Проспер Мериме
Проспер Мериме (француски: Prosper Mérimée), (Париз, 28 септември 1803[1] — Кан (Приморски Алпи), Кан, 23 септември 1870)[2] – француски писател, драматург, историчар, археолог и романописец од XIX век. Најпознат е по неговата новела „Кармен“ која станала основа за операта „Кармен“ од Жорж Бизе. Тој бил прв братучед на физичарот Огистен Френел (1788-1827)
Проспер Мериме Prosper Mérimée | |
---|---|
Проспер Мериме | |
Роден/а | 28 септември 1803 Париз, Франција |
Починат/а | 23 септември 1870 Кан, Франција | (возр. 66)
Занимање | писател, историчар, археолог |
Националност | француска |
Период | XIX век |
Значајни дела | „Коломба“, „Кармен“ |
Животопис
уредиМериме потекнува од имотно граѓанско семејство кое негувало книжевно-филозофски, уметнички традиции, така што рамнодушно ги набљудувале политичките превирања во Франција (Француската револуција и Наполеоновото царство) и не учествувало ниту во политичките ни во верските судири. Татко му и мајка му биле сликари, а и самиот Проспер имал сликарска дарба. Мајка му на Проспер Мериме била толку антиклерикална, што нејзиниот син не бил ниту крстен. Во училиштето, Мериме бил просечен ученик и го учел само она што го интересирало: ги читал претходниците на романтизмот, цртал и сликар, но рано созреал и се развил во критички дух. На седумнаесетгодишна возраст се запишал на студиите по право, кои ги завршил во 1823 година, но не станал адвокат, како што посакувал татко му, туку се посветил на книжевноста и цели десет години немал друго занимање. Во тој период, Мериме ги посетувал книжевните салони, се дружел со многу познати писатели и сликари и во 1822 година се запознал со Стендал, кој штотуку ја напуштил Италија. Во почетокот, Стендал не бил многу наклонет кон Мериме, опишувајќи го како „кутрото момче во сив реденгот и толку грд со своето напрчено носе. Тоа момче имаше нешто...крајно непријатно. Неговите ситни и безизразни очи имаа секогаш ист изглед, пакосен“. Навистина, Мериме не бил ниту убав, ни добар ни елегантен, но сепак, благодарејќи на својот ум и талент, успеал да се спријатели со Стендал, кој го воведол во салонот на Етјен Делаклиз, каде Мериме набргу се наметнал со својата интелигенција. Мериме темелно зборувал неколку јазици, имал дарба за говорништво, а поради неговите антирелигиозни испади го нарекле вториот Волтер. Либерал според своето убедување, Мериме сè почесто ги посетувал либералните салони во кои се зацврстил неговиот углед, иако тој бил претежно набљудувач, наместо активен учесник. Подоцна, Мериме се изјаснил за широк либерализам - го напаѓал лицемерието и го нагласувал фарисејството на свештенството, но не покажувал наклонетост кон народот. Оттука, иако не бил ројалист, тој не бил ниту републиканец, туку цело време останал индивидуалист. Истовремено, Мериме водел развратен живот, со бројни љубовни авантури и често ги посетувал театрите, монденските ресторани и злогласните места. На пример, за време на карневалот во 1829 година се вратил дома дури по изгрејсонцето, а во едно писмо до некој англиски пријател напишал: „Сметам дека вреди да се живее“.[3]
Како голем ерудит, познавач на историјата, архитектурата и археологијата, на возраст од 28 години Мериме станал шеф на одделение при Главниот секретаријат на министерството за поморство, со што започнала неговата кариера како државен службеник, така што до крајот на животот книжевноста му била само споредна професија. Набргу станал шеф на кабинетот во министерството за трговија, во 1834 година станал инспектор во Управата за историски споменици и народни старини. На оваа должност останал повеќе од 20 години и одиграл голема улога во зачувувањето на културно-историското и уметничкото наследство. Во својство на инспектор, Мериме патувал низ Франција и во Корзика, а од тие патувања произлегле голем број статии во разни списанија во кои тој известувал за најразновидни предмети. Покрај посетите на историските места, Мериме ги подучувал и ги надгледувал реставраторите, кои по негова иницијатива обновиле бројни француски историски споменици.[4] Во 1844 година, Мериме станал член на Француската академија. Мериме се интересирал за рускиот јазик и руската книжевност, преведувал дела од руски писатели, а бил и пријател на Иван Тургенев. Покрај литературните, пишувал и научни работи од областите со кои се занимавал. Во 1854 година станал сенатор, а подоцна и секретар на сенатот (1860).
Проблем со класифицирањето
уредиМериме, романтичар според времето во кое живеел и по некои елементи на своето творештво, во исто време бил класичар и реалист.
Романтичар
уредиСо еден свој дел, Мериме е човек на своето време и околина. Своите најдобри книжевни дела ги створил во периодот од 1825 до 1845 година, што во целост се поклопува со периодот на процут на движењето на романтизмот во Франција. Кај Мериме, романтичен е неговиот интерес за другите народи, за непознати, егзотични земји, тамошните обичаи, и воопшто за фолклорот. Него го интересира сè што е необично, чудно и фантастично, вклучувајќи го и натприродното и страшното. Како добар познавач на историја, интересирајќи се за минатото тој го пренесува во книжевноста. Заедно со Стендал, а како романтичар, Мериме во луѓето бара силни чувства, груби и жестоки страсти, избувливост и енергија, бунтовнички дух и со уживање му се препушта на посматрањето на исклучителните личности. Интересно е само она што отскокнува од секојдневното мртвило на граѓанскиот живот.
Класичар
уредиКога станува збор за начинот на кој му пристапува на предметот на уметничка обработка и неговото третирање, Мериме е продолжувач на класицистичките традиции во француската книжевност. Класицистичкиот манир на Мериме, пред сè, се гледа во сузбивање на распрснувањето, постојаната контрола на сопствените чувства и текови на мислите, грижливо одбирање на материјата и задржување само на она што е битно и неопходно. Неговиот израз е концизен, набиен со смисла, композицијата и нарацијата се јасни и логични. Како голем класичар, го задржува чувството на мерка и ред и има такт на воспитан човек кој владее со себеси. Со класицизмот го поврзува и тежнеењето во уметничките дела со совршен облик да ги изрази вечните човечки страсти. По своите особини Мериме е наследник на големите писатели на класицизмот од XVII век, како што се Пјер Корнеј, Молиер и Жан Расин.
Реалист
уредиПокрај долгот на романтичарското движење и на класичните писатели од XVII век, Мериме, заедно со Стендал, е зачетник на новите тенденции во книжевноста и претходник на француските реалисти. Со ретка смисла за стварност и нејзино сликање, Мериме прави сè да дојде до тоа. Тој е љубопитен набљудувач, слушател и читател. Како и реалистите и натуралистите, тој собира документација на чија основа подоцна ќе го твори книжевното дело. Притоа, го издвојува битното и карактеристичното и во кратки црти го доловува, оживувајќи и осветлувајќи ги на тој начин личностите и случувањата. Односот на Мериме кон стварноста е однос на незаинтересиран сведок, верен сликар, кој не измислува и не коментира. На тој начин тој ни мисловно, ни афективно не се врзува за стварноста прикажана во делото. Мериме раскажува што видел, а не што доживеал. Тој се наоѓа покрај случките, а не во нив. Со отфрлање на лесната и наивна филозофија, како и пишување дела со теза, појава популарна во тоа време, Мериме исто така покажува реалистички и антиромантичарски тежнеења. Како психолог не се впушта во несигурни истражувања на нејасни и далечни предели на човечката душа. На тој начин строго ја чува ненадминливоста на сликата на реалноста од мечтата и психолошките претпоставки и шпекулации. Мериме е често скептичен и ироничен, што преминува во песимизам. Сето тоа му помага да не падне во занес и мечтаење, но понекогаш е и знак на супериорното дистанцирање на писателот од сопственото дело.
Книжевно дело
уредиТеатарот на Клара Газил
уредиСвојот долг кон романтизмот, Мериме го платил во своето прво позначајно книжевно остварување. Задоволувајќи ја својата склоност кон мистифицирање, во 1825 година ја објавил збирката пиеси „Театарот на Клара Газил“ (Le théâtre de Clara Gazul). Своето дело на публиката ѝ го претставил како француски превод на наводната шпанска глумица. Истовремено, овие едночинки, Мериме ги читал пред присутните во салонот на Етјен Делаклиз, каде што го претставил Стендал. Книгата „Театарот на Клара Газил“ се стекнала со популарност во тесен круг на читатели: Шатобријан се изразил пофално за неа; тогашниот млад професор на Сорбона, Виктор Кузен, му упатил претерани пофалби, така што Мериме се прашувал дали да ги сфати сериозно; а Гете изјавил: „Еве, еден мал непрокопсаник кој се крие под генијот на една жена; но, тој секако е прекрасен и добар гениј кој ќе отиде многу далеку“.[5] Мешајќи го трагичното и комичното и занемарувајќи го класичарското правило за три единства (место, време и дејство), Мериме две години пред Виктор Иго ги илустрирал идеите кои најголемиот француски романтичар ги изнесол во предговорот на „Кромвел“.
Во првото издание се издвојува историската „комедија во три дена“ „Шпанци во Данска“. Второто издание Мериме го дополнил со две пиеси. Најинтересна е духовитата антиклерикална комедија „Кочијата на светото миросување“ (Le Carosse du Saint-Sacrement), чие дејство се одвива во главниот град на Перу, Лима. Во третото издание од 1828 година, Мериме ја додал историската пиеса „Жакеријата“ (La Jacquerie). Единствено за пиесата „Жакеријата“ темата е земена од француската средновековна историја (селанската буна во Франција од 28 мај 1358 година). Во оваа романтична трагедија Мериме го прикажува ужасот на феудалното доба во кое за никого не е резервирана позитивна улога - ниту за благородниците, ниту за калуѓерите, ниту за селаните.[5] Сите други пиеси се случуваат во Шпанија или во Латинска Америка, што на збирката ѝ дава егзотична нијанса. Ова, покрај страстите, драматичните ситуации кои проистекуваат од нив и историските евокации, го придодава ова дело на романтичарскиот театарски фонд.
Иако пиесите од „Театарот на Клара Газил“ набргу биле заборавени (на репертоарот се задржала само драмата „Кочијата на светата причест“), овие драми претставуваат важен дел во развојот на романтичарскито театар и првото практично остварување на Стендаловите театарски теории: драма во проза, без антички предмети и без класичното единство, т.е. театар за читање, а не за гледање. Всушност, токму ова дело го запечатило пријателството меѓу Мериме и Стендал, кој во своите „Спомени на еготизмот“ го нарекол „свој најдобар сегашен пријател“.[5]
Гусли
уредиИ понатаму творејќи во духот на романтичарското движење, во 1827 година Мериме ја објавува својата прочуена мистификација „Гусли, или избор на илирски песни собрани во Далмација, Босна, Хрватска и Херцеговина“ (La Guzla ou choix de poesies illyriques, recueillies dans la Dalmatie, la Bosnie, la Croatie et l'Herzegovine). Оваа егзотична книга се одликува со силна локална боја, така што таа не придонела многу за натамошното зголемување на неговата репутација. Сепак, Пушкин бил воодушевен од неа и превел неколку песни на руски јазик.[5]
Хроника за владеењето на Карло IX
уредиЗадоволувајќи го своето тежнеење кон транспонирање на историскиот материја во литературата, во 1829 година Проспер Мериме ја објавил „Хроника за владеењето на Карло IX“ (Chronique du regne de Charles IX), напишана под влијание на успехот на книгите на Валтер Скот. Тоа е дело за љубовта и убиството во кое се раскажува за двајца браќа, калвинист и католик. Братот калвинист, во љубовен занес станува спремен да ја смени верата, но по крвавата Вартоломејска ноќ, станува убиец на сопствениот брат. Оваа книга постигнала одреден успех и го направила Мериме уште попознат. Истовремено, таа претставува значајна пресвртна точка во неговата книжевна кариера, зашто тој нема повеќе да се враќа кон романтичната драма или кон историскиот роман.[6]
Новели
уредиПокрај мистификациите, драмите и историските романи, Мериме пишувал и новели. Почнал да ги објавува во 1829 година, во магазинот „Париска ревија“. Меѓу мај 1829 и јуни 1830 година, Мериме објавил 12 дела (раскази, комедии и лирски балади).[6] Во нив до полн израз дошла неговата смисла за едноставност, за брзо и сигурно водење на дејството до кулминација, за концизност и лапидарност во изразот. Затоа, пред сè во историјата на француската книжевност, Проспер Мериме зазема истакнато место како еден од најдобрите романописеци.
Рана фаза
уреди- „Освојување на шанецот“ (L’Enlèvement de la redoute). Во 1829 година, објавена е приказната за една епизода од Француско-пруската војна. Таа сведочи за романописецичката виртуозност, неговата моќ низ случките, без коментар, особено без никакво ангажирање на чувствата, импресивно ја доловил сликата на хероизмот на воините и трагичните збивања. Веќе во оваа новела Мериме го напуштил романтичарското милје, останувајќи доследен на класицистичкиот однос кон формата и навестувајќи го реализмот.
- „Матео Фалконе“ (Mateo Falcone). Исто така, објавена во 1829 година, таа спаѓа меѓу најдобрите остварувања во овој вид и му донела голема популарност на авторот. Во оваа повест за предавството и честа, во која таткото го убива сопствениот син за да ја тргне лагата од семејното име, Мериме го достигнал врвот на драмскиот интензитет. Тој интензитет во најголем дел е заснован на контрастот меѓу возбудливоста и трагичноста на случувањата и концизноста и умереноста на изложувањето.[6]
- „Етрурска вазна“(Le Vase étrusque). И во оваа новела станува збор за љубов и крв, но не за избувлива и неконтролирана, туку за префинета и дискретна. Главна личност на оваа приказна е Сен-Клер, во чиј портрет писателот вградил и некои автобиографски црти. Оваа новела означува нова фаза во развојот на раскажувачкиот стил на Мериме.[6]
Средишна фаза
уредиРаботејќи како државен службеник, Мериме сè повеќе ја запоставувал книжевната работа и до 1837 година успеал да објави само два расказа: „Душите од чистилиштето“ и „Илската Венера“.[4]
- „Душите од чистилиштето“(Les Âmes du purgatoire). Оваа новела е објавена во 1834 година и со неа Мериме започнува да ги проширува рамките на своите приказни. Всушност ова е негова верзија на Дон Жуан, во која многу повеќе го интересира сликовитото и драматичното отколку проблемот на гревот и искупувањето, а забележителни се елементи на фантастика и ужас.
- „Илска Венера“(La Vénus d’Ille). Напишана во 1835, а објавена во 1837 година, во неа фантастичното и ужасното прераснуваат во натприродно. Реалистичкиот декор на едно место на Пиринеите, со описи на свадбената свеченост, станува место на право чудо: синот на месниот археолог-аматер, на денот на венчавката е жртва на љубоморната Венера која ја откопал неговиот татко.
Зрела фаза (Коломба и Кармен)
уредиДвете најдобри и најпознати новели на Мериме се „Коломба“ (1840) и „Кармен“ (1845). Покрај заедничката голема уметничка вредност, овие две новели имаат доста допирни црти: двете се подолги, со обем како кратки романи. Темата и на едната и на другата се љубовта, честа и крвта, а главни личности се жени. Како непосреден поттик за нивното настанување, на Мериме му послужиле неговите патувања по Средоземјето (Корзика, Шпанија и др.) и внимателното набљудување на пределите во кои подеднакво учествуваат уметникот и научникот. Според тематиката, ликовите „Коломба“ и „Кармен“ се романтичарски новели, но по обработката и двете се реалистички. Дури и кога зборува за младата Коломба, која потсетува на античката Електра во одмазднички занес или кога ни го доловува ликот на непостојаната и заводлива Кармен и трагичната љубов на Дон Хосе, Мериме е неутрален набљудувач. Покрај реалистичките тенденции, во делото се препознаваат и класицистички постапки како што се шаблонско воведување во дејството, запознавање со протагонистите и подготовка на кулминацијата.
Доцна фаза
уредиВо една од последните напишани новели, Мериме повторно ѝ се вратил на романтичарската склоност кон необичното и ужасното. Тоа е новелата „Локис“ (1869). Во неа се раскажува за литвански гроф, човек-мечка, кој на денот на венчавање, воден од неодолив нагон, смртно ја каснува својата жена.
Осврт кон творештвото на Мериме
уредиИако не оставил обемно книжевно дело, Мериме напишал неколку раскази и новели кои спаѓаат во најсовршените примероци од тој жанр и до ден-денес важат како примери за убаво пишување. Во таа смисла, без „Коломба“ и „Кармен“ нешто би недостасувало во француската книжевност. Неговиот стил е класичен и отстапува од јазикот на писателите кои произлегле од школото на Шатобријан, Балзак и Иго. Стилот на Мериме е толку упростен што делува сиромашно, но затоа пак е непосреден и јасен. Мериме не се служи со методот на Балзак, кој ги испитува далечните и тајни причини на некој настан и него не го интересираат социјалното потекло на јунаците, нивните предци итн., туку тој се интересира за непосредните постапки на јунаците во одредена прилика, т.е. непосредната причина на дејството. На пример, Таманаго се осветува затоа што во него се наталожила омразата, а Фортунато е предавник затоа што го мачи зависта. Анализата на тие страсти е суштината на новелите на Мериме, а во сликањето на тие емоции често нема нијанси, туку сите тие се силни и жестоки. Во таа смисла, во сите новели на Мериме има многу крв, силна и брутална енергија и силни страсти.
Мериме, во основа, е класичар и него не го задоволуваат ниту романтизмот ни реализмот, туку тој усвојува сè што му изгледа најдобро од двата правци. Тој се држи до стварноста, но го избегнува тесниот реализам. Од друга страна, сведувајќи го стилот на детаљна точност и давајќи му на фантастичното акцент на вистината, тој му помогнал на реализмот да се ослободи од романтизмот. Мериме е класичар според темпераментот и од него ги усвоил јасноста и концизноста во сликањето на страстите и карактерите; од романтизмот ги презел бојата, егзотиката и љубовта кон примитивната природа; а од реализмот непосредната визија, чувството за стварноста и добро избраните детаљи. Мериме делумно ја остварил уметничката цел дефинирана од Иполит Тен: да се концентрира, да се резимира животот. Неговите новели се толку впечатливи, потресни и драматични, што на читателот му оставаат толку силен впечаток како и најголемите романи. Мериме мајсторски создава атмосфера на веројатност и присутност, која ја постигнува не со помош на дијалогот или описите, туку преку изборот на обични, ситни, но важни околности. Оттука иако ниту за време на животот, а ни по смртта не бил премногу популарен, за Мериме не се карактеристични ниту големите осцилации во оценката на уметничкото дело (како кај некои други автори). Гласот на еден од најдобрите француски раскажувачи, стекнат за време на животот, Мериме го задржал до ден-денес.[7]
Галерија
уреди-
Куќата на Мериме во Париз изгорена во пожар
-
Куќата во Кан каде Мериме умрел
-
Гваж на Мериме, Уметнички музеј Грас. Дар од Франсоа Карно
-
Еден од многубројните цртежи на мачка од Мериме
-
Автопортрет (цртеж)
Поврзано
уредиНаводи и белешки
уреди- ↑ Според одредени извори е роден на 23 септември (Biographie de Prosper Mérimée) или на 27 септември).
- ↑ Mérimée|Encyclopædia Britannica онлајн
- ↑ Dušan Milačić, „Beleška o piscu“ во: Prosper Merime, Kolomba. Beograd: Rad, 1963, стр. 136-138.
- ↑ 4,0 4,1 Dušan Milačić, „Beleška o piscu“ во: Prosper Merime, Kolomba. Beograd: Rad, 1963, стр. 139.
- ↑ 5,0 5,1 5,2 5,3 Dušan Milačić, „Beleška o piscu“ во: Prosper Merime, Kolomba. Beograd: Rad, 1963, стр. 137.
- ↑ 6,0 6,1 6,2 6,3 Dušan Milačić, „Beleška o piscu“ во: Prosper Merime, Kolomba. Beograd: Rad, 1963, стр. 138.
- ↑ Dušan Milačić, „Beleška o piscu“ во: Prosper Merime, Kolomba. Beograd: Rad, 1963, стр. 136-143.
Надворешни врски
уреди„Проспер Мериме“ на Ризницата ? |
- Дела од Prosper Mérimée на проектот „Гутенберг“
- Дела од или за Проспер Мериме на Семрежниот архив
- Дела од Проспер Мериме на LibriVox (аудиокниги во јавна сопственост)
- Mérimée's works, a bibliography and a chronology of his life in English: http://frenital.byu.edu/merimee/
- Barnes, Julian (7 July 2007). „An inspector calls“. The Guardian. Посетено на 2007-07-26.
- (француски) Notice biographique de l’Académie française
- (француски) Site du Ministère français de la culture sur Mérimée
- (француски) Prosper Mérimée et le patrimoine monumental sur Culture.fr Архивирано на 27 мај 2007 г.***
- (француски) Société Mérimée