Евангелско-методистичка црква на Македонија
Евангелско-методистичката црква - eвангелско-методистичката црква настанува од евангелската (конгрегациска) црква која била основана од мисионерите на Американскиот одбор на испратените во странство.
Историја
уредиПочетоци
уредиПрвите мисионери во Македонија ја створиле евангелската (конгрегациска) црква. По завршувањето на Балканските и Првата светска војна, во којашто Србија и Бугарија биле на различни страни, сите проповедници на дотогашната евангелска (конгрегациска) црква: Кимов, Ќутукчиев, Мирчев, Иван Попов и други, заминале од делот окупиран од Србија, во Бугарија. Исклучок бил Пане Темков, кој ја започнал својата служба во 1902 година, но бил поставен за пастор дури во 1915 година. Поради последиците од војната, имало голем недостиг на финансиски и материјални средства.
Во Кралството СХС/Југославија
уредиВо такви услови било невозможно за конгрегациската мисија од Самоков да продолжи со работата во Вардарскиод дел на Македонија. Поради добрата соработка со методистичката мисија во Бугарија, донесено било решение конгрегациските црквите да преминат во Методистичката црква на СХС (Југославија). Така од 1 јануари 1922 година, десетте цркви со 220 членови од Вардарскиот дел на Македонија влегле во Методистичката црква на СХС како втор, Јужна област, којшто бил поделен на 4 окрузи, а Пане Темков бил поставен за суперинтендент.
За месните верници, единствената видлива разлика, со промената на конграционализмот во методизам, бил начинот на црковното управување. Конгрегациската црква, е со конгрегациски (собраниски) тип на црковно управување, додека методистичката црква е од епископален вид, слично со православната црква, каде управувањето оди по хиерархија, почнувајќи од епископот, па по пониските структури на хиерархијата. Политиките и одлуките на локалната црква се донесувале од епископот во странство кој често и немал допир со ситуацијата во којашто се наоѓала црквата, практика што многупати се покажала како жариште за создавање недоразбирања и проблеми.
Во 1925 година, кога југословенската влада сфатила дека методистите кои работеле под закрилата на Синиот крст, всушност не се хуманитарна организација туку црква, ја забраниле нејзината работа. Службите во Скопје и во Битола биле забранети, а во 1928 година, во црквата во Радовиш била фрлена бомба, а две недели подоцна била запалена црковната градба.
Притисокот врз верниците бил толку голем, што епископот Нилсен советувал црквите во овој дел на Македонија да се предадат на некоја друга деноминација. Со одземањето на регистрацијата, им се одземале и црковните функции на крштевање, венчавање и погреб. Во тоа време, склучувањето брак било само црковно, и тоа било дозволено само ако двајцата младоженци се методисти. Децата крстени во методистичка црква не можеле да бидат заведени како методисти. Ова предизвикало многу случаи на насилни прекрстувања од православните свештеници, а оние кои се противеле биле затворани. Овој притисок траел сè до 1932 година, кога дошло до делумно признавање.
Ваквата состојба присилила многу млади да го напуштат регионот. Двајца проповедници, Велков и Заев ги напуштиле своите заедници и емигрирале во Соединетите Држави. Третиот, Арсиќ, кој бил единствениот проповедник – Србин, ја одбил наредбата од епископот да се пресели од Скопје во Струмица, и се вработил како колпортер во БСБЗ. Тој се преобратил во Аргентина и се вратил во Југославија. Му била ветена добра плата од црква во САД, којашто не ја добил и бил држен како приправник многу долго, веројатно поради национализмот што се отсликувал од општеството и кај проповедниците.
Светската криза силно се одразила и врз методистичката црква, особено во Вардарскиот дел на Македонија, која била во хаос и без водство. Сите мисионери се вратиле дома, а и бројот на проповедници драстично бил намален. Кризата имала и свои политички импликации. Владата била распуштена од кралот Александар, кој ја презел целосната власт, која не била наклонета кон црквите.
Во 1931 година, епископот Шепард успеал да добие право за методистичките свештеници да крштeваат, погребуваат, венчаваат и да водат евиденција за членството, што било веднаш искористено, и во овој дел на Македонија биле крстени 106 деца за еден месец. Во 1938 година, Здравко Јанков и Цеко Цеков биле испратени да студираат богословија во Франкфурт. Други студенти не успеале да извадат пасоши за да одат на студии на „Свети Андреја“ во Австрија. Неколку пастори во овој период ја напуштиле службата. Најтешка била ситуацијата со Темков, Калајлиев и Карамазов, кои не успевале да ги задоволат потребите на растечката област, којшто растела повеќе од северната. Сите проповедници во Вардарскиот дел на Македонија биле Македонци.
Проповедниците биле средишни ликови во црквата. Пане Д. Темков е роден на 21 декември 1881 година во Кавадарци. Основно училиште завршил во родното место, а теолошко образование стекнал во Американското богословско училиште во Самоков. Служел во повеќе градови: Банско, Јакоруда (Бугарија), Дојран, Струмица и Скопје. Темков бил најдолго во службата. Бил способен организатор и добар пасторален работник. Со години служел во Скопје и Струмица, најголемите методистички цркви во Вардарскиот дел на Македонија. Служел и на сите протестанти–странци и војници кои биле во Скопје, ги посетувал по болници и го отворал својот скромен дом. Бил назначен да ги крштева и погребува сите протестанти. Тој служел во една интернационална, интерденоминационална црква. Тој дури бил и суперинтендент во текот на 1922 и 1923 година.
Работата во втората половина на триесеттите, главно, одела без проблеми. Добрите интерденоминациски контакти биле одржувани со допуштање на проповедници од лутерански и реформирани заедници од северот да им служат на своите војници во методистичката црква. Единствениот проблем бил барањето на неколку адвентистички двојки, да ги венча Темков. Тој ги одбил, бидејќи адвентистите биле прогонувани од власта, и тој не сакал да биде поврзан со нив, не сакајќи да ризикува повторна забрана на верските активности.
Проповедниците во Вардарскиот дел на Македонија се концентрирале на трите средишта: Струмица, Скопје и Битола. Скопје сè повеќе добивало важност како административен центар на Вардарската Бановина. Од Скопје, Пане Темков понекогаш ги посетувал Гостивар, Приштина и Косовска Митровица и селата Вучитрн и Љипљан. Владимир Даскалов, родум од Кавадарци, завршил математика на универзитетот Колумбија во САД, а предавал и во протестантското училиште во Самоков. Службата ја започнал во Велинград, а потоа од 1924 година служел во Радовиш, сè до запалувањето на црквата од властите во 1928 година, кога прешол во црквата во Струмица. Тој бил успешен проповедник кој ја организирал најголемата црква во Југославија, со 400 членови и со седумстотини посетители на празници. Иако бил болен од туберкулоза, тој организирал многу активности, меѓу коишто и духовен младински хор кој настапувал на црковни и други свечености во струмичкиот регион.
Крум Калајлиев, роден 1900 година во Радовиш, ја започнал својата работа на 16 години, поучувајќи во неделното училиште. Службата ја започнал во Мраморак, каде најнапред учел германски јазик. Богословие студирал во „Свети Андреј“ во Австрија 1927–1930 година, а по студиите работел како проповедник во Банат. Во Македонија се вратил во 1931 година, и ја оживеал работата во Битола, којашто била напуштена повеќе од десет години. До 1936 година, тој ја зајакнувал црквата и проповедал на многу места во близината: Ресен, Охрид, Мешеишта, Ботун и Прилеп, која пак прераснала во самостојна црква со големо членство. По заминувањето на неговиот помошник Остерхаус, службата малку опаднала. Калајлиев бил многу успешен евангелизатор и вреден работник и со неговото влијание дури и 100 ресенчани искажале желба заедно да ја напуштат православната црква и да им се придружат на методистите.
Суперинтендентот и проповедниците од северот, со недоверба гледале кон желбите на Македонците да станат ѓакони и проповедници. Ова се основало на недостатокот на општење и лични познанства, како и непознавање на ситуацијата на југот, каде сепак се покажувала голема упорност и искрен мисионерски жар. Во текот на целиот овој период, било присутно чувството на супериорност на Германците над Македонците и секако извесна недоверба кон нив.
Најактивна работа во Македонија била во населените места во Струмичката долина: Струмица, Муртино, Моноспитово и Колешино. Суперинтендентот Георг Себел ја опишал црквата во Струмица како најголема, а онаа во Колешино како најверна. Службите во овие четири цркви ги држеле проповедниците Даскалов и Карамазов, лаичките проповедници, Арнаудов и Трајков и една жена на Библијата, Божинова, потпомогнати од други мажи и жени. Тие дејствувале во Вељуса, Дојран, Костурново, Мокриево, Габрово, Валандово, Бистрица и други места. Радовиш и Раклиш биле силни евангелски средишта, па затоа богослужбите биле забранети од месните власти во текот на шест години, сè додека епископот Нилсон не ги убедил властите да дозволат црквата повторно да одржува богослужби, во 1935 година.
Службата не минувала без проблеми. Во Колешино, православниот свештеник дури и ја прекинал службата што ја држел Арнаудов, тврдејќи дека има право да ги прогонува оние кои не одат во неговата црква. Сличен настан се случил и во црквата во Моноспитово, кога проповедал Карамазов, кога непоканет поп влегол и почнал да држи литургија. Напредувањето на методизмот во Струмичкиот регион, натерало многу православни свештеници да почнат да проповедаат во своите служби за да ги задоволуваат потребите на своите членови. Други православни свештеници избрале понасилни методи. Со закани со оружје и физичко малтретирање ги спречувале младите да се венчаваат во методистичка црква. Во еден случај на мешан брак кога зетот побарал од методистичкиот проповедник да ги венча, православниот свештеник го натепал со рачката од пиштолот, и му се заканил дека ќе го убие ако не се венча во неговата црква. Друг пак свештеник им се заканил на еден пар дека ќе ги убие ако не се венчаат во неговата црква и стоел цело време на проповедалницата кога методистичкиот свештеник ја вршел венчавката, но не ја исполнил заканата. Проблем претставувале и погребите, каде родинините често не дозволувале погреб на евангелски начин. Проблем бил и погребот на исклучените членови од методистичката црква, бидејќи проповедниците одбивале да ги погребаат овие луѓе, а и конгрегацијата не сакала да им го пружи овој последен чин на некогашните членови.
Голем проблем изникнал околу крштевањето. Многу деца од методистички семејства биле насилно прекрстени од православниот свештеник во Муртино. Ова предизвикало негодување кај родителите, но свештеникот тврдел дека децата се од неговата вера. Општо во Македонија, браковите во којшто едниот брачен другар не бил христијанин биле поништувани, а доколку христијанка се омажела за муслиман, бракот не бил признаван. Многу жени кои биле венчани надвор од црквата, барале од проповедниците да им ги крстат децата. Тие посакувале да го сторат тоа, но државата тоа го забранувала. По Втората светска војна, црковниот брак не бил признаван, така што овие проблеми веќе не биле актуелни.
Во 1932 година, во црквите во Струмичкиот регион почнале да се создаваат младински организации. Ова предизвикало растеж од 30 проценти. И покрај примитивниот превпз (магаре, планински коњи и одење пеш), младинските поголеми настани биле посетени од 300 до 700 луѓе. Се претпоставува дека членството би се удвоило доколку луѓето биле слободни да го сторат тоа. Во текот на евангелизациите, во помалите села, како на пример Муртино, 200 до 250 луѓе присуствувале секоја вечер, желни да го чујат говорникот.
На север сè уште немало словенско членство. Неколку чешки колонисти во црквата во Вршац барале да имаат служби на српски јазик, но бидејќи никој од проповедниците не зборувал доволно српски, барањето било одбиено. Ова ќе се покаже како клучен проблем, бидејќи по заминувањето на Германците во селата останувале само Срби, меѓу кои, методистите воопшто не работеле.
Најголемиот проблем бил недостатокот на евангелска книжевност на српски или македонски јазик, додека онаа на бугарски не смеела да се увезува. Проповедниците биле присилени да се потпрат само на Библијата, песнарката „Славопој“ и списанието „Пут живота“. Се претпоставува дека доколку имало поголем обем на напишана книжевност на српски, би се постигнале подобри резултати. Само проповедањето и читањето на Библијата не биле доволни за подлабоки корени во евангелската или методистичката теолошка мисла и начела. Сепак, македонските методисти се одликувале го голема верност и елан за проповедање.
По повод убиството на кралот Александар, во сите методистички цркви била одржана комеморативна служба, со цел да се покаже верност кон државата. Најголемиот дел од методистите биле од народносните малцинства и често биле обвинувани за странско влијание. Пред војната, бројот на методисти во Југославија бил 2,440.
За време на Втората светска војна
уредиЈужната (македонска) област била приклучена кон бугарската мисија, под водство на германскиот методист Алфонс Праш, кој им бил добро познат на југословенските методисти, бидејќи редовно ги посетувал годишните конференции. Методистите, за време на војната се соочиле со истите проблеми како и месното население, а нивната работа не била воопшто нарушена, туку многу подобра од онаа во поранешната северна област.
Во ослободена Македонија (ФНРЈ/СФРЈ)
уредиСитуацијата во ослободена Македонија околу национализацијата на имотите на црквата била далеку подобра, каде дејствувале пет пастори: Пане Темков, Владимир Даскалов, Крум Калајлиев, Коста Карамазов и Цеко Цеков. Тие ги опслужувале црквите во Скопје, Струмица, Прилеп, Муртино, Моноспитово, Колешино, Радовиш и Раклиш, а понекогаш и Битола, Приштина и Косовска Митровица. Со одлуки на властите, нивните патувања биле често ограничувани.
Во 1946 година била создадена Комисија за верски прашања, како тело одговорно за општење помеѓу Владата и црквите. Епископот бил со седиште во Женева. Југословенската влада сакала независна методистичка црква во рамките на Југославија. Затоа посетите на надлежниот епископ биле ретки, бидејќи властите често не му одобрувале виза. Но преносот на средства не бил попречуван, со што била овозможена работата на методистичката црква.
Забележани се многу инциденти, како на пример кога суперинтендентот Себеле и црковната сестра Паула Мојзес биле во посета на црквите во Македонија, им било наредено да се вратат во Војводина во рок од неколку часа. Во летото 1950 година, два пастора биле уапсени, а едниот од нив, Цеко Цеков бил осуден на 4 години тешка принудна работа, бидејќи, наводно, помогнал на некој свој роднина да пребега во Грција. Обвинувањата најчесто биле на нерелигиозна основа, со цел да не се наруши сликата за декларираната верска слобода.
Во почетокот на 1950-тите, односите со државата се поправиле, а голема група Словаци од Војводина, припадници на Синиот крст, се приклучиле на методистичката црква, додека во Македонија се случило мало будење. Во 1953 година бил донесен Закон за правната положба на верските заедници, кој предвидувал забрана некој да се присилува или да се спречува да стане верник во некоја црква. За крштевање била потребна дозвола од еден родител, а за верска поука од двата родитела. Најтешка била одредбата за забрана на религиозните собирања во приватни домови. Во многу градови, заедниците биле премногу сиромашни за да си дозволат црковен објект, но Одборот за мисии за неколку години обезбедил неколку куќи што се користени како цркви. Методистичките цркви биле организирани преку тромесечни конференции кои не биле секогаш одржувани, особено во помалите цркви. Но, се одржувала Годишната конференција со голема посетеност. На годишните мисионерски конференции се собирале претставници од двата дистрикта, на коишто по правило требало да е присутен и епископот на Женевската област, но тоа ретко се случувало. Во 1946 година, епископот Паул Гарбер претседавал со конференцијата, како и епископот Артур Мур во 1953 год и Артур Сиг во 1957 година.
Во периодот од 1945 до 1953 година. служеле шест проповедници, еден на северот и пет на југот, а Владимир Даскалов и Пане Темков биле пензионери. Суперинтендет бил Георг Себеле, најсилната личност на југословенскиот методизам, кој неумерно работел и поминал илјадници километри во време и невреме, пеш, со велосипед и воз. Тој починал 1955 година. По неговата смрт, Паула Мојзес е поставена за в.д. суперинтендент. Во 1957 година, епископот Сиг го назначува Крум Калајлиев за прв суперинтендент - Македонец, а Паула Мојзес ја ракополага за ѓаконица заедно со уште тројца од северната област. Таа била активна во издаваштвото и била уредник на „Пут Живота“ и „Црквене Вести“, а го помогнала и правењето на македонската песнарка. Во црквата во Скопје проповедал Коста Карамазов. Црквата била срушена во земјотресот од 1963 година. Методистите од целиот свет собирале помош и помагале на верните и на останатите настрадани. Цеко Цеков, како најмлад имал најголем потенцијал, но по престојот и измачувањето во затворот, потребно му било цела година за да се соземе и да служи во црквата во Струмица и околните села.
Според методистичкиот принцип, проповедниците ротирале од едно место во друго. Така, по Пане Темков, во Скопје, во 1975 година проповедал Коста Карамазов, кој претходно бил проповедник во Муртино и Моноспитово. Него, во 1980 година го заменувал Цеко Цеков, кој претходно бил во Струмица. По него, во 1984 година дошол Миле Цеков, а подоцна во 1986 година, го заменил Китан Петрески кој претходно бил во Прилеп.
По заминувањето на Карамазов, во Муртино дошол Асен Паланков, кој во 1958 година бил убиен во Нови Сад. Потоа во Муртино една година проповедала Зора Вучкова, па се заменувале со Киро Бухов, кој проповедал во Радовиш и Раклиш. Во Струмица проповедал Никола Арнаудов, додека Нада Шаманова проповедала во Колешино, па во Прилеп кон крајот на осумдесеттите кога ја заменил Китан Петрески. Борис Дончев проповедал во Колешино, па Муртино, а Божин Костадинов во Битола, проповедал по Калајлиев. Во Битола, од 1991 година проповедал Ацо Митев.
Во 1970 година била изградена црквата во Скопје, каде проповеда Михаил Цеков. Китан Петрески бил проповедник во родниот Прилеп, а потоа проповедал и во Скопје. Црквата во Битола била изградена 1979 година каде проповедал Божин Костадинов, Коста Рабровалиев и Ацо Митев од 1991 година. Во Прилеп, проповедник била Нада Шаманова, а Зора Вучкова во Раклиш и Радовиш, Павле Цеков во Колешино.
Од 1978 до 1988 година, Борис Трајковски бил претседател на Комисијата за детска и младинска работа. Во 1989 година бил избран за член на Црковниот одбор на методистичката црква на Југославија. Подоцна се занимавал со политика.
По осамостојувањето
уредиПри распадот на Југославија, епископ на методистичката црква бил Хајнрих Болетер, суперинтендент Мартин Хован од Нови Сад. Поради епископалното уредување на методистичката црква, промените при распадот на Југославија и осамостојувањето на Македонија, не довеле до некои поголеми промени кај методистичката црква, освен поделба на јужната област и назначување уште еден суперинтендент за Република Македонија.
Евангелско-методистичката црква продолжила да работи и дејствува на традиционалниот начин, претежно меѓу своето членство, со минимална соработка со другите евангелско-протестантски цркви. Така таа само странично ќе биде дел од процесите што ќе следуваат. Мартин Хован од Нови Сад останал суперинтендент сè до април 1993 година, кога е назначен Китан Петрески. Тој останува на таа позиција до јуни 1996 година, кога за суперинтендент е назначен Вилхелм Науснер од Австрија.
Во 2004 година, кога влегла како една од петте верски заедници во Уставот на Република Македонија, евангелско-методистичката црква била организирана во седум окрузи со 13 цркви и еден социјален центар: Скопје (вклучително Драчево) ‒ одговорен Михаил Цеков, Струмица (Вељуса, Кочани) – Мирче Танчев, Муртино – Славчо Азманов, Моноспитово ‒ Живко Пенев, Колешино – Мирче Танчев, Радовиш (Раклиш) – Зора Вучкова и Прилеп ‒ Нада Шамнова (Битола – Ацо Митев). Покрај редовните богослужби, црквата активно водела грижа и за духовното воспитување на децата и младите, преку часови коишто се држат од стручно оспособени лица. Црквата има две информативни списанија. „Пат на животот“, месечно списание со обработка на теми од духовната сфера, содржела разни информации и активности во рамките на црквата. „Харизма“ излегувала четирипати годишно и било списание за жени, коешто обработувало теми со духовна тематика, но и теми што биле директно поврзани со потребите на жените. Редовно бил печатен и годишен календар (календар-книга), којшто опфаќал текстови и толкувања од Библијата. Покрај овие редовни информативни изданија, црквата печатела книги и брошури со разновидна духовна и историска содржина.
Социјалната служба на црквата била организирана во „Дијаконија Македонија“, којашто организирала разни активности: кампови за млади, кампови за деца со посебни потреби, хуманитарна помош на самохрани мајки, социјални случаи, инвалидизирани лица и сл. „Мис Стон Центар“ бил изграден во 2000 година, а со работа почнал во 2001 година. Од кујната во „Мис Стон“ секојдневно се добивало храна за околу 150 лица. Бројот на членови во евангелско-методистичката црква во Македонија е различен. Според книгата за историјата на методизмот, тој број е 6.000. На пописот во 2002 година, како евангелисти-методисти, се попишале 1.303 луѓе.[1]
Наводи
уреди- ↑ Јован Јоновски, Историја на евангелско-протестантските цркви во Македонија, Изгрев, Скопје, 2017.