Арамејски јазик
Арамејски (сириски: ܐܪܡܝܐ, хебрејски: ארמית) — јазик, или група сродни јазици кои се дел од афроазиското јазично семејство, а дел од групата на семитски јазици. Јазиците се зборувале и се зборуваат во регионот на Блискиот Исток. Името на јазикот потекнува од името „Арам“[3], стар регион во централна Сирија. Арамејскиот јазик е сроден со хебрејскиот, хананскиот и феникискиот јазик. Арамејскиот јазик се пишувал со арамејско писмо, кое пак било прифатено од поголем број семитски јазици. Како резултат на тоа, денес се широко распространети арапското и хебрејското писмо.
Арамејски | |
---|---|
ܐܪܡܝܐ, ארמית Arāmît | |
Првата буква од арамејското писмо. | |
Изговор | [arɑmiθ], [arɑmit], [ɑrɑmɑjɑ], [ɔrɔmɔjɔ] |
Застапен во | Иран, Ирак, Израел, Сирија, Турција, асирска дијаспора. |
Говорници | 500.000 |
Јазично семејство | |
Писмо | арамејска азбука, сириска азбука, хебрејско писмо, мандејска азбука, арабица[1] и кинески[2] |
Јазични кодови | |
ISO 639-3 | Разни: arc — службен арамејски (700–300 п.н.е.) oar — староарамејски (пред 700 п.н.е.) aii — асирски новоарамејски aij — лишанид ношан amw — западен новоарамејски bhn — бохтански новоарамејски bjf — берзански јудеоновоарамејски cld — калдеајски новоарамејски hrt — хертевински huy — хулаѕлански jpa — јудеопалестински арамејски kqd — којсанџачки lhs — млахсоански lsd — лишана дени mid — современ мандејски myz — класичен мандејски sam — самарјански арамејски syc — сириски (класичен) syn — сенајански tmr — јудеовавилонски араменски trg — лишан дидан tru — туројоански |
| |
Арамејскиот има околу 3.000 години пишана историја.[4] Во текот на историјата јазикот бил главен административен јазик на неколку империи во регионот, јазик на секојдневието и јазик на религијата. Арамејскиот бил јазик за секојдневна употреба во Израел за време на периодот на „Вториот храм“ (539 п.н.е. - 70 г.), а како најзначаен податок е тоа што арамејскиот бил мајчин јазик на Исус Христос.[5][6] Дополнително на тоа, поголем дел од библиските книги на Даниел и Езра биле напишани на арамејски, а исто така арамејскиот бил главен јазик на Талмудот.[7] Сепак, важно е да се напомене дека јудеоарамејскиот јазик се разликувал од останатите арамејски форми по зборовите и граматика.
Долгата и разновидна историја на арамејскиот јазик, како и широката територија на која се користел јазикот, довеле до развој на различни јазичи варијанти и форми кои некои јазичари ги нарекуваат дијалекти. Сепак, овие „дијалекти“ се толку различни едни од други што може да се сметаат за засебни јазици. Така, не постои еден унифициран арамејски јазик, бидејќи секој временски период и во секое место се развивале засебни форми. Арамејскиот е зачуван како литургиски јазик во Источните христијански цркви, воглавно во лицето на сирискиот јазик. Денес голем број од арамејските заедници користат јазик кој подоминантен од арамејскиот.
Современиот арамејски јазик е мајчин јазик на голем број расштркани, мали и во голема мера изолирани заедници кои се следбеници на христијанството, јудаизмот или мандејството во Западна Азија[8]. Најбројни се Асирците и тие зборуваат на асирски новоарамејски јазик и калдејски новоарамејски јазик. Денес арамејските јазици се зметаат за загрозени јазици.[9]
Име
уредиИмето на јазикот потекнува од стариот библиски регион „Арам“ кој се наоѓал во централна Сирија. За старите арамејски јазици се користи поимот „арамејски јазици“, додека за современите се користи помот „новоарамејски јазици“.
Распространетост
уредиЗа време на новоасирскиот и нововавилонскиот период, Арамејците започнале да се населуваат во голем број, првично во Вавилон, а подоцна во Асирија (денес северен Ирак, североисточна Сирија, северозападен Иран и источна Турција).[10] Како резултат на големата емиграција, Новоасирското Царство и Калдејската династија на Вавилон станале двојазични кога се однесува на пишаните документи, односно арамејски и акадски. Како што овие две империи, а подоцна и Ахеменидското Царство, ја зголемувале својата доминација во регионот, арамејскиот јазик станал „лингва франка“ во поголемиот дел на Западна Азија и Египет.[10] Од доцниот 7 век па навака, арамејскиот јазик постепено почнал да го губи статусот на „лингва франка“ за сметка на арапскиот јазик. Како и да е, арамејскиот јазик останал зборуван, пишан и литургиски јазик меѓу Асирците, Евреите, Мандејците и некои сириски христијански заедници. Денес јазикот се зборува од страна на Асирците и Мандејците во Ирак, Сирија, Турција и Иран и од страна на асирската дијаспората во Ерменија, Грузија, Азербејџан и Русија. Меѓу сириските Христијани, иако денес воглавно зборуваат арапски, има мал број луѓе кои зборуваат на западноарамејски јазик. За време на минатите два века, особено за време на Асирскиот геноцид, голем број од асирските говорници се расштркале низ светот. И покрај тој факт, денес во Ирак има градови каде арамејскиот е доминантен јазик и такви градови се Алкош, Бахдида, Бартела, Тел Ескоф и Тел Кепе на пример.
Дијалекти
уредиКога се зборува за арамејскиот јазик, често се мисли дека е еден единствен јазик. Сепак, во реалноста поимот „арамејски јазик“ опфаќа група на многу сродни и слични јазици, или како што некои јазичари ги именуваат, дијалекти. Како еден единствен унифициран јазик арамејскиот никогаш не опстојувал. Така на пример, некои арамејски јазици сè до толку различни што таква различност меѓу јазици нема и во романската група јазици од индоевропското јазично семејство. Долгата историја на јазикот, ицрпната книжевност и употребата на јазикот од различни религиски заедници се само некои фактори кои придонеле за различноста меѓу постоечките јазици. Некои арамејски дијалекти се слични, но некои не. Како што е присутна јазичната различност, така се присутни и сосема различни имиња за јазиците. Така на пример има сириски јазик, поим кој се користи да се означи источноарамејскиот јазик кој го зборуваат асирските христијани во Ирак, јужна Турција, североисточна Сирија и северозападен Иран. Повеќето од арамејските дијалект/ јазици можат да бидат поделени на источни или западни. Границата меѓу источните и западните дијалекти е реката Еуфрат, или нешто позападно од оваа река. Понатака, важно е да се напомене дека треба да се прави разлика меѓу старите (изумрени) арамејски јазици и современите (живи) арамејски јазици. Современите јазици често се именуваат како „новоарамејски“. Историски гледано, развојот на јазиците е поделен на три дела: „современ“, „среден“ и „стар период“.
Писмо
уредиНајстарата арамејска азбука е заснована на феникиската азбука. Со тек на времето, таа првична азбука се развила во препознатливиот квадратест стил. Старите израелски и ханански народи ја присвоиле оваа азбука, или писмо, за нивните јазици. Така, денес во широка употреба се наоѓа хебрејското и арапското писмо. Арамејското писмо се користело за библискиот арамејски јазик и останати еврејски пишани дела.
Покрај стандардното арамејско писмо, арамејските христијани развиле и друго ракописно писмо кое е познато како сириска азбука. Следбениците на Мандејството развила свое писмо познато како мандејска азбука.
Покрај овие две писма, од арамејското писмо се развиле уште неколку стари азбуки, меѓу кои: набатејската азбука во Петра и палмирската азбука во Палмира.
арамејска азбука | |||||||||||||||||||||
, | |||||||||||||||||||||
МФА | |||||||||||||||||||||
/ʔ/; /aː/, /eː/ | /b/, /v/ | /ɡ/, /ɣ/ | /d/, /ð/ | /h/ | /w/; /oː/, /uː/ | /z/ | /ħ/ | /tˤ/ | /j/; /iː/, /eː/ | /k/, /x/ | /l/ | /m/ | /n/ | /s/ | /ʕ/ | /p/, /f/ | /sˤ/ | /q/ | /r/ | /ʃ/ | /t/, /θ/ |
Развојни фази
уредиСпоред Клаус Бејер, историјата на арамејскиот јазик е поделена на три големи периоди:
- староарамејски јазик (1100 п.н.е. –200), и ги опфаќа:
- средноарамејски јазик (200–1200), и ги опфаќа:
- сириски јазик
- арамејскиот јазик од Талмудот, Таргумот и Мидрашот.
- мандејски јазик
- современ арамејски јазик (1200–денес), и опфаќа:
- различен број јазици и јазични форми
Староарамејски јазик
уредиПоимот „староарамејски јазик“ се користи за да се означат јазични варијанти на арамејскиот од неговата прва позната употреба па сè до моментот кога се воздигнало Саснидското царство (224 г.). Така, овој поим опфаќа тринаесет векови развој на јазикот. Воглавно под поимот „староарамејски“ се опфаќаат сите арамејски јазици и дијалекти кои денес се исчезнати.
Главен момент за развојот на староарамејскиот јазик бил неговото официјализирање во Ахеменидското Царство (500 - 330 г.п.н.е.). Периодот пред официјализирањето на јазикот во ова царство понекогаш се нарекува „древен период“. За време на тој период, арамејскиот се зборувал само во арамејските градови-држави, но подоцна се издигнал како јазик на трговијата и дипломатијата во Месопотамија, Левант и Египет. По падот на Ахеменидското Царство, локалните разговорни варијанти на арамејскиот јазик се истакнале, а со тоа се овозможило развој на различни пишани стандарди.
Древен период
уредиДревниот период, или понекогаш именуван како „древноарамејски јазик“, се однесува на најстариот познат период на арамејскиот јазик. Ово период започнува со почетоците на јазикот па сè до моментот кога јазикот станал „лингва франка“ во т.н. плодна полумесечина - регион во Блискиот Исток. Јазикот бил како прв јазик во арамејските градови Дамаск, Хама и Арпад.
Најраните докази за постоењето на јазикот потекнуваат од 10 век п.н.е. Овие натписи се воглавно дипломатски документи меѓу различните арамејски градови-држави. Според податоците, се утврдило дека раната арамејска азбука најверојатно потекнува од феникиската и постои единство при пишаниот јазик. Со текот на времето, подобрување на азбуката се вршела според потребите на јазикот. Оваа азбука се усовршувала во источните региони на Арам. Интересно за арамејскиот јазик е тоа што со доминацијата на Новоасирската империја врз Арам под водство на Тиглат-Пилесер III во средината на 8 век, јазикот не бил потиснат од акадскиот, туку напротив, станал лингва франка во новата држава.
Од 700 г.п.н.е. јазикот започнал да се расширува низ сите страни во регипнот, но поради тоа ја изгубил својата хомогеност. Како директна последица на расширувањето на јазикот настанале, или се развиле, различни дијалекти во Асирија, Вавилон, Левант и Египет. Како и да е, арамејската варијанта од Асирија, која била под акадско влијание, и арамејскиот дијалект од Вавилон се издигнале на повисоко ниво. За овие дијалекти во Втората книга на Кралевите се споменува дека Хезекија (кралот на Јудеја) преговарал со асирските амбасадори на арамејски бидејќи така обичниот народ немал да разбере. Во околу 600 година, Адон (ханански крал), го користел арамејскиот јазик при дописките со египетските фараони. Арамејскиот дијалект во Вавилон е познат под името калдејски арамејски јазик.
Кралски период
уредиВо околу 500 г.п.н.е., по ахеменидското освојување на Месопотамија под водство на Дариј I, арамејскиот во таа форма каква што се користела во регионот, бил усвоен од освојувачите како „средство за пишана комуникација меѓу различните региони од распространетата империја со своите различни народи и јазици. Употребата на еден единствен службен јазик, кој современите научници го именувале како „официјален арамејски“ или „кралски арамејски“, може да се претпостави дека имал удел во голем дел за зачудувачкиот успех на Ахеменидите при зачувување на нивната распространета империја обединета за период колку што опстојувале“.[12] Во 1955 година, Ричард Фрај ја ставл под знак прашалник класификацијата на „кралскиот арамејски“ како „официјален арамејски“, додавајќи дека нема зачувано доказ каде недвосмислено се потврдува статусот на некој јазик.[13] Фрај го класифицирал „кралскиот арамејски“ како „лингва франка“ на ахеменидските територии, и додал дека употребата на арамејскиот јазик за време на ахеменидската ера била посилна одошто се мислело.
Кралскиот арамејски вил високо стандардизиран. Неговиот правопис повеќе се засновал на историските корени, одошто на зборуваните дијалекти, и неизбежното влијание на персискиот јазик му дал на јазикот новa јасност и голема флексибилност. Со векови по падот на Ахеменидското Царство (во 331 г.п.н.е.), кралскиот арамејски, или верзија слична на неа, влијаеле врз различни ирански јазици. Арамејското писмо и арамејскиот зборовен фонд ќе опстојат како основна одлика на палавиското писмо.[14]
Една од најголемите колекции на кралски арамејски текстови е таа од Персеполис, која има околу 500 таблички.[15] Повеќето од постоечките документи кои сведочат за арамејскиот јазик потекнуваат од Египет и Елефантина (види Елефантински папирус). Од сите овие најпознат документ е „Мудроста на Ахикар“, книга со инструктивни афоризми, слична на библиската „Книга на пословици“. Ахеменидско-арамејскиот е до тој степен унифициран што е тешко да се одреди кој документ од кој дел на светот потекнува. Само многу внимателно набљудување понекогаш може да доведе до откривање на некои позајмени зборови од останатите локални јазици.
Околу 30 арамејски документи биле пронајдено во Бактрија и нивната анализа била објавена во ноември 2006 година. Текстовите, кои се напишани на кожа, даваат приказ за употребата на арамејскиот јазик во 4 век п.н.е за време на ахемединската администрација во Бактрија и Согдијана (денес во Авганистан и Таџикистан).[16]
Постахеменитски период
уредиОсвојувањето на Александар Македонски не го уништило единството на арамејскиот јазик и литература. Верзијата на арамејскиот јазик која има сличност со таа од 5 в.п.н.е., може да се сретне низ документи од 2 в.п.н.е. Селевкидската империја го наметнала грчкиот јазик како административен јазик во Сирија и Месопотамија уште од самиот почеток на нивното владеење. Во 3 век п.н.е. грчкиот станал позборуван од арамејскиот во Египет и Сирија. Сепак, постахеменитскиот арамејски продолжил да се развива во Јудеја, Асирија, Месопотамија, преку сириската пустина па сè до Арабија и Партското Царство.
Библискиот арамејски е верзија на арамејскиот јазик која се користела за четири секции од Еврејската Библија:
- Книга на Езра 4:8–6:18 и 7:12–26 – документи од ахеменидскиот период (5 в.п.н.е.) кои се фокусирани на реставрацијата на храмот во Ерусалим.
- Книга на Даниел 2:4b–7:28 – пет приказни и апоклиптични визии.
- Книга на Еремија 10:11 –една реченица во средината на хебрејскиот текст.
- Откровението 31:47 – превод на хебрејски топоними.
Библискиот арамејски е некако хибриден дијалект. Некои материјали на библиски арамејски најверојатно потекнувале од Вавилон и Јудеја пред падот на Ахеменидското Царство. За време на Селевкидското царство, дрска еврејска пропаганда го модифицирала арамејскиот од Книгата на Даниел. Овие приказни најверојатно опстојувале во усната традиција уште од претходно.
Во групата на постахеменитски арамејски форми е и хасмонејско-арамејскиот јазик (дијалект). Овој јазик бил службен јазик во Хасмонејска Јудеја (142–37 п.н.е.). Овој јазик влијаел врз библискиот арамејски јазик од кумранските текстови и тој бил главен јазик за небиблиски теолошки текстови од таа заедница. Главните преводи на Таргумите од хебрејската библија на арамејски биле направени на хасмонејски дијалект. Овој дијалект се појавил во цитатите во Мишнах и Тосефта. Меѓу овој дијалект и ахеменитскиот дијалект има разлики, воглавно во правописот. Хасмонејскиот дијалект ги запишувал зборовите како што се изговараат, т.е. обрнал внимание на фонетскиот правопис, додека ахеменитскиот дијалект користел етимолошки.
Вавилонскиот таргумски дијалект е подоцнежен постахеменитски дијалект кој се пронаоѓа во „официјалните“ таргуми (еврејски свети списи) Таргум на Онкелос и Таргум на Џонатан. Оригиналните хасмонејски таргуми ги достинале вавилонските во 2 или 3 век п.н.е. Тие тогаш биле преработени според посовремениот вавилонски дијалект за да се создаде стандарден таргум. Оваа комбинација ја основала основата за вавилонската еврејска литература за вековите кои следеле.
Галилејскиот таргумски дијалект е сличен со вавилонскиот таргумски дијалект. Овој дијалект е мешавина од литературниот хасмонејски дијалект со дијалектот од Галилеја. Хасмонејските таргуми ги достигнале галилејските во 2 век и биле преработени на галилејски дијалект за локална употреба. Галилејскиот таргум не се сметал за авторитативно дело од останатите заедници и документите покажуваат дека неговиот текст бил подобрувани. Од 11 век, веднаш што вавилонскиот таргум бил нормативен, галилејската верзија била под силно влијание од вавилонската.
Вавилонскиот документски арамејски дијалект е дијалект кој се употребувал од 3 век па натака. Овој дијалект се користел за приватни вавилонски документи, а од 12 век, сите приватни еврејски документи се на арамејски. Овој дијалект се заснова на хасмонејскиот, со некои мали измени. Ова е како резултат на тоа што хасмонејскиот бил постар дијалектм а вавилонскиот документски бил користен за правна документација.
Набатејско-арамејскиот бил јазик на арапско-арамејското кралство Петра (200 п.н.е. – 106). Кралството се наоѓало на источниот брег на реката Јордан, Синај и северна Арабија. Најверојатно поради исклучивата важност за трговијата, Набатејците започнале да користат арамејски наместо стариот северноарапски. Дијалектот се засновал на ахеменитскиот со мало арапско влијание. Некои зачувани документи датираат од почетоците на кралството, но повеќето се од првите четири века од нашата ера. Дијалектот се пишувал со ракописни букви, слично со арапскиот. Бројот на позајмени зборови во дијалектот се зголемувал сè додека целосно не се претопил во арапскиот.
Палмирско-арамејскиот дијалект е арамејски дијалект/ јазик кој се користел во сирискиот град-држава Палмира од 44 г.п.н.е. до 274 година. Овој дијалект се пишувал на квадратесто писмо, а подоцна со сириска азбука. Како и набатејскиот, и овој дијалект бил под арапско влијание.
Арамејскиот дијалект кој се користел во Арсакидската Империја или Партска Империја (247 п.н.е. – 224) го претставува арсакидско-арамејскиот дијалект. Овој дијалект се зборувал низ западниот дел од земјата. Овој дијалект бил пишана основа за палавиското писмо кои било создадено за потребите на партскиот јазик. Писмото користело арамејски букви со одредени хетерограми, или арамејски зборови со партско значење. Арсакидите се гледале себеси како наследници на ахеменитското владеење. Така, арсакидско-арамејскиот дијалект, како никој друг постахеменитски дијалект, ја продолжил традицијата на Дариј I. Со текот на времето, бил под влијание на зборуваните арамејски, грузиски и персиски. По сасанитското (персиско) освојување на Партското Царство, арсакитско-палавскиот и арамејскиот биле под сасанитско влијание..[17]
Стари источноарамејски дијалекти
уредиДијалектите кои се споменати во минатата секција се сите потомци на ахеменитскиот кралски арамејски јазик. Сепак, регионалната дијалектолошка различност на доцниот староарамејски јазик продолжила да се развива и покрај веќе напоменатите, често само во зборувана форма. Рани докази за овие зборувани дијалекти се познати само преку нивното влијание врз зборови и имиња од постандардни дијалекти. Во 2 век п.н.е. овие зборувани дијалекти станале пишани. Дијалектите покажале регионална поделба меѓу Месопотамија, Вавилон и истокот на една страна и Јудеја, Сирија и западот на друга.
На западот, палмирскиот и арсакитскиот дијалект се споиле со регионалните јазици и така создаде јазик со делови од кралскиот и делови од локалниот арамејски. Пишаната форма на мандејскиот, јазикот на мандејската религија, бил потомок на арсакитското писмо.[18]
Во кралството Осроена, кое се наоѓало во Едеса и било основани во 132 г.п.н.е., регионалниот дијалект станал службен јазик, односно тоа бил сирискиот јазик. Во горните текови на Тигар се развил источномесопотамскиот арамејски дијалект. Докази за овој дијалект се податоците од Хатра, Асур и Тур Абдин.Татијанскиот дијатесарон бил напишан во 172 година и авторот, Татијан, потекнувал од Асирија. Дијатесаронот бил напишан на источномесопотамски дијалект, а не на сириски. Во Вавилон, вавилонскиот дијалект бил користен од страна на Евреите. Така се формитал еврејскиот старовавилонски дијалект во околу 70 година.
Стари западноарамејски дијалекти
уредиДоцните стари западни регионални дијалекти на арамејскиот јазик имале ист развоен правен како и старите источноарамејски дијалекти. Овие дијалекти се поразлични од источните дијалекти и кралскиот арамејски дијалект. Арамејскиот опстојувал заедно со хананските говори и така сосема го замениле феникискиот јазик во 1 век п.н.е. и хебрејскиот во 4 век.
Формата на доцниот стар западноарамејски дијалект кој се користел од еврејските заедници е најдобро проучен и овој дијалект често се нарекува еврејски старопалестински дијалект. Негова најстара форма е стариот источнојордански дијалект, кој најверојатно потекнувал од регионот Цезареја Филипи. Тој е дијалектот на најстариот ракопис на Книгата на Енох (170 г.п.н.е.). Наредната фаза на дијалектот е старојудејскиот дијалект кој се појавил во 2 век. Јудејската литература може да се види во различни натписи и лични писма, цитати во Талмуди и во Кумранот. „Војната на Евреите“ била напишана на старојудејски.
Стариот источнојордански дијалект продолжил да се користи во 1 век од пагански заедници кои живееле источно од Јордан. Нивниот дијалект често се нарекува пагански старопалестински и бил пишан на ракописно писмо, слично како старосирискиот. Од овој дијалект можеби настанал христијанскиот старопалестински дијалект.
Јазиците за времето на Исус Христос
уредиОпшто прифатен факт, или верување, е дека за време на 1 век Евреите во Јудеја како прв јазик го зборувале арамејскиот. Одреден број мештани сè зборувале хебрејски како мајчин. Голем број луѓе го изучувале хебрејскиот како литургиски јазик. Дополнително на тоа, грчкиот јазик бил јазик на трговијата и така поголем број луѓе што се занимавале со трговијата во урбаните центри разбирале и грчки. Латинскиот јазик бил јазик на римската армија и немал јазично влијание врз народот. Трите јазици имале влијание еден врз друг, особени хебрејскиот и арамејскиот. Хебрејски зборови се вовеле во хебрејско-арамејскиот (особено религиски зборови), но и арамејски зборови навлегле во хебрејскиот.
Покрај стандардните хасмонејски и вавилонски дијалекти, во регионот се зборувале и поголем број разговорни дијалекти. Седум западноарамејски дијалекти се зборувале во Јудеја за времето на Исус Христос. Тие дијалекти најверојатно биле различни, но сепак меѓусебно разбирливи. Старојудејскиот бил истакнат дијалект во Ерусалим и Јудеја. Во регионот Енгеди се зборувал југоисточен јудејски дијалект. Во Самарија се зборувал самариско-арамејски дијалект. Во регионот од Исус Христос се зборувал галилејско-арамејски дијалект и овој дијалект денес е познат по неколку топоними, влијанието на галилејскиот таргумски дијалект, некои религиски книжевни дела и некои лични писма. Во регионот источно од Јордан се зборувале источнојордански дијалекти, во Дамаск и Либанските Планини се зборувал дамаскински арамејски дијалект и во Алеп се зборувал оронетскиот арамејски дијалект.
Средноарамејски јазик
уредиТретиот век е земен како праг, или граница, меѓу староарамејскиот и средноарамејскиот јазик. За време на овој век природата на арамејските дијалекти и јазици започнала да се менува. Потомците на кралскиот арамејски јазик престанале да опстојуваат и источните и западите регионални јазици започнале за создаваат нова витална литература. За разлика од староарамејските јазици и дијалекти, многу повеќе се знае за зборовниот фонд и граматика на средноарамејскиот јазик.
Источни средноарамејски јазици
уредиСамо два од старите источноарамејски јазици опстоиле во овој средниот период. Во северниот дел од регионот старосирискиот се развил во средносириски јазик. Во јужниот дел на регионот, еврејскиот старовавилонски јазик се развил во еврејски средновавилонски јазик. Постахеменитскиот арсакитски дијалект послужил како основа за новиот мандејски јазик.
Проблеми со пуштањето? Помош. |
Сириски јазик
уредиСирискиот е класичен, литературен, литургиски и разговорен јазик на сириските Христијани до ден денешен, особени за припадниците на Асирската источна црква, Калдејска католичка црква, Старата источна црква и сириските православни цркви. Јазикот се развил во сасанидска Асирија и златниот период на јазикот бил од 4 до 6 век. Овој период започнал со преводите на Библијата, Пешита и прозата и поезијата на Свети Ефрем Сириски. Мисионерските христијански дејности резултирале со расширување на јазикот од Месопотанија низ Персија па сè до Средна Азија, Индија и Кина.
Еврејски вавилонско-арамејски јазик
уредиЕврејскиот вавилонско-арамејски јазик бил на Евреите и еврејските автори во Вавилон во периодот од 4 до 11 век. Јазикот се поврзува со јазикот на вавилонскиот Талмуд, кој бил завршен во 7 век, и постталмутската геонимска литература. Овие две дела се најзначајни културни сегменти на вавилонските Евреи. Најзначаен извор за јазикот се зачуваните стотици арамејски магични садови напишани на еврејски вавилонско-арамејски.
Мандејски јазик
уредиМандејскиот јазик е сестрински јазик на еврејскиот вавилонско-арамејски јазик. Тој е јазикот на Мандејците од Ирак. Мандејскиот и еврејскиот вавилонско-арамејски се културно и јазично различни. Класичниот мандејски е јазик на кој се напишани мандејските гностички религиски книжевни дела. Овој јазик е познат по високиот степен на фонетски правопис.
Западни средноарамејски јазици
уредиЗападните средноарамејски дијалекти продолжиле со еврејскиот среднопалестински јазик (се пишувал на квадратесто еврејско писмо), самарјанскиот арамејски (се пишувал на феникиско писмо) и христијанско-палестинскиот (се пишувал на сириска азбука).
Еврејски среднопалестински арамејски јазик
уредиВо 135 година, по револтот Бар Кохба, голем број еврејски водачи биле протерани од Ерусалим и се преселиле во Галилеја. Галилејскиот дијалект, така, од маргинализиран станал стандарден јазик меѓу Евреите од западот. Овој дијалект не бил зборуван само во Галилеја, но и во околните предели. На овој јазик бил напишан Ерусалимскиот Талмуд (завршен во 5 век), Палестинскиот Талмуд и мидрашот.
Среднојудејскиот дијалект, потомок на старојудејскиот арамејски јазик, не бил повеќе доминантен дијалект и се користел само во јужна Јудеја. Исто така средниот источнојордански арамејски јазик продолжил да опстојува како мал дијалект, потомок на стариот источнојордански арамејски дијалект.
Самарјански арамејски јазик
уредиПодатоците за арамејскиот дијалект на самарјанската заедница потекнуваат од 4 век. Денешниот изговор на зборовите од овој дијалект потекнува од 10 век.
Христијанско-палестински арамејски јазик
уредиПодатоците за јазикот на западноарамејските Христијани потекнуваат од 6 век, но се верува дека јазикот опстојувал два века претходно. Јазикот потекнува од христијанскиот старопалестински јазик, но пишаната форма била заснована на сириската азбука, со засилено влијание од грчкиот.
Современи арамејски јазици
уредиСовремените арамејски јазици се нарекуваат новоарамејски јазици. Современите арамејски јазици ги зборуваат околу 400.000 до 500.000 жители или заедници расштркани низ Блискиот Исток. Јазиците се зборуваат и од новоарамејските иселенички заедници. Овие јазици ги зборуваат луѓе од различна религиска заднина, како што се Христијаните, Евреите, Мандејците и многу мал број Муслимани. Јазиците најмногу се зачувале кај заедници кои се релативно изолирани и кои не биле предмет на арабизација. Голем дел од арамејските дијалекти се изгубени бидејќи говорниците имале јазичен притисок од останати подоминантни јазици. Така на пример, Арамејците од Блискиот Исток ги замениле новоарамејските јазици со арапскиот поради засилената арабизација од Муслиманите од Арабија. Оваа арабизација била засилена со продорот на Исламот во Блискиот Исток и Северна Африка. Сепак, одредени арамејски заедници не биле жртви на арабизацијата, па така на пример, Асирците го зачувале својот јазик, култура и идентитет.
Степенот на меѓусеба разбирливост на новоарамејските јазици денес е најверојатно најмал во нивната историја. Изминатите 200 години не биле благонаклонети кон арамјеските заедници. Нестабилноста на Блискиот Исток ги натерале Арамејците да се раселуваат низ светот и така се основала арамејската емигрантска заедница. 1915 година е особено важна за Асирците бидејќи тогаш се случил Асирскиот геноцид, заедно со Ерменскиот геноцид, и двата во Отоманското Царство. Од другата страна пак, арамејските Евреи биле протерани од арапските земји од Блискиот Исток и се доселиле во новата држава Израел. Сепак, оваа преселба била кобна за арамејскиот јазик бидејќи бил заменет со современиот хебрејски јазик.
Современи западноарамејски јазици
уредиДенес, многу малку опстанало од средните западноарамејски дијалекти. Современиот западноарамејски јазик се зборува од мали заедници во селата Малоула, Баха и Џубадин во Сирија, како и од некои исселеници во Дамаск и останатите поголеми градови во Сирија. Сите овие говорници зборуваат течно арапски, кој е главен јазик во овие села.
Соверемени централноарамејски јазици
уредиЦентралните новоарамејски јазици се составени од само два јазика: туројоански јазик и исчезнатиот млахсоански јазик. Млахсоанскиот јазик е скоро исчезнат јазик.
Современи источноарамејски јазици
уредиСовремените источноарамејски јазици денес се претставени од поголем број дијалекти и мали јазици. Постои значителна разлика меѓу источноарамејските јазици на Евреите, Келдоасирците, Христијаните и Мандејците.
Христијанските арамејски јазици често се именуваат со еден поим — сириски јазик. Литературата на сирискиот јазик често се нарекува неосириска, за да се разликува од старата. Неосириската книжевност била под силно влијание на средносирискиот јазик. Сепак во овој асирски регион има и арамејски дијалекти кои не се директни наследници на јазикот на Свети Ефрем Сириски. Исто така, јазичните варијанти на сирискиот јазик не се сосема разбирливи. Главни христијански јазични варијанти се асирскиот новоарамејски јазик и калдејскиот новоарамејски јазик. Овие јазици се користат од Асирците во Ирак, Турција, Иран и Сирија.
Јудејско-арамејскиот јазик денес воглавно се зборува во Израел и му прети опасност од истребување. Еврејските говори кои потекнуваат од околината на езерото Урмија и Мосул не се сосема разбирливи. На некои места, на пример во Урмија, Христијаните и Евреите зборуваат на не сосема разбирливи варијанти на современиот источноарамејски. Од друга страна пак, има места каде двете религиски заедници зборуваат на сосема разбирливи јазични варијанти.
Мандејците воглавно живеат во покраината Хузестан во Иран, но има расштркани заедници и во Ирак. Овие заедници зборуваат на неомандејски јазик. Овој јазик е најразличен од сите арамејски јазици.
Фонологија
уредиСекој арамејски дијалект/ јазик има свои специфички одлики, и обработувањето на секој дијалект посебно е надмор од опсегот на оваа статија. Сепак, општо гледано, арамејскиот јазик има сет од 25 до 40 фонеми. Некои современи арамејски изговори го немаат т.н. „силно нагласени“ согласки, а некои позајмиле фонеми од околните јазици, особено од арапскиот, азербејџанскиот, курдскиот, персискиот и турскиот.
Самогласки
уредипредни | задни | |
---|---|---|
затворени | i | u |
полузатворени | e | o |
полуотворени | ɛ | (ɔ) |
отворени | a | (ɑ) |
Како и кај останатите семитски јазици, така и арамејскиот имал три вида согласки:
- отворени а самогласки
- затворени предни и самогласки
- затворени задни у самогласки
Овие самогласки биле релативно стабилни, но точното место на создавање на самогласките зависело од околните согласки.
Отворената самогласка е отворена скоро предна незаоблена самогласка (кратка „а“). Обично оваа самогласка имала партнер од заден вид (долга „а“) и партнер од преден вид (кратка „е“). Овој сразмер меѓу самогласките бил повеќе воочлив кај дијалектите. Постојат одредени докази дека средновавилонските дијалекти не разликувале кратка „а“ и долга „е“. Во западносириските дијалекти, и најверојатно во средногалилејските, долгата а преминала во „о“. Отворената е и задната а се често пишани со буквата „алеф“ (а) или „хе“ (х).
Затворената предна самогласка е долгата „и“. Овој глас имал партнер од нешто поотворен вид, долгата „е“. Двете овие фонеми имале партнери од краток вид, кои се изговараел нешто поотворено. Така, кратката затворена „е“ одговарала на долгата „е“ во некои дијалекти. Затворените предни самогласки често го користеле гласот „ј“ како матер лекционис.
Затворена задна самогласка била долгата „у“. Партнер на оваа фонема била долгата „о“. За секој од овие гласови има пократок и поотворен партнер, каде кратката затворена „о“ понекогаш одговарала на долгата затворена „а“.За да се означел квалитетот на гласовите често се користел гласот /w/.
Во јазикот имало два основни дифтонзи: отворена самогласка пороследена од „j“ („ај“) и отворена самогласка проследена од „w“ („aw“ [ав, ау]). Првично овие биле целосни дифтонзи, но во голем број дифтонзи биле заменети со „е“ и „о“. Сите самогласки биле средно централизирани ако имало присуство на силно нагласени согласки.
Согласки
уредилабијални | меѓузабни | алвеоларни | непчени | меконепчени | увуларни | фарингални | глотални | |||
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
рамни | силно изразени | |||||||||
носни | m | n | ||||||||
експлозивни | безвучни | p | t | tˤ | k | q | ʔ | |||
звучни | b | d | ɡ | |||||||
струјни | безвучни | f | θ | s | sˤ | ʃ | x | ħ | h | |
звучни | v | ð | z | ɣ | ʕ | |||||
вевни | r | |||||||||
апроксимантни | l | j | w |
Различните азбуки кои се користеле за пишување на јазикот имале 22 букви, што е еднакво со бројот на согласки. Некои од буквите претставувале два или повеќе гласа, најчесто експлозивни и струјни фонеми. Експлозивните гласови во арамејскиот може да се поделат во три групи:
- устен сет фонеми: p/f и b/v,
- забен сет фонеми : t/θ и d/ð,
- меконепчен сет фонеми: k/x и g/ɣ.
Секој член на поедин пар се пишувал со иста буква во повеќето арамејски писма. Со други зборови, на пример гласовите /t/ и /d/ се пишувале со иста буква.
Значајна фонетска одлика на арамејскиот јазик, и воопшто на семитските јазици, е присуството на „силно нагласени“ согласки. Овие се согласки кои се изговараат кога коренот на јазикот е повлечен наназад и има присуство на различен степен на фарингализација и веларизација. Староарамејскиот јазик можеби имал поголем број нагласени согласки, а и денес во некои новоарамејски јазици има повеќе такви согласки. Такви „силно нагласени“ согласки се:
Проблеми со пуштањето? Помош. |
- Ḥêṯ, безвучна грклена струјна фонема, /ħ/,
- Ṭêṯ, фарингализирана фонема t, /tˤ/,
- ʽAyin (или ʽE во некои дијалекти), фарингализиран грлен избувен глас, [ʕ] или [ʔˤ],
- Ṣāḏê, фарингализиран глас s, /sˤ/,
- Qôp, ресична фонема k, /q/.
Со нагласените согласки се преклопуваат грлените или гутуралните согласки. Вакви согласки се на пример Ḥêṯ и ʽAyn од сетот нагласени согласки, а дополнително на нив се и ʼĀlap̄ (грлен избувен глас) и Hê (меко х).
Арамејскиот има четири шушкави согласки, а староарамејскиот можеби имал шест. Шушкавите согласки се:
- /s/ (с),
- /z/ (з),
- /ʃ/ (ш),
- /sˤ/ (нагласената согласка Ṣāḏê).
Покрај овие согласки, арамејскиот ги имал носните согласки m и n и апроксимантните r, l, y и w.
Историски гласовни промени
уредиШест фонетски и фонолошки промени се случиле кај јазкот, кои може да се сметаат за дијалектолошки разлики:
- промена на самогласки– оваа промена била зачестена појава, но кај некои дијалекти ова била значајна одлика.
- редуцирање на експлозивни и струјни согласки – првично арамејскиот имал струјни согласки како условни алофони за секој експлозивен глас. Оваа разлика можела да се види и фонемски, а кај некои дијалекти целосно се изгубула. Така на пример, во туројоанскиот /p/ била заменета со /f/.
- губење на нагласените согласки– некои дијалекти ги замениле нагласените со ненагласени согласки, кавкаските арамејски јазици имале глотализирани наместо фарингализирани согласки
- гутурална асимилација – ова е главна одлика на самарјансиот арамејскиот јазик. Според ова, сите глутурални фонеми се редуцирани на прости грлени гласови. Некои современи арамејски дијалекти не ја изговараат буквата „х“ на секое место.
- протосемитските */θ/ */ð/ во арамејскиот преминале во */t/, */d/.
- нови фонеми – современите дијалекти позајмиле фонеми од околните подоминантни јазици. Такви се на пример гласовите [ʒ] (ж), [d͡ʒ] (џ) и [t͡ʃ] (ч).
Граматика
уредиКако и кај останатите семитски јазици, така и кај арамејскиот, морфологијата е заснована на тн. семитски корен или зборовен корен основно составен од три согласки. Ваквите корени се составени од три согласки и го даваат основното значење на еден збор. Со додавање на самогласки и останати согласки се изведуваат зборови од основниот. Така на пример е земен коренот „k-t-b“ (пишува):
- Kṯāḇâ, ракопис, натпис, текст, книга
- Kṯāḇê, Списите
- Kāṯûḇâ, секретар
- Kṯāḇeṯ, јас пишувам
- Eḵtûḇ, јас ќе пишувам
Зборовниот редослед на арамејскиот бил прирок-подмет-предмет. Кралскиот арамејски користел подмет-предмет-прирок, кое може било под влијание на персискиот јазик.
Именки и придавки
уредиИменките и придавките во арамејскиот јазик имаат род, број и состојба. Состојбата е нешто слично со падежот во индоевропските јазици. Арамејскиот има два рода, машки род и женски род. Женскиот род е често означен со наставката -â, која се пишува со буквата алеф. Хебрејската варијанта не е алеф, туку буквата хе, во согласност со хебрејскиот правопис. Именките може да бидат во единина или множина, но постои и двоина за именки кои се во пар. Двоината постепено исчезнала од арамејскиот со текот на времето и нема влијание во современите арамејски јазици.
Арамејските именки и придавки може да се појават во една од трите состојби:
- апсолутната состојба е оснивната форма на именките (на пример kṯâḇâ, 'ракопис'). Апсолутната состојба може да се користи во повеќето синтаксни употреби. Сепак, во средноарамејскиот апсолутната состојба за именките била заменета со нагласената состојба.
- конструктивен состојба е форма на именката која се користи да се искаже присвојност (на пример kṯāḇaṯ malkṯâ, 'ракописот на кралицата'). Кај именките од машки род единина конструктивниот статус одговара со апсолутниот, но може да има редукција на самогласки кај подолги зборови. Конструктивниот статус кај именките од женски и машки род множина е означен со наставки. За разлика од генитивот кај индоевропските јазици, кај конструктивниот статус се додава наставка за присвојност кај именката што е поседувана, а не кај именката што поседува. Ова е како последица на зборовниот ред на арамејскиот.
- нагласената или определена состојба е форма на именката која има слична функција како членот, кој како граматичка категорија не постои во јазикот. Определената состојба е означена со наставки. Иако првично состојбата се користела да се означат само определените именки, во кралскиот арамејски јазик се означувале сите важни именки, дури и тие кои не би требало да се определат. Ова довело до многу ретка употреба во подоцнежните фази на арамејскиот.
Останатите северозападни семитски јазици имаат и апсолутна и конструктивна состојба, определената состојба е уникатна одлика на арамејскиот. Падежни наставки најверојатно постоеле во раните стази на јазикот и нивните траги можат да бидат видени во некои сопствени имиња. Сепак, сите наставки биле кратки самогласки и таквите не се пишувале, а подолгите наставки за генитив и акузатив за именки од машки род множина не се јасно воочливи. Често директниот предмет бил означен со претставката l- ако е определен.
Како и именките, така и придавките имаат род и број, а состојбите ги искажувале само ако биле својствени. Исказните придавки се во апсолутна состојба без разлика од состојбата на именката. Така, својствена придавка со определена именка, како во фразата „добриот крал“, се пишува исто како во определената состојба malkâ ṭāḇâ — крал[опред.] добар[опред.]. За споредба, исказната придавка, како во фразата „кралот е добар“ се пишува во апсолутна состојба ṭāḇ malkâ — добар[апс.] крал[опред.].
|
Белешка: Крајниот глас -â во поголем број овие примери се пишувал со буквата алеф. Во некои еврејски арамејски текстови тој глас се пишувал со буквата хе за женски род во апсолутна состојба. Исто така, во некои јудеоарамејски текстови се користела хебрејската наставка -îm наместо -în за машки род апсолутна состојба. Определената наставка за множина -ayyâ има алтернативна верзија, -ê. Алтернативната верзија понекогаш се нарекува „отмена множина“, бидејќи имала проминентна употреба за етноними (на пример yəhûḏāyê, 'Евреите'). Алтернативната множина се пишувала со алеф, и останала како единствена множина за именки и придавки од овој вид во сирискиот и некои други арамејски јазици. Множината за машки род -ê се пишуваласо буквата јод. Во сирискиот и некои други арамејски дијалекти гласот преминал во дифтонгот -ai. |
Присвојните фрази во арамејскиот може да се создадат со конструктивната состојба или со поврзување на две именки со односната честичка d[î]-. Употребата на конструктивната состојба во средноарамејскиот исчезнала, вториот метод станал главен метод за искажување посед.
Проблеми со пуштањето? Помош. |
Следуваат примери за присвојност со фразата „ракописот на кралицата“:
- Kṯāḇaṯ malkṯâ — најстарата конструкција: прдметот кој е поседуван (kṯāḇâ, 'ракопис') е во конструктивна состојба (kṯāḇaṯ) а именката која поседува (malkâ, 'кралица') е во определена состојба (malkṯâ).
- Kṯāḇtâ d(î)-malkṯâ — двата збора се во определена состојба и односната честичка d[î]- се користи да се искаже односот.
- Kṯāḇtāh d(î)-malkṯâ —двата збора се во определена состојба и се користи честичката, но присвоената именка има прономинална наставка (kṯāḇt[â]-āh, 'ракопис-нејзин') што во буквален превод значи „нејзин ракопис, тој (од) кралицата“. Оваа форма е најчеста во современите арамејски јазици, а во библискиот арамејски не е присутна.
Глаголи
уредиГлаголот во арамејскиот се развивал во зависност од времето и местото каде се зборувал јазикот, па така тој се разликувал од дијалект до дијалект. Глаголските форми биле означени за лице, број, род, време, начин и залог. Арамејските глаголи имале прво, второ и трето лице, еднина и множина, машки и женски род, перфект и имперфект (свршен и незвршен глагол), заповеден, инфинитивен и исказен начин и активен, пасивен и повратен залог. Во арамејскиот имало развиена конјугација.
Време и аспект
уредиАрамејскиот имал две комбинации на аспектот и времето: перфект (или свршено) и имперфект (или несвршено). Овие првично биле аспектно времиња, но се развиле во нешто слично на прекажано и идно време. Перфектот не е означен, но имперфектот користел претставки кои варирале во согласност со лицето, бројот и родот. Во двете времиња трето лице еднина за машки род не е означен, од која другите форми се добиени со помош на наставки (а претставки за имперфектот).
лице и род | перфект | имперфект | ||
---|---|---|---|---|
ед, | мн. | ед. | мн. | |
3 л. м.р. | kəṯaḇ ↔ kəṯaḇ | kəṯaḇû ↔ kəṯaḇ(w)/kəṯabbûn | yiḵtuḇ ↔ neḵtoḇ | yiḵtəḇûn ↔ neḵtəḇûn |
3 л. ж.р. | kiṯbaṯ ↔ keṯbaṯ | kəṯaḇâ ↔ kəṯaḇ(y)/kəṯabbên | tiḵtuḇ ↔ teḵtoḇ | yiḵtəḇān ↔ neḵtəḇān |
2 л. м.р. | kəṯaḇt ↔ kəṯaḇt | kəṯaḇtûn ↔ kəṯaḇton | tiḵtuḇ ↔ teḵtoḇ | tiḵtəḇûn ↔ teḵtəḇûn |
2 л. ж.р. | kəṯaḇtî ↔ kəṯaḇt(y) | kəṯaḇtēn ↔ kəṯaḇtên | tiḵtuḇîn ↔ teḵtuḇîn | tiḵtəḇān ↔ teḵtəḇān |
1 л. м.р./ ж.р. | kiṯḇēṯ ↔ keṯḇeṯ | kəṯaḇnâ ↔ kəṯaḇn | eḵtuḇ ↔ eḵtoḇ | niḵtuḇ ↔ neḵtoḇ |
Глаголска конјугација
уредиКако и останатите семитски јазици, така и арамејскиот користел одреден број конјугации, или коренски наставки. Основната глаголска конјугација се нарекува „приземјен корен“ (ground stem) или „П-корен“ (G-stem). Следејќи ја традицијата на средновековните арапски граматичари, коренот се нарекувал „Pə‘al“ (или „Pe‘al“), со користење на тројниот корен „P-‘-L“, што значи „да прави“. Коренот го носи основното лексичко значење на глаголот. Со удвојување на вториот глас се добива „Д-коренот“ или наречен „Pa‘‘el“. Со ова се добива поинтензивен развој на значењето на глаголите. Така на пример, qəṭal значи „тој убил“, а qaṭṭel значи „тој убива“ (нешто поформално значење). Точната врска меѓу значењата на двата корена се разликува од глагол до глагол.
Со употреба на претставките ha-, a- или ša- се создава C-корен или т.н. Hap̄‘el, Ap̄‘el или Šap̄‘el. Ова е често широк или резултативен развој на основното лексико значење. На пример, ṭə‘â значи „тој заскитал“, а aṭ‘î значи ‘тој мамел’. Шапелот е наретко користена варијанта на С-коренот. Оваа варијанта се користела во акадскиот и најверојатно е познајмена конструкција во арамејскиот. Во доцниот староарамејски јазик имало постепено испуштање на почетниот глас „х“.
Овие три конјугации се дополнети со три изведени конјугации, произведени со претставките hiṯ- или eṯ-. Трите добиени корени се Пт-корен (Hiṯpə‘el или Eṯpə‘el), Д-корен (Hiṯpa‘‘al или Eṯpa‘‘al) и Ст-корен (Hiṯhap̄‘al, Ettap̄‘al, Hištap̄‘al или Eštap̄‘al). Нивното значење било обично повратно, но подоцна станало и пасивно.
корен | перфектен актив | имперфектен актив | перфектен пасив | имперфектен пасив |
---|---|---|---|---|
Pə‘al (П-корен) | kəṯaḇ ↔ kəṯaḇ | yiḵtuḇ ↔ neḵtoḇ | kəṯîḇ | |
Hiṯpə‘ēl/Eṯpə‘el (Пт-корен) | hiṯkəṯēḇ ↔ eṯkəṯeḇ | yiṯkəṯēḇ ↔ neṯkəṯeḇ | ||
Pa‘‘ēl/Pa‘‘el (Д-корен) | kattēḇ ↔ katteḇ | yəḵattēḇ ↔ nəkatteḇ | kuttaḇ | |
Hiṯpa‘‘al/Eṯpa‘‘al (Дт-корен) | hiṯkattaḇ ↔ eṯkattaḇ | yiṯkattaḇ ↔ neṯkattaḇ | ||
Hap̄‘ēl/Ap̄‘el (C-корен) | haḵtēḇ ↔ aḵteḇ | yəhaḵtēḇ ↔ naḵteḇ | huḵtaḇ | |
Hiṯhap̄‘al/Ettap̄‘al (Ст-корен) | hiṯhaḵtaḇ ↔ ettaḵtaḇ | yiṯhaḵtaḇ ↔ nettaḵtaḇ |
Наводи
уреди- ↑ The Aramaic Text in Demotic Script: The Liturgy of a New Year's Festival Imported from Bethel to Syene by Exiles from Rash – On JSTOR
- ↑ Manichaean Aramaic in the Chinese Hymnscroll
- ↑ Oxford English dictionary, http://oed.com/viewdictionaryentry/Entry/10127
- ↑ Aramaic appears somewhere between 11th and 9th centuries BC. Beyer (1986: 11) suggests that written Aramaic probably dates from the 11th century BC, as it is established by the 10th century, to which he dates the oldest inscriptions of northern Syria. Heinrichs (1990: x) uses the less controversial date of 9th century, for which there is clear and widespread attestation.
- ↑ Allen C. Myers, уред. (1987). „Aramaic“. The Eerdmans Bible Dictionary. Grand Rapids, Michigan: William B. Eerdmans. стр. 72. ISBN 0-8028-2402-1.
It is generally agreed that Aramaic was the common language of Israel in the first century AD. Jesus and his disciples spoke the Galilean dialect, which was distinguished from that of Jerusalem (Matt. 26:73).
- ↑ „What Language Did Jesus Speak? Why Does It Matter?“.
- ↑ Beyer 1986: 38–43; Casey 1998: 83–6, 88, 89–93; Eerdmans 1975: 72.
- ↑ Heinrichs 1990: xi–xv; Beyer 1986: 53.
- ↑ Naby, Eden. „From language Franca to Endangered Language“. Assyrian International News Agency. Наводот journal бара
|journal=
(help) - ↑ 10,0 10,1 Richard, 2003, p. 69.
- ↑ Panammuwa II and Bar-Rakib: Two Structural Analyses, K. Lawson Younger, Jr., University of Sheffield
- ↑ Shaked, Saul (1987). „Aramaic“. Encyclopedia Iranica. 2. New York: Routledge & Kegan Paul. стр. 250–261. p. 251
- ↑ Frye, Richard N.; Driver, G. R. (1955). „Review of G. R. Driver's "Aramaic Documents of the Fifth Century B. C."“. Harvard Journal of Asiatic Studies. 18 (3/4): 456–461. doi:10.2307/2718444. JSTOR 2718444. p. 457.
- ↑ Geiger, Wilhelm; Kuhn, Ernst (2002). „Grundriss der iranischen Philologie: Band I. Abteilung 1“. Boston: Adamant: 249ff. Наводот journal бара
|journal=
(help) - ↑ Stolper, John A. Matthew (2007). „What are the Persepolis Fortification Tablets?“. The Oriental Studies News & Notes (winter): 6–9. Архивирано од изворникот 2007-02-14. Посетено на 2007-02-13.
- ↑ Naveh, Joseph; Shaked, Shaul (2006). Ancient Aramaic Documents from Bactria. Studies in the Khalili Collection. Oxford: Khalili Collections. ISBN 1-874780-74-9. Укажано повеќе од еден
|author=
и|last1=
(help) - ↑ Beyer. стр. 28 n. 27. Отсутно или празно
|title=
(help); Wiesehöfer, Josef; Azodi, Azizeh. Ancient Persia. стр. 118–20. - ↑ "Iranian Scripts for Aramaic Languages," in the Bulletin of the American Schools of Oriental Research 341 (2006), pp. 53-62.
Користена литература
уреди- Beyer, Klaus (1986). The Aramaic language: its distribution and subdivisions. Vandenhoeck und Ruprecht. ISBN 3-525-53573-2.
- Casey, Maurice (1998). Aramaic sources of Mark's Gospel. Cambridge University Press. ISBN 0-521-63314-1.
- „Aramaic“. The Eerdmans Bible Dictionary. Grand Rapids, Michigan, USA: William B Eerdmans. 1975. ISBN 0-8028-2402-1.
- Frank, Yitzchak (2003). Grammar for Gemara & Targum Onkelos ((expanded edition). изд.). Feldheim Publishers / Ariel Institute. ISBN 1-58330-606-4.
- Heinrichs, Wolfhart (ed.) (1990). Studies in Neo-Aramaic. Atlanta, Georgia: Scholars Press. ISBN 1-55540-430-8.CS1-одржување: излишен текст: список на автори (link)
- Nöldeke, Theodor (2001). Compendious Syriac Grammar. Winona Lake: Eisenbrauns. ISBN 1-57506-050-7.
- Richard, Suzanne (2003). Near Eastern Archaeology: A Reader (Illustrated. изд.). EISENBRAUNS. ISBN 1-57506-083-3, 9781575060835 Проверете ја вредноста
|isbn=
: invalid character (help). - Rosenthal, Franz (1995). A Grammar of Biblical Aramaic (6, revised. изд.). Otto Harrassowitz, Wiesbaden. ISBN 3-447-03590-0.
- Sabar, Yona (2002). A Jewish Neo-Aramaic Dictionary. Harrassowitz. ISBN 978-3-447-04557-5.
- Sokoloff, Michael (2002). A Dictionary of Jewish Babylonian Aramaic. Ramat Gan: Bar-Ilan UP; Johns Hopkins UP. ISBN 965-226-260-9.
- Sokoloff, Michael (2002). A Dictionary of Jewish Palestinian Aramaic (2. изд.). Bar-Ilan UP; Johns Hopkins UP. ISBN 965-226-101-7.
- Stevenson, William B. (1962). Grammar of Palestinian Jewish Aramaic (2. изд.). Clarendon Press. ISBN 0-19-815419-4.
Поврзано
уредиНадворешни врски
уреди„Арамејски јазик“ на Ризницата ? |
- Арамејскиот јазик на Ethnologue
- Арамејскиот јазик на Omniglot
- Еврејски арамејски јазик Архивирано на 11 мај 2008 г.
- Речник на јудеоарамејскиот
- Арамејски лексикон Архивирано на 14 мај 2011 г.
- Арамејскиот јазик и неговата класификација Архивирано на 9 септември 2008 г.
- Атамејска пешита библија
- Речник на арамејскиот јазик
- Стари арамејски аудио записи Архивирано на 13 октомври 2006 г.
Статијата „Арамејски јазик“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии). |