Евангелска црква во Република Македонија
Оваа статија или заглавие има потреба од викифицирање за да ги исполни стандардите за квалитет на Википедија. Ве молиме помогнете во подобрувањето на оваа статија со соодветни внатрешни врски. |
Евангелска црква во Република Македонија — евангелско-протестантска црква и е дел од Евангелско-протестантската иницијатива.
Кратенка | ЕЦ |
---|---|
Основана | 1988 |
Вид | Црква |
Регион | Македонија |
Припадност | Евангелско-протестантска иницијатива |
Историја
уредиВо почетокот на 1988 година, Христовата пентекостна црква во Југославија (којашто подоцна ќе се преименува во евангелска црква), започнала верска активност во Скопје, со мисионерите Димитрије и Цвета Попадиќ (којашто по потекло од Македонија) од гратчето Темерин, каде што претходно основале црква. Тие се придружиле на групата која веќе од 1987 година се собирала во Скопје, под водство на Александар Вулетиќ, со кого се запознале на конференција што била организирана во црквата во Приштина, која припаѓа на Христовата пентекостна црква во Југославија. Во текот на јуни 1987 година, Вулетиќ здогледал група млади хипици кои се собирале на платото пред Камениот мост, и добил силно чувство да им се придружи и да им посведочи за Исус Христос. По првиот започнат допир, групата од петнаесетмина млади се собирала секоја вечер, разговарајќи за Исус Христос. За оваа новонастаната ситуација, го известил Попадиќ и го поканил да дојде во Скопје и да помогне со работата. Неколку месеци подоцна, пристигначе независните американски мисионери Џеф и Ели Бејкер.
Во почетокот на 1988 година, црквата била пријавена како верска активност на Христовата пентекостна црква во Југославија, во Скопје. Истата година во Штип, дошле мисионерите Будимир и Астерија Јакиќ. Будимир со децении патувал низ Македонија како колпортер. Во меѓувреме била купена куќа којашто била прилагодена, и службено, на 28 април 1991 била одржана првата богослужба. Групата во Скопје одржувала проучување на Библијата во домовите на Попадиќ и Вулетиќ, кој во 1988 год., стапил во брак со Марија Костадинова, ќерка на поранешниот методистички проповедник во Битола. Истата година било извршено крштавање на група од 15-мина млади на реката Треска. Александар и Марија заминале на студии по теологија во Осиек, Хрватска.
Во меѓувреме, за групата бил задолжен Димитрије Попадиќ, и таа нараснала до 30 луѓе. По враќањето од студиите во 1991 год., Вулетиќ бил ракоположен за пастор, додека Димитрије Попадиќ заминал во САД, на магистерски студии. Христовата пентекостна црква го сменила називот во Евангелска црква во Република Македонија, со седиште во Скопје, на ул. Франклин Рузвелт 16. Една поголема група од новите верници заминала на студии на Евангелскиот теолошкиот факултет во Осиек ‒ Мирче и Нада Андрееви, Стојан и Ленче Петровски и Коста Милков.
Во текот на 1991 год., започнала со работа и издавачката куќа Христијанска книга, којашто ја раководел Даниел Дорушак, студент од Осиек. Биле издадени книгите: „Кој е Исус“ од Џош Мекдауел и „Најсреќните луѓе на земјата“ од Демос Шакаријан; „Светот во бегство“ од Мајкл Грин и др. Биле преведувани и голем број книги и материјали за обуки, како и голем број брошури и трактати што постојано се делеле по улиците и плоштадите. Истата година, во соработка со шведска мисија започнале и првите големи евангелизации во Скопје, на кампингот во парк. Тоа довело до голем пораст на бројот на посетители, кој достигнал 100, од кои најголемиот број се млади од 16 до 25 години. Набргу започнале и мисионерските патувања низ другите градови низ Македонија, со што првата група била создадена во Куманово.[1]
Мисиска дејност според градови
уредиВо овој период започна мисиското ширење на евангелската црква во другите градови во Македонија. Првата мисиска станица започнала во 1993 година во Куманово, каде што најнапред Стојан Петровски од ЕЦ Скопје одржувал богослужби по приватни домови, а во април 1994 година се пресели во Куманово, и во неговиот дом се одржувани богослужби. Во мај 1997 година, црквата во Куманово изнајмила локал во центарот на градот. Од 2004 год. проповедник бил Сашо Георгиевски, а до 2010 започнале богослужбите во новата црковна градба.
Во 1994 година, во Кочани, црквата од Штип го испратила мисионерот Венцо Наков, кој завршил теологија во Англија, ОК. Следната година, Даниел и Оле Дорушак биле испратени во Пробиштип, каде што веќе имало верно семејство. Од 2001 година се собирале во изнајмени простории, а Венцо Наков бил одговорен за службата во Пробиштип. Истата 1994 година, мисионерите Филип и Лилија Броуер биле испратени во Струга.
Таа година, една група во Моноспитово одржувала богослужби во домот на Тони и Деска Барбутови, која во 1997 година се приклучила на Евангелската црква во Република Македонија. Во 2000 година било купено земјиште на коешто била изградена црковна градба во Моноспитово.
Во Велес започнала заедничка мисиска работа од ЕЦ Штип и ЕЦ Скопје, во 1997 год. Црквата службено била воспоставена во 1999 година, а одговорен бил Горан Илиев. Од 2009 година црквата ја водел Драган Манев, а од 2017 година - Филип Иванов.
Во Неготино, работата започнала во 1998 година, каде следната година се преселил Горан Илиев, и во 2000 година започна службената работа на ЕЦ Неготино. Во 2003 год. бил изградена црковна градба.
Евангелската црква продолжила да се шири по другите градови. Најнапред во 2001 год. во скопско Волково, каде одговорен бил Ристо Петровски и Сократ и Ленка Апостоловски.
Работата во Битола започнала со Славе Поповски, битолчанец од Шведска, кој во својот дом во Битола, во јуни 2001 година започнал со домашни заедништва. Во септември, нему му се приклучиле Дејвид и Бренда Адерхолд и Никола и Анет Марија Галевски. По заминувањето на Никола Галевски, пристигнале Марк и Беки Миндек кои останале 4‒5 години, а потоа бил поставен пасторот Јосип Пастор.
Во 2002 година, службено пријавена во Прилеп, започнала работата меѓу Ромите, каде за старешина во 2004 година бил поставен Едијан Салиоски. Од тука, црквата започнала своја мисиска работа во Битола, каде во 2006 година за старешина бил назначен Тефик Мусоски.
Во Марвинци, во 2005 година била изнајми куќа. Одговорен бил Димче Наков од Неготино.
Од ЕЦ Моноспитово започна работата во Струмица во 2006 година, а во 2008 година службено започнала работата на ЕЦ Струмица.
Од ЕЦ Неготино, започна мисиска работа во Кавадарци во 2009 година, каде одговорен бил Горан Илиев. Ромска заедница била отворена во 2012 година.
Во рамките на ЕЦ Скопје дејствувала и меѓународна црква, која е наменета за странците кои престојуваат во Скопје и службите се на англиски јазик, како и ЕЦ Целосно Евангелие од 2009 година, ЕЦ Соулкрафтод 2011 со пасторот Никола Галевски, и во 2016 година, ЕЦ Сарај, ромска црква со водачи Сократ и Ленка Апостоловски.
Во Гевгелија, една група која делувала како Здружение на граѓани „Емануел“ од 2001 година, одлучила да стане дел од Евангелската црква во Република Македонија, и во 2013 година станале ЕЦ Гевгелија со пастор Зоран Колев. Во последните две години започнале со работа и две цркви во Струга и Охрид.
Други активности
уредиВо рамките на евангелската црква, регистрирана била хуманитарната организација „АГАПЕ“, со задача за спроведување хуманитарна и добротворна дејност на Евангелската црква во Република Македонија и ширење на разбирањето меѓу луѓето, врз основа на библиското учење за помагање на ближните и христијанската практика. Тоа вклучува помош на беспомошни лица без оглед на народностната, верската, расната и половата припадност, пред сѐ на стари и болни лица, инвалиди, сиромашни, бегалци, прогонети, осамени, напуштени деца, духовно обременети и на сите останати на кои им е потребно да се понесат нивните духовни или телесни грижи и да им се понуди соодветна помош.
Исто така и промовирање верско образование и духовна култура на лицата на кои им нуди помош, одржување концерти на духовна музика и промовирање миротворство, отворање народна кујна за исхрана на бездомници и сиромашни лица, основање домови за сираци, домови за стари лица, отворање советувалиште, посетување затвореници и нудење духовна поддршка. АГАПЕ исто така спроведува и имплементира развојни проекти со првенствена цел за пошироката општествена заедница да има одредена корист. Покрај другите видови дејности, АГАПЕ честопати организира бесплатни курсеви за англиски јазик, сметачи и слично. АГАПЕ, својата дејност најзасилено ја вршеше за време на косовската криза и годините потоа. Во рамките на евангелската црква се вклучени и: извиднички одред за деца „Кралски извидници“, студентската организација „Егзодус“, здружение за промовирање на вредностите на Библијата и делови од Библијата „Библиска лига“ и здружението „Предизвик за млади“, коешто има и свое средиште за ослободување од зависностите од дрога, алкохол и слично.
Во евангелска црква, служби има секој ден, а петоците и саботите се за кафе и чај заедништво, неформално собирање на млади, каде што има духовни разговори, коишто биле мошне посетени од тинејџери и младинци. Голем дел од членовите на двете цркви се млади. Крштевањата во скопската евангелска црква се одвиваат на реката Треска.[2]