Вук Караџиќ

српски јазичар
(Пренасочено од Вук Стефановиќ-Караџиќ)

Вук Стефановиќ Караџиќ (српски: Вук Стефановић Караџић; 7 ноември 17877 февруари 1864) — српски јазичар и голем реформатор на српскиот јазик и азбука.

Вук Стефановиќ Караџиќ
Роден 7 ноември 1787
Тршиќ, Османлиска империја
(денес Србија)
Починал 7 февруари 1864
Виена, Австрија
Занимање јазичар

Животопис

уреди
 
Куќата на Вук Караџиќ во музеј-селото Тршиќ

Вук Караџиќ е роден на 6 ноември 1787 година, во селото Тршиќ, во близина на Лозница, Србија. Тој потекнувал од лозата Караџиќ, која пак го влече потеклото од постарата лоза Дробњак од Петница. Татко му бил Стефан Јоксимов, по потекло од семејството Васоевиќ од Црна Гора, а мајка му била Евросима Јегда, родена Зрниќ, родум од селото Озриниќ, во околината на Никшиќ. Вук Караџиќ имал и брат Михаил, кој погинал за време на Првото српско востание. Во „Српскиот речник“ од 1852 година, самиот Вук Караџиќ објаснува зошто го му го дале името Вук: Кога некоја жена нема деца, тогаш на детето му го дава името Вук, мислејќи дека вештерките ги јадат децата, а тие пак не смеат да го нападнат волкот. Детството го поминал пасејќи кози и овци, а научил да чита и да пишува од роднината Јевта Савиќ Чотриќ, бидејќи „ни во сто села немаше училиште“. Вук Караџиќ вежбал да пишува на обвивката од фишек користејќи гускино перо намакано во раствор од вода и барут, или пишувајќи со зрели капинки на брезови кори. Во 1795 година, татко му го испратил Вук во приватно училиште во Лозница, кај учителот Гргур Гргуревиќ. Во текот на 1796 и 1797 година, поради појавата на чума, училиштето во Лозница се распуштило и Вук го продолжил школувањето во Троношкиот манастир, но пред доаѓањето на зимата се вратил дома да се грижи за козите и овците.[1]

Во 1804 година, кога избувнало Првото српско востание, Караџиќ бил во четата на Ѓорѓе Ќурчија, служејчќи како негов личен писар. Поради болки во коските и згрчената лева нога, во март 1805 година заминал во Карловци, каде го продолжил школувањето, а некое време негов учител бил калуѓерот и поет Лукијан Мушицки. Потоа, во 1806 година, заминал во Петриња, каде го учел германскиот јазик. Пролетта 1807 година преминал во ослободениот Белград, некое време бил писар на востаничките старешини низ Србија, а во 1808 година пак се вратил во Белград, каде се запознал со Доситеј Обрадовиќ за време на отворањето на Големото школо (Велика школа). Повторно, ревматизмот и грчевите во левото колено го принудиле да оди на лекување, најпрвин во бањата Мехадија Херкулана, во Банат, Романија, а потоа во болницата во Нови Сад. Меѓутоа, лекувањето не успеало и тој почнал да оди со подвиткана лева нога, служејќи се со бастун или со штака. Во 1810 година, почнал да се дружи со Сава Мркаљ и Лука Милованов, негови претходници во реформата на српскиот правопис, а по враќањето во Белград се запознал со Сима Милутиновиќ Сарајлија. Во април 1811 година, заминал во Неготинска Краина, по некое време бил назначен за управник на царината во Кладово, а подоцна и за судија и управител во Брза Паланка. Во 1813 година, Караџиќ заминал во Виена, каде се населил во предградието Ландштрасе и таму останал до крајот на животот. Следната година ја запознал Ана (Анета) Краус, петнаесетгодишната ќерка на виенскиот шивач Андреас Краус и на Ана Марија Краус (сопственичката на станот во Ландштрасе во кој живеел Караџиќ). Во 1816 година, сликарот Павел Ѓурковиќ го направил првиот портрет на Вук Караџиќ. Со Ана Краус се оженил во 1818 година, истата година им се родил синот Милутин, а до 1841 година Ана родила уште четири сина и осум ќерки. Притоа, синовите биле крстени по православниот обичај и носеле српски имиња, додека ќерките биле крстени по католичките обичаи. Сепак, многу од децата умреле во младоста, а родителите ги надживеале само синот Димитрие и ќерката Мина (Вилхелмина).[2]

Во август 1820 година, Караџиќ пристигнал во Србија и во Крагуевац го сретнал кнезот Милош. Во текот на 1823 година отпатувал во Касел, Германија, каде го посетил Јакоб Грим, а потоа и во Вајмар, во посета на Гете. Истата година, врз основа на то ашто веќе бил дописен член на научните друштва во Краков и Петербург, ја добил титулата почесен доктор на науки на Универзитетот во Лајпциг. Во 1825 година, за придонесот кон словенската филологија, Караџиќ добил руска пензија, со указ на царот Николај. Во октомври 1829 година, на покана од кнезот Милош, Караџиќ дошол во Србија за да го преведе наполеоновиот кодекс за подготовката на српското законодавство. На почетокот на јануари 1830 година, повторно се вратил во Виена, а во мај се вратил во Србија, каде станал член на Општонародниот суд. Во септември истата година, се разболел и заминал во Земун, каде чекал да добие пасош. Во 1831 година, кнезот Милош го поставил Караџиќ за претседател на судот и градот Белград, така што на почетокот на април во Белград пристигнале сопругата Ана и децата, кои останале до мај, кога повторно се преселиле во Земун. Поради укинувањето на пензијата и тешката финансиска положба, во средината на септември, Караџиќ се преселил во Земун, со намера повеќе да не се враќа во Србија. Притоа, поради престојот во Србија, австриската полиција го сметала за агент на кнезот Милош, додека српската јавност го обвинувала дека бил поткупен од австриската власт да ги претвори Србите во унијати. На 12 април 1832 година, Караџиќ го напишал своето познато писмо до кнезот Милош кое му го испратил дури во септември. Во него, тој му изразил верност и благодарност, но дал и остра критика на неговата власт, советувајќи го како во Србија да се воведат законите, да се среди школството, итн. Кон крајот на истата година, конечно добил дозвола од власта да го напушти Земун и со семејството се преселил во Виена. Во 1834 година, откако го запознал Петар Петровиќ - Његош, Караџиќ заминал во Цетиње.[3]

 
Вук Караџиќ околу 1850 година.

Во 1835 година, Караџиќ се смирил со кнезот Милош, кој му доделил пензија. Следната година, првпат го посетил Дубровник, а во 1838 година патувал низ Хрватска (Кордун, Лика, Далмација и Приморјето). Во 1842 година, новата уставобранителска влада на Србија му ја укинала пензијата, а во 1844 година умрел неговиот најдобар пријател Јернеј Копитар. Следната година, во Виена, почнал да се дружи со Иван Мажураниќ, со Мирко Боговиќ и со другите младоилирци. Во 1848 година бил избран за член на Виенската академија, додека во 1850 година станал член на Берлинската академија и на Друштвото за југословенска историја и старини (Društvo za povjesnicu i starine jugoslavenske) од Загреб. Во 1855 година, во Виена, го започнал пријателството со словенечкиот писател Фран Левствик. Во 1861 година бил избран за почесен граѓанин на Загреб и отпатувал во Цетиње поради преговори за заедничка борба на Србија и Црна Гора против Османлиското Царство. Потоа, во 1862 и во 1863 година, повторно ја посетил Црна Гора. Во недела, на 7 февруари 1864 година, во својот стан на улицата „Мароканергасе“ бр. 3, Караџиќ работел со вообичаеното темпо, а според советот на лекарот, поладнето легнал да поспие. Вечерта, се разбудил и ја повикал ќерка си Мина, со желба да се напие вода од Коритата Иванбегови на Ловќен, велејќи „ми се чини, веднаш ќе оздравам“. Откако Мина му донела чаша вода, Вук Караџиќ ја испил, ја потпрел главата на перницата и умрел. Тој бил закопан на Санкт-Марксовите гробишта во Виена, каде бил погребен и Копитар, а на опелото присуствувале бројни пријатели, како: Иван Мажураниќ, Миклошич, Острожински, Владан Ѓоршевиќ, итн. Во 1897 година, неговите посмртни остатоци биле пренесени во Белград, каде биле свечено погребани во портата на Соборната црква, покрај Доситеј Обрадовиќ.[4]

Творештво

уреди

Фолклористичката и лингвистичката дејност на Караџиќ започнала уште во 1811-1812 година, за време на престојот во Неготинска Краина, каде почнал да ги опишува Кладово, Неготин и другите населени места, како и да ги запишува јазичните обележја на тој регион. Потоа, во 1813 година, во Виена се запознал со Димитрие Давидовиќ и со Димитрие Фрушиќ и почнал да соработува со нивниот весник „Новине сербске из царствујушчега града Вијене“ (кој излегувал од 1813 до 1822 година),[5] објавувајќи преводи на странски приказни. Притоа, за време на отсуствата на Давидовиќ, тој работел како уредник во весникот, така што Фрушиќ во повеќе наврати се залагал Караџиќ да го преземе весникот.[6] Исто така, во овој весник, Караџиќ ја почнал борбата за замена на црковносрпскиот јазик со народниот говор. Во Виена, кон крајот на 1813 година, се запознал и со Јернеј Копитар, цензор на неговата прва книга „Правителствујушчи совјет сербски за времена Кара-Ђорђијина“ која не добила дозвола за печатење. Токму Копитар го убедил, покрај запишувањето на народните песни, да почне да ги запишува и зборовите и граматиката. Како резултат на тоа, во 1814 година, во Белград ја објавил книгата „Мала простонародња славено-сербска пјеснарица“, во тираж од 1.500 примероци. Караџиќ ја испечатил книгата на сопствен трошок, како и благодарение на бројните претплатници чии имиња биле отпечатени на крајот од секој примерок. Кон крајот на истата година ја објавил и книгата „Писменица сербскога језика“, користејќи ја реформираната кирилица на Сава Мркаљ. Книгата била придружена со мал проглас во кој бил даден осврт кон српската книжевност и кон проблемите на српскиот правопис и српската граматика.[5]

Во 1815 година, Караџиќ ја објавил втората книга со народни песни, „Народна србска пјеснарица“, а следната година ја почнал работата на првиот српски речник. Во 1817 година, тој работел како уредник на весникот „Новине сербске“ во кои почнал да ги објавува првите рецензии, прегледи, критики и поучни статии. По двегодишна заедничка работа со Копитар, во 1818 година, Караџиќ го објавил „Српски рјечник“ кој содржел 26.270 зборови со објаснување на германски и латински јазик. Притоа, по долго размислување и советување со Копитар и со Мушицки, Караџиќ се определил за фонетскиот наместо етимолошкиот правопис (на пример, „српски“ наместо „србски“), како и за 29 букви во азбуката (без буквата „х“ бидејќи сметал дека тој глас не се слуша во српскиот јазик). Во однос на азбуката, тој дал ги предложил буквите „љ“, „њ“, „ђ“ и „ћ“ како замена на разните црковнословенски комбинации или руските букви „я“ и „ю“, а за првпат во кирилицата ги воведол буквите „џ“ (од некои стари ракописи) и „ј“ (позајмена од латиницата). Токму воведувањето на латиничната буква „ј“ била причина кнезот Милош, српската црква и писателот М. Видаковиќ остро да го нападнат. Во 1819 година, Караџиќ пристигнал во Санкт Петербург, каде се запознал со бројни писатели, историчари, слависти и јазичари при што таму оставил 30 примероци од српскиот речник. Во август 1820 година се вратил во Србија, каде собирал народни песни и умотворби и ретки ракописи по црквите и манастири. Истата година, тој добил орден од Руската академија за „Српскиот речник“. Во 1821 година, во „Новине сербске“ ги објавил „Српске народне приповијетке“ како посебна книга, составена од 12 приказни.[7]

Во 1823 година, неговата збирка со народни песни и српската граматика биле преведени на германски, чешки и руски јазик, а следната година излегла од печат првата книга „Народне српске пјесме“, со т.н. „женски песни“. Во 1825 година, на германски јазик, ја напишал биографијата на кнезот Милош, а без негово знаење, во Петербург излегол рускиот превод, благодарение на интригите на Михаил Герман, агентот на кнезот Милош, кој некако дошол до ракописот. Во 1826 година, во Виена, почнал да го објавува забавникот „Даница“ во кој биле застапени и народни песни и приказни, како и статии за одбрана на реформата на српскиот јазик. Во 1827 година, исто така, во Виена, Караџиќ го објавил делото „Први српски буквар“, претходно објавено во „Даница“, во 1826 година, со наслов „Оглед Српског буквара“. Во 1828 година, во Будим, излегла неговата книга (на српски јазик) „Милош Обреновић, Књаз Сербији, или грађа за Српску историју нашега времена“. Следната година, во Хамбург, врз основа на долгите разговори со Караџиќ, германскиот историчар Леополд Ранке ја објавил книгата „Српската револуција“. Во 1830 година, во Виена, го препишал преводот на Новиот завет, а во ноември се обидел (неуспешно) да добие дозвола за неговото печатњење од кнезот Милош. Во 1831 година почнал да го пишува делото „Особита грађа за српску историју нашега времена“ кое кон крајот на годината го запечатил недовршено, со завет „да не се отвора до 1900 година“. Во декември 1832 година, кнезот Милош воспоставил цензура со која се забранувало печатење книги „кои би биле напишани со буквите љ, њ и ј по правописот на познатиот писател Вук Стефановиќ Караџиќ“.[8]

Во 1836 година, во Цетиње била објавена книгата „Народне српске пословице и друге различне као оне у обичај узете ријечи“ во која Караџиќ првпат ја внел буквата „х“ во српската кирилица, зашто тој глас го слушнал во околината на Дубровник и во југозападна Црна Гора. Истата година, тој го напуштил екавското јотување на согласките „д“ и „т“ (на пример, „дјевојка“ наместо „ђевојка“, „тјерати“ наместо „ћерати“). Во 1837 година, во Штутгарт, на германски јазик, ја објавил публикациата „Црна Гора и Црногорци“, а во 1839 година ја почнал дебатата со Јован Хаџиќ, која траела повеќе години. Во 1841 година, во Виена, ја објавил првата книга на „Српске народне пјесме“, а во 1845 година и втората книга. Истата година, во Виена, била отпечатени писмата на Караџиќ и на Сава Текелија за српскиот јазик и за правописот. Во 1846 година се појавила и третата книга со српски народни песни, а книгата „Историја Србије и српска револуција“ била објавена на англиски јазик во Лондон. Истата година, во Москва, рускиот славист Срезневски ја објавил првата биографија на Караџиќ, врз основа на бројните разговори со него. Идеите на Караџиќ конечно победиле во 1847 година, кога Његош го објавил делото „Горски венец“, напишано на народен јазик, Бранко Радичевиќ ги објавил своите песни користејќи го правописот на Караџиќ, Ѓуро Даничиќ ја испечатил студијата „Рат за српски јазик и правопис“, а Караџиќ го објавил преводот на Новиот завет. Во 1849 година, Караџиќ го објавил делото „Ковчежић за историју, језик и обичаје Срба сва три закона“, а следната година, во Виена, заедно со приврзаниците на Илирското движење, го потпишал т.н. Виенски книжевен договор за заеднички јазик и правопис на Србите и Хрватите. Во 1852 година, со Ѓуро Даничиќ, го објавил проширеното издание на „Српски рјечник истумаченог њемачкијем и латинскијем ријечима“, со 47.000 зборови, но во Србија била донесена уредба за забрана на продажбата на речникот. Во 1853 година, во Виена, ја објавил книгата „Српске народне приповијетке“, посветена на „славниот Германец Јакоб Грим“. Следната година, оваа книга била објавена во Берлин (на германски јазик) од страна на неговата ќерка Мина Караџиќ, со предговор на Јакоб Грим,[9] додека во 1870 година се појавило нејзиното второ, проширено издание, објавено од неговата сопруга.[10]

Во 1857 година, Караџиќ го објавил делото „Примјери српско-словенскога језика“, а во Москва излегол рускиот превод на српската историја, со наслов „Историја на Србите според српските извори“. Во 1859 година, во Србија била укината забраната за печатење приватни книги со правописот на Караџиќ, а следната година била донесена уредба за печатење на државните изданија (освен училишните книги) со новиот правопис, со што и официјално била прифатена јазичната реформа на Караџиќ. Исто така, во 1860 година бил објавен ракописот „Правитељствујушчи совјет сербски за времена Кара-Ђорђијина, или отимање ондашњијех великана о власт“, напишан уште во 1813 година. Во 1862 година, во Виена, се појавила четвртата книга на „Српске народне пјесме“.[11]

Јазична реформа

уреди
 
Препис на рачно напишана должничка белешка во Сараево 1836 година, пример за пишување на народен јазик пред реформата. Може да се забележи дека секој од тројцата сведоци на крајот од белешката користи различен стандард.

Големото значење на Караџиќ се состои во тоа што го реформирал српскиот книжевен јазик и ја изменил и стандардизирал српската азбука со тоа што ги следел строгите фонемски принципи засновани на моделот на германскиот граматичар Јохан Кристоф Аделунг. Овие реформи го модернизирале српскиот книжевен јазик, оддалечувајќи го од српскиот и рускиот црковнословенски јазик, а доближувајќи го до народниот јазик, особено до источнохерцеговското наречје кое го зборувал Караџиќ. Заедно со Ѓуро Даничиќ, Караџиќ бил главниот српски потписник на Виенскиот договор од 1850 кој, со поддршка на австриските власти, ги поставил темелите на српскиот јазик, чии разни форми денес се користат во Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Хрватска. Покрај јазичаричките реформи, Караџиќ, исто така, дал голем придонес кон книжевноста, користејќи ја селската култура како основа. Заради неговото селско воспитание, тој доста го ценел селските народни преданија, па собирал народни песни, приказни и поговорки. Исто така, тој го издал и првиот речник на говорниот српски јазик.

Значајни дела

уреди
 
Ковчеже за историјата, јазикот и обичаите на србите од сите три закони, 1849

Мисли

уреди

Пишувај како што зборуваш и читај како што е напишано. (срп. Пиши као што говориш и читај како је написано.)

Иако оваа мисла обично му се припишува на Вук Караџиќ, ова е всушност правописен принцип измислен од германскиот граматичар и филолог Јохан Кристоф Аделунг (срп., гер.). Караџиќ само го искористил овој принцип за да ја протера својата јазична реформа (според книгата „Граматка на српскиот јазик“ од Проф. Љубомир Поповиќ).

Наводи

уреди
  1. Дејан Михаиловић, „Хронологија живота и рада Вука Стефановића Караџића“, во: Вук Караџић, Српске народне приповијетке. Београд: Лагуна и Вукова задужбина, 2017, стр. 461-462.
  2. Дејан Михаиловић, „Хронологија живота и рада Вука Стефановића Караџића“, во: Вук Караџић, Српске народне приповијетке. Београд: Лагуна и Вукова задужбина, 2017, стр. 462-467.
  3. Дејан Михаиловић, „Хронологија живота и рада Вука Стефановића Караџића“, во: Вук Караџић, Српске народне приповијетке. Београд: Лагуна и Вукова задужбина, 2017, стр. 468-474.
  4. Дејан Михаиловић, „Хронологија живота и рада Вука Стефановића Караџића“, во: Вук Караџић, Српске народне приповијетке. Београд: Лагуна и Вукова задужбина, 2017, стр. 475-484.
  5. 5,0 5,1 Дејан Михаиловић, „Хронологија живота и рада Вука Стефановића Караџића“, во: Вук Караџић, Српске народне приповијетке. Београд: Лагуна и Вукова задужбина, 2017, стр. 464-465.
  6. Миодраг Матицки, „Вукове народне приповетке - источник аутентичне српске прозе са средине 19. века“, во: Вук Караџић, Српске народне приповијетке. Београд: Лагуна и Вукова задужбина, 2017, стр. 13-15.
  7. Дејан Михаиловић, „Хронологија живота и рада Вука Стефановића Караџића“, во: Вук Караџић, Српске народне приповијетке. Београд: Лагуна и Вукова задужбина, 2017, стр. 466-468.
  8. Дејан Михаиловић, „Хронологија живота и рада Вука Стефановића Караџића“, во: Вук Караџић, Српске народне приповијетке. Београд: Лагуна и Вукова задужбина, 2017, стр. 469-474.
  9. Дејан Михаиловић, „Хронологија живота и рада Вука Стефановића Караџића“, во: Вук Караџић, Српске народне приповијетке. Београд: Лагуна и Вукова задужбина, 2017, стр. 475-481.
  10. Миодраг Матицки, „Вукове народне приповетке - источник аутентичне српске прозе са средине 19. века“, во: Вук Караџић, Српске народне приповијетке. Београд: Лагуна и Вукова задужбина, 2017, стр. 18.
  11. Дејан Михаиловић, „Хронологија живота и рада Вука Стефановића Караџића“, во: Вук Караџић, Српске народне приповијетке. Београд: Лагуна и Вукова задужбина, 2017, стр. 475-483.

Надворешни врски

уреди