Македонски таен револуционерен комитет

(Пренасочено од МТРК)

Македонски таен револуционерен комитет (МТРК), Женевска група или Македонски револуционери-терористи била анархистичка револуционерна организација од крајот на XIX и почетокот на XX век, основана со цел ослободување на Македонија и Одринско.

Македонски таен револуционерен комитет (МТРК)
Функционира 18971900
Водач Михаил Герџиков, Петар Манџуков, Славе Мерџанов и Петар Соколов
Цели Ослободување на Македонија и Одринско
Подрачја Швајцарија, Македонија, Османлиско Царство и Бугарија
Идеологија Анархизам
Статус анархистичка револуционерна организација

Корени

уреди
Македонска револуционерна
организација (МРО)
 

Основите на оваа група е директна врска со тајниот кружок во Пловдиската гимназија од 1896 година, а кружок имал за цел ослободување на Македонија преку една внатрешна револуција.[1]

Организатори на овој кружок биле Михаил Герџиков и Петар Манџуков.[2] Тие биле под влијание на Нихилизмот и руското народништво.

Поради недостаток на средства тие двајца се одлучиле да организираат грабеж од своите најблиски, го украле орденот на Натанаил Кучевишки како и скапоцен прстен од мајката на Герџиков. Меѓутоа, биле откриени и биле исклучени од гимназијата, а пловдиската група била растурена. Во Казанлак, каде Герџиков и Манџуков го продолжиле своето образование, групата била оновена.[3]

Основање

уреди

Поголемиот дел од членовите на оваа група во 1897 година се нашле на студии во Женева. Меѓу нив се нашле: Михаил Герџиков, Петар Манџуков, Јордан Колчев, Димитар Општински, Димо Николов, Димитар Ганчев, Григор Дочев и други, а подоцна им се придружил и Славе Мерџанов. Таму тие стапиле во контакт со руските револуционери и под нивно влијание се формирале како анархисти.[4] Тогаш се преземени и конкретни мерки за оформување на една организација. Имено тие започнале со издавањето на еден весник Отм’штение (Одмазда) со поднаслов: Орган на македонските револуционери-терористи[5] и се формирале како Македонски таен револуционерен комитет (МТРК).[6]

Програма

уреди

Во февруари 1897 година тие издале еден Апел кој бил растурен меѓу македонската емиграција во Бугарија и тамошните дипломатски претставници. Во самиот Апел се наоѓала и Програмата за која се залагале овие млади идеалисти.

 
Михаил Герџиков

Во Програмата која била дел од самиот Апел било истакнато дека:

МТРК е природна последица од околностите во кои се наоѓа македонскиот народ [1]
...целосно одделување во политички и административен однос на Македонија и Одринскиот вилает од султановата... Полна независност и најширока слобода за македонскиот народ да си создаде управа каква што тој сака... без никаков странски притисок [7]

Уставот на МТРК

уреди
 
Уставот на МТРК
 
Програма на МТРК

Уставот на Македонскиот таен револуционерен комитет, составен и објавен заедно со Програмата и Апелот, на прегнантен начин ги изразува раководните принципи, карактерот и намената на МТРК.

чл. 1 од Уставот на МТРК се истакнува дека МТРК треба во прв ред да ја подготви и доврши револуцијата во Македонија со сите можни средства за конечно ослободување на македонскиот народ и истовремено да работи за „неговото економско, класно разбудување“ е мошне убедливо сведоштво за рефлектирањето на социјалистичките идеи кај основачите на МТРК. За целосно посветување на ослободителното дело се бараше членовите на МТРК да бидат лишени од секакво чувство и помисла за сопственост и се’ што имаат („ум, сили, живот и имот“) да му припаѓа на Комитетот и на светиот револуционерен потфат. Во распоредбата на Уставот за можноста МТРК да се снабдува со финансиски средства - пари, употребувајќи начини што тој ги наоѓа за „најдобри и целесообразни“ е изразено во зачеточен вид сфаќањето што подоцна ќе се среќава во практиката на некои револуционерни дејци во Македонија да не се избегнуваат грабнувања и други насилни методи за доаѓање до пари за потребите на ослободителното дело или за извршување одредени покрупни акции.

Средства

уреди

На кој начин и како тоа требало да се постигне, дознаваме од писмото на Петар Манџуков испратено на 18 јули 1898 година до Константин Кирков во кое се истакнува:

Нашиот несреќен македонски народ е изложен на безброј несреќи и понижувања од Турците... Далеку позагрижувачки е поведението на Европа, која за сметка на своите сомнителни интереси го заборава својот долг кон еден мал народ во срцето на светот. Ми се чини дека нашата должност во моментот е борбата да ни биде свртена кон таа Европа, која одлучува за судбината на нашиот народ, а потоа борбата со Турците ќе биде беспредметна. Чинам дека треба да сториме се, да ја заболи Европа, удирајќи ја по џебот за да се свести дека и другите поробени луѓе имаат право на живот и слобода... македонскиот народ... не може да се ослободи со едно востание... Ние сакаме да жртвуваме сопствени, а не народни животи... Ние сакаме повремено да предизвикуваме судири... и преку нашата крв да го свртуваме вниманието и симпатиите на човекољубивата Европа... македонското прашање ќе може... да се реши само ако ние, водечките Македонци... постојано предизвикуваме безредици [8]

Дејност

уреди

Во мај 1899 година во Букурешт, МТРК започнал преговори со тамошниот Албански комитет за кревање на едно албанско-македонско востание.

 
Петар Соколов и Славе Мерџанов

Преговорите биле неуспешни, меѓутоа во зимата 1899 година бил откриен еден повик, печатен во Софија, а потпишан од МТРК, станувало збор за циркулар испратен до водачите на комитетите (месни).

Во овој циркулар било истакнато дека по критското прашање на ред е македонското прашање, била истакната потребата од кревање на едно востание во престојната пролет, а било истакнато дека МТРК склучил спогодба со Албанскиот револуционерен комитет во Букурешт.

Според оваа спогодба Албанците и Македонците требало да кренат востание, најпрво Албанците требало да го убијат султанот, а потоа требало да се крене цела Албанија. Востанието во Македонија требало да започне во оние делови кои гравитирале кон Албанија, за да имаат сигурна позадина и потоа да се тргнело кон останатите краишта во Македонија.

Според планот востанието требало да ја принуди Европа да интервенира и да го реши македонското прашање. Повикот за востание коинцидирал со доаѓањето на Петар Манџуков во Скопје. Според Политическа свобода Манџуков со:

желбата да ги принесе своите скромни услуги пред ослободителниот македонски олтар ги напуштил студиите во Женева

Во јануари 1899 година во Скопје Манџуков бил откриен и уапсен од турските власти. Против него бил поведен судски процес од тежок политички карактер, бил осуден на доживотен затвор но потоа бил ослободен.

За да се реализира зацртаната програма биле потребни финансии и затоа со ждрепка бил извлечен Григор Дочев кој требало да замине за Бугарија за да обезбеди пари. Меѓутоа тој не успеал и затоа таму биле испратени Михаил Герџиков и Славе Мерџанов, а Дочев при првата средба со нив се самоубил поради неисполнетиот ангажман.

Геџиков и Мерџанов успеале да го придобијат поштенскиот службеник Стефан Махов и со негова помош, преку фалсификувани чекови да добијат околу 5.000 лева, а со тие пари Славе Мерџанов заминал за Македонија.

Во 1898 година Герџиков заминал за Македонија и станал учител во Битола, каде имал средба со Гоце Делчев. По овој состанок започнале преговорите помеѓу двете организации и како резултат од нив дошло до самораспуштање на МТРК, а поголемиот дел од дејците се влеале во Македонската револуционерна организација и Македонскиот комитет, додека Слави Мерџанов и Петар Манџуков решиле да дејствуваат самостојно и, меѓу другото, ги формирале Гемиџиите.

Значење

уреди

МТРК не постигнал големи резултати со својата дејност, но оставил силна трага врз македонското револуционерно движење. Тој бил плод на млади нетрпеливи револуционерни индивидуалисти, желни за брзи резултати. Овој Комитет ја поставил идејната основа на Гемиџиите и влијаел врз нивната дејност.

види: Гемиџии и Солунски атентати

Извори

уреди
  1. 1,0 1,1 Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или Смрт, Македонското националноослободително дело во Солунскиот вилает 1893 - 1903 година, Скопје, Институт за историја - Филозофски факултет
  2. Внук од сестра на Натанаил Кучевишки
  3. Петар Манџуков, Предвесници на бурата Т. I, Скопје, 1997.
  4. Х. Силяанов, цит. дело, т.1, 244
  5. Данчо Зографски, Македонски таен револуционерен комитет и Отм’штение, Скопје, 1954.
  6. Ангелъ Диамандиевъ, Констатнтин Антоновъ (Вълчо), Ил. Илинденъ, VI/5 (55-56), София, 1934
  7. Ванчо Ѓорѓиев, Апелот на Македонскиот таен револуционерен комитет од 1898 година, ГИНИ, XXXV/1-2, Скопје, 1991
  8. К. Битоски, Солунски атентати, Скопје, 1985

Литература

уреди
  • Данчо Зографски, Македонски таен револуционерен комитет и Отм’штение, Скопје, 1954.
  • Ванчо Ѓорѓиев, Апелот на Македонскиот таен револуционерен комитет од 1898 година, ГИНИ, XXXV/1-2, Скопје, 1991.
  • К. Битоски, Солунски атентати, Скопје, 1985.