Етно астрономија
Етно астрономија / стара небесна карта на македонскиот народ претставува комплекс од народни знаења, верувања и имагинарни претстави за небесната тела и појави во вселената кои се негуваат во традицискиот светоглед на македонскиот народ. Тоа е фолклорно добро кое според Националната класификација на културното наследство ги опфаќа народната космогонија, народниот календар и народната метеорологија. Нематеријалното културно добро „Eтно астрономија /стара небесна карта на македонскиот народ“ се прогласува за културно наследство од особено значење, поткатегорија исклучително значење.[1]
Истражувањата покажале дека македонскиот народ има своја оригинална претстава за ѕвезденото небо и свое толкување на движењата и изгледот на небесните тела и атмосферските појави.[2]
Потекло
уредиОд поделбата на небото и имињата на народните соѕвездија, како и симболиката и митологијата кои тие ја носат, може да се заклучи дека тие влечат корени од раните земјоделски заедници кои постоеле на балканскиот простор уште во времето на неолитот. Прашањето каде се појавиле религиските традиции губи од своето значење акo се земат во предвид глобалната унифицираност на бројните неолитски култури што го сочинувале таканаречениот Балканско-Анадолски комплекс (Чаусидис Н. 1996) и ставот но современата наука, дека Блискиот Исток и Источниот Медитеран во Бронзено време претставуваат заеднички културен и религиозен простор (Fritz G.,2007:3-16). Многу позначајни се прашањата, како и со чие посредство овие преданија и традиции преживеале неколку илјади години и сé уште се присутни во народната култура на сите балкански народи.
На овие прашања во иднина ќе мора да се бараат одговори преку правењето на компаративни анализи и соработка на сите специјалисти од областа на антропологијата, етнологијата, етноастрономијата, историјата на религијата, лингвистиката и сл.
Опис на доброто
уредиВо научните трудови на авторот Ѓоре Ценев: „Македонски народни соѕвездија“ објавен во Зборникот на трудови од Меѓународната научна конференција оддржана во Белград во 2007 година и „Стара небесна карта на македонскиот народ“, објавен во британското списание „Cosmos“ во 2014 година. Како и емпириски материјал во овој елаборат наведени се податоците кои се собрани од населението во македонските села во периодот 1982-1986 година.
Речиси сите небесни карти вообичаено се претставуваат во кружна форма, но ние во оваа пригода се одлучивме, во согласност со народната претстава и поделба на небото, картата да се состои од три дела (Ценев Ѓ. 2000: 1). Според тврдењето на сите стари жители на македонските села, годината порано се делела само на две годишни времиња: зима и лето.
"Зимата започнувала на денот 8 ноември, кој во народот е познат под името Митровден а завршувала на 6 мај, во народот познат како Ѓурѓовден (жена, 70 години, Mешеишта, маж 85 години, Климештани). Соодветно летото започнувало на Ѓурѓовден, а завршувало на Митровден.
Токму затоа, во народот се зборува за соѕвездија на зимско и на летно небо кои соодветно се прикажани на небесната карта. Истражувањата покажале дека народот знае за некои соѕвездија кои се наоѓаат околу ѕвездата Северница (Поларната ѕвезда) и за нивното кружно движење на небото, без да изгреваат и заоѓаат во текот на годината. Од овие причини делот околу Северницата е издвоен како посебен дел во составот на небесната картa.
Ѕвезди и соѕвездија на зимското небо
уредиЗимското небо според мислењето кое важи во астрономијата има најубав изглед, затоа што содржи голем број на сјајни ѕвезди и ѕвездени јата. Сјајните ѕвезди лесно се препознаваат на небото, па затоа не зачудува фактот дека тие биле основа во градењето на претставите за небото и во формирањето на сликите на народните соѕвездија. Како и во сите други народи така и во македонскиот народ забележани се најголем број на податоци за соѕвездијата на зимското небо.
- Квачка е најпознатото народно соѕвездие за кое без исклучок знаат сите стари жители во македонските села (види Ѕвездена карта на македонскиот народ). Со ова име во народот се именува ѕвезденото јато Плејади (Pleiades). Во народот се тврди дека на небото има три основни белези кои секогаш, особено наутро се бараат на небото.
Трите белези по ред се: Квачка или со астрономски речник кажано ѕвезденото јато Плејади, Деница кое е народно име за планетата Венера и Орач со кое име народот ја нарекува сјајната ѕвезда Бетелгез во астрономското соѕвездие Орион (Orion).
Белезите народот ги користи летно време и во почетокот на есента за утврдување на времето за будење и започнување на земјоделските работи. Народот вообичаено вели: "Кога на исток летно време ќе изгрее Квачката, тогаш е околу 2 часот по полноќ. Тоа е времето кога се будат домаќинките и започнуваат да го месат лебот за работниците по нивите (маж, 90 години, Mарвинци; маж, 87 години, Kривогаштани; маж 78 години, Сопотница)".
Потоа, на растојание од еден остен (дрвен стап за терање на добитокот со должина од околу 2 метри) на источниот хоризонт ќе се појави Орачот. Тогаш е околу 3 часот по полноќ и тоа е времето кога се будат сите орачи и се подготвуваат да заминат на нивите. Најпосле изгрева Деницата и таа најавува дека набрзо ќе изгрее Сонцето, а кога тоа изгрева, сите луѓе веќе треба да се на нивите и да ги вршат земјоделските работи (Ценев Ѓ. 2004: 74-76).
Луѓето во селата најчесто ја опишуваат Квачката како една кокошка – мајка која е опкружена со 6-7 пилиња. Ѕвезденото јато Плејади, астрономски кажано, е дел од зимското небо, па затоа во зависност од географските координати и реалната местоположба на селата во Македонија ќе има различна видливост на небото. Во април и мај, Плеадите не се гледаат на небото, а во почетокот на јуни започнуваат да изгреваат над источниот хоризонт пред изгревање на Сонцето. Кон крајот на есента Плејади ќе исчезнат од утринското небо и ќе започнат да изгреваат над источниот хоризонт навечер по заоѓањето на Сонцето. Ваквата видливост на Квачката добро им е позната на жителите на македонските села.
Во селата на Југоисточна Македонија го забележавме верувањето дека сите видови на растенија со зрнести плодови мора да бидат собрани од нивите пред Квачката да се појави на небото. Кога таа летно време наутро се појавува многу е ниско над хоризонтот, па се верува дека таа лесно може да слезе на земјата и со своите гладни пилиња да го изеде целиот род по полињата. „Денот посветен на Цар Константин (3 јуни) е последен ден за берење на сусамот. Сите луѓе до тој ден треба да го соберат сусамот, затоа што на тој ден за прв пат во годината се јавува Квачката со своите пилиња. Кога прв пат се јавува Квачката е многу ниско, блиско до земјата и може да се симне на земјата и да го изеде сиот сусам“ (маж, 90 години, Mарвинци).
Во селата забележани се и некои магиски ритуали поврзани со Квачката. Во Нежилово велат: „Кога за прв пат ќе се види Квачката пред Петровден се вика: Квачко тебе сон ти в очи, мене јасни очи! Така се вика за да помалку се спие, зошто во тоа време има многу работа во полето“ (жена, 80 години, Нежилово). Во Ракотинци на луѓето им се советува: "Пред Петровден да ја видиш Квачката за да не те фаќа грозница!" (маж, 82 години, Рaкотинци). Во денот кога на небото ќе се појави Квачката: „јагнињата се затвораат за да не ги фати некоја болест“ (жена, 68 години, Тлминце)
Квачката како еден од главните белези на небото опкружена е со други ѕвезди и соѕвездија кои имаат народни имиња на животни кои вообичаено се поврзани со нејзиниот живот. Затоа, во нејзината околина се наоѓаат следниве народни соѕвездија:
Петел: "Петелот е сјајна ѕвезда подалеку од Квачката" (маж, 57 години, Кривогаштани). По деталната проверка може да се рече дека со ова име во народот се именува ѕвездата Nat од соѕвездието Кочијаш (Auriga).
Јастреб: Како еден од природните непријатели на Квачката и Петелот, Јастребот се наоѓа над нив во позиција за напад. "Јастребот е една сјајна ѕвезда над Квачката и пилињата и сака да ги фати!" (маж, 82 години, Ракотинци). Сјајната ѕвезда Capella од соѕвездието Кочијаш (Auriga) народот ја именува со името Јастреб.
Лисица: Лисицата е вториот природен непријател на Квачката и Петелот и затоа народoт исто така ја „гледа“ на небото. Црвената боја на сјајната ѕвезда Aldebaran од астрономското соѕвездие Бик (Taurus) била причината народот да си ја претстави како Лисица која се подготвува да ги нападне Квачката и Петелот. Во Негорци на пример велат: "Лисицата оди по Квачката, за да ја улови!" (маж, 90 години, Негорци).
Околината на Квачката може да се претстави и како изглед на еден вообичаен двор на типична селска куќа. Затоа во нејзината околина народот ги наведува и следниве соѕвездија:
Свињи: Во близината на Квачката народот на небото го забележал ѕвезденото јато Hyades. Расејаниот изглед на ѕвездите од ова јато народот го асоцирало на слика од група свињи во селскиот двор, па затоа така и ги нарекле. Најсјајната ѕвезда во Hyades народот ја смета за Свињар (човекот кој ги води свињите) а останатите ѕвезди се свињите. Во Муртино велат: "Тоа е свињар со свињи!" (маж, 80 години, Mуртино).
Јарем: Во народот со ова име се означува група ѕвезди од астрономското соѕвездие Персеј (Perseus). "Јаремот е блиску до Квачката и се гледа од Петровден до Ѓурѓовден" (жена 60 години, Добровница). Јаремот за воловите, исто така, вобичаено се гледа во селскиот двор и затоа тој како и претходните народни соѕвездија сведочат за општата народна слика и намена на овој дел на небото.
Подалеку од Квачката и сликата на селскиот двор, се наоѓа втората група на народни соѕвездија која ја создаваат општата слика на работа во селските ниви. На овој дел на небото народот ги гледа следниве соѕвездија:
Орач: Како што видовме понапред Орачот е еден од трите основни белези на небото. Со ова име народот ја именува сјајната ѕвезда Betelgeuse во астрономското соѕвездие Орион (Orion). Се разбира покрај Betelgeuse во градењето на сликата на народното соѕвездие учестуваат и околните послаби ѕвезди, затоа што народот вели декаː Орачот е слика на човек со остен, кој се враќа кон својата куќа. "Тоа е орачот кој тргнал да ора но го заборавил каишот за врзување на оглавот и пошол дома да го земе и пота да продолжи со орањето" (маж, 82 години, Логунци).
Рало со волови: Астрономското соѕвездие Орион (Orion) со големиот број сјајни ѕвезди и карактеристичен распоред доминира на зимското небо и лесно се пронаоѓа. Луѓето во македонските села најчесто го посочуваат регионот околу појасот на Орион при што велат дека трите сјајни ѕвезди од појасот и околните послаби ѕвезди градат слика на едно дрвено рало со впрегнати два вола. "Тоа е рало со два вола оставени на нивата, затоа што орачот се вратил дома" (маж, 85 години, Богомила).
Волци: Во околината на ралото со воловите кои се оставени на селската нива, народот гледа и два Волка. "Волците се малку позади од ралото со воловите и сакаат да ги нападнат воловите оставени на нивата" (маж 85 години, Богомила) Според описот може да се рече дека како Волци народот ги посочува сјајните ѕвезди Sirius во соѕвездието Големо Куче (Canis Major) и Procion во соѕвездието Мало Куче (Canis Minor).
Орачот, Ралото со Воловите и Волците се дел од една поширока слика на небото за која народот раскажува (Ценев Ѓ. 2004: 78-80): Сумарниот опис на ова слика би бил: „Орачот излегол рано наутро да ора, но кога стигнал таму видел дека го заборавил каишот за врзување на воловите. Тој тргнал да се врати дома да го земе каишот и затоа тој е подалеку од Ралото и Воловите кој ги оставил на нивата. Волците забележале дека воловите се оставени сами на нивата, па затоа се групираат и прикрадуваат за да ги нападнат“ (маж, 82 години, Логунци, маж, 85 години, Богомила).
На зимското небо народот опишува уште едно соѕвездие кое навидум отстапува од општата слика на овој дел од ѕвезденото небо. Тоа е соѕвездието Терезии. Во селото Побожје ова соѕвездие го опишуваат на следниот начин :"Тоа се три ѕвезди во права линија под ралото и уште три ѕвезди под нив" (жена, 80 години, Побожје). Според народниот опис ова соѕвездие го сочинуваат двете сјајни ѕвезди Ригел и Saiph и една послаба по сјај ѕвезда од астрономското соѕвездие Орион (Orion), како и групата послаби по сјај ѕвезди од астрономското соѕвездие Зајак (Lepus). Појавата на ова народно соѕвездие на зимското небо може да се протолкува на два начина. Првиот начин е ова соѕвездие да го прифатиме како дел од една постара и побогата слика на зимското небо и неговата поделба на народни соѕвездија. Вториот начин е ова народно соѕвездие да го прифатиме како симбол на зимскиот период кога луѓето не се занимаваат со земјоделските работи, туку повеќе се занимаваат со меѓусебна трговија.
Ѕвезди и соѕвездија на летното небо
уредиПопова Слама: На летното ѕвездено небо со својот изглед доминира нашата галаксија Млечен Пат ( Milky Way). Народот го забележал нејзиниот лик и изградил свој мит за нејзината појава на небото. Според најчесто раскажуваниот мит (Ценев Ѓ. 2004: 71-72), во некоја многу студена зимска ноќ некој поп останал без слама за добитокот и за да не му умре, решил да украде слама од својот кумашин. Така на пример во селото Марвинци забележан е следниот опис: "Попот крадел слама од кумашинот и ја ставил во една вреќа. Арно ама, вреќата не ја врзал добро и сламата се растурала позади него и по тоа го нашле крадецот" (маж, 90 години, Maрвинци). Кумството во македонскиот народ се смета за многу блиска родбинска поврзаност и крадењето од кумашинот се смета за многу голем грев. Во селата од Западна Македонија почесто се раскажува за некој кум кој од кумашинот крадел слама. "Некој кум ноќно време крадел слама од својот кумашин. Кога се враќал со колата, ветерот ја веел сламата, таа се подигнала на небото и така го обележала патот, по што крадецот бил пронајден, а сламата останала на небото како вечен спомен на тој голем грев" (маж, 75 години, Сопотница). Базирајќи се на овој мит во западниот дел на Македонија често пати Поповата Слама се нарекува и Кумова Слама. Со овој мит за настанување на Поповата Слама поврзани се и следниве народни соѕвездија:
Гумно: Кружниот и магловит изглед на Андромедината галаксија (М31) го асоцирала народот во неа да го види гумното со слама од каде попот крадел слама од својот кумашин. "Во Гумното има ситно збиени ѕвезди како снопови жито, а околу има бело. Гумното е пред Квачката. На попот (кој крадеел слама) му се истурила сламата до Гумното" (маж, 84 години, Пирава)
Крст: Според народното верување кога попот-крадец ја видел божјата моќ панично почнал да бега и по патот си го загубил крстот што го носел. Затоа на небото, покрај Поповата Слама има и Крст. "Попот крадел слама од кумашинот и со колата бегал кон дома. Арно ама, како брзал - така си го загубил крстот. Затоа денес крстот и сламата барабар се гледаат на небото" (маж, 84 години, Блатец). На овој начин народот го објаснува името на четирите ѕвезди во малото астрономско соѕвездие Делфин (Delphinus). Заради малите димензии во народот често се вели дека тоа е Крвче или Попово Крвче.
Уши: Со овој општо познат збор во жаргонот на македонскиот селанец се означува делот од дрвеното рало кое влегува во земјата и служи за орање. Со Уши народот ја именува сликата која според народната имагинација ја создаваат неколку сјајни и помалку сјајни ѕвезди од астрономското соѕвездие Касиопеја (Cassiopeia). "Ушите се дел од ралото. Тие се во Кумовата Слама и се блиску до Гумното" (маж, 65 години, Опила). Ушите и Гумното се двете народни соѕвездија кои влегуваат во составот на пошироката слика на еден селски двор каков што може да се сретне во секое село во Македонија.
Во народниот опис на летното ѕвездено небо народот како посебна група ја наведува следнава група од народни соѕвездија:
Пирустија: Пирустијата е посебно изработен метален троножец кој се става во домашното огниште, а на неа се стават котлите и тенџерињата за приготвување храна. Пирустијата е едно од најпознатите соѕвездија кај народот. "Пирустијата е надвор и понапред од Кумовата Слама" (маж, 85 години, Кривогаштани). Со ова име народот го опишува триаголникот кој го сочинуваат сјајната ѕвезда Вега и две послаби по сјај ѕвезди од астрономското соѕвездие Лира (Lyra).
Маши: Машите се потребни за буричкање во огништето и распалување на огинот каде стои Пирустијата. Затоа сосем логично народното соѕвездие Маши се наоѓа во непосредна близина на Пирустијата. "Таму има Пирустија и до него Маша!" (маж 82 години, Ракотинци). Со Маши се именуваат три ѕвезди од астрономското соѕвездие Лира (Lyra) кои прават рамнокрак триаголник.
Софра: Карактеристичниот полукружен лик на астрономското соѕвездие Северна Круна (Corona Borealis) го асоцирало македонскиот селанец на кружна дрвена маса која се нарекува софра. Ова соѕвездие "се гледа сред небо летно време по заоѓање на Сонцето" (маж, 76 години, Џидимирци). Тоа е делот од небота каде "има голем број ситни ѕвезди кои се во круг околу една поголема ѕвезда" (маж, 82 години, Логунци). Софрата е местото каде навечер се собира целата фамилија на вечера, па затоа често пати народот вели дека во минатото ова соѕвездие побогато се опишувало со "луѓе поседнати околу софрата и невеста која ги послужува" (маж, 78 години, Говрлево).
Сврдел: Како и во случајот со зимското небо и на летното небо народот опишува уште едно карактеристично соѕвездие кое навидум нема никаква поврзаност со останатите народни соѕвездија. Тоа е народното соѕвездие Сврдел. Народот вели дека тоа е голем сврдел кој служи за градење на куќите и е внатре во Поповата Слама. "Сврделот оди со Кумовата Слама. Тој е во неа!" (маж, 75 години, Сопотница), "тој се гледа летно време, право на сред небо и има рачки" (маж, 85 години, Богомила). Всушност со Сврдел народот го опишува карактеристичнио распоред на сјајните ѕвезди во астрономското соѕвездие Лебед (Cygnus). Како и во случајот со народното соѕвездие Терезија и за Сврделот може да се претпостави како симбол на времето во годината кога тој се гледа на небото. Сврделот на небото се појавува во пролет, а тоа е времето кога луѓето градат куќи пред да започнат големите земјоделски работи.
Ѕвезди и соѕвездија на Северното небо
уредиСеверното небо зазема само мал дел во народната поделба на небесниот свод. На овој дел на небото народот опишува само едно соѕвездие, а секако ја знае и ѕвездата Северница која честопати ја нарекува Средоземна Ѕвезда.
Арамии: Познатото астрономско соѕвездие Голема Мечка (Ursa Major) во народот се опишува како група Арамии. Седумте сјајни ѕвезди од Големата Мечка народот го асоцира на седум арамии. "Арамиите се седум ѕвезди кои не заоѓаат. Така се викаат затоа што се будни цела ноќ како што се будни и арамиите" (маж, 86 годиниs, Ѓавато). Народот ја познава и двојната ѕвезда Mizar која е во составот на Големата Мечка. При тоа, послабата ѕвезда Alcor народот ја нарекува Арамиче, кое всушност е дете кое арамиите го грабнале и сега го учат да стане арамија. Така, на пример, во селото Бистрица велат: "Тоа се Арамиите со малото арамиче!" (маж, 89 години, Бистрица), а во Горобинци даваат подетален опис: "Арамиите се седум ѕвезди. Четири се напред а три назад. Има и едно мало кое е една ѕвезда крај нив, а кое е украдено и поајдучено" (маж, 73 години, Горобинци). Во поново време ова соѕвездие во народот се нарекува и Комити. Комитите се борци за слобода од турската окупација, па народот вели дека седумте ѕвезди од Големата Мечка личат на седум комити кои тргнале во напад на Турците. "Комити се викаат затоа што ноќно време по нив се ориентирале комитите" (маж, 80 години, Стојаково).
Средоземна ѕвезда: На небото постои само една ѕвезда кој привидно не се движи. Тоа е познатата ѕвезда Северница. За постоењето на ѕвезда која не се движи знаат жителите од повеќе македонски села, но за неа регистриравме различни имиња. Во согласност со општата претстава за Космосот и небото сметаме дека најархаични се имињата Средоземна ѕвезда и Стожер кои се забележани во селото Трпејца. Таму велат дека тоа всушност е „ѕвезда која е на сред небо и не се движи“ (маж, 82 години, Трпејца).
Ѕвездите Деница и Вечерница. Македонскиот селанец не ги познава планетите како посебни небесни тела, па затоа тие за него се само посветли ѕвезди. Како и кај сите други народи и кај македонскиот народ најпозната е планетата Венера, која во народот има две имиња: ѕвезда Деница и ѕвезда Вечерница. Според привидното движење на планетата Венера на небесниот свод во текот на годината во еден временски период таа може да се гледа навечер над западниот хоризонт, или во друг временски период да се гледа наутро над источниот хоризонт. Венера за човековите очи е многу сјајно тело. Всушност по Сонцето и Месечината таа е трето по сјај тело на небото. Токму затоа кога таа се гледа навечер, прва засветува над западниот хоризонт и тогаш народот ја нарекува Вечерница.
Во сите села појавувањето на Вечерницата се смета за знак дека набрзо доаѓа ноќта и дека треба да се престане со работата и да се оди на вечера. Така на пример во Никифорово велат „Ај да вечераме, Вечерницата излегла на небото!“ (жена, 68 години, Никифорово). Како што е спомнато понапред, Деницата влегува во трите основни белези на небото и нејзината појава на утринското небо внимателно се следи. Таа не само што го означува времето за будење и започнувањето на подготовките за работа, туку, според народното верување, нејзиниот изглед може да го преткаже времето во претстојниот ден.
Во Кривогаштани на пример велат: „Ако Деницата е сјајна и чиста ќе биде убаво времето, а ако е темна ќе биде лошо времето!“ (маж, 85 години, Кривогаштани). Во народот Деницата е симбол на женската убавина. Во Ракотинци самата „ѕвезда“ ја нарекуваат Деница-девојка, а во Кривогаштани ако некоја мајка има убава но зборлеста девојка, ќе рече: „Ако си ѕвезда Деница, барем не биди брзозборница!“ (маж, 85 години, Кривогаштани).
Во народните преданија, како и другите небесни тела, така и Деницата и Вечерницата се претставени како живи суштества со натприродни какрактеристики. Во повеќе села се тврди дека Деницата и Вечерницата се сестри. Во Папрадиште на пример велат: „Деницата, Вечерницата и уште една ѕвезда (не се знае која) биле три сестри, многу проклети, кои не ја слушале мајка си и оваа ги проколнала на три години еднаш да се гледаат. Така тие се среќаваат еднаш на три години на небото“ (маж, 72 години, Папрадиште).
Мамикарван: Според описите и имињата добиени од народот, со сигурност може да се заклучи дека зад ова позната „ѕвезда“ всушност се крие планетата Јупитер. Во Белчишта велат: „Има една ѕвезда по која се водат караваните. Излегува два до три часа пред разденување. Таа се вика Карваница или Мамикарван. Прво излегува Квачката, потоа Ралиците, па Мамикарван и на крај Деницата“ (маж, 90 години, Белчишта). Во Иванковци за ова ѕвезда велат: „Тое е една ѕвезда која искача во никое време (се мисли околу полноќ). Тоа е сјајна ѕвезда која не трепери и во годината понекогаш оди во близина на Квачката и Месечината“. Како што е познато планетите се движат по еклиптиката, а во близина на истата линија се движи и Месечината. Според описот и сјајот, само планетата Јупитер приближно може да се поистовети со планетата Венера (или за народот ѕвездата Деница) по чие изгревање всушност се ориентирале караваните. Планетата Јупитер може да изгрее навечер, околу полноќ или рано наутро, па затоа ги измамувале караваните да тргнат на пат, иако разденувањето било уште далеку.
Ѕвезда со опашка: Кометите во народот се познати како ѕвезди со опашки. Неочекуваната појава, како и необичниот и застрашувачки изглед на кометата во минатото предизвикувал страв кај многу народи, па соодветно тоа се случувало и кај македонскиот народ. Во сите посетени села, без исклучок, се знае за појавата на комета и таа се смета за многу лош знак која претскажува војни, болести, суши и големи страдања. Како илустрација на народните стравови и верувања ќе наведеме неколку карактеристични примери. Во Слоештица велат: „Кога ќе се појави опашеста ѕвезда, тоа е знак за војна, болест или суша!“ (маж, 86 години, Слоештица), а во Пештани појавата „на ѕвезда со опашка е знак за војна и тешко време“ (маж, 70 години, Пештани). Во Милино тврдат: „ако се јави ѕвезда со опашка - ќе пропадне некој владар“ (маж, 70 години, Милино). Спектакуларната појава на Халеевата комета во 1910 година била забележана и од населението во Македонија. Така на пример жителите на Сопотница раскажуваат дека во 1910 година: „од исток излегла ѕвезда со голем опаш“ и токму таа ги претскажала војните кои потоа се воделе на територијата на Македонија, па затоа тие се убедени оти „кога ќе излезе таа ѕвезда, војна ќе има“.
Ѕвезда што паѓа: При појавата на метеор гледано од земјината површина за сите неупатени се добива впечаток како некоја ѕвезда да се одвоила од ѕвездената позадина и согорела оставајќи зад себе краткотрајна светла трага. Од овие причини појавата на метеор насекаде во Македонија е позната како “ѕвезда што паѓа“. Според длабоко вкоренетото народно верување, животот на луѓето е поврзан и предодреден со ѕвездите, па затоа појавата на „паѓање и гаснење“ на некоја ѕвезда не е добар знак. Во Пештани при појавата на метеор велат: „Се спушти ѕвезда, умира некој!“ и веруваат дека „ако се спушти некоја многу светла ѕвезда, тогаш некој цар умира“ (маж, 70 години, Пештани).
Слично на ова жителите во Горна Бошава, кога ќе виделе метеор извикувале: „Падна ѕвезда! Умрел некој човек!“, при што додавале, дека „умрел некој голем човек ако многу свете“ (маж, 81 година, Горна Бошава). Во Опила се вели: „Ако видиш ѕвезда да паѓа, тогаш врсник ти умрел!“ (маж, 66 години, Опила). Во согласност со народното верување дека ѕвездите се живи суштества со натприродни карактеристики при појавата на метеор во селото Банско, се вели дека не е добро да се покажува со рака, затоа што „ѕвездата се крие кај мајка си и не е убаво да се кажува каде е“ (маж, 70 години, Бањско). Во Ранковци се верува дека “кога паѓа ѕвезда“, таа има лековито дејство. Затоа на секој што ќе види ваква појава му се препорачува: „Додека ѕвездата паѓа треба што побргу да се наведнеш и да земеш парче земја од под десната нога. Ова земја треба да се чува. Таа се употребува кога некоја жена се праќа да се породи. За полесно да се породи земјата треба да се префрли преку стомакот на жената“ (маж, 69 години, Ранковци).
Новина: „Првиот светол срп на Месечината се вика Новина“ - велат во Липец (маж, 70 години, Липец), но со ова име во Македонија најчесто се означува ликот на Месечината од моментот на првата појава над западниот хоризонт како тенок осветлен срп, па сé до нејзиното целосно исполнување. Во некои села (Ракотинци, Горно и Долно Солње), кога на запад се појавува првиот срп на Месечината, се вели: „се мени Месечината“ (маж, 80 години, Ракотинци), па самиот срп се нарекува Менка. Појавата и изгледот на Новината имаат големо значење во животот на македонскиот селанец. Насекаде во Македонија се верува дека строго треба да се внимава на моментот кога за првпат во месецот на небото ќе се забележи појавата на Новината. Во тој момент човекот не смее погледот од Новината да го сврти и да погледне во друг човек, куќа или добиток.
Во Владимирово велат: „Кога првпат ќе се види Новина не се гледа ниту во човек, ниту во добиток, за да не ги фане нешто лошо“ (маж, 92 години, Владимирово). Во Горно Соње при првото забележување на Менка препорачуваат „да не се гледа во човек за да не го фати болест“ (маж, 80 години, Горно Солње). Ова го објаснуваат со фактот дека многу луѓе имаат „урокливи очи“, а Новината го засилува нивното дејство врз другите луѓе. Со ова се согласуваат и жителите на други села. Така на пример во Липец велат: „Кога за првпат ќе се види Новина, човек не смее да гледа во друг човек, туку во земја или планина и треба да пљуне за да не прави рани на други луѓе“ (маж, 70 години, Липец).
Кај народот, порано, но и денес, се верува дека појавата на Новината и постепеното исполнување на дискот на Месечината со светлина го симболизира напредокот и среќата. Општо е убедувањето дека на секој човек кој за првпат ја гледа Новината во месецот, таа може да му донесе среќа во животот и напредок во работата. Затоа кога за првпат ќе ја видат Новината, луѓето во селата прават разни обичаи кои што во суштина имаат магиско значење. Во Пештани, кога човекот за првпат ќе забележи појава на Новина „зема пари, ќе ги протрие по брадата и ќе рече: Да е среќна работата, пари да спечалам!“ (маж, 70 години, Пештани).
Во Удово „кога ќе се види Новина се фаќа за џебо кај што стојат парите и се вика: Как Мес'чината се п'лни и џебо да се п'лни со пари!“ (маж, 72 години, Удово). Во сите села се тврди дека сите поголеми работи во животот на луѓето треба да се започнат во деновите кога се појавува Новината на небото. Во тие денови „се носи нишан, се вршат невести, се градат куќи“ (жена, 68 години, Никифорово), „се засејува жито“ ( маж, 89 години, Бистрица), „се вселува в куќи и прво семе се засева“ (жена, 74 години, Долна Бошава), „се прават свадби и дрва се сечат“ (маж, 82 години, Блатец). Со појавата на Новината поврзани се и повеќе народни верувања. Така, на пример, се верува дека: „ако Новината те затекне насмеан, цел месец ќе се смееш. Што и да работиш кога ќе ја видиш Новината, тоа ќе го работиш цел месец.“ (жена, 87 години, Конопиште). Новината може да влијае и на изгледот и на судбината на новороденото дете. Така, на пример, се верува дека секое дете што ќе се роди на Новина „ќе има младалешки изглед цел живот“ (маж, 82 години, Логунци), а „ако се роди женско дете и тоа ќе има женско дете“ (маж, 82 години, Мешеишта). Во истото село се верува дека Новината има негативно влијание само на апетитот на луѓето, па ако некој нешто не сака да јаде ќе рече: „Сигурно сум го зајал на нова Месечина“!. Новината може да им ја претскаже судбината на младите луѓе.
Во Ракотинци на сите млади луѓе им се советува: „Кога за првпат ќе се види Менка да се застане и од под ногата да се земе земја. Навечер таа земја да се стави под перница и кое момче или девојче ќе го сониш - тоа ќе го земиш“ (маж, 80 години, Ракотинци). Особено значајна улога во животот на луѓето има изгледот и ориентацијата на Новината според кои се прогнозира и времето во текот на претстојниот месец. „Кога се раѓа Мес'чината, ако е кон југ окренена, викаа старите, дека Мес'чината гледа кон море, ги влече дождовите и ќе биде на дош, а ако е нагоре окренена (рогчињата на Месечината се свртени кон небото) ќе е на суша“ (маж, 72 години, Удово).
Во Ракотинци се верува дека Менката (како што тие ја нарекуваат Новината) може да помогне во борбата со сушата. Ако долго време немало дождови, жените од селото кога првпат во месецот ќе ја забележале Менката „земале црпка со вода и фрлале накај неа за да заврне“ (маж, 80 години, Ракотинци).
Погибел: По фазата на Полна Месечина настапува периодот кога таа постепено ја губи осветленоста на дискот. Како и за дугите фази на осветленост, така и за овој временски период кај народот забележани се разни имиња и толкувања. Заедничко за сите нив е тоа што појавата се толкува како јадење или гинење на Месечината. Во Сопотница и Кривогаштани велат: „По целата Месечина, Месечината се јадит и тогаш се вика Погибел“ (маж, 78 години, Сопотница; маж, 87 години, Кривогаштани). Со ова име истата појава се именува и во селата Никифорово, Богомила, Слоештица, Мешеишта, Волино, Раче и Велестово. Во Папрадиште целиот временски период кога се губи осветленоста на Месечината „се вика Погибељ“ (жена, 75 години, Папрадиште).
За разлика од нив во селата Пирава, Марвинци, Миравци, Владимирово, Раклиш и Ињево, истиот период се нарекува Ѓинеш, а во Логунцу, Кнеже и Горна Бошава тоа е Изедовина. Блатец и Липец велат: „по П'на Месечина , Месечината почнува да се јаде и тоа се вика Расип“ (маж, 70 години, Липец). Често пати во народот фазите на осветленост на Месечината се опишуваат на едноставен начин. „Месечината две недели се полни, потоа ќе стои еден ден и ќе се уштипе и за две недели гине“ (жена, 80 години, Ораше), а во Слепче едноставно велат: „По Новина Месечината се вцелува, а потоа гинит“ (маж, 80 години, Слепче).
Во Горна Бошава на ова тема велат: „Кога ќе се појави Месечината, тоа е Новина. Потоа; таа се п'ни до П'на Месечина и на крај се јаде. Кога ден-два е без Месечина се вика Изет“ (маж, 81 година, Горна Бошава). Како и за другите фази на осветленост на Месечината, така и за времето кога се губи нејзината осветленост во народот забележани се повеќе верувања и обичаи (Cenev G 2004: 4-52). Во селата Богомила и Русиново на Погибел „не се започнува ниту една работа“ (маж, 84 години, Русиново), а во Миравци во тоа време не се работи.
Во Миравци велат: „На Ѓинеш не се армасува, туку на Млада Месечина - за да биде бракот среќен и успешен, инаку цел живот ќе им се случува само несреќа“ (маж, 96 години, Миравци). Во Логунци се верува, дека „ако се роди дете кога е Изедовина, ќе има старолико лице цел живот“ (маж, 82 години, Логунци), а во Горна Бошава се тврде и: „Дете родено на Изет ќе нема род“ (маж, 81 година, Горна Бошава). Во Конопиште и Стојаково се верува, дека “кога се јаде Месечината болните полошо се осеќаат, а кога е Новина тие се подобри“ (маж, 80 години, Стојаково). Во Русиново велат: „На Ѓинеш не се започнува никоја работа. Единствено ако некој е болен се зема разгон (трева од реката) се протрива болниот и се фрла во реката, за да помине болеста“ (маж, 84 години, Русиново).
Нематеријално културно наследство
уредиСо одлука бр. 150/2019 од 23.07.2019 на Владата на Република Македонија- Етно астрономија / стара небесна карта на македонскиот народ е прогласена за културно наследство од особено значење, поткатегорија исклучително значење.
Литература
уреди- Apollonius, Rhodius. (1928). The Argonautica of Apollonius Rhodius, Book III ed.Marshall M. Gillies, Cambridge: Cambridge University Press.
- Ценев, Ѓоре. (1985). Astronomskite soznanija vo naselenieto na jugozapadna Makedonija. Proceedings of the VII National of Jugoslav Astronomers, May 9-11`, 1984, Belgrade: Publication of the Astronomical Society "Ruđer Bošković", No 4, pp 139-146
(2008). Macedonian folk constellations. Proceedings of the Conference ‘Studyng Nature Through Centuries’, October 16 – 20, 2007. Belgrade: Publ. Astron. Obs. Belgrade, vol.85, pp. 87-94
(2014). The Ancient Sky Map of Macedonian People. Cosmos, Тhе Јоurnal of the Тraditional Cosmology Society, Vol.30, pp. 167-192.
- Dimitrova-Todorova, L. (1983). Otnosno proizhoda na blgarskite narodni nazvanijana zvezdijata Orion i Plejadi. Sofia: Blgarski ezik No. 5, pp .402
- Djordjević, Tihomir (1958). Priroda u verovanju i predanju našega naroda. Beograd: Srpski etnografski zbornik No.71, pp.53-54
- Eliade, Mircea (1959). The Sacred and the Profane: The Nature of Religion. New York: Houghton Mifflin Harcourt.
- Fritz, Graf (2007). What Is Ancient Mediterranean Religion?. In Ancient Religions, ed. Sarah Iles Johnston, Cambridge MA: Harvard University Press, pp. 3-16
- Janković, Nenad (1951). Astronomija u predanjima, običajima i umotvorinami Srba, Beograd, Srpski etnografski zbornik No. 63, pp.139
- Kanas, Nick (2007). Star Maps: A History, Artistry, and Cartography. Berlin Heidelberg New York: Springer.
- Kolev, Dimitar and Koleva Veselina (1998). Szvezdieto Orion v narodnata tradicija. Sofia: Blgarska etnologia No. 1-2, pp .68-78
- Mladenova, Darina. (2006). Zvezdnoto nebe nad nas. Etnolingvisticno isledvanie na balkanskite narodni astronimi. Sofia: Akademicno izdatelstvo “Prof. Marin Drinov”.
- Risteski, Ljupčo S., (2011). "Josef Obrebski's Anthropological Research on Mаcedonia", Issues in Ethnology and Anthropology, n. s. Vol. 6. Is. 4 (2011), pp. 854
- Rogers, H. John (1998). Origins of ancient constellations: I. The Mesopotamian traditions. Journal of British Astronomical Association, 108,1 pp. 9-28
- UNESCO (2003). Convention for the Safeguarding of the Intangible Cultural Heritage, Paris: UNESCO, pp.2
- UNESCO Proclamation (2005). Proclamation of 2009 as International Year of Astronomy. UNESCO Executive Board, Paris: http://www.astro.bas.bg/astronomy09/unesco_iya09.pdf
- UN Resolution (2007). International Year of Astronomy 2009. United Nations 62nd General Assembly IYA2009 Resolution text (62/200) New York: http://www.iau.org/news/pressreleases/detail/iau0702/
- Илиевски, Петар Хр., (1972). Крнински дамаскин, едиција Стари текстови кн. III, Skopje: Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, стр. 31
- Миладиновци, Димитар и Константин. (2009). Зборник на народни песни. Скопје: Култура, стр. 40-42
- Ценев, Ѓоре. (2000). Ѕвездена карта на македонскиот народ. Skopje: Младински културен центар.
(2004). Небото над Македонија. Скопје: Младински културен центар.
(2011).Компарација на етноастрономските називи од македонскиот и од полскиот народ.. Folia Philologica Macedono-Polonica, Tom 8, Скопје: Филолошки факултет „Блаже Конески“, стр. 335-344
- Цепенков, Марко К. (1972). Преданија. Книга 7. редактирал Д-р Кирил Пенушлиски. Скопје: „Македонска Книга“, стр. 5-18
- Чаусидис, Никос. (1998). Диајахрониското компарирање на религиските и етно-културните процеси на почватат на Македонија. Скопје: MAНУ “Историја на културата на Македонија”, стр. 251-252
Наводи
уреди- ↑ Одлука за прогласување
- ↑ Ѓоре Ценев: Небото над Македонија, стр. 7, издавач: Младински културен центар - Скопје, 2004 г.