Рокчето
„Рокчето“ е прва книга за деца на современиот поет и писател, Никола Маџиров издадена во 2023 година, издание на издавачката куќа „Либи, дел од Арс Ламина-публикации“. Првата книга за деца од поетот Никола Маџиров, „Рокчето“, со илустрации на Анета Илиевска е во издание на „Либи“, дел од „Арс ламина – публикации“. Тоа е прва книга за деца на Маџиров, еден од најистакнатите и најпреведувани современи македонски поети во светот. Се работи за авторска бајка според истоимената приказна од струмичкиот крај собрана од фолклористот Иван Котев. „Рогот како симбол знае да ни го донесе животот кога се пие од него, знае да биде како симбол на смртта како футрола за барут, но во овој случај рогот е симбол на новиот почеток. „Рокчето“ е пишувана врз основа на традиционална приказна од струмичкиот крај што зборува за сите светови и времиња собрани на едно место – во рогот на еден вол, рогот на изобилството“ – вели Маџиров во интервјуто за Нова Македонија. [1] Според уредничката на книгата, Оливера Ќорвезироска, зачувувајќи ја својата препознатлива поетичка нишка, Маџиров напишал авторска бајка во која тој еднакво е и поет и раскажувач. Промоторот Ермис Лафазановски, врвен етнолог, пистаел и публицист, при промоцијата на книгата истакна дека приказната за волот и неговите рогови во својата суштина го има митот за рогот на изобилството, кој потекнува од Стара Грција и е космогониски мит, но во нашиот фолклор е многу редок како мотив. Според него, пораката на оваа сликовница е љубовта меѓу животните и децата.
Автор | Никола Маџиров |
---|---|
Изработувач на корицата | Анета Илиевска |
Земја | Македонија |
Јазик | македонски |
Жанр | Книга за деца |
Издавач | Либи,дел од Арс Ламина-публикации |
Издадена | 2023 |
Медиум | печатено издание |
Страници | 40 |
ISBN | 978-608-267-875-7 |
Содржина
уредиСликовницата Рокчето е спој на современоста со митот и приказните кои се предаваат на следните генерации. Раскажана е со мошне голема умешност, со поетски слики кои се надополнуваат со илустрациите на илустраторката Анета Илиевска, со која писателот бил во тесна соработка при пишувањето на текстот, при што сликата и зборот се надополнуваат и спојуваат. Приказната е предавање на митот за постанокот на градот од рогот на еден вол. Поделена е тематски на сегашност и минато, при што и сликите имаат различна боја за тематски децата полесно да ги разликуваат двете паралелни приказни, а тоа на сликовницата и дава и посебен шарм и привлечност. Темата е поврзаноста на детето со своето животно, волот, кој во својот рог крие магија и изобилство. Бегајќи од сигурна смрт волот го излева сето изобилство во полето и создава град во кој потомците на раскажувачот живеат. [2]
„Формата „приказна во приказна“ во текстот на Маџиров е изведена многу лирски. Во наше, сегашно време, дедо му ја раскажува приказната за рокчето на својот внук. Читателите ја слушаат/ја читаат приказната, заедно и истовремено со детето-главен лик. Ваквото раскажување на две нивоа: во сегашноста како рамка на минатото, во современоста како рамка за традицијата, е видливо и во илустрациите на Анета Илиевска, кои исто така се на две нивоа: еден е ликовниот израз на страниците каде што дедото и внукот се сами во наше време (модерен), друг – во приказната што дедото му ја раскажува на внукот (фолклорен). Посебноста на оваа сликовница е во тоа што на крајот сè се поврзува со сè. Минатото со сегашноста, традицијата со совремието, приказните со поезијата, народното творештво со авторскиот израз. Детето кое ја слуша приказната се идентификува со детето со рогот од приказната; дедото кој раскажува, всушност е детето со рогот и на внукот (и на читателите) им раскажува за себе. Личните поврзувања ѝ даваат особена лиричност на оваа сликовница мека како облак, нежна како снегулка.“ [3]
Наводи
уреди- ↑ https://novamakedonija.com.mk/zivot/kultura/rokcheto-e-pishuvana-vrz-osnova-na-prikazna-od-strumichkiot-kraj/
- ↑ Никола Маџиров, Рокчето, Либи,дел од Арс Ламина-публикации, Скопје, 2023
- ↑ https://zenskimagazin.mk/promocija-na-rokcheto-novata-slikovnica-od-poznatiot-poet-nikola-madzirov