Кристијан Јохан Хајнрих Хајне (германски: Christian Johann Heinrich Heine) (13 декември 1797, Диселдорф - 17 февруари 1856, Париз) - германски поет, новинар, есеист и книжевен критичар.

Хајнирх Хајне
Портрет на Хајнрих Хајне
Роден/а13 декември 1797
Диселдорф,  Германија
Починат/а17 февруари 1856
Париз,  Франција
Жанрпоезија
Значајни делаЛирски интермецо

Животопис

уреди
 
Мајката на Хајне, Бети.
 
Сопругата на Хајне, Матилда.
 
Статуата на гробот на Хајне.

Хајнрих Хајне е роден на 13 декември 1797 година, во Диселдорф, каде што учел во француската гимназија. Татко му сакал синот да му биде трговец, но наместо тоа, Хајне студирал право во Бон, Гетинген и Берлин. Кога избувнала Јулската револуција во 1830 година, Хајне заминал во Франција: на 1 мај 1831 година пристигнал во Париз, каде што останал до смртта. Истата година му се дијагностицирани првите симптоми на неговата болест - атрофија на мускулите и сушење на ‘рбетот. Од 1848 година, тој не можел повеќе да излегува од собата, поминувајќи осум тешки години во борба со болеста (до смртта во 1856 година).

Неговото бавно умирање оставило силен печат врз психичкиот живот. Како што напредувала парализата, неговиот дух сè повеќе тонел во пределите на имагинацијата којашто не можела да ја запре ни морфиумот којшто го користел често за намалување на болките. Оттаму потекнуваат и хуморот, цинизмот, иронијата и бројните асоцијации во неговите песни. Бил погребан на Монмартр, без верски обред, а побарал на ковчегот да му се положи меч.[1]

Хајне живеел противречен живот, во кој има и многу темни точки. На пример, во 1827 година му нудел на кралот Лудвиг да се откаже од своето борбено минато само да добие професорско место во Минхен; бил подготвен да го брани војводата од Брауншвајг (голем деспот), ако тој му испрати орден; своите услуги ѝ ги нудел на пруската власт, вклучувајќи ја и подготвеноста да издава пруски весник во Париз (иако целиот живот ги мразел Прусите); го уценувал својот богат братучед, заканувајќи му се дека ќе ги открие семејните тајни итн.[1]

Творештво

уреди
 
„Одбрани песни“ со хронолигија на животот на Хајнрих Хајне, во препев на Гане Тодоровски и Блаже Конески Стисни на сликата за да ја отвориш и читаш книгата во целост

Поезијата на Хајне е разновидна, движејќи се од љубовни песни, преку мисловни творби, па сè до борбена, бунтовна поезија. Најпознати дела му се: „Книга со песни“, „Фирентински ноќи“, „Романцеро“, „Лирски интермецо“ итн. Во своите дела тој се спротивставувал на лажниот класицизам во германската лирика и против „тенденциозната лирика“ на Хервег и Фрајлиграт, го исмејувал „метричкото мајсторство“ на Платен, ја мразел вештачката виртуозност и сметал дека е бесмислено на германската поезија да ѝ се наметнува античката метрика. Така, во едно писмо до поетот В. Милер, Хајне напишал: „Колку се чисти и прозрачни вашите песни и сите тие се народни песни. А во моите стихови, напротив, само обликот е делумно народен, а содржината е земена од животните услови на нашето општество.“ Во тој поглед, неговиот лирски стил е непосреден, со слободен тон на изразување без никаква вкочанетост. Кога ја слика природата, тој ги истакнува убавините за окото (боите), а не за увото. Неговиот стил е тенок и нервозен, при што тој никогаш не се смирува и не опфаќа големи композиции. Многу често во неговите песни се среќаваат шегите, парадоксот и иронијата. Често, неговите песни се спој на романтика и песимистички реализам, како и спој на соништата и реалното. Песните од младоста се одликуваат со необична концизност и способност за опишување на сликите само со помош на неколку стихови. Во подоцнежното творештво, неговите стихови сè повеќе стануваат наративни. Инаку, ритамот му е слободен и природен, иако строго се менуваат арзите и тезите. Обично, во стиховите има два посилни или еден или два послаби акценти, а бројот на неакцентирани слогови варира. Во „Северно Море“ се среќаваат слободни ритми со две или четири арзи, додека бројот на ненагласените слогови во секоја стапка е различен. Подоцна, во епските песни тој ја напушта римата.[2]

Самиот Хајне напишал за својата поезија: „Со мене завршува старата германска лирска школа и се создава школа на новата германска лирика. Новото време ќе создаде за себе и нови облици на уметноста, дури и нова техника, различна од сегашната. Повеќе нема да биде потребно да се бара инспирација од мртвото минато. А додека не се изработат тие облици, нам не ни останува ништо друго, туку да ги даваме своите поединечни, лични изрази, стремежот на слободната личност за животот. Тоа е подобро отколку имитацијата на мртвите стари стилови.“[3]

Критички осврт кон делото на Хајне

уреди

Не само за време на животот, туку и подоцна, личноста и поезијата на Хајне биле предмет на спротивни ставови и гледишта: многумина го клеветеле; според некои, неговата поезија се одликува со премногу воочливи слабости; други го сметале за неморален, бескрупулозен, па дури и предавник; а на многумина тој им е омилен поет, рамо до рамо со Гете. Сепак, останува фактот дека уште додека тој бил жив, во САД се одржувале предавања за него, а неговите песни се првите европски стихови што биле преведени на јапонски јазик. Историчарот на книжевноста Л. П. Бец тврди дека Хајне е најпопуларниот поет во Франција и дека тој, како ниту еден друг германски поет, најмногу влијаел врз француските поети. Ниче го нарекува европска појава, а на неговите стихови компонирале Кројцер, Менделсон, Шуман и Шуберт - над 3.000 композиции се напишани по инспирација на неговите стихови. Иако тој не бил омилен кај неговите нетолерантни земјаци, него го ценеле и сакале Толстој, Балзак и Блок. Една песна на Владимир Мајаковски од 1920 година се вика „Хајнеовска“ (Геҋнеобразное).[4] Според Фридрих Ниче, Хајне е прв уметник на германскиот јазик и највисокиот поим за лиричар и во ниту една држава и ниту еден век не може да се пронајде таква слатка и страсна музика,[5] а според Меринг, Хајне зазема единствено и неспоредливо место не само во германската, туку и во светската книжевност. Според данскиот критичар Брандес, некои стихови на Хајне претставуваат врвна поезија, слична на Шели, меѓутоа според Кроче, кој високо ги цени поетските квалитети на стиховите на Хајне, нему му недостасува сериозна филозофска, па и етичка продлабоченост. Во продолжение, некои современи критичари го сметаат Хајне за пионер на модерната поезија, а неговото дело „Фирентински ноќи“ за синоним на современата новела, додека според други, современата книжевност е премногу далеку од Хајнеовиот романтизам, сентименталност и патос. Во тој конекст, на Хајне му се забележува дека не дава длабока анализа на психолошките манифестации, туку сè покрива со лесна иронија.[6]

Слично на целокупното негово творештво, и борбената поезија на Хајне предизвикувала различни реакции. На пример, Брандес ги истакнува силната бунтовна мисла и револуционерниот став во некои песни на Хајне (на кои им се воодушевувале руските револуционерни поети). Од друга страна Блок не ги ценел токму револуционерните песни на Хајне (како што е „Шлеските ткајачи“), откривајќи во нив погубен дуализам којшто го нарекувал Хајнеов јудаизам. Особено на Блок му било одвратно тоа што Хајне не бил доследен во личниот живот: парадирањето со сенсимонизмот, познанството и разделбата со Маркс, и ироничните зборови на Хајне дека по пролетерската револуција продавачот ќе прави кеси од неговите песни „за во нив да става кафе или тутун за оние стари жени кои во нашиот неправеден свет морале да се одрекуваат од таквите уживања“.[7]

Ваквите противречни ставови се должат на тоа што Хајне бил противречен и растргнат, нешто што и самиот го има посочено со зборовите: „Јас сум Евреин и христијанин; трагедија и комедија, Хераклит и Демокрит истовремено; јас сум Грк и Евреин; обожавател на деспотизмот овоплотен во Наполеон и поклоник на комунизмот што го проповеда Прудон; јас сум Римјанин и Тевтон; јас сум животно, ѓавол и бог.“ Творештвото на Хајне се состои од интелектуализам, иронија, недоследност, револуционерен пркос, занос и борба, порази и победи, но сепак, тој и ден-денес е читан, преведуван и влијателен.[6]

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 Miodrag Maksimović, „Pogovor“, во: Hajnrih Hajne, Pesme. Beograd: Rad, 1964, стр. 99.
  2. Miodrag Maksimović, „Pogovor“, во: Hajnrih Hajne, Pesme. Beograd: Rad, 1964, стр. 100-101.
  3. Miodrag Maksimović, „Pogovor“, во: Hajnrih Hajne, Pesme. Beograd: Rad, 1964, стр. 101.
  4. Владимир Мајаковски, Песме и поеме. Нови Сад: Академска књига, 2015, стр. 111.
  5. Фридрих Ниче, Ecce Homo (Ево човека) – Како постајеш, шта си. Сарајево: Издање И. Ђ. Ђурђевића, 1918, стр. 53.
  6. 6,0 6,1 Miodrag Maksimović, „Pogovor“, во: Hajnrih Hajne, Pesme. Beograd: Rad, 1964, стр. 97-99.
  7. Miodrag Maksimović, „Pogovor“, во: Hajnrih Hajne, Pesme. Beograd: Rad, 1964, стр. 98.

Надворешни врски

уреди