Нов завет
Нов завет — вториот дел на Библијата (по Стариот завет) и содржи 27 книги, кои се делат на шест основни дела: евангелија (Матеј, Марко, Лука, Јован), почетоци на христијанската црква (Дела Ап.), писма до конкретни цркви (од Рим. до 2 Сол.), пасторални писма (од 1 Тим. до Евр.), соборни писма (од Јаков до Јуда) и пророчка книга (Откровение). Новиoт завет е напишан на старогрчки јазик (коине).
Постанокот на Новиот завет
уредиПрвиот дел од Новиот завет го сочинуваат Евангелијата. Првото евангелие е според Матеј, еден од учениците на Исус Христос. Евангелието според Матеј е напишано помеѓу 50 и 60 година, a местото на пишување веројатно било Палестина.
Второто евангелие е според Марко кој информациите ги добил од апостолот Петар. Тоа е воедно најкраткото и наједноставното Евангелие. Марко многу внимателно ги опишал случките, но не по хронолошки ред. Целта на ова Евангелие е да го претстави Исус Христос како Божји Син, да ги опише неговите дела, неограничената моќ и чудата. Се смета дека ова Евангелие е напишано помеѓу 50 и 60 година.
Третото евангелие е според Лука. На почетокот, тој пишува дека сите информации од оние кои биле сведоци на Исус Христос добро ги испитал и по внимателното и опсежно истражување почнал да го пишува Евангелието. Ова Евангелие подоцна му го упатил на некојси честит Теофил. Лука долго време му бил сопатник на апостолот Павле. По професија, Лука бил лекар и во тоа време многу учен човек, што се гледа и по неговиот начин на изразување. Евангелието според Лука е пишувано помеѓу 60 и 61 година.
Четвртото и последно евангелие е според Јован, кое го напишал во својата длабока старост. Ова ги надополнува првите три, и го прикажува Исус како Божји Помазаник. Пишувано е помеѓу 80 и 90 година.
Посланија
уредиПосланијата кои се наоѓаат во Новиот завет биле пишувани одвреме-навреме, по потреба. Апостолите преку тие посланија поучувале, предупредувале, советувале или укорувале. Посланијата настанале во текот на првиот век, а на младата, штотуку основана христијанска црква и требале многу практични совети. Во Новиот завет има само една книга која е од пророчка природа и се вика Откровение. Апостолот Јован бил прогонет на островот Патмос, каде што ја напишал последната книга од Библијата. Новиот завет се состои од:
- 4 евангелија,
- една книга за Делата на апостолите,
- 21 писмо (или посланија);
- една книга на Откровението.
Епископот Атанасиј Александриски (295-373) прв ја нарекол оваа збирка од 27 книги канонска (меродавна збирка на книги). Така, околу 400 година, редоследот на книгите во Библијата бил одреден и конечен. Според учењето на христијаните, Библијата е единствената книга која е во состојба да даде одговори на прашањата кои ги поставуваат луѓето, истражувајќи ја вистината: „Што треба да направам за да се спасам?“.
Содржина
уредиНовиот завет се состои од следниве книги:[1]
- Свето евангелие според Матеја
- Свето евангелие според Марко
- Свето евангелие според Лука
- Свето евангелие според Јован
- Дела на светите апостоли од светиот апостол Лука
- Соборно послание на светиот апостол Јаков
- Прво соборно послание на светиот апостол Петар
- Второ соборно послание на светиот апостол Петар
- Прво соборно послание на светиот апостол Јован Богослов
- Второ соборно послание на светиот апостол Јован Богослов
- Трето соборно послание на светиот апостол Јован Богослов
- Соборно послание на светиот апостол Јуда
- Послание на светиот апостол Павле до Римјаните
- Прво послание на светиот апостол Павле до Коринтјаните
- Второ послание на светиот апостол Павле до Коринтјаните
- Послание на светиот апостол Павле до Галатјаните
- Послание на светиот апостол Павле до Ефесјаните
- Послание на светиот апостол Павле до Филипјаните
- Послание на светиот апостол Павле до Колосјаните
- Прво послание на светиот апостол Павле до Солунјаните
- Второ послание на светиот апостол Павле до Солунјаните
- Прво послание на светиот апостол Павле до Тимотеја
- Второ послание на светиот апостол Павле до Тимотеја
- Послание на светиот апостол Павле до Тит
- Послание на светиот апостол Павле до Филимона
- Послание на светиот апостол Павле до Евреите
- Откровение на светиот апостол Јован Богослов
Новиот завет е централното писмено свидетелство на христијанството, во кое основната претставена личност е Исус Христос. Новиот завет започнува со четирите евангелија: според Матеј, според Марко, според Лука и според Јован, иако тие не се најстарите списи во него.[2] Иако евангелијата се занимаваат со истите случувања, тие го прикажуваат Исус на различни начини. Евангелието според Матеј е посебно познато поради тоа што ја содржи молитвата „Оче наш“, и поради тоа што ја нагласува разликата на Исусовото учење во однос на учењето од Стариот завет. Откровението на Јован Богослов се нарекува уште и „апокалипса“. Во него авторот ја опишува својата визија за победата на Бог над злото и смртта. Овој дел од Новиот завет извршил најголема инспирација врз натамошната литература.
Влијание врз уметноста
уредиСите елементи од Новиот завет нашле свој одраз во европската уметност: во сликарството, литературата, музиката, скулптурата. Микеланџело, Леонардо, Дирер, Бах и многу други се инспирирале од темите во Библијата.
Надворешни врски
уреди- Searchable New Testament Greek Lexicon Архивирано на 5 јули 2008 г.