Српски епски народни песни
Српските епски народни песни се облик на епска поезија. Ги создавале Србите на сите територии кои ги населувале во Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска и Македонија. Постојат повеќе циклуси на српски епски народни песни, а главните од нив се создадени од непознати автори помеѓу 14 и 19 век. Епските песни како мотив најчесто ги обработуваат историските настани и личности. Најчесто се изведуваат проследени со музика од народниот музички инструмент гусла.
Српската епска народна поезија дала голем придонес за развојот на српската национална свест.[1] Циклусите на песни за Крал Марко, за ајдуците и ускоците, со величење на херојското минато и јунаците, ги инспирирало поколенијата на Срби за борбата за ослободување од турското ропство.[1] Ајдуците кои најчесто биле опеани биле составен дел од националниот идентитет и во песните и во приказните тие биле јунаците кои го бранеле народот од османското ропство и го подготвувале за борба за национално ослободување, а кои и самите учествувале во двете големи српски востанија.[2]
Историја
уредиНајстариот сочуван запис на српска епска песна е десеттиот стих на бугарштица од 1497 година, во која се пее за затворањето на јунакот Јанко Сибињанин во занданите на Ѓураѓ Бранковиќ.[3][4] И во текот на долгото турско ропство се пееле епски јуначки песни најчесто проследени со свирење на гусла. Биле познати гуслари кои песните ги пееле и надвор од Србија, на благородничките дворци на Полска во 16 и 17 век, а подоцна и во Украина и Унгарија.[5] Унгарскиот историчар, Себастијан Тиноди, во 1554 година запишал: „Постојат многу гуслари овде во Унгарија, но ниеден не е подобар од српскиот стил на Димитрие Караман“, опишувајќи потоа како Караман пеел во 1551 година во Липова (Романија) држејќи на колената гусла.[6] Хроничарот и песникот Маќеј Стријаковски во својата хроника од 1582 година зборува за тоа како Србите пееле јуначки песни за своите предци кои се бореле против Турците.[7] Јузеф Бартоломеј Жиморович го користел изразот: „Да се пее со српско гусле“, во својата идила „Пејачи“ од 1663 година.[7]
Вук Стефановиќ Караџиќ бил еден од најголемите собирачи на ова народно творештво. Тој во 1824 година му испратил збирка на народни песни на германскиот писател и филолог Јакоб Грим, кој бил толку многу импресиониран од песната „Ѕидање на Скадар“[8] што почнал да учи српски јазик за да може да ги чиита песните на оригиналниот јазик. Грим оваа песна ја превел на германски јазик и за неа кажал дека е една од најтрогателните песни напишани кај сите народи, од сите времиња.[9][10]
Добар дел од својот творечки живот Караџиќ го поминал собирајќи го народното творештво во кое посебно место имале јуначките епови од ерата на османлиската окупација и борбата за ослободување од неа. Собраните епови биле објавени во неговите книги во првата половина на 19 век, а кон средината на истиот век биле објавени и систематски обработените збирки на српските народни песни, раскази, загонетки и поговорки. Тие биле: „Мала простонародна славено-сербска пјеснарица” (1814), „Народна сербска песнарица” (1815), „Народне српске приповијетке” (1821) и „Народне српске пословице” (1836).[8] Следната книга „Српски народни песни од Херцеговина. Женски“ од 1866 година содржела песни собрани од Вук Врчевиќ, кој му бил соработник, а самиот пак Караџиќ ги подготвил за издавање непосредно пред својата смрт. Српската народна поезија била извонредно прифатена низ Европа во која цветал романтизмот во тој период. Антологиската збирка на Караџиќ била со воодушевеност прифатена од европската публика, а и од тогашните видни писатели и творци како Грим, Гете и Енгелс. Германскиот поет и филозоф Јохан Готфрид фон Хердер и писателот Грим во овие песни наоѓале потврда за високото значење на традицијата на усното предание. Грим дури и правел анализа за секоја новоиздадена збирка на песни. Неговото воодушевување оделе до таму што народните песни собрани од Караџиќ ги изедначувал со „Песна над песните“. Благодарение на Грим и словенечкиот јазичар Јернеј Копитар, српската народна книжевност го нашла своето место во светската литература.[11]
Гусла
уредиГуслато е жичен инструмент со кој е проследено пеењето на јуначките епски песни кај балканските народи.[12] Инструментот се држи вертикално помеѓу колената, и со прсти околу вратот на инструментот. Жиците никогаш не се притискаат кај вратот поради што се добива хармоничен и уникатен звук. Не се знае од каде потекнува, но некои истражувачи според податоците од византиските извори од 6 век сметаат дека Словените го донеле на Балканот.[13] Српскиот монах Теодосие Хиландарац напишал дека Стефан Првовенчани често го забавувал српското благородништво со музичари кои свиреле на тапани и гусли. Првите сигурни записи за гусла датираат од 15 век. Патничките мемоари од 16 век го споменуваат овој музички инструмент во Босна и Србија.
Циклуси
уредиСрпските епски народни песни се поделени на следните циклуси:
- Неисториски циклус — песни од словенската митологија, посебно за змејови и самовили,
- Преткосовски циклус — песни за настани кои претходеле на Косовската битка (1389),
- Косовски циклус — песни за настани кои се случиле непосредно пред или после битката на Косово,
- Циклус на Крал Марко — песни за Крал Марко,
- После косовскиот циклус — песни за настани по Косовската битка,
- Ајдучки и ускочки песни — песни за ајдуци и ускоци,
- Песни за ослободување на Србија и Црна Гора — песни за битките против Турците од XIX век.
Песните опишуваат историски настани со различен степен на точност.
Ајдучки песни
уредиАјдучките песни се далеку побројни во споредба со другите циклуси епски народни песни. Во најголем дел, тие биле забележани во XIX век, а некои и во XVIII век. Тие се многу распространети и популарни, но по уметничката вредност не заостануваат зад другите циклуси. Иако ја опфаќа истата борба, овој циклус суштински е спротивен на преткосовскиот и косовскиот циклус. Во ајдучките песни се прикажани непомирливото, енергично и смислено спротивставување на туѓата власт, борбеноста и вербата во конечната победа; тие се одликуваат со жива, здрава и оптимистичка атмосфера, а токму тоа придонело за нивното брзо распространување и за широката популарност. Циклусот ајдучки песни се состои од неколку помали циклуси кои се формирале околу одделни ајдучки дружини или поединечни личности. Најпознати се песните посветени на Старина Новак за кого е формиран најцелосниот циклус ајдучки песни, кој е тематски целосно разработен и вообличен. Во него се опишани бројни ликови од 16 век (Старина Новак, Дели Радивој, детето Груица, Малиот Радоица, Дели Татомир, Стариот Вујадин), кои формираат идеализирана дружина која дејствува во околината на Сараево и на планината Романија. Исто така, голем е циклусот посветен на Бајо Пивљанин и неговата дружина од 17 век, која дејствувала околу Бока Которска, а третиот голем циклус е поврзан на ајдукот Мијат Томиќ (кој дејствувал во Босна), но овој циклус не е целосно вообличен. Во ајдучките песни се опеани сите важни моменти на ајдутството: заминувањето во планината, борбите, заседите, грабежите и смртта на главните ликови. Најпознати ајдучки песни се: „Старина Новак и кнезот Богосав“, „Старина Новак и дели Радивој“, „Новак и Радивој го продаваат Груица“, „Груица и Арапот“, „Стариот Вујадин“, „Костреш харамбаша“, „Малиот Радоица“, „Зошто Бајо заминал во ајдуци“, „Човек-паша и Михат-чобанот“ итн.[14]
Значајни луѓе
уреди- Бенедикт Курипечич (16. век), дипломат кој патувал по Босна и Србија за време на османската власт во 1530. године и ја запишал епската песна за Милош Обилиќ, која била популарна кај Србите на Косово, како и кај Србите од Босна и Хрватска. Тој исто така запишал и некои легенди за Косовската битка и објаснил дека во целиот тој регион била напишана нова поезија на таа тема.[15]
- Димитрие Караман (околу 1551 година), најстариот познат српски гуслар.
- Аврам Милетиќ (1755 — по 1826), трговец и текстописец, најпознат по пишувањето на најраната збирка на урбана лирика на српски јазик.
- Старац Рашко, еден од најважните извори на епски песни запишани од Вук Караџиќ.
- Филип Вишњиќ (1767—1834), српски гуслар познат како „Српскиот Хомер”, поради неговото слепило и надареноста за пеење на епски песни.
- Тешан Подруговиќ (1783—1815), српски ајдук, раскажувач и гуслар кој учествувал во Првото српско востание и е еден од најважните извори за српската епска поезија.
- Живана Антонијевиќ (почината 1822 година), позната како „Слепа Живана”, била една од омилените женски извори на епски и женски песни на Вук Караџиќ.
- Вук Стефановиќ Караџиќ (1787—1864), бил најголемиот српски филолог, јазичар, главен реформатор на српскиот јазик. Поради неговите збирки на песни, раскази и бајки заслужил да се нарече татко на српскиот фолклор.
- Петар Перуновиќ (1880—1952), познат као „Перун”, е познат гуслар кој свирел за Никола Тесла и прв гуслар кој снимил српска епска поезија во студио.
- Ѓуро Милутиновиќ (1770—1844), гуслар на српскиот двор.
Ликови
уреди- Цар Душан, српски цар
- Лазар Хребељановиќ, кнез и легендарен цар
- Павле Орловиќ, витез
- Милан Топлица, витез
- Иван Косанчиќ, витез
- Деветте Југовиќи, вклучувајќи го Бошко Југовиќ
- Константин Драгаш Дејановиќ
- Милош Војиновиќ
- Мали Радојица, ајдук
- Дели Радивоје
- Вук Бранковиќ, српски деспот
- Болен Дојчин, веројатно заснован на Јован VII Палеолог и Андроник Манојлов Палеолог
- Реља Крилатица
- Поп Мило Јововиќ
- Бајо Пивљанин
- Стари Вујадин
- Алил-ага
- Јанош Хуњади
- Југ Богдан
- Јанко Митровиќ
- Старина Новак
- Муса Кесеџија, непријателот на Крал Марко лик кој настанал со спојување на неколку различни историски личности.
- Ѓемо Брѓанин, непријател на Крал Марко, член на семејството Музак
- Вук Генерал, непријател на Крал Марко, Тануш Дукаѓин, припадник на семејството Дукаѓани или Еуген Савојски или Петер Доци
- Филип Маѓарин, непријател на Крал Марко, Филипо Сколари, италијански кондотјер, генерал, стратег и човек од доверба на кралот Жигмунд Луксембуршки
- Арнаут Осман
Многу други јунаци од српската епска поезија се исто така засновани на историски ликови:
- Страхиња Бановиќ — Ѓураѓ II Балшиќ
- Југ Богдан — Вратко Немањиќ
- Бег Костадин — Константин Драгаш Дејановиќ
- Јанош Хуњади — Сибињанин Јанко
- Петар Дојчин — Петер Доци
- Максим Црнојевиќ — Станко Црнојевиќ
- Бајо Пивљанин — Бајо Николиќ
- Павле Стријемљанин — Паво Стријемљанин
- Михајло Свилојевиќ — Михаљ Силаѓи
- Јанко од Котар — Јанко Митровиќ
- Манојло Грчиќ — Манојло I Комнин
- Реља Крилатица — Хреља
Некои од хероите се прикажани заедно со своите коњи: Крал Марко со Шарец, Војвода Момчило со Јабучило, Милош Обилиќ со Ждралин, Дамјан Југовиќ со Зеленко, Бановиќ Страхиња со Ѓогин, Ајдук Вељко со Стрина и Срѓа Злопоглеѓа со Вранец.
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 Dragnich, Alex (1994). Serbia's Historical Heritage. East European Monographs. ISBN 0880332441.
- ↑ Naimark, Norman M.; Case, Holly (2003-02-19). Yugoslavia and Its Historians: Understanding the Balkan Wars of the 1990s (англиски). Stanford University Press. ISBN 9780804780292.
- ↑ Matica Srpska Review of Stage Art and Music (руски). Matica. 2003.
- ↑ Milošević-Đorđević, Nada (2001). Srpske narodne epske pesme i balade (бугарски). Zavod za udžbenike i nastavna sredstva.
- ↑ „[Project Rastko] THE HISTORY OF SERBIAN CULTURE - Roksanda Pejovic: Medieval music“. www.rastko.rs. Посетено на 2018-05-03.
- ↑ Mundal, Else; Wellendorf, Jonas (2008). Oral Art Forms and Their Passage Into Writing (англиски). Museum Tusculanum Press. ISBN 9788763505048.
- ↑ 7,0 7,1 „[Projekat Rastko - Poljska]“. www.rastko.rs. Посетено на 2018-05-03.
- ↑ 8,0 8,1 Ѓуриќ, Воислав (1964). Вукови записи. Белград: Српска книжевна задруга. стр. 173.
- ↑ Dundes, Alan (1996). The Walled-Up Wife: A Casebook (англиски). Univ of Wisconsin Press. ISBN 9780299150730.
- ↑ Radosavljevich, Paul Rankov (1919). Who are the Slavs?: A Contribution to Race Psychology (англиски). R. G. Badger.
- ↑ „[Project Rastko] THE HISTORY OF SERBIAN CULTURE - The oral tradition: Nada Milošević-Đorđević“. www.rastko.rs. Посетено на 2018-05-03.
- ↑ Ling, Jan (1997). A History of European Folk Music (англиски). University Rochester Press. ISBN 9781878822772.
- ↑ Bjeladinović-Jergić, Jasna (2001). Зборник Етнографског музеја у Београду: 1901-2001 (српски). Етнографски музеј.
- ↑ „Песме о хајдуцима“, во: Хајдуци. Београд: Народна књига, 1965, стр. 141-145.
- ↑ Ivić, Pavle (1996). Istorija srpske kulture (српски). Dečje novine.