа анархизмот има комплексни врски со идеологиите како Марксизмот, комунизмот и анархокапитализмот. Анархистите може да бидат мотивирани од хуманизмот, божествен авторитет (на пример христијанскиот анархизам), просветителен самоинтерес или било кои други алтернативни етички доктрини. Феноменот како цивилизацијата, технологијата, демократските процеси може остро да се критикуваат внатре во анархистичките тенденции, но и симултано да се бранат. Анархистичките ставови кон расата, полот и околината се сменија значително споредено со почетоците на оваа политичка филозофија. На тактично ниво, додека Пропаганда преку дело беше тактика на анархистите од 19-ти и 20 век (на пример Гемиџиите, Нихилистичко движење), современите анархисти предлагаат најразлични методи како ненасилство, контраекономија, антидржавна криптографија и др. за воспоставување на анархистичко општество. Разновидноста на анархизмот доведе до различно употребување на идентични термини помеѓу анархистичките традиции.

Симболи на анархизмот

уреди
 
Кружно А, најпрепознатлив симбол на анархизмот
 
Црно знаме, традиционален симбол на анархизмот

Класичниот и оригиналниот анархистички симбол е црното знаме кое почнало да се користи уште од 1880 година. Бојата била избрана затоа што претставувала негативност на сите бои, всушност била анти-боја. Претставувала и негација на сите знамиња и симболи на национални држави, идеологии и движења. Пред да го користат Црното знаме анархистите го употребувале Црвеното знаме.

Друг симбол кој се појавил на почетокот на XX век е кружното А. Потеклото на симболот сè уште не е јасно, но сепак претставува една од најуспешните слики во полето на политичката симболизација. Многу понов симбол за анархизам е Libertatis AEquilibritas овој симбол ја претставува суштинската вредност на индивидуалистичкиот анархизам.

Овие симболи се примарни и најчесто употребувани од анархистите. Сепак постојат различни анархистички групи низ историјата кои развиле свои симболи.

Наводи

уреди
  1. Malatesta, Errico. „Towards Anarchism“. MAN!. Los Angeles: International Group of San Francisco. OCLC 3930443.
  2. Agrell, Siri (2007-05-14). „Working for The Man“. The Globe and Mail. Посетено на 2008-04-14.
  3. „Anarchism“. Encyclopædia Britannica. Encyclopædia Britannica Premium Service. 2006. Посетено на 2006-08-29.
  4. „Anarchism“. The Shorter Routledge Encyclopedia of Philosophy: 14. 2005. Anarchism is the view that a society without the state, or government, is both possible and desirable.
  5. Slevin, Carl. "Anarchism." The Concise Oxford Dictionary of Politics. Ed. Iain McLean and Alistair McMillan. Oxford University Press, 2003.
  6. Brooks, Frank H. (1994). The Individualist Anarchists: An Anthology of Liberty (1881–1908). Transaction Publishers. стр. xi. .
  7. Joseph Kahn (2000). „Anarchism, the Creed That Won't Stay Dead; The Spread of World Capitalism Resurrects a Long-Dormant Movement“. The New York Times (5 август).
  8. Colin Moynihan (2007). „Book Fair Unites Anarchists. In Spirit, Anyway“. New York Times (16 април).
  9. Sylvan, Richard (1995). „Anarchism“. Во Goodwin, Robert E. and Pettit (уред.). A Companion to Contemporary Political Philosophy. Philip. Blackwell Publishing. стр. 231.
  10. "Anarchism", Encarta Online Encyclopedia 2006 (UK version).
  11. Sheehan, Sean. Anarchism, London: Reaktion Books Ltd., 2004. p. 85.
  12. Daniel Guerin, Anarchism: From Theory to Practice (New York: Monthly Review Press, 1970).
  13. Daniel Guerin, Anarchism: From Theory to Practice (New York: Monthly Review Press, 1970)
  14. Кронштатскиот бунт. Александар Беркман[мртва врска]
  15. „Организациска платформа на Генералниот сојуз на анархисти. Група Дело труда(1926)“. Архивирано од изворникот на 2009-06-03. Посетено на 2009-07-06.
  16. Во знак на почит на Каталонија. Џорџ Орвел.

Надворешни врски

уреди
Македонски
Англиски