Горна Бошава
Горна Бошава — село во Општина Кавадарци, во областа Бошава, во околината на градот Кавадарци.
Горна Бошава | |
Поглед на селото | |
Координати 41°16′58″N 22°06′26″E / 41.28278° СГШ; 22.10722° ИГД | |
Регион | Вардарски |
Општина | Кавадарци |
Област | Бошава |
Население | 22 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 1437 |
Повик. бр. | 043 |
Шифра на КО | |
Надм. вис. | 590 м |
Слава | Илинден |
Горна Бошава на општинската карта Атарот на Горна Бошава во рамките на општината | |
Горна Бошава на Ризницата |
Географија и местоположба
уредиСелото се наоѓа во јужниот дел од Општина Кавадарци, од десната страна на реката Бошава, чиј атар со долг и тесен облик, се издига до сртот на Кожуф, каде што се допира со државната гранична линија со Грција.[2] Селото е ридско, на надморска височина од 590 метри. Од градот Кавадарци е оддалечено 21 километар.[2]
Селото има заеднички атар со соседното село Долна Бошава, којшто зафаќа простор од 43,6 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 2.916,2 хектари, на пасиштата отпаѓаат 827,8 хектари, а на обработливото земјиште 550,5 хектари.[2]
Селото се наоѓа на пространа тераса на десната и осојничава страна на реката Бошава, во подножјето на планината Кожуф. Има збиен тип. Било поделено на Горно и Долно Маало.[3]
Историја
уредиСелото е основано околу 1830 година од разни бегалци. Основачите („темејлије“) покрај сточарство барале и места за ниви, а на беговите плаќале „ќесим“.[3]
Во XIX век, Горна Бошава било село во Рожденската нахија во Тиквешката каза на Отоманското Царство.
Стопанство
уредиСелото има мешовита земјоделска функција.[2]
Селаните живееле од стока и од планината. Нивите се ретки и неплодни.[3]
Во селото има неколку стада на кози, како и едно стадо од стотина крави. Има една продавница која ги задоволува основните потреби за жителите на Горна Бошава.
Население
уреди
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селата Горна и Долна Бошава имало 625 жители, сите Македонци христијани.[4]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 350 Македонци.[5]
Во 1961 година селото броело 331 жител, додека во 1994 година бројот се намалил на 56 жители, македонско население.[2]
Според пописот од 2002 година, во селото Горна Бошава имало 52 жители, од кои 51 Македонец и 1 Србин.[6]
Во селото постојано живеат околу триесетина жители, а за време на летниот период има повеќе поради неколкуте новоизградени викендички.
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 22 жители, од кои 14 Македонци и 8 лица без податоци.[7]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 625 | — | 413 | 400 | 331 | 253 | 121 | 73 | 56 | 52 | 22 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[8]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[9]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[10]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[11]
Родови
уредиКако родови во Горна Бошава се споменуваат:[3]
- Доселеници: Лукадоровци (2 к.) доселени се околу 1830 година од селото Конопиште; Меловци (3 к.) доселени се околу 1830 година од селото Мрежичко; Гечковци-Јовановци (1 к.) доселени се околу 1830 година од селото Долна Бошава; Вачовци (3 к.) доселени се околу 1840 година од селото Радња; Стаменковци (3 к.) доселени се околу 1845 година од селото Манастирец. Уште подалечно потекло од селото Мрежичко; Аврамовци (3 к.) доселени се околу 1850 година од селото Конопиште; Градишки-Николовци (2 к.) доселени се околу 1850 година од селото Градиште; Весковци (1 к.) доселени се околу 1860 година од селото Мрежичко; Степановци (2 к.) доселени се околу 1860 година од селото Клиново во Мариово; Атанасовци (1 к.) и Чашковци (1 к.) доселени се околу 1865 година од селото Мрежичко; Џигевци (2 к.) потекнуваат од двајца роднини кои се доселиле од селото Мрежичко. Првиот се доселил во 1870, а вториот во 1884 година; Деловци (1 к.) доселени се околу 1870 година од селото Барово; Деловци (1 к.) доселени се во 1860 година од селото Конопиште; Арнаути-Илевци-Весковци (1 к.) доселени се во 1870 година од селото Конопиште. Таму имале роднини; Шуневци-Лазарковци (1 к.) доселени се во 1870 година од селото Конопиште. Подалечно потекло од селото Рожден во Мариово; Скандевци (1 к.) и Галевци (1 к.) доселени се во 1870 година од селото Конопиште; Дуруновци (1 к.) доселени се во 1875 година од селото Бохула; Пецанковци (1 к.) доселени се во 1882 година од селото Мрежичко; Шамендовци (1 к.) доселени се во 1884 година од селото Мрежичко; Весковци (1 к.) доселени се во 1890 година од селото Радња. А таму се доселиле од селото Рожден во Мариово; Кадијовци (1 к.) доселени се во 1890 година од селото Драчевица; Галевци (1 к.) доселени се во 1896 година од селото Стрмашево; Марковци (1 к.) доселени се во 1898 година од селото Мрежичко; Богдановци (2 к.) доселени се во 1902 година од селото Конопиште; Илчевци (1 к.) доселени се во 1905 година од селото Конопиште; Саботковци (1 к.) доселени се во 1905 година од селото Горни Дисан; Протоѓеровци (1 к.) доселени се во 1906 година од селото Конопиште; Анѓелковци (1 к.) доселени се во 1907 година од селото Мрежичко; Павлевци (1 к.) доселени се во 1908 година од селото Бохула; Чочковци (2 к.) доселени се во 1902 година од селото Бојанчиште. А подалечно потекло од селото Конопиште; Деловци (1 к.) доселени се во 1916 година од селото Зборско во Меглен.
Општествени установи
уреди- Поранешно основно училиште
Основното училиште „Илинден“ кое е изградено пред 50-тина години, имало капацитет од 300 ученици кои наставата ја слушале во ова училиште а доаѓале од околните села како: Долна Бошава, Конопиште, Рожден, Страгово и Крњево. Денес, училиштето е затворено.
- Месна заедница
Самоуправа и политика
уредиСелото влегува во рамките на Општина Кавадарци, која била променета со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година, при што кон нејзе била придодадена поранешната општина, Конопиште. Во периодот од 1996-2004 година, селото било дел од некогашната Општина Конопиште.
Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната општина Крњево, во која влегувале селата Барово, Горна Бошава, Долна Бошава, Крњево, Страгово и Стрмашево.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната општина Крњево, во која покрај селото Горна Бошава се наоѓале селата Барово, Бохула, Бунарче, Долна Бошава, Конопиште, Крњево, Радња, Страгово, Стрмашево и Чемерско.
Во периодот 1955-1965, селото било дел од тогашната општина Конопиште.
Во периодот 1965-1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата Општина Кавадарци.
Избирачко место
уредиВо селото постои избирачко место бр. 0705 според Државната изборна комисија, кое е сместено во зграда на општината, поранешни простории на месната заедница.[12]
На локалните избори во 2017 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 46 гласачи.[13] На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 38 гласачи.[14]
Културни и природни знаменитости
уреди- Археолошки наоѓалишта[15]
- Градот — населба и некропола од римското време;
- Поглед — некропола од римското време; и
- Скалите — утврдена населба од железното и доцноантичкото време.
- Црква „Св. Илија“ — главна селска црква
- Споменици
- Споменик на НОБ
- Манастири
- Бошавски манастир — манастир изграден во 1839 година
- Реки[18]
Редовни настани
уреди- Илинден (2 август) — селска слава
Личности
уреди- Родени во Горна Бошава
- Миле Ангеловски (1936-2000) — писател за деца
Галерија
уреди-
Улица во селото
-
Селската чешма во селото
-
Традиционална архитектура во селото
Наводи
уреди- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 73. Посетено на 7 јануари 2018.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 Радовановиќ, Воислав. Тиквеш и Рајец. стр. 302-305.
|access-date=
бара|url=
(help) - ↑ Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 155.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 7 јануари 2018.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 7 јануари 2018.
- ↑ „Локални избори 2017“. Архивирано од изворникот на 2021-06-19. Посетено на 7 јануари 2018.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 5 мај 2019. Посетено на 5 мај 2019.
- ↑ Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 146. ISBN 9989-649-28-6.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
- ↑ „Цркви во Ваташката парохија“. Повардарска епархија. Посетено на 9 декември 2017.
- ↑ Петрушевски, Илија; Маркоски, Благоја (2014). Реките во Република Македонија (PDF). Скопје: Геомап. стр. 14. ISBN 978-9989-2117-6-8.
Надворешни врски
уреди- Горна Бошава на Ризницата ?
- Страница на Фејсбук посветена на Горна Бошава