Етида (француски: étude) — инструментална музичка композиција, обично кратка, создадена да обезбеди материјал за вежбање за усовршување на одредена музичка вештина. Традицијата на пишување етиди се појавила на почетокот на 19 век со брзорастечката популарност на пијаното. Од огромниот број етиди од таа ера, некои сè уште се користат како наставен материјал (особено дела од Карл Черни и Муцио Клементи, а неколку и од големите композитори како Фредерик Шопен, Франц Лист и Клод Дебиси, имаат место во денешниот концертен репертоар. Етидите напишани во 20 век ги вклучуваат оние поврзани со традиционалните (Ѓерѓ Лигети) и оние кои бараат целосно неортодоксна техника (Џон Кејџ).

Фредерик Шопен Етида оп. 10, бр. 2 : брза хроматска скала на десната рака се користи за развој на послабите прсти на десната рака. Повеќето етиди се напишани за да се усоврши одредена техничка вештина.
Фредерик Шопен Етида оп. 25, бр. 11

19-ти век

уреди

Студиите, лекциите и другите дидактички инструментални дела компонирани пред 19 век се исклучително разновидни, без воспоставени жанрови. 30 Essercizi per gravicembalo на Доменико Скарлати („30 вежби за чембало“, 1738) не се разликуваат по обем од неговите други дела за клавијатура, а четирите тома на Ј.С. Бах Clavier-Übung („вежби за клавијатура) се многу разновиди, содржат од едноставни дуети до обемните и тешки Голдбергови варијации.

Ситуацијата се променила на почетокот на 19 век. Упатствата со вежби станале многу вообичаени. Од особена важност биле збирките на „студии“ на Јохан Баптист Крамер (објавени помеѓу 1804 и 1810 година), раните делови од Gradus ad Parnassum (1817–26) на Муцио Клементи, бројните дела на Карл Черни, Vingt exercises et préludes на Марија Шимановска итн. (околу 1820), и Studien Op. 70 од Игназ Мошелес (1825–26). Меѓутоа, со доцните делови од збирката на Клементи и Мошелесовата Charakteristische Studien Op. 95 (1836–37) ситуацијата почнала да се менува, при што и двајцата композитори се стремеле да создадат музика што ќе ја задоволи публиката на концерт и ќе послужи како добра наставна алатка. Таквата комбинација на дидактичка и музичка вредност во етидата понекогаш се нарекува концертна етида.[се бара извор]

 
Последнире редови од Трансценденталната етида бр. 2 на Франц Лист: една од најтешките етиди на Лист, ова е етида во пасуси за наизменични и преклопувачки раце.

Техниката потребна за свирење на Шопеновите Етиди, Оп. 10 (1833) и Оп. 25 (1837) била исклучително иновативна во времето на нивното објавување; првиот изведувач кој успеал да ги совлада делата е реномираниот виртуоз композитор Франц Лист (кому Шопен му го посветил оп. 10). Самиот Лист составил голем број етиди кои биле пообемни, па дури и посложени од оние на Шопен. Меѓу нив, најпозната е збирката Трансцендентални етиди (конечната верзија објавена во 1852 година). Сепак, овие не го задржале дидактичкиот аспект на работата на Шопен, бидејќи тежината и техниката што се користи варираат во одредено парче. Секоја од етидите има различна особина, означена со нејзиното име: Прелудио; Молто виваче; Пејзаж; Мазепа; Фе фоле (Feux Follets); Визија; Ероика; Вајлд џегд (Див лов); Рикорданца; Алегро молто агитато; Harmonies du Soir (Вечерни хармонии); и Chasse-neige (Снежни виори).

Во 19 век, исто така, се забележани голем број збирки етиди и студии за други инструменти освен за пијано. Гитаристот композитор Фернандо Сор ги објавил своите 12 етиди, оп. 6 за гитара во Лондон уште во 1815 година. Сите овие дела се во согласност со стандардната дефиниција на етидата од 19-тиот век со тоа што тие се кратки композиции, секоја обработува еден единствен аспект на техниката. Збирки на етиди за флејта биле објавени во втората половина на 19 век од Ернесто Келер, Вилхелм Поп и Адолф Тершак.

20-ти век

уреди

На почетокот на 20 век биле објавени голем број важни збирки на етиди. Етидите за пијано на Клод Дебиси (1915) се усогласени со правилото „еден аспект на техника по парче“, но покажуваат неортодоксни структури со многу остри контрасти и многумина се концентрираат на звучности и тембри карактеристични за пијаното, наместо на технички точки. 53-те студии на Леополд Годовски за етидите на Шопен (1894–1914) се создадени врз основа на етидите од Шопен: дополнувањата и промените на Годовски ја издигнале музиката на Шопен на нови, дотогаш непознати нивоа на тежина. Други важни етиди од овој период се 12 етиди за гитара на виртуозот Хеитор Вила-Лобос (1929) и дела од руски композитори: Етиди-таблoa од Сергеј Рахманинов (1911, 1917) и неколку збирки на Александар Скрјабин (сите за пијано).

До средината на векот старата традиција на етиди била во голема мера напуштена. Quatre études de rythme на Оливие Месијан („Четири етиди за ритам“, 1949–50) не биле дидактички композиции, туку експерименти со скали на времетраење, како и со динамика, фигурации, бои и тон. Етидите на Џон Кејџ - Études Australes (1974-75) за пијано, Études Boreales (1978) за виолончело и/или пијано и Freeman Études (1977-80, 1989-90) за виолина - се неопределени дела, засновани на ѕвездени карти и некои од најтешките дела на репертоарот. Трите книги Études од Ѓерѓ Лигети (1985, 1988–94, 1995) се можеби најблиску до старата традиција со тоа што и тие се концентрираат секоја на одредена техника. 100-те трансцендентални етиди на Каихосру Шапурџи Сорабџи (1940–44), кои како почетна точка ги земаат Годовски и Лист, често се фокусираат на одредени технички елементи, како и на различни ритмички тешкотии.[1][2] Вилијам Болком бил награден со Пулицерова награда за неговите Дванаесет нови етиди за пијано во 1988 година.

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. Fredrik Ullén. „100 Transcendental Etudes (1940–44)“. The Sorabji Archive. Посетено на 2013-08-01.
  2. Marc-André Roberge. „Notes on the Études transcendantes“. Sorabji Resource Site. Посетено на 2013-08-01.

Надворешни врски

уреди