Петар Кропоткин
Оваа статија можеби бара дополнително внимание за да ги исполни стандардите за квалитет на Википедија. Ве молиме подобрете ја оваа статија ако можете. |
Петар Алексеевич Кропоткин (руски: Пётр Алексеевич Кропоткин; 9 декември 1842 - 8 февруари 1921) — руски географ[1][2][3][4], економист[5], активист[6], филолог[7], зоолог[8], еволуциски теоретичар[9], филозоф, писател [10] и еден од најпознатите анархисти[11]. Тој, исто така бил еден од најважните теоретичари на анархокомунизмот. Поради неговата титула принц, тој меѓу анархистите е познат како „Анархистичкиот принц“.
Петар Кропоткин | ||
Роден | 9 декември 1842 Москва, Русија. | |
---|---|---|
Починал | 8 февруари 1921 Дмитров, СССР. | |
Занимање | Анархистички револуционер, географ, зоолог и политички есеист. |
Има напишано многу книги, памфлети и други дела, но меѓу најзначајните се издвојуваат Освојувањето на лебот[12], Полиња, фабрики и работилници[13], неговото научно дело Заемна помош: фактор на еволуцијата[14], како и неговото последно (недовршено) научно дело Етика, за кое пред својата смрт успеал да го заврши само првиот том Етика: потекло и развој[15].
Хронологија на животот на Кропоткин
уреди1842: Петар Кропоткин е роден на 9 декември како син на Алексеј Петрович Кропоткин и Екатерина Николаевна Сулима. Алексеј бил релативно богат армиски офицер со благородна линија (Петар всушност бил принц). И покрај армиската дисциплина која ја одржувал дома, кариерата на Алексеј не била претерано успешна. Алексеј ја сретнал Екатерина за време на воен судир во 1831 година. Тие имале четири деца: Николај (1834), Јелена (1835), Александар (1841) и Петар (1842). Екатерина како ќерка на козачки армиски офицер била уметнички надарена личност која уживала во читање, пишување и сликање. Петар останува близок со Александар и Екатерина во текот на целиот свој живот.
1846: Мајката на Петар умира од туберкулоза. Тоа предизвикува децата да се грижат за себе, наместо нивниот строг татко да го прави тоа. Иако и Петар и Александар биле премногу млади за да се сеќаваат многу на нивната мајка, сепак тие ќе чувствуваат голема приврзаност кон неа низ текот на нивните животи.
1848: Таткото на Петар се оженил повторно (по барање од неговиот командант) со Елисавета Марковна Корандино. Елисавета предизвикувала многу немири во куќата на Петар. Таа била агресивна, доминантна жена, која се обидувала да ги избрише сите траги од починатата мајка на Петар. Овие дејствија предизвикале поголемо оддалечување на децата од својот татко.
1853: Николај го напуштил својот дом за да служи во Кримската војна. Тој го напуштил Петар токму во оние мигови кога личноста на Петар се оформувала, така што тој немал големо влијание во понатамошниот дел од животот на Петар. Според Петар, тој ја искористил првата можност на која наишол за да го напушти семејството. Тој имал најлоши односи со својот татко, во споредба со другите деца. Дури и откако Николај го добил крстот за храброст на св. Ѓорѓија и бил унапреден во офицер, односите со татко му останале ладни. По војната Николај имал проблем со пиењето алкохол со што бил отстранет од армијата и бил преместен во манастир, од каде избегал и повеќе за него не се слушнало.
1856: Александар го напуштил домот за да живее при Московскиот кадетски корпус. Петар и Александар поминале бројни дни заедно од нивниот заеднички живот. Таа празнина предизвикана од отсуството на Александар била пополнета од Николај Павлович Смирнов кој бил тутор по руски на Петар. Голем дел од интелектуалниот развој на Петар бил инспириран од Смирнов. Овој период Петар се запишал во Првата московска гимназија. Тој не бил многу импресиониран од училиштето, чувствувал дека „сите предмети се предаваат на бесчувствителен начин“. Дел од проблемот бил и учењето на Петар во група. И покрај сето тоа Петар успеал да добие висока оценка по Геометрија и со задоволство изучувал Историја и Географија.
1857: Во август оваа година Петар се запишува во Corps of Pages. Можеби поради несогласувањата со својот татко Петар отворено се спротивставувал на сите форми на авторитет во корпусот. Петар поради различните интереси тешко се сложувал со своите соученици. Наместо да се претопи во дел од групата, Петар поминувал голем дел од времето читајќи книги, пишувајќи писма и водење на дневник. За сето тоа време Петар многу се зближува со Александар преку писмата кои си ги праќале.
1858: Според забелешките на Петар, тој во ова време станал многу заинтересиран во политичка економија и статистика. Тој дури и правел посериозни истражувања на Николскиот панаѓур со цел да развие статистичка анализа на сите производи кои биле купени и продадени заедно со нивните цени. Додека неговите намери во тој момент биле да развие подобри познавања во статистиката, сепак ова искуство ќе придонесе нешто многу поважно како што бил контактот со селаните.
1861: Ова е периодот кога руското селанство се еманципира. Таа акција влијаела многу декади нанапред врз социо-економските услови на Русија. Петар силно го поддржувал овој потег и чувствувал симпатии кон царот Александар II, бидејќи сметал дека тоа е само доказ за тоа дека царот е голем реформатор. Во истата година Петар научил како е да се изгуби слободата. Корпусот добил нов помошник директор кој ги отстранил сите бенефиции на постарите ученици. Како резултат на учеството во протестите Петар поминал неколку недели во затворот на корпусот. Ова било првото искуство во револуционерно бунтување на Петар. И покрај судирите со авторитетот, Петар успеал да ја заврши последната година како прв во класот. Поради тоа бил назначен за page de chambre на императорот. Тоа претставувало значаен чекор за кариерата во армијата. Во таа позиција Петар поминувал многу време извршувајќи општествени функции на дворот. Со текот на времето извршувајќи ги тие функции, Петар изгубил многу доверба во царот. Кога направил споредба на дворот со работата и животните услови на селаните што ги видел на Николскиот панаѓур, Петар не можел повеќе да го почитува царот.
1862: Со наближувањето на матурата, Кропоткин започнал да размислува за својата иднина. Поради неговиот интерес во математиката, тој сериозно размислувал за да се запише во Артилериската академија. Сепак поради разочарувањето од власта, тој одлучил да не се запише таму. Тој се гледал себеси на позиција каде би можел да влијае на општествените услови, а со тоа да им помогне на пониските класи во руското општество. Едно од местата во Русија каде што би можел да влијае, според него било Сибир. Петар наишол на отпор од татко му и од соучениците поради локацијата, но поради херојските подвизи за време на пожар во Apraksin Palace, тој конечно успеал да добие служба во Сибир. Ова ја обележа една цела декада на шетање на Петар. Кога пристигна во Сибир, во октомври, Петар се најде под команда на генерал Кукел. Неговите задачи беа токму онакви на какви Петар се надеваше. За Петар, Кукел претставуваше либерал и реформатор кој започнуваше да прави значителни промени во Русија. Една од првите задачи на Петар во Русија беше да служи како секретар на затворски реформски комитет. На закажани посети на затворот, комитетот беше сведок на бедни услови. Множество на предложени реформи беа испратени до Петроград. За жал, препораките беа игнорирани во најголем дел. Петар сепак беше длабоко погоден од нечовечноста што тој ја виде во затворите. Во ноември 1862, Петар беше испратен да ги истражува активностите на униформирано лице со име Маркович. Постоеја претходно извештаи дека Маркович ја злоупотребувал моќта со ограбување и тепање на селаните. Во разговор со селаните под власт на Маркович, Петар собра доволно докази за отстранување на Маркович од неговата позиција. Петар горчливо се разочара од настаните што следуваа после ова отпуштање. Маркович беше во роднинска врска со управителот на Иркутск, Жуковски. Тој ја искористил неговата моќ за да го назначи Маркович на повисока позиција од претходната, во друга провинција. Ова придонесе уште поголемо отрезнување за Петар во однос на власта.
1863: Тоа разочарување стануваше се' поголемо при понатамошниот престој во Сибир. Во февруари, на Кукел му беше наредено да се пријави во Иркутск од страна на Жуковски. Се покажало дека Кукел бил замешан во бегството на Михаил Бакунин од Сибир. Згора на тоа обвинение, Жуковски не се согласуваше со симпатичните манири со кои Кукел се однесуваше спрема затворениците. Како резултат на овие обвинувања, Кукел беше отстранет од неговата позиција. За Петар беше разбирливо дека системот им овозможува на луѓе како Маркович и Жуковски да останат на власт, додека таквите како Кукел беа отстранувани од нивните позиции. Со цел да избега од неговото работно место привремено, Петар волонтираше да работи на товарен брод на реката Амур. Ресурсите кои се наоѓаа на товарниот брод беа суштински за опстанокот на неколку села долж реката Амур. Ова патување му овозможи на Петар да избега од разочарувањата и обврските што тој ги имаше во Сибир. За време на патувањето, неговиот дневник кажува дека бил прилично среќен што бил опкружен со природа. За жал, за време на една бура, сите 43 товарни брода беа изгубени. Додека се враќаше назад имаше прилика да види како навистина живеат луѓето во селата. Тој исто така го забележа и големиот план на власта: прогонетите во Сибир беа ставени на работа и со малку среќа тие би станале одлични работници. Во реалноста овие луѓе беа присилени да живеат како робови. Петар сфати дека планот на власта нема никогаш да се оствари. Поради вредноста на загубените товарни бродови, Петар требаше лично да се појави во Петроград во ноември. Тој се надеваше дека ќе ги убеди одговорните лица да ги подобрат бродовите на реката Амур со цел да се избегнат идните незгоди. Сепак тој не направи речиси никаков напредок со бирократијата на Петроград. И после толку напори, министерот за војна, Милутин, конечно го сфати сериозно Петар. Тој побара од Петар да развие формален извештај за незгодата и за предлогот за подобрени бродови за министерството. Петар ќе дознае многу подоцна дека неговите предлози не беа воопшто имплементирани.
1864: Во јануари, Петар се врати во Сибир мислејќи дека конечно почнал да напредува. Пред неговото заминување тој беше назначен за одговорен за специјални мисии во Источен Сибир. Тој со себе ја понесе книгата За слободата од Џон Стјуарт Мил. Кога пристигна во Иркутск во февруари, тој започна да ја критикува власта преку написи во различни публикации. Тој повикуваше на проучување на регионот околу Амур така што владините одлуки нема повеќе да ги повредуваат жителите од тие области. И покрај тоа што овие критики го привлекоа вниманието на многу одговорни лица во Сибир, сепак не се спроведе ниедна дисциплинска мерка над него. До мај, Петар стана толку незадоволен со својата работа што размислуваше за отказ. Сепак, не знаеше во која област да се насочи ако се откаже. Како што се повлекуваше сè повеќе од владините активности, се појави друга можност за него. Му беше понудена можноста за присуство на географско патување во Манџурија. Географијата отсекогаш го интересирала, така што тој радо ја прифати понудата. Тој се подготви за експедицијата така што го прочита целиот материјал достапен за таа област. Дневникот на Петар за јуни и јули (кога беше во Манџурија) покажува дека уживал во географската работа.
1865: Петар се посвети целосна на географската работа во оваа година. Оваа работа ќе го му донесе слава во географската заедница. Таа исто така му помогна да заборави на маките со кои се соочуваа луѓето од неговата земја.
1866: Во оваа година Петар конечно заклучи дека треба да ја напушти војската. Оваа одлука ја донесе поради два настани. Првиот настан се случи кога Петар ги посети Лена рудниците за злато за време на една експедиција. Условите беа уште полоши од оние покрај реката Амур. Серија од писма до неговиот брат сведочат за шокот на Петар за тоа на каков начин беа третирани работниците. Тој предлагаше дека единствен начин за да се промени оваа состојба е драстично да се промени постојниот систем. Вториот настан се случи во јуни. Група на полски бегалци подготвија востание со надеж дека ќе избегаат во Кина. Сибирската администрација брзо се снајде со ситуацијата со тоа што ја испрати армијата. Армијата го врати поредокот и петтината водачи на востанието беа стрелани. Со оглед на тоа каква беше состојбата во Лена рудниците, Петар имаше разбирање за тоа зошто Полјаците се обидоа да избегаат. Понатаму, тој не можеше да го оправда употребувањето на армијата за задушување на бунтот што реално не претставуваше закана за никого. Во наредните неколку месеци Петар се посвети на читање, проучувајќи ги делата на Мил, Ренан, Хајне, Херцен и Прудон.
1867: Во април, Петар конечно го напушти Иркутск и се врати во Петроград. И покрај тоа што Петар ја напушти воената служба, Петар не можеше да се натера да ја напушти владината служба. Тој стана член на Централниот статистички комитет. Оваа позиција бараше малку работа што му овозможи на Петар да се сконцентрира на работата во Географското друштво. Тој исто таа се запиша и на универзитет, но не ги задоволуваше финансиските барања за да добие диплома.
1868-1870: Петар се фокусираше на географската работа.
1871: Таа есен таткото на Петар почина. Неговиот татко имаше голема контрола врз животот на Петар. Кога тој почина, Петар конечно ја зема контролата над својот живот. Во тој момент, Петар се откажа од неговата позиција во цивилната служба. Империјалното географско друштво му ја понуди позицијата на секретар (голема чест за човек на тие години). Петар гледаше на кариерата во Друштвото како бесполезна и тој ја одби понудата. Петар стана заинтересиран во работничкото движење за време на Француско-пруската војна поради покритието во весниците за Париската комуна. Во овој период на промени во неговиот живот, Петар планираше да отпатува во странство за да научи повеќе за работничкото движење.
1872: Во февруари Петар ја напушти Русија за да отпатува во Швајцарија. По пристигнувањето во Цирих, Петар веднаш се приклучи на локалниот кружок од Интернационалата. Му беше дадена социјалистичка литература што беше недостапна во Русија. После читање на бројни дела за социјализмот, Петар продолжи со проучувањето на темата со тоа што патуваше низ цела Швајцарија за да ги прашува познатите социјалистички водачи од тоа време. Тој започна да присуствува на работнички состаноци на Интернационалата (наместо на состаноци на водачите). Во март еден пријател на Петар му предложи да ги посети центрите на Јура федерацијата во Нешател. Во Нешател, Петар се сретна со Жилом, еден од најблиските соработници на Бакунин. Петар доби позитивен впечаток и за Жилом и за Јура федерацијата. Фасциниран од недостаток од организација во федерацијата, тој посака да ја види во акција. За да се види со самите работници од Јура, Петар отпатува до Зонвилир каде се запозна со уште еден водач на Јура федерацијата, Адемар Швицгуебел. Тој го запозна Петар со работниците од регионот, кои повеќето беа часовничари. Изолираноста и самодоволноста на работниците го импресионираа Петар. Тој виде заедница на работници што беа успешни во работата на нивниот сопствен интерес. Токму во овој момент од неговиот живот тој почувствува дека стана анархист. Тој дури и размислуваше да остане во Швајцарија како дел од Јура федерацијата. Жилом го убеди дека тоа е непрактично. Една од најголемите иронии на ова патување е дека и покрај тоа што беа на многу блиско растојание, Петар Кропоткин никогаш не се сретна со Михаил Бакунин. Тогаш можеби беше најдобрата можност, но поради најразлични причини, Петар не отпатува до Локарно да се сретне со Бакунин. Двајцата најпроминентни руски анархисти никогаш не се сретнаа. Кога тој се врати во Русија во мај, Петар со себе понесе голема колекција на социјалистичка литература која беше „безусловно забранета со цензура“. Тоа беше неговиот прв субверзивен акт против државата. Тој ризикуваше многу со тој потег, со цел да ги сподели овие дела со неговиот брат. Охрабрен делумно од оваа литература Александар отпатува до Швајцарија за да се сретне лично со социјалистите. Како резултат на тоа патување, тој ја зазема страната на Лавров. Оваа страна беше соперничка во однос на онаа каде се наоѓаше Петар. За среќа, не се предизвика многу заострувања помеѓу браќата. Заземањето на страните го рефлектираше карактерот на браќата поединечно. По неговото враќање, Петар беше нестрплив да ги сподели неговите новости со другите. Сепак материјата на темата ја правеше таа активност мошне ризична. Петар мораше да најде група на луѓе на кои може да им верува. Тој ја најде таа доверба во Кругот на Чајковски, група формирана за ширење на револуционерна свест низ Русија. Тој имаше тешкотии при вклучувањето во оваа група. Тој поседуваше поинакви идеолошки погледи од неколку водачи во Кругот и тој веќе беше седум до десет години постар од повеќето членови од кругот. Некои од нив сметаа дека тој би бил неспособен или неволен за целосно да придонесува кон каузата на Кругот.
1873: Петар покажа на Кругот дека грешат за него, со неговата работа во комитетот „Книжно дело“. Овој комитет беше формиран за промена на типот на социјалистичка литература достапна до селаните. До тоа време само интелектуалните пристапи беа заземани. Кругот на Чајковски почувствува дека овој тип на литература нема да ги охрабри селаните да се побунат. Наместо тоа, ним им беше потреба литература во која им успешни примери на револти на масите. Самото пишување на овие памфлети мора да биде екстремно едноставно, поради недостигот на образование помеѓу работничката класа. Овие памфлети беа добро примени од селаните и евентуално власта ги прогласи за „екстремно опасни“ и ги забрани. Петар имаше одговорност за пишување на овие памфлети, но тој имаше и големо влијание врз развојот на комитетот. До летото Петар беше вклучен и во други проекти во Кругот. Сепак, кога тој продаде дел од имотот, тој одби да даде пари на Кругот, акт што разлути многумина. Постоеше и понатамошна тензија за прашањата околу тоа дали Кругот треба да заземе страна помеѓу борбата за моќ на Бакунин и Лавров. Петар сметаше дека заземањето на страната со Лавров (како што многумина од кругот сакаа) би било негација на досегашниот нивни напредок во сеењето на семето на револтот на работниците. Петар стана многу инволвиран со самите работници преку активностите на „Работно дело“ во кругот. Вклучувањето во овој комитет бараше од Петар да држи предавања на работничките групи. Честопати тој ќе се облече како селанец наречен Бородин со цел да ја избегне полицијата како и да воспостави подобри односи со селаните (неговиот најголем аудиториум). Поради сето тоа и неговата изложеност на работничката класа претходно, Петар имаше многу поголем успех одошто другите предавачи. Тој многу уживаше да биде директно инволвиран со работниците и забележуваше каков впечаток имаа неговите зборови над нив. Тие се надеваа дека тие предавања евентуално ќе им овозможат на работниците да се обединат и да го отфрлат постојниот систем на владеење.
1874: Пред да ги комплетираат нивните цели, Кругот на Чајковски имаше заостанување. Во март, на еден апартман на еден нивен студент, му беше извршена рација од страна на полицијата. Таму полицијата пронајде копии од револуционерниот манифест чиј автор беше П. А. Кропоткин. И покрај тоа што овој манифест беше првата политичка изјава на Петар, полицијата заклучи дека тој е водач на целото „Движење во народот“. Кога Кропоткин дозна за ова откритие, тој веднаш започна да прави планови како да ја напушти земјата. Сепак, пред да замине, Петар сакаше да презентира труд на Географското друштво. Тој се спакувал, за да може да тргне веднаш по завршувањето на презентацијата. Трудот беше прифатен и изгледаше дека Петар ќе замине веднаш. Како што влезе во таксито, тој беше пресретнат со друго такси полно со работници. Петар помисли дека работниците избегнале апсење од полицијата и тој веднаш излезе со цел да им помогне и да разговара. Но штом излезе од таксито, од кај работниците се појавија полицајци и го уапсија Петар, не како принцот Петар Кропоткин, туку како Бородин, селанец, анархист.
Додека Петар го предаваше својот труд, полицијата направила рација во неговиот стан. Внатре тие ги најдоа дневникот на Петар, многу од неговите книги и записи, и сите од нив служеа како докази. Петар беше долго испрашуван долго време, но тој одби да даде какви било информации. Полицијата евентуално поткупи работници за да сведочат против Петар. Со помош на тие сведочења Петар беше преместен во озлогласената тврдина Петар и Павле во месец Април.
Условите во тврдината беа екстремно сурови. Ќелиите беа дупки и беа неудобно топли. Затворениците беа разделени, така што Петар поминуваше недели без да оствари човечки контакт. Пишувањето беше забрането во затворот, што беше навистина сурова казна за еден интелектуалец како Петар. Постоеја две активности што му овозможуваа да си го сочува здравиот разум, читање и вежбање. Поголемиот дел од тоа што Петар го читаше таму беше наука и историја, книги носени од неговата сестра и брат. Му беше дозволено да шета секој ден во дворот на затворот. Но времето за шетање беше кратко. Тој поминуваше многу време шетајќи наоколу во неговата ќелија.
Академските и семејните контакти на Петар евентуално почнаа да делуваат врз начинот на неговиот третман во тврдината. Во септември, Географското друштво ги убеди одговорните лица од затворот да му дадат специјална дозвола на Петар да може да пишува и да работи на неколку географски трудови неколку часа во денот. Резултатот на тоа беше огромна студија на ледничките периоди која беше публикувана во 1876.
1875: До средината на оваа година беа уапсени повеќе политички затвореници и тврдината беше полна. Тишината која постоеше кога Петар пристигна во затворот сега беше нарушена. Затворениците си измислија систем на комуницирање преку тропање. Во меѓувреме Петар доби неочекувана посета. Едно попладне Големиот кнез Николај Николаевич. Братот на царот, влезе во ќелијата на Петар сосема ненајавено. Тоа беше акт без преседан. Големиот кнез дојде да се види со Петар со цел да разбере зошто човек со таков благороден статус како што има Петар би се вклучил во револуционерното движење. Средбата не помина најдобро бидејќи не се сакаа и чувствуваа и двајцата дека другиот претставува опасност за општеството. Големиот кнез ја напушти ќелијата без понатамошни обиди да ги разбере причините на Петар.
На крајот од оваа година, Петар започна да губи надеж. Испрашувањата продолжуваа, полицијата ги употребуваше сите средства за да го натера Петар да признае. Во ова време неговото здравје почна да се влошува. Дупката, топлите услови во неговата ќелија придонесоа Петар да добие ревматизам. Во декември, Министерството за правда издаде наредба, Петар да се премести во Куќата за казни во Петроград, бидејќи се наближуваше неговото судење. Петар помина 21 месец во тврдината Петар и Павле.
1876: Откако Петар беше преместен во Домот за казни, неговите услови за живот се подобрија. Ова беше така бидејќи тоа беше, според зборовите на Петар, „големо место за фалење на странските посетители“. На Петар сега му беше дозволено слободно да комуницира со пријатели и роднини. И покрај подобрените животни услови, здравјето на Петар продолжи да се влошува. Неговата нова ќелија беше помала од онаа во тврдината Петар и Павле (околу 120 cm широка), и Петар добиваше вртоглавици кога сакаше да ја продолжи неговата рутина на шетање внатре во ќелијата. По кратко време тој почна да пати од клаустрофобија.
Неговата сестра многу се загрижи за неговото здравје. Таа успеа да убеди еден доктор да предложи Петар да биде преместен во Воена болница, сè додека не било подобрено неговото здравје. Во Мај, тој конечно беше преместен во Воената болница на Петроград. Ова беше значајно од неколку причини. Прво, Петар конечно го доби потребниот третман за подобрување на неговото ментално и физичко здравје. Набрзо тој почна да заздравува. Сепак, тој не дозволи тоа да им стане јасно на докторите. Тоа не води до втората причина на значењето на преместувањето на Петар во болницата; обезбедувањето беше минимално. Петар започна да работи на план за бегство.
До крајот на јуни, Петар имаше добро разработен план за бегство кој го правеше за време на неговите секојдневни прошетки во дворот на болницата. Многу други луѓе беа вклучени во одвлекувањето на вниманието на стражарите, што би му овозможило на Петар безбедно да се качи во кочија за бегство. Но, на денот на бегството се случи катастрофа. Неговиот соучесник не успеа да најде црвени балони кои би биле користени за сигнал дека се е во ред за бегството. Бегството не се случи тој ден, за среќа на Петар. Колона од селски колички го блокираа патот по кој Петар требаше да избега тој ден. Доколку Петар се обидел да избега тој ден, сигурно би бил фатен.
За време на следните 24 часа, пријателите на Петар работеа ревносно да смислат нов план. После толку многу работа, тие ги направија потребните измени во првичниот план на Петар. Остана само еден проблем, требаше да му ги пренесат промените на Петар. Тоа беше спроведено со помош на скриен план внатре во еден часовник. Потоа, еден од блиските пријатели на Петар, го посети, му го даде часовникот како подарок. На Петар му беше кажано да го разгледа часовникот многу внимателно. Тој го стори тоа и го најде скриениот план. Така Петар го дозна новиот план. Следниот ден се помина според планот. Петар избега и ниеден од неговите соучесници не беше фатен. Таа ноќ групата славеше во еден од најдобрите ресторанти на Петроград. Тие претпоставија (точно) дека полицијата никогаш не би ги барала таму. Следниот ден Петар ја напушти Русија преку Финската граница. Од Финска тој со брод замина за Англија.
Првите неколку месеци во Англија Петар ги искористи за воспоставување на контакти. Неговата главна цел беше да го контактира Жилом дека сака повторно да работи за Јура федерацијата. Жилом беше воодушевен од тоа и го замоли Петар да започне да пишува за Bulletin de la Federation Jurassienne. Тој исто така помина некое време пишувајќи и за Империјалното географско друштво. Сепак неговите примарни интереси лежеа во работничкото движење.
1877: Во јануари, Петар замина од Англија за да живее во областа на Нешател, Швајцарија, така што би можел да го посвети сето свое време на Јура федерацијата. Кога се врати во федерацијата, тој забележа дека федерацијата загубила прилично многу од влијанието која го имала споредено со последниот пат кога тој беше таму. Многу од проблемите се јавуваа поради недостиг на водство во федерацијата. Тоа пак значеше недостиг од насока, а Петар сметаше дека федерацијата има многу мал ефект врз работничкото движење. Една личност која го привлече вниманието на Петар беше Паул Броусе. Петар и Паул организираа демонстрација во Берн на 18 март со повод чествување на Париската комуна. Петар сметаше дека овој мал акт ќе ги подразбуди работниците. Некои од членовите на федерацијата се плашеа дека ќе има судири со полицијата. Петар се надеваше на такво нешто. Тој знаеше дека полициска интервенција ќе помогне во пропагандата.
Судирот со полицијата се случи. Групата го носеше црвеното знаме во чест на комуната. Законот во Швајцарија забрануваше тоа знаме да биде јавно истакнувано. Полицијата се обиде да ги заплени знамињата со сила. Шест или седум од полицајците беа повредени заедно со неколкумина од тие што протестираа. Полицијата сепак, потфрли во запленувањето на сите знамиња. Знамињата беа истакнати во халата каде се држеа говорите. Земено се предвид, тоа беше прилично успешен ден. Полициската бруталност имаше огромен ефект над работниците. Бројноста на работниците после протестот речиси се удвои. Жилом не се согласи со Кропоткин дека протестот беше успешен. Жилом не ги одобруваше насилните тактики што беа користени, што доведе до одвојување помеѓу него и Петар.
За време на следните неколку години Петар беше вклучен во општествените конгреси. Во септември, тој присуствуваше на последниот состанок на Интернационалата. Организацијата беше осудена на пропаст кога Маркс одлучи таа да биде преместена во Њујорк. Како што се распаѓаше Интернационалата, Петар забележа дека се развиваа проблемите помеѓу северните и јужните секции на Јура федерацијата. Овие поделби поткопаа многу резолуции кои се донесоа на тој состанок.
Неделата по состанокот на Интернационалата, Петар учествуваше во Општиот социјалистички конгрес во Гент. И покрај тоа што тој беше назначен како еден од двајцата секретари на сесијата, Петар беше принуден рано да замине од конгресот бидејќи дознал дека полицијата го бара. Плашејќи се од екстрадиција во Русија, Петар ја напушти земјата и отиде за Англија. По кратко време поминато таму, тој повторно се врати во Швајцарија.
1878: Петар помина многу време од оваа година на зајакнување на Јура федерацијата. До август, ја разви неговата прва поголема политичка програма. Оваа програма беше презентирана на годишниот конгрес на Јура. Присутни беа доста значајни личности, но сепак, Жилом и Бакунин не беа таму (Жилом не беше присутен бидејќи не беше активен повеќе, а Бакунин бидејќи не беше повеќе меѓу живите). Нивното отсуство остави празнина, која Петар сакаше да ја пополни. Неговата програма се состоеше од четири делови:
- 1. Колективизам
- 2. Негација на државата
- 3. Прифаќање на општествената револуција и крајот на капитализмот
- 4. Пропаганда преку дело (насилство) како средство за ставање крај на државата
Петар се надеваше на општество со влијанија од Париската комуна. Тој се надеваше дека со подобрувањето на условите за работа на работничката класа, ќе се подобри и нивната работна иницијатива. Тоа би го означило почетокот на општествената револуција.
1879: Петар заклучи дека Јура федерацијата не беше во состојба да организира револуција како што треба. Затоа, поголемиот дел од оваа година, Петар Работеше заедно со Броусе за да ја реорганизираат федерацијата. Овие напори го доживеаја својот врв на конгресот на федерацијата во октомври. Повеќето членови од раководството на федерацијата не беа повеќе инволвирани, оттаму Петар виде шанса за нова насока на федерацијата. Тој одржа говор под наслов „Анархистичката идеја од гледна точка на нејзината практична реализација“. Во овој говор се содржеа плановите на Петар за иднината. Додека многу од аргументите беа слични со оние од минатогодишниот конгрес, Петар додаде дека анархистите не треба да станат политичка партија. Овие идеи беа главно добро прифатени на конгресот.
Петар во оваа година се ожени, без многу врева.
1880: Петар беше водечка сила во конгресот оваа година. И покрај тоа што тој не формулираше нови ставови, тој сепак рафинираше многу од оние кои Јура федерацијата ги застапуваше. Во овој момент, федерацијата започна да се оттргнува од традиционалните ставови, развивани од Бакунин, кон ставовите изразени од страна на Петар. Главните разлики се појавија во прашањето за наемнината. Бакунин поддржуваше систем во кој платите се засноваа на видот и количеството на работата која е спроведена. Петар ја претпочиташе идејата дека средствата на производство и опстанок може да бидат поделени подеднакво на сите во општеството. Неговите говори во овој период формираа значајна основа за социјалистичкото движење.
1881: Во јули оваа година, Петар присуствуваше на Меѓународниот анархистички конгрес во Лондон. Записите од овој конгрес кажуваат дека Петар имал значајна и водечка улога. Ова е важно бидејќи покажува дека Петар почнува да биде прифаќан во револуционерните кругови надвор од Јура федерацијата. На овој конгрес Петар ги изјаснува своите ставови за насилството како средство за охрабрување на револуцијата. И покрај тоа што сѐ уште има проблем со оправдувањето на сите типови на насилство, тој изјавува дека експлозијата е многу поефективна одошто гласањето. Сепак тоа требало да бидат терористички напади на народот, а не на поединецот.
Низ овие години, Петар исто така беше мошне активен и во новинарството. Покрај тоа што пишуваше за Јура Bulletin, тој пишуваше и за Arbeitter Zeitung, L'Avant-Garde, La Justice, и започна дури и свој весник LeRevolte. Темите на неговите записи се протегаа од идеолошките позиции во економијата до дебати за Пропаганда преку дело.
Тој направи неколку записи не темата Пропаганда преку дело по атентатот над царот Александар II во март оваа година. Петар гледаше на тој настан како на знак дека општествената револуција се наближува. Атентатот резултираше со бројни погубувања во Русија. Петар повикуваше на јавни протести против тие акции. Поради тие повици и поддршката за атентатот над царот, Петар беше избркан од Швајцарија во август.
Речиси во исто време, новиот цар на Русија, Александар III, го формираше Светото братство. Тоа беше тајна организација формирана за започнување на контраофанзива против револуционерите. Една од првите акции на братството беше издавањето на две потерници за смртна казна. Едната беше за Лев Гартман, член на Народна волја, а другата беше за Петар Кропоткин. За среќа Петар дозна за оваа завера и ја објави во неговиот весник, како и во Times од Лондон и Chronicle од Њукасл. Руските власти беа длабоко засрамени од сето тоа и ги отповикаа своите агенти. Овој настан го убеди Петар да не се враќа во Русија. Наместо тоа, тој патуваше низ Англија држејќи предавања и пишуваше за најразлични публикации.
1882: Поголемиот дел од оваа година, Петар беше зафатен со пишување за Русија за Chronicle од Њукасл. Темата за која најчесто пишуваше се однесуваше на третирањето на работничката класа во Русија и корупцијата на власта. Иако се здоби со импресивна репутација, Петар не беше среќен во Англија. Тој сметаше дека нема работничко движење во Англија, ниту пак дека имаше некоја поголема општествена организација за него, за тој да се вклучи. Во октомври тој се пресели во францускиот град Тонон. За жал неговата репутација како анархист го претходеше. Тој беше во Франција само два месеци пред да биде уапсен и осуден на 5 години во затвор за вклученост во Интернационалата (која не постоеше во тој момент).
1883-1886: Петар ги помина овие три години во затвор во Франција и покрај силните меѓународни напори за негово ослободување. Овие услови во францускиот затвор иако не беа добри, беа многу подобри од оние во руските затвори. На Петар му беше дозволено да се види со жена му, да чита неполитички дела и да пишува на ограничени работи. Еден од најсилните поддржувачи на Петар од тоа време беше Елизе Рекли. Рекли му носеше на Петар научни дела и континуално работеше на подобрувањето на животните услови на Петар. Конечно во јануари 1886, француските власти одлучија дека Петар би бил помалку опасен доколку се наоѓа надвор од земјата. Тој беше ослободен под услов дека веднаш ќе ја напушти државата.
1886: Неколку недели после неговото ослободување Петар се врати во Англија. Времето поминато во затвор си го земало својот данок. Тој имаше малку енергија за да биде вклучен во револуционерни активности. Подоцна таа година Петар доживеа две лични несреќи. Прво, неговата жена сериозно стана болна од тифус. Таа евентуално заздраве. Второ, братот на Петар изврши самоубиство додека се наоѓаше во егзил во Сибир, поради политички прекршок. Ова особено го погоди Петар бидејќи беше многу близок со него. Жената на Александар, појде да живее со Петар додека не закрепна од трагедијата.
Кога Петар најде време и енергија следните неколку години, тој одржа неколку предавања низ Англија и се обиде да воспостави анархистички весник во Англија.
1890-ти: За време на оваа декада Петар стана мошне популарен во Англија. Тој стекна пријателство со многу учители во тоа време. Поради болест, тој престана да држи предавања. Пролетта 1896, Петар беше поканет во Франција за да помогне да се соберат средства за повторно стартување на La Revolte. Француските власти го пресретнаа само што требаше да ја напушти Англија и го спречија. Во 1897, тој беше поканет да ја посети Канада од Британската асоцијација за унапредување на науката. После посетата на Канада, Петар мина низ САД, каде одржа неколку предавања. Тој беше разочаран поради тоа што неговите предавања беа слабо посетени во места како Бостон и Њујорк. Тој сепак беше задоволен од согласувањето на Atlantic Monthly за објавување на неговите мемоари.
Голем дел од времето Петар го поминуваше во пишување. Настрана од пишување за најразлични револуционерни публикации, Петар пишуваше три книги: Полиња, фабрики и работилници, Заемна помош и Етика. Во овие книги Петар се обиде да развие анархокомунистички став кон општеството.
1901: Петар повторно ја посети Америка. Ова патување за него беше мачно и на крајот од оваа година му вели на Жилом дека нема уште многу да живее.
1901-1909: Петар стана повторно инволвиран во политиката во Русија, можеби затоа што насетуваше дека се наближува општествената револуција. Тој помогна во стартувањето на анархистички весник „Леб и волја“ во 1903. Анархистичкиот весник беше поинаков од оние претходните. Претходно Петар ја имаше целосната контрола над содржината на весникот. Сега поради неговата позиција во весникот, тој можеше само да се надева на контрола само преку неговото влијание. Ова стана проблем во 1904 кога тој не се согласуваше со односот на весникот спрема тероризмот. Тој сметаше дека да се промовира насилство во Русија од странство е неодговорно и би можело само да ги преобрати потенцијалните поддржувачи на револуционерното движење. Весникот заврши во 1905.
Во 1905 имаше револуција во Русија што му влеваше надеж на Петар дека нов општествен поредок е на повидок. Серија на состаноци беа одржани помеѓу 1905 и 1907 помеѓу анархистите за тоа како да се справат во револуцијата. Петар дури размислуваше и за одење во Русија за помош на анархистичката кауза. Руската држава евентуално го задуши востанието. Ова длабоко го разочара Петар. Тој започна да ги гледа можните слабости на револуционерните напори. Како резултат на овие рефлексии, тој целосно се откажа од радикално новинарство и се посвети само на книги.
Во времето после рускиот бунт, радикалните групи имаа проблеми со инфилтрирањето на полицијата и на владините агенти во нивните редови. Во 1908, Петар одигра улога на судија во едно судење, каде еден човек беше обвинет за двоен агент. Петар не се чувствуваше удобно во улогата на судија и сметаше дека целото судење постигна многу малку.
За сето тоа време Петар успеа да објави книги за руската литература и Француската револуција, демонстрирајќи ја ширината на неговата учителска способност.
1909-1914: Неговото здравје продолжи да се влошува. Тој се обиде да се пресели во Брајтон, каде што беше потопло од Лондон. Во 1908, тој почна да ги поминува зимите во Италија и Швајцарија за да ги избегне лошите англиски зими.
Во февруари 1912, работниците на еден од Лена рудниците (каде што беше Петар порано) започнаа штрајк за подобрување на работните услови. Во обид да се разбие штрајкот, војниците пукаа во толпата луѓе и убија 270 и ранија 240. Петар веднаш се обиде да го објави овој настан, со надеж дека ќе води до понатамошни револти на работниците. Други работници од златни рудници беа на штрајк во знак на протест против тој настан. Сепак пред да започне револуцијата, првата светска војна го одвлече вниманието на сите.
1914-1917: Ставот на Петар во поглед на Првата светска војна беше јасен. Тој ја охрабруваше секоја земја да се спротивстави на Германија. Тој кажуваше на сите дека беше важно да се заштити Франција од Германците. Тој сметаше дека Франција ќе биде земјата која ќе го инспирира светот на социјална еднаквост и слобода. Тој исто така ги сметаше Германците за „армија на Хуни“, кои немаат почит кон правилата на општеството. Кога и да му дозволуваше здравјето тој собираше поддршка против Германија.
Петар се возбудуваше поради можностите кои би се случиле доколку Германија биде поразена. Тој сфати дека процесот на повторна изградба од војната ќе ги создаде потребните услови за општествена промена. За Петар, војната против Германија беше војна против Државата.
1917: Настаните од февруари 1917 ги изненади речиси сите. Руската револуција беше спонтана револуција за која Петар и останатите пишуваа со декади. Кога стана јасно дека револуцијата беше успешна, Петар почна да се пакува за Русија. Тој ги предупреди луѓето дека сѐ уште е важно да се продолжи борбата против Германија. Само по завршувањето на војната руското општество ќе биде безбедно.
Петар пристигна во Петроград на 30 мај 1917. И покрај тоа што многу револуционери се враќаа во тој период, популарноста на Петар предизвика да се собере околу него толпа луѓе кои го поздравуваа. Новите власти дури испратија и претставници да се сретнат со него. Тој ја искористи таа можност за да одржи прилично долг говор во кој тој ги слави револуционерите и потребата да се одбрани Русија од Германија. Тој беше екстатичен што Русија стана првата земја во историјата која ќе им гарантира еднаквост на сите граѓани и националности.
За време на остатокот од оваа година, Петар учествуваше во создавањето на владини политики. Тој охрабруваше на усвојување на систем сличен на оној од САД, каде што се охрабрува локалната автономија. Неговите идеи наидоа на отпор поради војната. Откако болшевиците ја зазедоа власта, Петар ги прекина своите активности околу власта.
1918-1921: Во 1918 постоеја некои гласини дека Петар бил затворен од страна на болшевиците, но сепак тој беше слободен. Тој беше екстремно несреќен поради неудобните услови за живеење што граѓанската војна ги предизвика и поради издигањето на болшевиците што беше знак дека револуцијата потфрли.
Во останатите години од неговиот живот, Петар го користеше времето да заврши некои од започнатите книги, заклучно со Етика. Му беа понудени неколку позиции на најразлични универзитети, но мораше да ги одбие поради лошото здравје. Тој продолжи да пишува за најразлични публикации ширум Европа.
Во 1920, неговото здравје веќе толку беше влошено што тој не можеше да разговара со своите пријатели. Некои луѓе го убедуваа Петар да се исели од Русија во поздраво климатско подрачје. Петар сепак беше задоволен од тоа каде се наоѓа. На 8 февруари 1921, Петар Кропоткин умре. Со лично одобрение на Ленин, беше организиран голем погреб од страна на анархистите. Ова беше последно масовно собирање на анархисти во Русија.
Наводи
уреди- ↑ http://www.jstor.org/discover/10.2307/1776495?uid=3738560&uid=2&uid=4&sid=21103809683841
- ↑ http://www.jstor.org/discover/10.2307/1774603?uid=3738560&uid=2&uid=4&sid=21103809683831
- ↑ http://www.jstor.org/discover/10.2307/1774317?uid=3738560&uid=2&uid=4&sid=21103809683841
- ↑ http://www.jstor.org/discover/10.2307/1775190?uid=3738560&uid=2&uid=4&sid=21103809683841
- ↑ http://dwardmac.pitzer.edu/Anarchist_Archives/kropotkin/Knowles.html
- ↑ http://dwardmac.pitzer.edu/anarchist_archives/kropotkin/prisons/toc.html
- ↑ http://theanarchistlibrary.org/library/petr-kropotkin-ideals-and-realities-in-russian-literature.pdf
- ↑ http://www.social-ecology.org/2012/08/rediscovering-kropotkin/
- ↑ http://blogs.scientificamerican.com/primate-diaries/2011/09/13/prince-of-evolution/
- ↑ http://theanarchistlibrary.org/authors/petr-kropotkin
- ↑ http://www.ditext.com/goldman/russia/ch26.html
- ↑ http://theanarchistlibrary.org/library/petr-kropotkin-the-conquest-of-bread.pdf
- ↑ http://theanarchistlibrary.org/library/petr-kropotkin-fields-factories-and-workshops-or-industry-combined-with-agriculture-and-brain-w.pdf
- ↑ http://theanarchistlibrary.org/library/petr-kropotkin-mutual-aid-a-factor-of-evolution.pdf
- ↑ http://theanarchistlibrary.org/library/petr-kropotkin-ethics-origin-and-development.pdf
Надворешни врски
уредиВикиизвор има оригинални дела од или за: Петар Кропоткин |
- Текстови на Кропоткин во Анархистичката библиотека на македонски јазик
- Архива на Кропоткин на Марксистичката интернет архива на македонски јазик
- Кропоткин „Комунизам и анархија“
- Кропоткин „Синдикализам и анархизам“
- Последното писмо на Кропоткин
- Дела на Кропоткин на Анархистичката библиотека (англиски)
- Заемна помош: Фактор на еволуцијата (англиски)
- Полиња, фабрики и работилници (англиски)
- Освојувањето на лебот (англиски)
- Етика (англиски)