Едвард Григ

норвешки композитор и пијанист

Едвард Хагеруп Григ (норвешки: Edvard Hagerup Grieg; 15 јуни 1843 - 4 септември 1907) — истакнат норвешки композитор и пијанист од времето на романтизмот.

Едвард Григ
Edvard Grieg
Григ во 1888 г. со негов потпис
Роден(а)15 јуни 1843(1843-06-15)
Берген, Норвешка
Починал(а)4 септември 1907(1907-09-04) (возр. 64)
Берген, Норвешка
Занимање
  • композитор
  • пијанист
СопружникНина Григ (мом. Хагеруп)
Григ како свири пијано, околу 1900 г.
Споменик на Григ во Берген

Живот

уреди

Григ е роден во Берген, Норвешка на 15 јуни 1843 г. Татко му бил трговец и вицеконзул, а мајка му бил наставник по музика и ќерка на Едвард Хагеруп.[1][2] Изворното презиме на семејството е Greig, кое го добил од прадедо му, кој се преселил од Шкотска некаде околу 1770 г.

Малиот Григ израснал во музичка средина. Првата обука за пијано ја добил од мајка си, на шестгодишна возраст. Потоа посетувал во неколку училишта, вклучувајќи го она на Танк.[3]

Во летото 1858 г, Григ го запознал истакнатиот виолинист Оле Бул,[4] кој бил семеен пријател и роднина.[5] Бул ја увидел дарбата на момчето и ги убедил неговите родители да го испратат во Лајпцишкиот конзеваториум,[4] со кој раководел Игнац Мошелес.

Григ се запишал на конзерваториумот, задржувајќи се на пијано и посетувал доста концерти и рецитали во Лајпциг. Изразувал негодување во врска со наметнатата дисциплина, која му пречела на сите часови освен на оној по оргули. Во пролетта 1860 г, прележал белодробна болест која му се заканувала со смрт, а следната година почнал да дава јавни настапи како концертен пијанист во Карлсхамн, Шведска. Во 1862 г, ги довршил студиите во Лајпциг и го одржал првиот концерт во родниот град, отсвирувајќи ја, меѓу другото, БетовеноватаПатетична“ соната.

Во 1863, Григ отишол во Копенхаген и останал три години. Таму ги запознал данските композитори Ј.П.Е. Хартман и Нилс Гаде и норвешкиот композитор Рикард Нордрак (автор на норвешката химна), кој му станал близок пријател и извор на инспирација. По смртта на Нордрак во 1866 г., Григ искомпонирал погребен марш во негова чест.

Во 1867 г, Григ се оженил со неговата прва братучетка Нина Хагеруп и следната година им се родила единствената ќерка. Нина починала во 1869 г. од менингитис. Во летото 1868 г, Григ го искомпонирал Концертот за пијано во а-мол. Премиерата ја извел Едмунд Нојперт на 3 април 1869 во театарот „Казино“ во Копенхаген, додека Григ морал да отсуствува поради обврските како диригент во Кристијанија (тогашното име на Осло). [6]

Во 1868 г, Франц Лист му пишал на норвешкото министерство за образование со барање за патни средства за Григ, искажувајќи се позитивно за него, иако лично не го познавал. Композиторите се сретнале во 1870 г. Рим и, при првата посета, ја разгледале Григовата Виолинска соната Бр. 1 која многу му се допаднала на Лист. При втората посета во април, Григ го донел и партитурите на неговиот Концерт за пијано, и истиот останал со Лист за проучување. Листовата изведба на ова дело оставила силен впечаток кај публиката, иако Григ благо му забележал дека првиот став го извел во пребрзо темпо. Лист пак, го посоветувал Григ во оркестрацијата на делата.

Во 1874–76 г, Григ ја искомпонирал пригодната сценска музика за премиерата на драмското дело „Пер Гинт“ од Хенрик Ибзен, и тоа по барање на авторот.

Григ бил во потесна соработка со Бергенскиот филхармониски оркестар, и подоцна станал негов директор (1880–1882). Во 1888 г. во Лајпциг го запознал Чајковски и бил силно погоден од неговата тажна настоеност.[7] Чајковски пак, имал голема почит за музиката на Григ, изразувајќи се пофално за нејзината убавина, оригиналност и топлина.[8]

Старост

уреди
 
Музеј на Григ во Тролдхауген

Кога достигнал поодминати години, Григ добил државна пензија. Пролетта 1903 г, во Париз снимил девет кратки грамофонски плочи и неколку ролни за самосвиречко пијано, и истите се сочувани до денес во изворните и други посовремени формати.

Во 1906, во Лондон го запознал композиторот и пијанист Перси Грејнџер, со кој воспоставил мошне блиски пријателски односи што се темелеле на голема заемна почит помеѓу нив двајца.

Едвард Григ починал есента 1907 г. по долго боледување, на возраст од 64 г. Последните зборови му биле „Е па, ако така мора да биде.“ На неговиот погреб присуствувале 30-40 илјади граѓани на Берген, кои дошле да му оддадат почит на покојниот композитор. Во оваа прилика е исполнета и неговата желба да се отсвири погребниот марш за Нордрак, во оркестрација на Јохан Халворсен, близок пријател и роднина по брак. Покрај тоа, на погребот е отсвирен и познатиот „Погребен марш“ од Соната за пијано Бр. 2 од Фредерик Шопен. Кремираните тела на Григ и неговата сопруга почиваат во планинска гробница близу нивниот дом во Тролдхауген.

Дела

уреди

Во пораниот опус на Григ се вбројува една симфонија (која подоцна ја притаил) и една соната за пијано. Тој е автор и на три сонати за виолина и пијано и една соната за виолончело.[1]

Григ ја искомпонирал и свитата „Пер Гинт - Во пештерата на планинскиот цар“ како музика за драмското дело „Пер Гинт“. На таа сцена, Пер ја грабнува невестата од венчавка. Збеснатите гости го гонат, и Пер паѓа, удирајќи со главата во карпа. Потоа се буди во планина, окружен со тролови. Музиката ги претставува налутените тролови, кои го застрашуваат Пер и истата станува сè посилна како што се повторува кудењето. Композицијата завршува со тоа што Пер бега од планината.

Во писмо до пријателот Франц Бејер од 1874 г., Григ се жали од оваа композиција, искажувајќи се: „Искомпонирав и нешто за сцената во пештерата на планинскиот цар – нешто што ми е неподносливо да го слушам бидејќи апсолутно смрди на кравји лепешки, претеран норвешки национализам и тролска самозадоволност! Но имам чувство дека иронијата ќе се познае.“[9]

Холбергова свита“ е првично предвидена за пијано, а подоцна прилагодена за гудачки оркестар. Григ компонирал и музика за песни од Хајнрих Хајне, Гете, Хенрик Ибзен, Ханс Кристијан Андерсен, Радјард Киплинг и други.

Избрани дела

уреди
  • Соната за пијано во е-мол, Оп. 7
  • Виолинска соната Бр. 1 in Ф-дур, Оп. 8
  • Концертна увертира „На есен“, Оп. 11
  • Виолинска соната Бр. 2 во Г-дур, Оп. 13
  • Концерт за пијано во а-мол, Оп. 16
  • Сценска музика за драмското дело „Сигурд Јорсалфар“, Оп. 22
  • Сценска музика за драмското дело „Пер Гинт“, Оп. 23
  • „Балада во облик на варијации на норвешка народна песна во г-мол, Оп. 24
  • Гудачки квартет во г-мол, Оп. 27
  • „Албум за машки хор“, Оп. 30
  • „Две елегиски мелодии за гудала“, Оп. 34
  • Четири „Норвешки танци“ за пијано (четири раце), Оп. 35 (подоцна оркестрирани)
  • Соната за виолончело во а-мол, Оп. 36
  • „Холбергова свита“ за пијано, подоцна во аранжман за гудачки оркестар, Оп. 40
  • Виолинска соната Бр. 3 во ц-мол, Оп. 45
  • Свита „Пер Гинт“ Бр. 1, Оп. 46
  • „Лирска свита“ за оркестар, Оп. 54 (оркестрација на четири „Лирски творби“)
  • Свита „Пер Гинт“ Бр. 2, Оп. 55
  • Свита од „Сигурд Јорсалфар“, Оп. 56
  • Четири „Симфониски танци“ за пијано, подоцна во аранжман за оркестар, Оп. 64
  • Циклус песни „Хаугтуса“ според Арне Гарборг, Оп. 67
  • „Слотер“ (селски танци) за пијано, Оп. 72
  • Шеесет и шест „Лирски творби“ за пијано во десет книги, Опп. 12, 38, 43, 47, 54, 57, 62, 65, 68 и 71, вклучувајќи ги: „Ариета“, „На пролетта“, „Птичка“, „Пеперутка“, „Ноктурно“, „Венчавка во Тролдхауген“, „Ничкум пред тебе“, „Копнеж за дома“, „Марш на џуџињата“, „Еротска поема“ и „“.

Григ како тема во уметноста и во популарната култура

уреди

григ се јавува како инспирација во некои дела од уметноста и популарната култура, како:

Поврзано

уреди
 
Партитура „Лирски творби“, Оп. 12, Книга I

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 Benestad, Finn. „Edvard Grieg“. Во Helle, Knut (уред.). Norsk biografisk leksikon. Oslo: Kunnskapsforlaget. Посетено на 10 септември 2011.
  2. Benestad; Schjelderup-Ebbe (1990) [1980]. стр. 25–28
  3. Robert Layton. Grieg. (London: Omnibus Press, 1998). 18.
  4. 4,0 4,1 Benestad; Schjelderup-Ebbe (1990) [1980]. стр. 35–36
  5. Benestad; Schjelderup-Ebbe (1990) [1980]. стр. 24
  6. Nina Grieg – utdypning (Store norske leksikon)
  7. Gretchen Lamb. „First Impressions, Edvard Grieg“. Архивирано од изворникот на 2009-10-27. Посетено на 11 октомври 2006. Lamb cites David Brown's Tchaikovsky Remembered
  8. Richard Freed. „Piano Concerto in A minor, Op. 16“. Посетено на 11 октомври 2006.
  9. Layton, Robert (1998). Grieg: Illustrated Lives of the Great Composers. Omnibus Press. стр. 75. ISBN 0-7119-4811-9. See also: Tommasini, Anthony (16 септември 2007). „Respect at Last for Grieg?“. The New York Times. Посетено на 4 јули 2008.
  10. Desanka Maksimović, Izabrane pesme (peto dopunjeno izdanje). Beograd: BIGZ, 1985, стр. 106.
  • Benestad, Finn; Schjelderup-Ebbe, Dag (1990) [1980]. Edvard Grieg – mennesket og kunstneren (II. изд.). Oslo: Aschehoug. ISBN 82-03-16373-4.

Надворешни врски

уреди

Партитури

уреди