Ѓоре Ценев (починал на 25 септември 2018 во Скопје) — македонски физичар, архео-астроном и публицист, долгогодишен предавач и менаџер на Планетариумот при Младинскиот културен центар во Скопје.[1]

Ѓоре Ценев
Починал(а)25 септември 2018
Скопје, Македонија Македонија
НационалностМакедонец
Занимањефизичар, архео-астроном и публицист

Животопис

уреди

Ценев дипломирал Физика, насока инженерство на Институтот по физика при Природно математичкиот факултет во Скопје во 1979 година. Во 1980 година се вработил во Планетариумот во Скопје, единствената установа од таков вид во Македосија, каде што секоја година поминуваат генерации и генерации на ученици од основните и средните училишта.

Со истражувачка дејност започнал во 1982 година, на полето на културна астрономија (етно-астрономија, архео-астрономија). Во соработка со Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ од Скопје, ги започнал истражувањата на полето етно-астрономија во Македонија. Овие истражувања во континуитет траеле 22 години и при тоа биле собрани информации од над 140 села. Како резултат на овие истражувања ја издал книгата „Небото над Македонија“ во 2004 година. Исто така резултатите од овие истражувања биле неформално презентирани на 7. конференција на Комитетот на нематеријални културни добра при УНЕСКО во Париз во 2012 година. Почната е и процедурата за впишување на ова нематеријално културно добро во локалниот регистер на нематеријално културно наследство на Македонија.

Почнувајќи од 2002 година работи на полето на архео-астрономијата каде што во соработка со Археолошкиот музеј од Куманово учествувал во архео-астрономската анализа на археолошкото наоѓалиште „Кокино“ при што докажал постоење на древна астрономска опсерваторија. Истражувањата биле презентирани на повеќе научни конференции во светот и денес „Кокино“ е една од најпознатите древни опсерватории во светот. Во 2006 година тоа го потврдила и НАСА, набројувајќи го наоѓалиштето „Кокино“ во списокот на древни опсерватории во светот.

Ценев бил и основач и активен учесник во работењето на Македонското астрономско друштво, Скопското астрономско друштво, Македонското истражувачко друштво, каде што со својата енергичност и ентузијазам се вклучува во голем дел од програмските активности и едукација.

Бил главен и одговорен уредник на научно-популарното списание „Вселена“. Автор е на учебник по Астрономија и книгите „Ancient secrets of Kokino observatory", "Earth Today", како и бројни текстови и научни трудови во домашни и светски списанија. Починал во Скопје на 25 септември 2018 година.

Наводи

уреди