„Горски венец“ (српски: Горски вијенац - Историческо собитије при свршетку XVII вијека) е драма во стихови на црногорскиот и српски писател Петар Петровиќ Његош.

Ликови

уреди
 
„Горски венец“, Рад, Белград, 1962.

На почетокот на драмата се наведeни следниве ликови:[1]

  • владиката Данило
  • игуменот Стефан
  • сердарот Јанко Ѓурашковиќ
  • сердарот Радоња
  • сердарот Вукота
  • сердарот Иван Петровиќ
  • кнезот Раде, брат на владиката Данило
  • кнезот Бајко
  • кнезот Роган
  • нкезот Јанко
  • кнезот Никола
  • војводата Драшко
  • војводата Милија
  • војводата Станко Љуботињанин
  • војводата Батриќ
  • Томаш Мартиновиќ
  • Обрад
  • Вук Раслапчевиќ
  • Вукота Мрваљевиќ
  • Вук Томановиќ
  • Богдан Ѓурашковиќ
  • Вук Миќуновиќ
  • Вук Мандушиќ
  • Вук Љешевоступац
  • Попот Миќо
  • Сестрата на Батриќ
  • кадијата Хаџи-Али Медовиќ
  • Скендер-ага
  • Мустај-кадија
  • Арслан-ага Мухадиновиќ
  • кавазбашата Ферад Заќир
  • Риџал Осман
  • Баба
  • Група луѓе

Меѓутоа, во драмата се јавуваат и други ликови кои авторот пропуштил да ги наведе, и тоа: Вук Марковиќ, војник, втор војник, еден Цуца, деца, дете и момче, како и неколку ликови кои немаат дијалог, но се појавуваат во делото (Вук Бориловиќ, трите слуги на владиката – двајцата по име Новак и бајрактарот Пима, еден калуѓер и еден млад човек).[1]

Содржина

уреди

Делото започнува со посветата „На правот на таткото на србија“ (српски: Праху оца Србије), т.е. тоа му е посветено на Караѓорѓе Петровиќ кого авторот го става во редот на најголемите српски јунаци, како и во редот на големите европски војсководачи, заедно со Наполеон, Кутузов, Суворов, Велингтон итн. Посветата е напишана во Виена, на Нова година, 1847 година.[2]

На Ловќен се собрани сите црногорски главатари (кнезови, сердари и војводи). Владиката Данило е замислен и нерешителен, насетувајќи ја неизбежната борба меѓу православните и потурчените Црногорци. Пред црквата, народот игра, а сите ја проколнуваат лошата историска судби на Србите и ги слават големите српски јунаци. Поглаварите го повикуваат владиката да преземе некаква акција, но тој најпрвин ги повикува видните луѓе од редовите на потурчените. Започнуваат преговори со нив, во кои Црногорците ги повикуваат да премиинат во православната вера, но потурчените одбиваат да го прифатат тоа. Потоа, доаѓаат гласници од Подгорица кои на владиката Данило му носат писмо од везирот Селим, кој бара од Црногорците да се покорат, плашејќи ги со големата турска војска, а владиката му враќа решителен одговор.[3]

Црногорските првенци ги раскажуваат своите соништа, искажувајќи ја желбата за борба со Турците. Потоа доаѓа војводата Драшко кој им раскажува за својот престој во Млетската република, чудејќи се на нивните животни навики и обичаи. Поглаварите набљудуваат како во полето поминуваат сватови од двете вери, кои пеат песни во слава на својата вера и на своите јунаци. Потоа, доаѓа сестрата на младиот јунак Батриќ која ја оплакува неговата смрт, а потоа самата се убива. Сите поглавари ја оплакуваат смртта на јунакот и на сестра му.[4]

На гумното пристигнуваат вооружени луѓе од повеќе црногорски племиња. Тие со себе носат една баба за која мислат дека е вештерка, а таа признава дека била уценета од Турците да внесе раздор меѓу Црногорците.[5] Додека седат поглаварите, планините се тресат, а меѓу нив доаѓа слепиот игумен Стефан кој ги повикува на јуначка борба. Откако сите поглавари ги раскажуваат своите соништа, влегуваат во црквата за да се заколнат дека ќе се борат против потурчените Црногорци. На Божиќ од сите страни пристигнуваат вооружени Црногорци кои раскажуваат за своите борби со потурчените Црногорци кои ги заклале или ги протерале.[6]

Осврт кон делото

уреди

„Горски венец“ е круна на творештвото на Његош и најпопуларното и, веројатно, најмисловното дело во српската книжевност. Делото доживеало над 50 изданија, а преведено е на голем број јазици. Мотивот за ова дело е земен од еден вистинит историски настан што се одиграл на почетокот од XVIII век - истребувањето на потурчените Црногорци од страна на христијанското население, но идејната концепција е поширока и се однесува на стремежот за ослободување од турското ропство. Исто така, како еден вид претходник на ова дело се јавува и драмскиот спев „Гордост црногорска“ (Дика црногорска) на Сима Милутиновиќ, учителот на Његош. Најпосле, драмата е пишувана по угледот на античката драма.[7]

Во „Горски венец“, мислата ја заменува суштината на сцената, а дикцијата се јавува како замена за движењата и акцијата. Поради оваа мисловна тежина, често се јавуваат различни коментари и толкувања на одредени делови од драмата. На пример, во стиховите 583-584 се вели:
„Јунаку се често пута хоħе -
Ведро небо насмијат грохотом -“

Според еден коментатор, овие стихови значат дека често небото му се насмевнува (силно засветлува) на јунакот како одраз на неговото јунаштво. Меѓутоа, кај Његош, зборот „грохот“ означува грмотевица, со што стиховите добиваат сосема поинакво значење, т.е. често се случува јунакот како гром од ведро небо ненадејно да удри на непријателот. Слично е и со стиховите 2513-2514, кои гласат:
„Море стење под силом небесном,
колебљу се у мору небеса,“

И овие стихови коментаторите ги толкуваат нејасно, т.е. според некои, тие значат дека небото го тормози морето, а морето пак му се заканува на небото, а други ги толкуваат како наивно-реалистична слика, додека најправилно би било тие да се сфатат метафорично, т.е. земната сила (морето) е во судар со надземната сила (небото).[8]

Изданија на македонски јазик

уреди

Делото е повеќепати објавено на македонски јазик. Првото издание потекнува од 1947 година (Државно книгоиздателство на Македонија), во превод на Блаже Конески, направен според десеттото српско издание од 1940 година, под редакција на Милан Решетар. Во својата белешка, Конески нагласува дека преводот „во извесни работи отстапуе од нашата денешна литературна норма“ со намера „да ја предаде колоритноста на Његошевиот народски збор“.[9]

Во 1988 година, делото било објавено како заендичко издание на три издавачки куќи: Мисла, Култура и Македонска книга, а во рамките на библиотеката „Странски и југословенски автори“. Препевот е дело на Блаже Конески, ликовното уредување го извршил Кочо Фидановски, а коректурата ја направила Вера Арсовска. Книгата, со обем од 159 страници и со димензии од 20 сантиметри, е испечатена во печатницата „Киро Дандаро“ во Битола. Книгата каталогизирана во НУБ „Климент Охридски“, Скопје и ја носи меѓународната ознака ISBN 86-15-00019-0.[10] И во ова издание, преводот е направен според десеттото српско издание на Милан Решетар од 1940 година.[11]

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 Petar Petrović Njegoš, Gorski vijenac. Beograd: Rad, 1962, стр. 7.
  2. Petar Petrović Njegoš, Gorski vijenac. Beograd: Rad, 1962, стр. 3-6.
  3. Petar Petrović Njegoš, Gorski vijenac. Beograd: Rad, 1962, стр. 9-47.
  4. Petar Petrović Njegoš, Gorski vijenac. Beograd: Rad, 1962, стр. 47-77.
  5. Petar Petrović Njegoš, Gorski vijenac. Beograd: Rad, 1962, стр. 78-84.
  6. Petar Petrović Njegoš, Gorski vijenac. Beograd: Rad, 1962, стр. 85-105.
  7. Т. Đukić, „Njegoš i Gorski vijenac“, во: Petar Petrović Njegoš, Gorski vijenac. Beograd: Rad, 1962, стр. 155-157.
  8. Т. Đukić, „Njegoš i Gorski vijenac“, во: Petar Petrović Njegoš, Gorski vijenac. Beograd: Rad, 1962, стр. 157-158.
  9. Његош, Горски венец, Државно книгоиздателство на Македонија, Скопје 1947, стр. 128.
  10. Петар Петровиќ Његош, Горски венец, Мисла, Култура и Македонска книга, Скопје 1988.
  11. Петар Петровиќ Његош, Горски венец, Мисла, Култура и Македонска книга, Скопје 1988, стр. 132.