Мисија на Апостол Павле во Македонија

Дел од темата
Христијанството
во Македонија

Христијански крст

Историја
Мисијата на Апостол Павле
Христијанизација
Свети Кирил · Свети Методиј
Свети Климент · Свети Наум
Самоилово царство
Отоманска империја
Странски пропаганди

Православие
Охридска архиепископија
МПЦ-ОА

Католицизам
Апостолски егзархат
Скопска бискупија
Римокатоличко влијание
Лазаристи

Протестантство
Протестантска пропаганда
Евангелско-методистичка црква
Баптистичка Црква

Христијанството во Македонија започнало да се проповеда уште во апостолско време. По прифаќањето на христијанството, апостол Павле станал првиот проповедник на новото месијанско учење при своите мисионерски патувања. Апостол Павле, за време на својата мисионерска дејност, спровел повеќе мисионерски и благовеснички патувања, во текот на коишто тој го проповедал меѓу еврејското и паганското население.

Апостол Павле во Македонија бил четирипати. При второто мисионерско патување, во 50 или 51 година ги формирал црквите во Филипи, Солун и Бер (Дела 16,9-17,14). 2). При своето третото мисионерско патување, во 57 година, посетувајќи ги вторпат истите места. Заедно со Лука ја крстосувал Македонија, проповедајќи го Евангелието низ сите македонски градови до Илирик и до источниот брег на Јадранското Море. Во тоа време, во Македонија, го напишал и го испратил Второто послание до Коринтјаните (Дела 20,1; 2. Кор. 2, 12-13; 2. Кор 7,5-9; Рим 15,19; Дела 20,2). 3) Во 58 година минал по третпат низ Македонија, враќајќи се кон Ерусалим и ги посетил градовите по обратен ред: Бер, Солун, Филипи (Дела 20,3-6). 4) И, четврти пат, кога од Македонија го напишал и испратил Првото послание до Тимотеја, во 64/65 година (1. Тим. 1,3).

Патувања

уреди

Своето прво патување надвор од Азија, апостол Павле го направил во Македонија. Тоа започнало во 51 година, а завршило во 54 година, при што во текот на тие години апостолот Павле посетил и некои грчки градови, каде што, исто така, биле основани христијански црковни општини за што сведочат и „Делата на светите апостоли“. На тие негови патувања го придружувале и Лука, Тимотеј, Сила и Тихик, кои и самите, независно од светиот апостол Павле, работеле на христијанизацијата на народот на овие простори. Низ Македонија проповедал и Апостол Андреја, кој го поставил Апостол Урбан за прв епископ во Македонија. Апостол Силуан бил првиот епископ на Солун, а Епафродит во Адрија или Адријакија (погранично место со Тракија). Од учениците, Аристарх и Секунд биле по потекло од Солун, Епафродит бил од Филипи, а Гај од Добер (Дервија) кој најверојатно се наоѓал накаде меѓу Струмица и Валандово.

Во тоа време Македонија била во составот на Римското Царство, така што често ги менувала своите граници и својот етнички состав. Едно од првите споменувања за патувањата на апостолите во Македонија се наоѓа во Дела на светите апостоли најверојатно напишано од страна на апостол Лука, каде се вели:

... на Павлe му се јави ноќно видение: некој Македонец застана пред него и му се молеше, велејќи: „Дојди во Македонија - помогни ни! И кога го виде видението, веднаш побаравме да отидеме понатаму во Македонија, заклучувајќи дека Бог нè повикал да им го проповедаме Евангелието. Потоа отпловивме од Троада и патувавме право кон Самотрак, а на идниот ден во Неапол,[1]

 
Апостол Павле прв го проповедал евангелието во Македонија

Филипи

уреди

Градот Филипи станал првиот град во Европа, каде што било проповедано и прифатено христијанството. Кога христијанството се пренесувало од Азија во Европа, првата црква на европскиот континент била формирана „,во Филипи, кој во тој дел на Македонија е прв град, римска колонија“ (Дела 16,12). Изразот „прв“ (prwvth), како што се заклучува според старите монети, се давал како епитет на главните градови на провинции, но и на некои значајни градови, а таков значаен град бил и Филипи, бидејќи бил градот на Филип и Александар Македонски[2].

Уште со самото пристигнување во Филипи, апостол Павле и неговите сопатници започнале да го проповедат христијанството. Слушателите на апостолот Павле пред сè биле антички Македонци, а тоа може да се заклучи од Посланието на апостол Павле до Филипјаните, каде се вели дека во Филипи имало многу мал број Евреи и Стари Грци.

Во Филипи според Новиот завет се случило и првото крштевање и тоа на Света Лидија Македонка. Така Лидија станала првата христијанка во Македонија и во Европа која го примила христијанството од апостол Павле[3]. Евангелието кога стигнало во Европа не го пресретнале мажите, туку жените, бидејќи тие први се појавиле пред апостолите. Апостол Павле активно ги вклучил и жените во мисионерството и во евангелизацијата во ранохристијанската црква. Според верувањата, Света Лидија била гостопримлива па ги понудила апостолите да живеат во нејзиниот дом. По заминувањето на апостол Павле со придружниците, се претпоставува дека апостол Лука останал да живее во куќата на Лидија. Куќата станала првиот христијански храм во Европа, по примерот од куќата на Марија, мајката во Ерусалим. Се смета дека Лидија е основоположник и на црквата во Тијатир која е една од седумте цркви во Азија, за коишто зборува свети Јован во Откровението.

Освен Лидија, во Библијата се спомнуваат и Еводија и Синтихија[4] како и мажите Епафродит и Климент[5].

Единаесет години по заминувањето од Филипи, пред крајот од своето прво затвореништво во Рим (63/64 г. Филип. 1,25-26; 2,24; 4,22; 1,13; 1,1; 2. Тим. 4,9-10), на христијаните од првата Црква во Европа, апостол Павле им напишал Послание и го упатил „до сите светии во Христа Исуса, што се во Филипи, со епископите и ѓаконите“ (Филип. 1,1).

Солун

уреди

Откако го оставил во Филипи апостол Лука, апостол Павле со Сила и Тимотеј заминале за Солун ([6]). Тоа се случило во пролетта во 50-тата година по патот Вија Егнација, каде според евангелието по шест дена пешачење пристигнал во Солун. Таму неговата проповед ја прифатиле малкумина од Евреите, додака пак поголем број од оние кои го прифатиле неговото учење биле главно антички Македонци и Стари Грци. Апостол Павле, Сила и Тимотеј почнале да го проповедаат евангелието во куќата на Јасон, во неговата ткајачница, во приватни домови. И покрај првичните успеси (Дела 17:4) апостол Павле и неговите сотрудници морале ноќе да побегнат и да го напушти градот, бидејќи против нив се побуниле Евреите од Солун, припишувајќи им политички намери „против заповедите на ќесарот, изјавувајќи оти има друг цар – Исус“ (Дела 17:7).

Апостол Павле во Македонија се вратил по осум години. Според Второто послание до Коринтјаните:

Кога дојдовме во Македонија, никаков мир немаше телото наше; во сè бевме во маки; однадвор напади, однатре страв

Самите прогонства придонеле христијанската заедница од тој крај повеќе да с зближат. Солунската црква апостолот Павле му дала и тројца сотрудници: Секунд – придружник на последното патување ( Дела 20,4; 27,28; Кол. 4,10; Филип. 1,24) и „Гај и Аристарх Македонци“ (Дела 19,29). Аристарх бил со него и во затворот во Рим.

Во 51 година, апостолите Павле, Сила и Тимотеј го напуштиле Солун и заминале во Бер, која се наоѓала во третата македонска управна област каде за прв сопатник на апостол Павле станал Сосипатр Пиров (Дела 20,4). Оставајќи ги Сила и Тимотеја во Берија, свети апостол Павле одлучил да ја напушти Македонија и, по море, заминал за Атина (Дела 17,15).

Македонија и Новиот завет

уреди

Во Новиот завет Македонија и Македонците се споменати 28 пати во 24 стихови.

Делови од Библијата каде се споменува Македонија:

  • „Тој реши да се врати во Македонија...“ (Дела 20,3).
  • „И излезе за да тргне кон Македонија...“ (Дела 20,1).
  • „А кога Сила и Тимотеј слегнаа од Македонија, Павле беше...“ (Дела 18,5).
  • „Павле науми, откако ќе ја мине Македонија...“ (Дела 19,21).
  • „Ќе дојдам при вас, откако пропатувам по Македонија, оти ќе минам преку Македонија“ (1. Кор. 16,5).
  • „И преку вас да заминам за Македонија, а од Македонија пак да дојдам при вас“ (2. Кор. 1,16).
  • „Се фалам со вас пред Македонците дека Ахаја...“ (2. Кор. 9,2).
  • „Па, ако дојдат со мене Македонци и ве најдат неприготвени..“ (2. Кор. 9,4).
  • „Гаја и Аристарха, Македонци, Павлови придружници,...“ (Дела 19,29) итн.

Наводи

уреди
  1. „Македонска Библија“. Посетено на 2012-07-07.
  2. „СВЕТИ АПОСТОЛ ПАВЛЕ И МАКЕДОНИЈА“. Архивирано од изворникот на 2012-02-10. Посетено на 2012-07-07. На |first= му недостасува |last= (help)
  3. „Пролог: Света Лидија“. 9/04/2012. Посетено на 2012-07-07. Проверете ги датумските вредности во: |date= (help)
  4. Послание до Филипјаните 4:2
  5. Послание до Филипјаните 4:3
  6. Дела Ап., 17 глава

Надворешни врски

уреди