Фредерик Шопен

(Пренасочено од Шопен)

Фредерик Францишек Шопен (полски: Fryderyk Franciszek Chopin, француски: Frédéric François Chopin; 1 март 1810[1], Желазова Вола – 17 октомври 1849, Париз) — полски[2] композитор за пијано од добата на романтизмот. Се смета за еден од најголемите композитори за пијано на сите времиња.

Фредерик Шопен
Fryderyk (Franciszek) Chopin
Frédéric (François) Chopin
Шопен во 1835 г.
Животописни податоци
Родено имеФредерик Францишек Шопен
Познат(а) и какоШопен
Роден(а)1 март 1810
Полска Желазова Вола, Полска
Починал(а)17 октомври 1849
Знаме на Франција
Знаме на Франција
Париз, Франција
Жанровиромантизам
Занимањакомпозитор
пијанист
наставник

Роден е во селото Желазова Вола во Варшавското Војводство. Мајка му била Полјачка, а татко му француски иселеник. Во татковината го сметале за чудо од дете, но тој ја напуштил Полска на 20-годишна возраст и никогаш повеќе не се вратил. Подоцна во Париз создал кариера како изведувач, учител и композитор и ја прифатил француската варијанта на неговото име „Фредерик-Франсоа“. Од 1837 до 1847 година бил во бурна врска со француската писателка Жорж Санд. Секогаш бил со нежно и нарушено здравје, па на 39-годишна возраст се разболел од туберкулоза.[3]

Сите Шопенови дела се за пијано (претежно соло), и се смета дека тие му припаѓаат на врвот на репертоарот за пијано. Иако неговата музика се смета за мошне тешка за свирење, неговиот стил дава нагласок на нијанси и експресивна длабочина, а не само на техничката виртуозност. Тој има измислено некои музички форми како баладата,[4] но неговите најзначајни иновации лежат во рамките на постоечките структури како сонатата за пијано, валцерот, ноктурното, етидата, импромптуто и прелудиумот. Покрај ова, Шопен бил првиот западен композитор кој го има користено словенскиот фолклор во своите композиции; така и до денес неговите мазурки и полонези се камен темелник на полската национална класична музика.

Животопис

Шопен се родил во Желазова Вола близу Сохачев во регионот Мазовија, дел од Варшавското Војводство. Татко му бил Миколај (Никола) Шопен, Французин со далечно полско потекло од Лотарингија кој се преселил во Полска во 1787 година. Миколај се оженил за жена од висока класа, но осиромашено семејство, по име Текла Јустина Крзижановска.

Според неговото семејство, Шопен е роден на 1 март 1810 г. Нема пронајдено извод од матична книга на родените. На неговата крштелница пак, стои дека е роден на 22 февруари 1810 г., но ова најверојатно е грешка на свештеникот.

Детство и младост

 
Родната куќа на Шопен во Желазова Вола

Во октомври 1810 година, кога Фредерик имал осум месеци, семејството се преселило во Варшава, каде татко му станал учител по француски јазик во училиште во Саксонскиот дворец. Живееле понастрана во рамките на дворецот.

Малиот Шопен за првпат почнал да учи пијано кај неговата постара сестра Лудвика, а подоцна таа задача ја презела мајка му. Неговиот талент бил очигледен уште од многу мали нозе, па во Варшава почнале да го сметаат за „вториот Моцарт“. На седумгодишна возраст искомпонирал полонези (ге-мол и ха-дур), од кои првата била издадена во гравурната печатница на отецот Цибулски, директор на Училиштето за оргулари и еден од малкуте музички издавачи во Полска.

 
Јозеф Елснер

Чудото кое било Шопен почнало да излегува по варшавските весници, па „малиот Шопен“ станал атракција на приемите по аристократските салони. Почнал да приредува и јавни добротворни концерти. Се вели дека еднаш бил запрашан што мисли дека на публиката најмногу ѝ се допаднало; на тоа седумгодишниот Шопен одговорил: „Мојата јака“. За првпат јавно излегол како пијанист на 8-годишна возраст.

Првите професионални часови по пијано ги добил во периодот 1816–1822 од Војтжех Живни. Подоцна Шопен за Живни зборувал со почит и високо мислење, иако самиот тој како дете набргу го надминал учителот. Подоцнежниот развој на Шопеновиот талент бил под надзор на Вилхелм Вирфел. Часовите кај овој прочуен пијанист и професор на Варшавскиот конзерваториум биле непостојани, но од големо значење за Шопеновите способности на орган, а можеби и пијано. Од 1823 до 1826 година Шопен учел на Варшавскиот лицеј, училиштето каде предавал татко му.

Есента 1826 година, Шопен почнал да студира теорија на музиката, генералбас и компонирање во класата на композиторот Јозеф Елснер во Варшавскиот конзерваториум. Контактот со него може да датира уште од 1822 година, и сигурно е дека од 1823 година, Шопен почнал да добива формални часови од него. Го завршил тригодишното образование на конзерваториумот во 1829 година.

Истата година во Варшава, Шопен присуствувал на изведба на Николо Паганини, а го запознал и германскиот композитор Јохан Непомук Хумел. Исто така во 1829 година Шопен ја запознал својата прва љубов, студентката по солфеж Констанција Гладковска. Ова го инспирирало композиторот да стави пеење во своите дела.

Во август 1829 година, три недели по заминувањето од Варшавскиот конзерваториум, Шопен направил брилијантно деби во Виена. За неговите две изведби на пијано добил многу пофални критики, заедно со другите кои го критикувале заради малиот тон со кој свирел на пијаното.

Во декември 1829 година во Варшава премиерно го извел неговиот Концерт за пијано во еф-мол во Трговскиот клуб. На 17 март 1830 г. го извел и вториот пијано концерт во е-мол во Националниот театар.

На 2 ноември 1830 година, Шопен ја напуштил Варшава за да дава концерти во странство, по што никогаш не се вратил во Полска. На крајот на месецот избило Ноемвриското востание, па неговиот сопатник Титус Војќеховски се вратил во татковината за да учествува. Шопен останал во Виена, измачуван од грижи за неговите љубени, па потоа ги посетил Минхен и Штутгарт (каде дознал дека Полска е окупирана од руската војска, и дошол во Париз во септември 1831 г. Тој веќе имал искомпонирано повеќе важни дела, меѓу кои двата концерта за пијано и извесни Етиди Оп. 10.

Почеток на независна композиторска кариера

Периодот помеѓу  1829–1831 година за Шопен биле период на неговата прва љубов (пејачката Констанца Гладковска) и првите големи композиторски успеси. Во писмото до неговиот пријател Титус Војчеховски, Шопен ја нарекол Констанца - идеал. Тогаш ги создал Концертите за пијано во Ф-мол, Оп. 21 и е-мол, оп. 11.

Во јули 1829 година, веднаш по дипломирањето, Фридерик Шопен и неговите пријатели отишле на патување во Виена. Благодарение на Вилхелм Вирфел, кој го вовел во музичката свет. Има настапувано двапати во Theatre am Kärntnertor; за прв пат ги свирел Варијации во Б-дур, вториот пат покрај Варијациите свирел и Rondo à la Krakowiak.  Двата настапи имаале одличен  успех кај публиката. Дури и критичарите, и покрај резервираноста за неговото свирење, ја препознаа иновативноста во неговите  композиции. Добриот прием на композициите на концертите го олеснил контактот со издавачите: па така во април 1830 година во Австрија, за прв пат во странство, во печатена верзија во издавачката куќа на Тобијас Хаслингер се појави отсвирената Варијации оп. 2.

Во јули 1830 година, уметникот поминал една недела во Потурзин, во регионот Челм, со Титус Војчеховски. Можно е тој да го донел во Потурзин првото издание на Варијации во Б-дур, посветено на неговиот пријател, напишано на моцартовска тема од Дон Џовани, „La ci darem la mano“. Тој, исто двократно гостувал во Стара Виеш, каде што свирел на пијано Pleyel [5][6]

На 2 ноември 1830 година, Шопен заминува од Варшава за Калиш, збогувајќи се со пријателите и колегите од класата по композиција на Варшавскиот конзерваториум, кои во придружба на гитара му ја отпеале Роден во Полска земја, компонирана од Лудвик Адам Дмушевски по мелодијата на Јозеф Елснер[7][8] Piotr Mysłakowski: Warszawa Chopinów. Warszawa: Narodowy Instytut Fryderyka Chopina, 2012, s. 169–170, 172. ISBN 978-83-61142-80-5.

Пред да замине, тој се простил со Констанца Гладковска и ѝ го подарил прстенот, кој таа  го чувала до крајот на животот. Во Калиш, каде што пристигнал на 3 ноември и каде што му се придружил Титус Војчеховски, Шопен ги поминал последните три дена во својата татковина[6].

На 5 ноември 1830 година, Шопен засекогаш ја напуштил Полска: го напуштил Калиш и отпатувал преку Вроцлав до Дрезден. Во Виена, тој ја слушнал каватаната на Росини што ја пеела Констанца и се расплакал. Потоа заминува зо Минхен и на крајот пристигнува во Париз. Попатно, Шопен напишал дневник (познат како „Дневник на Штутгарт“), покажувајќи ја неговата ментална состојба за време на престојот во Штутгарт, каде што бил во очај поради падот на Ноемвриското востание. Тогаш биле создадени првите скици за „Револуционерната етида“ [9]. Делата од овој период се исполнети со драма, која полека почнува да доминира во опусот на композиторот.

Години на зрелост

Во Париз, на 5 октомври 1831 година[10] Шопен првично се вселил во мал стан на булеварот Поасониер. На 25 февруари 1832 година, во салонот Плејел на улица Кадет 9, тој го одржал првиот од деветнаесетте јавни концерти во Париз (за време на неговите 18 години во Париз).  Организиран од страна на Фридрих Калкбренер, пијанист. Шопен свирел Концерт во е-мол и Варијации во б-дур. По концертот публиката билавчудоневидена, вклучувајќи го и присутниот Франц Лист. Критичарот Франсоа Фетис најавил дека Шопен ќе ја оживее музиката за пијано. Следниот ден, издавачите му испратиле понуди за купување на делата. Шопен почнал да води живот на виртуоз, компонирајќи дела кои брзо станувале модерни во салоните. Тој бил пријател со многу извонредни музичари (Лист, Винченцо Белини, Хектор Берлиоз), бил покануван на приватни настапи не како музичар, туку како гостин, дури и во самиот замокот. Така, тој брзо се преселил во Chaussée d'Antin, модерен кварт во Париз. Пријателите го нарекувале неговиот стан ,Олимп, поради божествената музика што се слушала од таму. Меѓутоа, поради тешката финансиска состојба, Шопен почнал да дава се повеќе часови по пијано. Меѓу другите, ги подучувал:  принцезата Де Ноај, принцезата де Шимај и де Бово, бароницата Ротшилд, грофицата Перуци и Поточка. Меѓу учениците имало и големи таленти, како: Каролина Хартман, Карол Филч и верниот пријател на Шопен, Адолф Гутман. Шопен како учител бил познат по своите високи барања и нервоза.

Во периодот 1835–1846 година ја напуштил својата кариера како виртуоз во корист на компонирањето. Тој започнал да се интересира со животот на полските емигранти, одржувајќи блиски контакти со главните полски интелектуалци (Адам Мицкевич, Јулијан Урсин Ниемчевиќ, Кипријан Камил Норвид). Јозеф Бем побарал од него аванс за новото Полско Инженерско Здружение во Париз, кое композиторот го поддржал финансиски [11]. Шопен, исто така, бил домаќин на неговиот најблизок пријател од детството, Јан Матушински, кој, живеејќи со Фредерик, студирал медицина во Париз (починал од туберкулоза во 1842 година). Често во посета кај Шопен доаѓал добриот пријател, познатиот пијанист и композитор, Џулијан Фонтана.

Во 1836 година, прв пат воедно и единствен, се верил со Марија Воџињска,[12] која била талентирана во музиката и сликањето. Грофицата Тереза ​​Воџинска, мајката на Марија, тогаш почнала да го нарекува Шопен свое дете. Во знак на благодарност за подарената композициите од Марија, тој го испраќа валцерот во Ас-дур и некои од неговите познати песни. На крајот, сепак, семејството се спротивставило на врската, верувајќи дека Шопен е премногу болен кандидат за сопруг и веридбата била прекината [12]. Во 1836 година тој сериозно се разболел од туберкулоза (неодамна се појави мислење, дека причина за смртта на композиторот не е туберкулоза, туку генетска болест со надворешни симптоми многу слични на туберкулоза - цистична фиброза).

Париз

 
Споменикот на Шопен во Желазова Вола, дело на вајарот Јозеф Гославски

Во Париз, Шопен бил топло пречекан од истакнатите полски азиланти како и од водечките уметници како Хајнрих Хајне, Алфред де Вињи и Ежен Делакроа. Бил запознаен со некои од најважните пијанисти во тоа време како Фридрих Калкбренер, Фердинанд Хилер и Франц Лист, и станал близок пријател со композиторите Хектор Берлиоз, Феликс Менделсон, Шарл-Валантен Алкан и Винченцо Белини (крај кого е погребан на гробиштата Пер Лашез). Многу од Шопеновите современици веќе со восхит гледале на неговата музика. Меѓу овие бил и Роберт Шуман кој, во неговата критика на Варијации на „Ла чи дарем ла мано“ (од Моцартовата опера Сон Џовани), Оп. 2, се изјаснил: „Капи долу господа! Генијалец.“

За време на неговите години во Париз, Шопен учествувал во многу концерти. Програмите ни даваат извесна слика за богатството на парискиот уметнички живот во ова време. Ваков пример е концертот на 23 март 1833 г., во кој Шопен, Лист и Хилер свиреле соло изведби на Баховиот концерт за три чембала, како и концертот на 3 март 1838 г., каде Шопен, Алкан, Алкановиот учител Пјер Жозеф Цимерман и Шопеновиот ученик Адолф Гутман го свиреле Алкановиот аранжман за осум раце на Бетовеновата 7ма симфонија. Зел учество и во компонирањето на Хексамерон (1837), бидејќи шестата (и последна) варијација на Белиниева тема е негова.

Еден истакнат англиски аматер го има опишано неговото среќавање со Шопен во еден салон:

Замислете си нежен човек од огромна префинетост на израз и манир, како седи на пијано и свири без нишање на телото и скоро без движење на рацете, зависејќи сосема од неговата тесна женствена рака и витки прсти. Широките арпеџи во левата рака, одржувани во постојан тонски тек од строгото легато и префинетата и постојана употреба на гласниот педал, обликуваа хармонична потструктура за извонредно поетичното кантабиле. Неговото деликатно пијанисимо, сепроменливите модификации на тонот и темпото (темпо рубато) имаа неопишлив ефект. Дури и во енергичните делови тој навистина ретко преминуваше мецофорте.

Од Париз Шопен извршил разни посети и турнеи. Во 1834, со Хилер го посетил Рајнскиот музички фестивал во Ахен организиран од Фердинанд Рис. Тука Шопен и Хилер се сретнале со Менделсон, и тројцата продолжиле во посета на Диселдорф, Кобленц и Келн, уживајќи во дружбата, учејќи и свирејќи заедно.

Во 1835 година Шопен се договорил да се сретне со семејството во Карлсбад. Додека бил таму се запознал со грофот Франц фон Тун-Хохенштајн, чии ќерки ги подучувал во Париз. Грофот ги поканил Шопен и неговите родители во неговиот семеен замок на Елба во Дечин. Потоа Шопен ги испратил родителите во Варшава; потоа никогаш повеќе не ги видел. Се вратил во Париз преку Дрезден, каде престојувал неколку недели, а потоа отишол во Лајпциг каде се сретнал со Менделсон, Шуман и Клара Вик. Меѓутоа по патот за назад имал тежок бронхитичен напад, толку сериозен, што некои полски весници пишувале дека умрел.

Во 1836 година Шопен се свршил за седумнаесетгодишната Полјачка Марија Воѕињска, чија мајка инсистирала на тоа ова да остане во тајност. Следната година свршувачката била отповикана од нејзиното семејство.

Жорж Санд

 
Шопен од Ежен Делакроа (1838 г.)
 
Санд во 1838 г.

Во 1836 година, на забавата кај грофицата Марија д'Аго, љубовницата на Франц Лист, Шопен се запознал со Амандина-Аурора-Лусил Дипен, баронесата Дидеван, попозната под нејзиниот псевдоним, Жорж Санд. Таа била француска писателка романтичарка позната по своите бројни љубовни врски со Проспер Мериме, Алфред де Мисе (1833–34), нејзиниот секретар Александар Мансо (1849–65) и други, меѓу нив можеби и глумицата Марија Дорвал.

Отпрвин Шопен ја сметал за неатрактивна, па напишал во писмо до семејството: „Нешто кај неа ми е одвратно“. Меѓутоа Санд, во 1837 година, во извонредно писмо до нејзиниот пријател грофот Војќех Грзимала, расправала дали да му дозволи на Шопен да си продолжи со свршеницата или самата да ја напушти моменталната љубовна врска и да продолжи со него. Санд имала силни чувства за Шопен и била упорна сѐ додека врската не успеала.

Забележителен дел од нивното заедничко време била мизерната зима во Мајорка (1838–1839), каде имале проблеми со наоѓање на пристојно сместување и завршиле во живописниот, но студен манастир Валдемоса. Шопен имал проблеми и со донесување на неговото пијано „Плејел“. Пристигнало од Париз по долго чекање, па заглавило на шпанската граница каде барале да се плати голема царина. Шопен го користел малку повеќе од три недели; остатокот од времето морал да компонира на расклатено најмено пијано за да ги заврши неговите Прелудиуми (Оп. 28).

Таа зима лошото време имала така катастрофални последици по Шопеновото здравје и неговата хронична дробна состојба, што морал да пребега прво во Барселона, па во Марсеј. Иако здравјето му се подобрило, тој никогаш сосема не оздравел од ова. Тој се жалел од докторите во Мајорка со неговата постојана луцидност: „Првиот ми рече дека ќе умрам; вториот рече дека веќе сум ги издишал последните здивови, а пак третиот ми рече дека веќе сум мртов“.

Ги провел летата од 1839 до 1843 година на Сандовиот имот во Ноан. Во овие мирни, но продуктивни денови Шопен искомпонирал многу дела. Во овој период спаѓа и неговата величествена Полонеза во ес-дур, Оп.53, поднасловена како „Херојска“, која сѐ уште е едно од најславните негови дела. Кога се вратил во Париз во 1839 се запознал со пијанистот и композитор Игнац Мошелес.

Во 1845 година, здравјето уште повеќе му се нарушило, и со тоа настанал и сериозен проблем во односот со Жорж Санд. Ова се влошило уште повеќе во 1846 година со проблемите со ќерката на Санд, Соланж и младиот вајар Жан-Батист Огист Клезенже. Таа година Санд го издала своето дело Лукреција Флоријани, чии главни ликови — богата глумица и принц со лошо здравје — може да се протолкуваат како Санд и Шопен; расказот бил неповолен за Шопен. Во 1847 година семејните проблеми ѝ ставиле крај на десетгодишната врска помеѓу Санд и Шопен.

Последниот период од животот

Откако се разделил со Жорж Санд, Шопен паднал во длабок очај, што секако ја забрзало неговата смрт. По заминувањето од Нохант повеќе не искомпонирал ниедно значајно дело, само неколку минијатури. По избувнувањето на револуцијата во Париз во 1848 година, Шопен заминува за Англија и Шкотска на патување кое целосно го истоштило. На 16 ноември 1848 година, во Guildhall во Лондон тој го одржѓа неговиот последен јавен концерт. Организатор и спонзор на престојот била неговата ученичка, Шкотланѓанката Џејн Стирлинг, позната како „вдовицата на Шопен“. Жена која му пружила љубов на композиторот, дури и му понудила брак. Сепак, тој се чувствувал премногу болен и не и возвратил на нејзините чувства. Од писмата на Шопен дознаваме дека нежноста и заштитноста на Џејн го вознемирувале и му оделе на нерви.

Смрт

 
Шопен во 1849 г.

Во 1848 година Шопен го одржал својот последен концерт во Париз, и ги посетил Англија и Шкотска со неговата ученичка и обожавателка Џејн Стирлинг. Дошле до Лондон во ноември, и иако успеал да приреди концерти и салонски изведби, Шопен бил многу болен. Се вратил во Париз, каде во 1849 година бил оневозможен да предава и изведува.

Сестра му, која го подучувала на пијано, го негувала во станот на Плас Вандом 12. Во ситните часови на 17 октомври Шопен починал. Изутрина Клезенже ја направил неговата посмртна маска и калапи од рацете.

Пред погребот му била исполнета смртната желба да му го извадат срцето пред закоп (се плашел да не биде погребан жив) и да го испратат во урна на сестра му во Варшава. Таму и денес е вѕидано во Црквата на св. Крст во реонот Краковско Предместие, под натписот од Матеј VI:21: „зашто каде е твоето богатство, таму ќе биде и твоето срце“.

Шопен побарал на погребот да му се пее Моцартовиот Реквием. Реквием има големи делови за женски гласови Црквата на Магдалена никогаш не дозволувала женски хористи. Погребот се одложил за речиси две недели, кога црквата попуштила, па дозволила женски хористи да пеат зад црна кулиса.

Погребот се одржал на 30 октомври 1849 г., на кој присуствувале речиси илјада луѓе. На него биле исвирени и Шопеновите прелудиуми бр. 4 во e-мол и бр. 6 во ха-мол.

По негова желба бил погребан на гробиштата Пер Лашез. Крај гробот бил отсвирен неговиот Погребен марш од сонатата Оп. 35 во, во инструментација на Наполеон Анри Ребер.[13]

Подоцна некои од неговите пријатели од Полска дошле во Париз со ќуп од нивната земја, за композиторот да лежи под полска почва.

Шопеновиот гроб привлекува бројни посетители кои секогаш оставаат многу цвеќиња дури и среде зима.

Срцето на Шопен

Последната желба на Шопен била, да се извади неговото срце и да биде испратено во Варшава [14]. Обдукцијата била направена ден по неговата смрт од страна на хирургот Жан Крувејлје во Медицинскиот институт во Париз [14]. Сепак протоколот од обдукцијата не е зачуван [14]

Садот со срцето на композиторот потопен во алкохол (најверојатно во коњак или шпирт) [15] бил тајно пренесен во Полска во јануари 1850 година од  страна на неговата постара сестра Лудвика Једжејевичова. Во Варшава извесно време го чувала во нејзиниот стан сместен во станбена куќа на ул. Подвејл [14]. Подоцна (точниот датум не е познат) срцето им било доверено на свештениците во црквата на Светиот Крст, која била парохиска црква на семејството Шопен [14]. Најпрвин се чувал во долната црква. Во 1880 година срцето било ставено во левиот столб на главниот наос на храмот [14]. Има епитаф дизајниран од Леонард Маркони на бела мермерна плоча од Карара. На таблата има натпис „за Фридерик Шопен, од неговите сонародници”. Над него, цитат од Евангелието на св. Матеј: „Каде е твоето богатство, таму ќе биде и твоето срце”. Епитафот бил финансиран со средствата од хуманитарниот концерт организиран од композиторот Владислав Желењски, претседател на Музичкото друштво во Варшава. Плочата била откриена на 5 март 1880 година [16].

За време на Варшавското востание, во близина на црквата се воделе борби. Капеланот на германската војска, пасторот Шулц, ги убедил свештениците да им ја предадат урната на Германците за да го заштитат од уништување. На 9 септември 1944 година, Германците му ја предале урната со срце на епископот Антони Шлаговски, документирајќи го настанот за пропагандни цели[14].

Урната со срцето на Шопен била пренесена во Милановек. Била поставена на клавирот во салонот-капела. На 17 октомври 1945 година, на годишнината од смртта на Шопен, парохискиот свештеник на Св. Крст во Варшава, о. Леополд Петрзик, композиторот проф. Болеслав Војтович и музикологот Бронислав Сидов ја однеле урната во Желазова Вола. Таму меѓу другите биле пречекани од претставници на највисоките државни органи на чело со Болеслав Биерут [17]. Урната била поставена на пиедестал наспроти портретот на композиторот. По говорот, Болеслав Биерут ја предал урната на градоначалникот на Варшава, Станислав Толвињски[17]. Откако Хенрик Штомпка отсвирил ноктурно, две мазурки и полонез, урната со срцето ја презеле претставници на младината[18]. На пат кон Св. Крст, автомобилот застанал на аголот кај Вола, каде во 1830 година Фредерик Шопен бил испратен од Варшава[18].

По свечената миса во разрушениот храм, пред да се положи урната, проповедта ја одржал Хиероним Фајхт [18]. Вечерта тој ден, во зградата „Рома“ на ул. Новогродска 49, се одржала свечена академија на која биле изведувани делата на Шопен[18].

Во 2014 година тим од научници предводен од проф. д-р хаб. Михал Вит, раководител на Одделот за молекуларна и клиничка генетика на Институтот за генетика на Полската академија на науките во Познањ, направил анализа на резултатите од испитувањето на срцето на композиторот, што открило дека директната причина на неговата смрт била перикардитис (воспаление на срцевата обвивка) како сериозна последица на туберкулоза[19].

Идеологија и политички преференции

Шопен цел живот бил голем верник, католик. Не бил многу побожен, бидејќи верата ја сметал за интимна работа. Но го знаел Светото писмо напамет и можел да го цитира[20]. Пред својата смрт, тој се исповедал и ги благословувал присутните, молејќи го Бога за милост кон нив[21]. Шопен останал умерен конзервативец по општествените прашања[21]. Здодевни му биле егалитарните теории, бил противник на социјализмот и без двоумење ги осудувал милениаризмичките општествени утопии [21]. Не го ценел либерализмот и имал монархистички  тенденции. Тој самиот тврдел дека „Ги сакам карлистите, а ги мразам филипистите“[21]. Чувствувал неволност, па дури и презир кон аристократските и плутократските салони, особено француските [21].

Шопен се сметал себеси за Полјак и ја сметал Полска за своја матична земја; бил емотивно врзан за Мазовија[21]. Тој немал никаква антипатија кон другите народи, иако понекогаш знаел да се однесува со аверзија кон, на пример, Англичаните или Евреите[21]; особено ги сакал и ги ценел Чесите [21].

Не бил поддржувач на востанија, кои ги сметал за осудени на неуспех. Поради тоа и се заладиле неговите односи со Мохнацки. Сепак, тешко го доживеал падот на востанијата од 1830–1831 и 1848 година[21].

Музика

 
Столб во кој е вѕидано Шопеновото срце, во варшавската Црква на св. Крст
 
Шопеновиот гроб на гробиштата Пер Лашез во Париз

Шопеновата музика за пијано е комбинација од уникатен ритмички осет (особено со употребата на рубато), честа употреба на хроматицизам и контрапункт. Оваа мешавина дава особено нежен звук во мелодијата и хармонијата, кои сепак имаат за подлога интересни хармониски техники. Тој го зел новиот салонски жанр ноктурно измислен од ирскиот композитор Џон Филд, и го разработил до нови длабочини на софистикација. Само три од 21 ноктурно биле издадени по неговата смрт во 1849 година, наспроти неговата волја.[22] Тој исто така ги обдарил популарните танцови форми како полската мазурка и валцерот, Виенскиот валцер, со поширок дијапазон на мелодија и израз. Шопен бил првиот кој компонирал балади[4] и скерца како поединечни дела. Исто така го зел примерот на Баховите прелудиуми и фуги, претворајќи го жанрот во своите прелудиуми.

Неколку од Шопеновите дела се денес мошне познати — вакви примери се Револуционерна етида (Оп. 10, бр. 12), Минутен валцер (Оп. 64, бр. 1), и третиот став од сонатата поднасловена како Погребен марш (Оп. 35), која често се користи како архетипична претстава за тага. (Треба да се спомене дека самиот Шопен никогаш не им давал наслови на делата, туку само жанр и број, така оставајќи му ги сите потенцијални вонмузички асоцијации на слушателот. Експресивните и атмосферски наслови по кои денес знаеме многу негови дела се сите измислени од некој друг) Револуционерна етида не била искомпонирана заради неуспешното востание во Полска против Русија; тоа е временска коинциденција. Погребниот марш пак бил искомпониран пред остатокот од сонатата во која се содржи, но точната прилика не се знае; изгледа дека не бил инспириран од некоја конкретна психолошка состојба.[23] Други мелодии пак, биле понатаму искористени како основа за популарни песни, како на пример бавниот дел од Фантазија-импромпту (Оп. постх. 66) и првиот дел од Етида Оп. 10 бр. 3. Овие дела често се засноваат на интензивниот и персонализиран хроматицизам, како и од мелодиската крива сродна на оперите во Шопеновото време — оперите на Џоакино Росини, Гаетано Доницети, и особено на Белини. Шопен со помош на пијаното ја пресоздавал грациозноста на пејачкиот глас, а постојано зборувал и пишувал за пејачи.

Шопеновиот стил и неговите дарби станале сѐ повеќе влијателни. Роберт Шуман бил неверојатно голем обожавател на Шопеновата музика— иако ова чувство не било возвратено — и тој земал мелодии од Шопен, па дури и именувал едно дело од неговата свита Карневал по Шопен.

Франц Лист пак, уште еден голем обожавател и личен пријател на Шопен, често транскрибирал Шопенови полски песни за пијано.

Шопен ги изведувал своите дела во концертни сали, но почесто во поинтимна салонска атмосфера со пријатели. Но само подоцна, кога здравјето сериозно му се нарушило, Шопен сосема се откажал од јавни настапи.

Исто така влијателни станале и неговите технички иновации. Неговите прелудиуми (Оп. 28) и етиди (Оп. 10 и 25) набргу станале стандардни дела, и инспирација за Листовите Трансцендентални етиди и Шумановите Симфониски етиди. Александар Скрјабин исто така претрпел големо влијание од Шопен; на пример, неговите 24 Прелудиуми, Оп. 11 се инспирирани од Шопеновиот Оп. 28.

Меѓу најголемите изведувачи на Шопеновата музика се вбројуваат: Владимир де Пахман, Раул Пуњо, Ингнациј Јан Падеревски, Мориц Розентал, Сергеј Рахманинов, Алфред Корто, Игнац Фридман, Раул Кочалски, Артур Рубинштајн, Мјечислав Хоршовски, Клаудио Аро, Владо Перлемутер, Свјатослав Рихтер, Владимир Хоровиц, Дину Липати, Владимир Ашкенази, Марта Аргерич, Маурицио Полини, Мурај Пераија, Кристјан Цимерман, Евгениј Кисин, Симон Трпчески.

Рубинштајн се искажал за Шопен и универзалноста на неговата музика вака:

Шопен бил универзално препознатлив гениј. Неговата музика освојува најразновидна публика. Кога првите Шопенови ноти прозвучуваат низ салата, имаме среќни воздишки на препознавање. Ширум сиот свет мажи и жени ја знаат неговата музика. Ја обожаваат. Трогнати се од неа. Сепак ова не е „романтистичка музика“ во бајроновска смисла. Не раскажува приказни и не слика сцени. Таа е експресивна и лична, но сепак е чиста уметност. Дури и во ова апстрактно атомско време каде што чувствата не се во мода, Шопен продолжува да живее. Неговата музика е универзалниот јазик на меѓучовечкото општење. Кога го свирам Шопен им зборувам директно на срцата на луѓето!

Стил

 
Статуа на Шопен во варшавскиот Лазјенковски парк

Иако Шопен живеел во првата половина на XIX век, тој бил образован во традицијата на Бетовен, Хајдн, Моцарт и Клементи; тој дури ја користел Клементиевата метода за подучување на пијано. Претрпел влијание и од Хумеловиот развој во виртуозната, но сепак моцартовска, пијанистичка техника. Еден од неговите ученици, Фридерика Мулер во нејзиниот дневник за Шопеновиот изведбен стил напишала:

Неговата изведба секогаш беше благородна и прекрасна; тоновите му пееја, било во полно „форте“ или најмеко „пијано“. Со неизмерна макотрпност се трудеше да ги научи учениците на изведбениот стил „легато“, „кантабиле“. Најострата негова критика беше: „Не знае како да сврзе две ноти“. Исто така бараше најстрого внимавање на ритам. Мразеше секава флегматичност и влечкање, погрешно поставени „рубата“, како и претерани „ритарданда“... и токму тука луѓето прават такви ужасни грешки при изведба на неговите дела.

Шопеновите полонези ја довеле таа музичка форма до ниво повисоко отколку што кој било можел да си замисли дека таа може да стигне. Низата од седум полонези издадени за време на неговиот живот (други девет се издадени посмртно), започнувајќи со парот Оп. 26, поставил сосема нов стандард за компонирање и изведба на музика. Ова било вкоренето во Шопеновата страст за компонирање и издавање на полска музика — по повторниот пад во рацете на Русија. Полонезата во а-дур Оп. 40 бр. 1, „Воена“ и полонезата во ас-дур Оп. 53, „Херојска“, се вбројуваат меѓу неговите најсакани и најизведувани дела.

Романтизам

Шопен имал индиферентен став за најголемиот дел од неговите современици, иако имал доста пријатели од романтистите во музиката, книжевноста и ликовната уметност (многу од нив преку Жорж Санд). Меѓутоа многумина сметаат дека Шопеновата музика го претставува врвот на романтистичкиот стил.[24] Релативната класична чистина и дискретност на неговата музика, со малку екстравагантен егзибиционизам, делумно сведочи за неговата длабока почит кон Бах и Моцарт. Шопен никогаш не навлегувал во експлицитно „сценоотсликување“ во музиката, нити пак користел програмски наслови, дури и лутејќи им се на издавачите што ги именувале делата како што ги знаеме денес.

Улога на творештвото на Шопен

Во полската култура

Шопен сè уште се смета за најголем полски композитор, но улогата на неговата музика - иако речиси сите полски композитори се осврнуваа на неа во многу генерации што доаѓаат - дефинитивно ја надмина самата музика. Патриотското значење на неговите дела го препознаваат не само Полјаците. Во 1836 година, Роберт Шуман во „Neue Zeitschrift für Musik“ напишал:

Да знаеше моќниот, деспотски монарх од север како му се заканува опасен непријател во делата на Шопен, во едноставните мелодии на неговите мазурки, ќе ја забранеше оваа музика. Делата на Шопен се оружје скриено во цвеќиња[25].

Неговите дела, особено полонезите и мазурките, биле третирани како синоним за полскост, именувани и користени со посебно патриотско значење. Игнаси Јан Падеревски на стогодишнината од раѓањето на Шопен кажал:

Забранети ни беа Словацки, Красињски, Мицкевич. Шопен не ни е забранет. И сепак  во делата на Шопен се крие сè, што ни е забрането: жарени наметки, појаси со златни букви, патетични руби, краковските улици, аристоркатскиот звук на сабја, наше парче памучни ленти, болка на ранети гради, бунт на окованиот дух, надгробни крстови, крајпатни селски цркви, молитви на тажни срца, ропска болка, копнеж кон слобода, проклетство на тираните и радосна песна на победите..

Шопен останува еден од најпознатите Полјаци во светот до ден-денес.

Во европската музика

Уникатната хармонија на Шопен имала големо влијание врз Рихард Вагнер, а неговите минијатури дополнително ги инспирираа Роберт Шуман и Франц Лист. Пред сè, всушност тој бил првиот извонреден творец на т.н. национални училишта за романтична музика. Примерот на Шопен го охрабрил Едвард Григ да направи слична употреба на норвешкиот фолклор. Композиторите на „големата петорка“ од Русија со голем ентузијазам се изразувале за музиката на Шопен, во Франција тој бил пример за композитори како Габриел Фауре, Клод Дебиси и Морис Равел, па дури и младиот Оливие Месијаен, а во Русија - Александар Скрјабин и Сергеј Рахманинов... Според германскиот музиколог Алфред Ајнштајн, влијанието на Шопен било исклучително:

Тој имаше следбеници не само во Варшава, туку и од север кон југ, од Осло до Палермо, од исток кон запад, од Санкт Петербург до Париз. Како што ниту еден композитор на симфониска музика од деветнаесеттиот век не можел да не  го забележи Бетовен, ниту еден композитор на музика за пијано по 1830 година не можел да го прескокне Шопен. [26]

Дела

Сите Шопенови дела се за пијано, соло или со придружба. Главно се за соло пијано, но има и неколку за пијано ансамбли со инструменти, меѓу кои второ пијано, виолина, виолончело, глас и оркестар.

Денес зачувани се над 230 Шопенови дела. Разните ракописи и дела од раното детство не се пронајдени.

Споменици

Пред Втората светска војна, во горниот дел на варшавскиот Лазјенковски парк. При основата на статуата во летните неделни попладниња се одржуваат бесплатни пијано рецитали на Шопеновите композиции. Стилизираното дрво над Шопеновата фигура е во облик на неговата рака и прсти.

Секои пет години во Варшава се одржува Меѓународниот Шопенов пијанистички натпревар; повремено се доделува и наградата Grand prix du disque de F. Chopin за истакнати снимки на Шопенови дела, ремастерирани или нови.

Во негова чест, во Скопје е именувана улицата „Фредерик Шопен“. Во 2010 година во Општина Кисела Вода бил отворен парк Шопен каде поставена е и биста на овој музички великан. Секоја година овде се организира културна манифестација „Ден на музиката на Фредерик Шопен“, настан со кој се одбележува годишнина од смртта на големиот композитор.

Снимки

 
Марка на Македонска пошта по повод 200-годишнината од раѓањето на Фредерик Шопен (ФДЦ 10б/2010, 8 јуни 2010)

Поврзано

Наводи

  1. Некои извори го посочуваат 22 февруари како датум на раѓање; видете Живот за поподробно.
  2. Kennedy, Michael. Oxford Concise Dictionary of Music, Oxford, 2004, Четврто здание., стр. 141.
  3. Smolenska-Zielinska, Barbara. „Chopin — Biography“. Fryderyk Chopin. Архивирано од изворникот на 2009-04-23. Посетено на 2006-09-10.
  4. 4,0 4,1 Scholes, Percy (1938), The Oxford Companion to Music. Article Ballade.
  5. Kuliniak, Radosław; Leszczyna, Dorota; Pandura, Mariusz; Ratajczak, Łukasz (2018-07-18). „Wprowadzenie do „Ruchu Filozoficznego", vol. LXXIV, nr 1“. Ruch Filozoficzny. 74 (1): 7. doi:10.12775/rf.2018.001. ISSN 0035-9599.
  6. 6,0 6,1 Rzucidło, Mateusz; Błotnicki, Michał; Gutkowska, Dorota; Gutkowski, Krzysztof (2015). „Brunatna tkanka tłuszczowa imitująca zmianę rozrostową krezki jelita cienkiego – opis przypadku i przegląd piśmiennictwa“. Medical Review. 13 (4): 413–419. doi:10.15584/medrev.2015.4.9. ISSN 2450-6761.
  7. Chylińska, Teresa (2001). Polskie Wydawnictwo Muzyczne. Oxford Music Online. Oxford University Press.
  8. Mysłakowski, Piotr (2012). Warszawa Chopinów : warszawskie adresy Chopinów na podstawie źródeł ustalone (Wyd. 1. изд.). Warszawa: Narodowy Instytut Fryderyka Chopina. ISBN 978-83-61142-80-5. OCLC 844106237.
  9. Zieliński, Tadeusz A. (1993). Chopin : życie i droga twórcza (Wyd. 1. изд.). Kraków: Polskie Wydawn. Muzyczne. ISBN 83-224-0456-5. OCLC 32783418.
  10. Walker, Alan (2019). Fryderyk Chopin : a life and times (First Picador paperback edition. изд.). New York. ISBN 978-1-250-23482-7. OCLC 1076509088.CS1-одржување: излишен текст (link)
  11. Filipiak, Krzysztof J.; Kalarus, Zbigniew (2014-02-17). „Polskie Towarzystwo Kardiologiczne w 60-lecie swojego powstania — w hołdzie Ojcom Założycielom“. Kardiologia Polska. 72 (2): 111–115. doi:10.5603/kp.2014.0026. ISSN 1897-4279.
  12. 12,0 12,1 Szarmach, Marian (2018-12-30). „Zbyt duży to był ciężar jak na moje siły“. Litteraria Copernicana (4(28)/): 257. doi:10.12775/lc.2018.062. ISSN 1899-315X.
  13. „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2009-02-05. Посетено на 2007-09-13.
  14. 14,0 14,1 14,2 14,3 14,4 14,5 14,6 Michnik, Adam (2018-04-27). Gazeta Wyborcza at 10. Routledge. стр. 91–102. ISBN 978-1-351-30736-9.
  15. Solińska, Ewa (cop. 2012). Tajemnice Chopina (Wyd. 2. изд.). Warszawa: Oficyna Wydawnicza "Rytm". ISBN 978-83-7399-516-1. OCLC 805386966. Проверете ги датумските вредности во: |date= (help)
  16. Głębocki, Wiesław (1990). Warszawskie pomniki (Wyd. 1. изд.). Warszawa: Wydawn. PTTK "Kraj". ISBN 83-02-04130-0. OCLC 28154890.
  17. 17,0 17,1 Pietrzak, Michał (2019-12-31). „W. Julian Korab-Karpowicz, Harmonia społeczna: Czyli zasady szczęśliwego społeczeństwa, Biblioteka Myśli Współczesnej, Państwowy Instytut Wydawniczy, Warszawa, 2017, ss. 234“. Dialogi Polityczne (26): 81. doi:10.12775/dp.2019.006. ISSN 1730-8003.
  18. 18,0 18,1 18,2 18,3 Pietrzak, Michał (2019-12-31). „W. Julian Korab-Karpowicz, Harmonia społeczna: Czyli zasady szczęśliwego społeczeństwa, Biblioteka Myśli Współczesnej, Państwowy Instytut Wydawniczy, Warszawa, 2017, ss. 234“. Dialogi Polityczne (26): 81. doi:10.12775/dp.2019.006. ISSN 1730-8003.
  19. Bondos, Ilona (2017-07-31). „DŁUGOŚĆ RELACJI KLIENTA Z USŁUGODAWCĄ A PODATNOŚĆ NA SUGESTIE WYBORU KANAŁU. WYNIKI BADAŃ W ZAKRESIE USŁUG TELEKOMUNIKACYJNYCH“. Przegląd Organizacji: 25–31. doi:10.33141/po.2017.07.04. ISSN 2545-2622.
  20. Jadacki, Jacek Juliusz; Uniwersytet Warszawski; Uniwersytet Muzyczny Fryderyka Chopina (2010). Fryderyk Chopin : środowisko społeczne - osobowość - światopogląd - założenia twórcze. Warszawa. ISBN 978-83-7507-087-3. OCLC 717176176.
  21. 21,0 21,1 21,2 21,3 21,4 21,5 21,6 21,7 21,8 Brożek, Anna; Jadacki, Jacek, уред. (2016-01-01). „Knowledge, Language and Silence“. doi:10.1163/9789004312678. Наводот journal бара |journal= (help)
  22. Писмо од 12 декември 1853 година од Камил Плејел со Шопеновата сестра, Луиза Једрзејевич, споменато во Chopin — Nocturnes, со белешка од Евалд Цимерман, зима 1979/1980, издадено од G. Henle Verlag (ISM N M-2018-0185-8).
  23. Kornel Michałowski, Grove
  24. Видете на пр. Чарлс Розен, The Romantic Generation, глави 5-7, Harvard University Press 1995. ISBN 978-0-674-77933-4
  25. Ferfoglia, Susi (2016-11-20). „Wprowadzenie do projektu „Muzyka w katedrze na Wawelu w epoce średniowiecza". Pro Musica Sacra. 14 (0): 211. doi:10.15633/pms.1854. ISSN 2391-6729. no-break space character во |title= во положба 35 (help)
  26. Jarociński, Stefan; Jarocińska, Michalina (2009). Muzyka w epoce romantyzmu (Wyd. 4. изд.). Kraków: Polskie Wydawnictwo Muzyczne. ISBN 978-83-224-0232-0. OCLC 750977176.

Литература

  • Selected Correspondence of Fryderyk Chopin. Собрал и прибележал: B. E. Sydow. Превел и уредил: Arthur Hedley. London, Toronto 1962
  • Chopin's Letters. Собрал: Henryk Opieński. Превел: E.L. Voynich. New York 1973
  • George Marek R. и Maria Gordon-Smith, Chopin. A biography. Harper & Row, New York, San Francisco, London 1978
  • (холандски) Bastet, Frédéric L. (1997). Helse liefde: Biografisch essay over Marie d'Agoult, Frédéric Chopin, Franz Liszt, George Sand. Amsterdam: Querido. ISBN 90-214-5157-3.
  • Eigeldinger, Jean-Jacques, "Chopin vu par ses élèves", Едиц. A LA BACONNIERE
  • Michałowski, Kornel/Samson, Jim: "Chopin, Fryderyk Franciszek", Grove Music Online, едиц. L. Macy (Пристапено на 31 октомври 2006), (членски пристап) Архивирано на 16 мај 2008 г.
  • Samson, Jim (1996). Chopin. Oxford: Oxford University Press. ISBN 0-19-816495-5.
  • Siepmann, Jeremy (1995). Chopin: The Reluctant Romantic. London: Victor Gollancz. ISBN 0-575-05692-4.
  • (германски) Wuest, Hans Werner (2001). Frédéric Chopin, Briefe und Zeitzeugnisse. Cologne. ISBN 3-8311-0066-7.

Надворешни врски

  • Chopin Music - мреж. место и форум за Шопеновата музика, вклучувајќи и снимки, партитури и галерии на слики.
  Статијата „Фредерик Шопен“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).