Фауст од Гете
Фауст е трагедија во два дела на германскиот поет Јохан Волфганг фон Гете. Првиот дел на „Фауст“ бил објавен во 1808 година, но подоцна претрпел измени. Вториот дел бил печатен веднаш по смртта на авторот, во 1832 година.
Содржина
уредиПрв дел
уредиПрвиот дел на трагедијата „Фауст“ се состои од следниве делови:[1]
- Посвета: Таа се состои од четири строфи (32 стиха) во кои поетот се сеќава на ближните ликови од минатото, за некогашните пријатели кои веќе умреле.[2]
- Предигра во театарот: Директорот на театарот е заинтересиран за полна сала и заработка, па затоа бара интересна претстава во која има многу возбудливи настани, со цел да се задоволи вкусот на публиката. Поетот сака чиста уметност која не треба да се меша со фалшот и затоа ја слави поезијата како нешто возвишено. Шегобиецот, пак, вели дека народот сака смеа и забава.[3] Оваа предигра е напишана според примерот на староиндиската драма „Сакунтала“ од Калиндаса (веројатно, од првата половина на 5. век) со која Гете се запознал во 1791 година.[4]
- Пролог на небото: Мефистофел оди кај Бога жалејќи се дека луѓето се лоши и безвредни. Кога Бог му го споменува докторот Фауст, Мефистофел се обложува дека ќе го придобие за себе, а Бог му дозволува да се обиде да ја оствари својата намера.[5]
- Ноќ: Ноќта, на Велика сабота, Фауст седи осамен во својата соба, незадоволен од она што го постигнал за оние десет години откако се занимава со наука и со магија. Во очај, го повикува духот на земјата, но кога тој се покажува пред него, Фауст се исплашува. Доаѓа Вагнер и двајцата разговараат за смислата на научната работа. Потоа, Фауст повторно останува сам и продолжува да се жали поради бескорисноста од долгогодишното учење кое не му овозможило да ја сфати суштината на светот. Разочаран, тој ја зема чашата со отров, но тогаш ги слуша црковните камбани што го објавуваат Велигден.[6]
- Пред портата: Утредента, на првиот ден од велигденските празници, многу луѓе шетаат низ градот, а меѓу нив и Фауст и Вагнер. Притоа, тие среќаваат група селани кои му укажуваат голема чест на Фауст, кој своевремено, заедно со татко му, ги лечел од чумата, но Фауст вели дека не ја заслужил почитта, зашто лековите на татко му убиле многу луѓе. Тогаш, тој здогледува црно куче кое им се приближува од далечината.[7]
- Собата на Фауст 1: Кога Фауст доаѓа дома, кучето наеднаш почнува да се зголемува. Фауст ги повикува духовите, а тогаш пред неговите очи се појавува Мефистофел во облик на ученик. Мефистофел му се претставува на Фауст како дел од пеколните сили, како оној кој носи негација и разурнување. Мефистофел сака да ја напушти куќата на Фауст, но се плаши од пентаграмот на вратата. Бидејќи Фауст не сака да го пушти, Мефистофел ги повикува духовите кои го заспиваат Фауст, а тој си заминува. Фауст се буди и помислува дека сцената со кучето била само сон.[8]
- Собата на Фауст 2: Мефистофел повторно го посетува Фауст и му нуди замена на здодевната и мачна научна работа со забавен живот и го кани заедно да го прошетаат светот. Фауст ја прифаќа понудата на Мефистофел, но бара да потпишат формален договор. Кога пристигнува еден ученик, Мефистофел се облекува како Фауст и му дава совети за студирањето, со коментари на одделните научни дисциплини. По заминувањето на ученикот, во собата се враќа Фауст, подготвен да замине во светот, заедно со Мефистофел.[9]
- Ауербаховата визба во Лајпциг: Во една кафеана во Лајпциг е собрано весело друштво кое пие вино и пее. Во кафеаната влегуваат Фауст и Мефистофел. Мефистофел на волшебен начин прави дупки на масата од кои потекува вино, кое потоа се претвора во пламен. Кога гостите во кафеаната ги вадат ножевите со намера да го нападнат, Мефистофел ги маѓепсува така што им создава привид дека се наоѓаат во лозје, а, всушност, тие се фаќаат меѓусебно за носевите. Потоа, Мефистофел и Фауст исчезнуваат од кафеаната.[10]
- Вештерската кујна: Мефистофел го носи Фауст кај вештерката. Таа му дава да испие волшебен пијалак која му ја разгорува љубовната страст.[11]
- Улица 1: На улица, Фауст здогледува една убава девојка и ѝ нуди да ја придружува до дома, но таа го одбива. Тој веднаш се вљубува во непознатата девојка и го моли Мефистофел да му помогне да ја освои.[12]
- Вечер: Со помош на Мефистофел, Фауст влегуав во собата на Маргарета, девојката во која е вљубен. Набргу, доаѓа Мефистофел и во нејзиниот шкаф става кутија со накит. Фауст и Мефистофел си одат, а кога доаѓа дома, Маргарета ја пронаоѓа кутијата.[13]
- Прошетка: Мефистофел му кажува на Фауст дека Мергарета ѝ го покажала накитот на мајка си, а таа му го дала на попот. Фауст му наредува на Мефистофел во собата на Маргарета да стави друга кутија со накит.[14]
- Куќата на сосетката: Маргарета оди кај сосетката Марта со веста дека повторно некој ставил накит во нејзината соба, а Марта ја советува овојпат да го задржи накитот. Тогаш, во домот на Марта пристигнува Мефистофел, кој ѝ носи вести за наводната смрт на нејзиниот сопруг. притоа, тој закажува нова средба, со ветување дека ќе донесе сведок кој ќе ја потврди смртта.[15]
- Улица 2: Мефисто му кажува на Фауст дека средил средба со Маргарета, но бара од него да сведочи лажно за смртта на сопругот на Марта.[16]
- Градина: Во градината шетаат Фауст со Маргарета и Мефистофел со Марта. Фауст и Маргарета разговараат и си изјавуваат љубов.[17]
- Куќарка в градина: Фауст и Маргарета се бакнуваат во куќарката, но Мефистофел ја прекинува нивната романса и го повикува Фауст да си одат.[18]
- Шума и пештера: Фауст оди во една пештера во шумата и зборува за својата љубов кон Маргарета. Пристигнува Мефистофел, кој му кажува дека Маргарета копнее кон него и го наговара да ја искористи нејзината љубов, а потоа да ја напушти. Фауст, пак, ја фали возвишената и чиста љубов меѓу него и Маргарета. Поради тоа, тие започнуваат остра кавга.[19]
- Собата на Грета: Во својата соба, Маргарета мисли на Фауст.[20]
- Градината на Марта: Маргарета го прекорува Фауст дека не е побожен, а тој ѝ објаснува дека верата кон Бога е внатрешно чувство. Исто така, таа му признава дека Мефистофел ѝ е одбивен и дека се плаши од него.[21]
- На вода: Лиза ѝ раскажува на Маргарета за девојката која сакала некое момче и останала бремена.[22]
- Простор од внатрешната страна на градскиот бедем: Маргарета става цвеќе пред скулптурата на Богородица, со молба да ѝ ја ублажи љубовната болка.[23]
- Ноќ: Пред куќата на Маргарета, нејзиниот брат Валентин зборува за срамот што му го предизвикала веста дека Маргарета има љубовник. Тука пристигаат Фауст и Мефистофел, кој почнува да пее една песна. Валентин ги предизвикува на двобој, а Мефистофел му помага на Фауст да го убие. Валентин е смртно ранет и околу него се собираат многу луѓе. Маргарета го оплакува својот брат, но тој ја обвинува дека ја извалкала честа, а потоа умира.[24]
- Во катедралата: За време на службата во катедралата, лошиот дух ја обвинува Маргарета дека нејзиниот грев придонел за смртта на нејзината мајка и дека сите луѓе ја избегнуваат. Таа ја губи свеста и паѓа.[25]
- Валпургиска ноќ: Фауст и Мефистофел одат на планината Харц, каде се одржува собир на вештерките и на другите сили на злото. Таму, Фауст ја здогледува Медуза која му заличува на Маргарета. За присутните се прикажува театарска претстава.[26]
- Сон на Валпургиската ноќ или Златната свадба меѓу Оберон и Титанија: Во претставата се прикажува прославата на „златната“ свадба на Оберон и Титанија и притоа дефилираат многу ликови.[27]
- Темен ден. Поле: Фауст дознава дека Маргарета е затворена. Поради тоа, тој го проколнува Мефистофел, обвинувајќи го за нејзината несреќа, но Мефистофел му враќа дека самиот е виновен. Сепак, Мефистофел се согласува да му помогне на Фауст да ја ослободи Маргарета.[28]
- Ноќ. Отворено поле: Фауст и Мефистофел јаваат на црни коњи. Во ноќта, тие гледаат вештерки кои прават некаков обред на губулиштето.[29]
- Затвор: Фауст влегува во затворот и ја ослободува Маргарета од оковите, но таа халуцинира и не сака да избега. Тогаш се слуша глас од небото дека Маргарета е спасена, а Фауст и Мефистофел си заминуваат.[30]
Ликови
уредиФауст е многу образован човек (завршил филозофија, право, медицина, теологија), но сепак се чувствува разочаран од сознанието дека науката не може да ги задоволи неговите барања. Всушност, во ликот на Фауст се изразени сомнежите по кој поминувало европското општество. Поради неуспехот на науката, Фауст ѝ се оддава на магијата и метафизиката, како средина меѓу науката и верата, но ниту таа не му дава цврста основа. Кога, повикан од Фауст, се појавува духот на Земјата, олицетворение на природата и нејзината голема цел, Фауст е збунет пред таа појава: погледот на смртниот не може да го поднесе апсолутното сознание, па Фауст во ужас се трга назад. Тој чувствува дека нема излез. Ја чувствува дволичноста на својата природа, велејќи дека две души живеат во неговите гради, а едната постојано сака да се оддели од другата. Овој дуализам на човечката природа е причина за патилата и на еден друг претставник на светската тага - Манфред. Причините за Фаустовите патила можат да се сведат на следново: Фауст не може да се одрече од наследните традиционални идеи кон апсолутното, но тој исто така не може, под дејство на критичката мисла, да се задоволи со средствата со кои традицијата ги решава тие идеи, т.е. со традицијата на верата. Ни работата за општото добро нема да го задоволи Фауст, и тука грандиозните претензии на неговите барања се судираат со ограниченоста на човечките сили. Тој нема да најде задоволство ни во уживањата поради кои ја продава душата на ѓаволот. Не е чудо што ни во љубовта со Грета не наоѓа задоволство.
Во драмата може да се проследи трансформацијата на Фауст. На почетокот, тој е научник кој со умот сака да проникне во тајните на природата. По средбата со Грета, тој и понатаму е мислител, но ооблагороден со љубовта кон неа и поради тоа, неговото незадоволство од науката исчезнува, а тој ја наоѓа својата хармонија. Во својата љубов кон Грета, Фауст е возвишен и ја сака со целото свое битие, а сетилната љубов за него е споредна. Меѓутоа, тој се претвора во извор на катастрофа, зашто неговата длабока љубов кон Грета станува причина за смртта на четворица: братот и мајката на Грета, вонбрачното дете и самата Грета. Претходно, воден од желбата да им помогне на сограѓаните во борбата против чумата, неговата алхемичарска работа предизвикува смрт на многу луѓе. Духот на Фауст е над просечното и тој мора да дојде во судир со околината, зашто тој е претставник на Просветителството, човек со верба во науката, но и со незадоволство од нејзините можности поради што кај него се јавува и мислата за самоубиство. Во вториот дел на „Фауст“, главниот лик ја постигнува хармонијата со околината, постигната преку творењето. Затоа, предмет на неговата љубов не е конкретна жена, туку Елена од старогрчката митологија, со што неговата љубов добива апстрактен карактер, како љубов кон убавината, како „уживање со свест“.[31] Според сведочењето на самиот Гете, излагањето во Фауст има сличности со библиската приказна за Јов.[32]
Вагнер, наспроти Фауст, се задоволува со формално суво знаење. Тој не се интересира за природата, не знае за сомнеж и двоумење. Тој е вистински схоластик кого го интересира единствено процесот на изучување, и не ја бара апсолутната вистина. Неговото блаженство е да преминува од една книга на друга, од една страница на друга. Вагнер е тип на ограничен педант, без високи идеали и возвишени цели. Тој е тип на бесплоден научник кој собира знаење, но со него не го проширува својот видик, не внесува во светот нови идеи. Додека Фауст го мачат љубопитни и немирни мисли, Вагнер е задоволен со своето количество на знаење.
Мефистофел претставува одрекување. Неговата сатанска смеа постојано го следи Фауст на патот на сомнежот и колебањето. Мефистофел ѝ се потсмева на метафизиката. Тој со саркастична злорадост му објаснува на Фауст: „Ти си само ти! Ти си само човек и залудно се трудиш да излезеш од областа на својата ограничена природа.“ Мефистофел нема позитивни погледи, а неговата улога е единствено да укажува на грешките на човештвото и да се смее над нив. Во името на што го прави ова, ние не знаеме.
Мефистофел може да се смета за персонификација на општествените норми што постоеле во тоа време, т.е. персонификација на хипокризијата на тогашниот морал кој го казнува безмилосно она што излегува од вообичаените норми. Така, според Фридрих и Шајтхауер, Мефистофел е „осамостојување на нагоните на сетилно-натсетилната двојна природа на Фауст што влечат надолу, водат кон распаѓање“. Мефистофел гледа на светот студено, без емоции, зашто добро го разбира сплетот на појавите.[33]
Марија е вистинска јунакиња на минатото, олицетворение на верата и традицијата, наивно, покорно суштество, девојка која длабоко верува, која не се мачи да продре во суштината на религијата, која нема смелост во своите врувања да внесе критичка мисла: таа свето ја почитува надворешната, формалната страна на животот.
Грета не само што е тип на своето време, туку е светски тип, девојка која има цел бројни претходнички, почнувајќи од Шекспировата Дездемона, но и редица следбенички. Таа е олицетворение на женственоста со сите нејзини позитивни и негативни одлики. Почитта и невиноста, скромноста и добротата се слеваат кај неа со нејзиниот тесен поглед, со отсуството на секаква самостојност, со ропската покорност пред авторитетот, со отсуство на навика и способност да мисли.
Првобитната замисла на Гете била љубовницата на Фауст да биде некоја принцеза, но подоцна тој се одлучил за девојка од народот за која како модел му послужила неговата љубовница Фредерика Брион. До оваа промена дошло поради тоа што Гете сакал да прикаже суштество кое е ослободено од расипаноста на високото општество.[34]
Инспирација
уредиПрашањето дали Фауст навистина постоел, останува отворено. Според податоците собрани од научниците кои го признаваат постоењето на Фауст, тој се родил во Книтлинген во Виртемберг, се прославил во Германија со волшебништво и магија, а умрел околу 1540 година. Личноста на Фауст се поврзува со многу градови. Во Лајпциг, во еден познат вински подрум и денес на ѕидот стои слика поставена во 1525 година, која го претставува Фауст на винско буре.
Првата книга за Фауст потекнува од 1587 година, а била испечатена во Франкфурт на Мајна. Во 1599 година, Георг Видман ја објавил својата обемна книга за Фауст (671 страници in quarto) со наслов „Вистински истории за грозните и одвратните гревови и пороци, како и за многу необичните и чудните авантури на докторот Јохан Фауст“. Следната книга за Фауст се појавила во 1674 година, а нејзин автор бил Николаус Пфицер. Новина во оваа книга е укажувањето на книгата за Хиоб, во која сатаната му предлага на бога да ја стави на проба верата на Хиоб, а овој мотив Гете го искористил во својот “Пролог на небото“. Имено, познато е дека во времето кога го пишувал прологот, Гете ја зел оваа книга од Вајмарската библиотека. Педесет години подоцна, во 1725 година, се појавила книгата „Човек што мисли христијански“ од анонимен автор. Таа е уште пократка од книгата на Пфицер, а во неа преовладуваат идеите од Просветителството. Во драмските дела, сижето за Фауст прв го обработил англискиот писател Кристифор Марлоу во делото „Трагичната историја на докторот Фауст“ (The tragical history of Dr. Faust) кое било премиерно прикажано во Лондон, во 1589 година. На преминот од 16 во 17 век, еден англиски патувачки театар ја посетил Германија прикажувајќи ја пиесата за Фауст, која била упростена обработка на трагедијата на Марло. Така, познато е дека на 10 февруари 1608 година, оваа пиеса била прикажана во Грац, а во 1626 година во Дрезден. Потоа, во втората половина на 17 век, пиесата за Фауст се прикажувала низ целата Германија, и тоа во различни преработки, со цел да се задоволи вкусот на публиката, но и барањата на власта. Познато е дека една од овие верзии, Гете ја гледал во Франкфурт во 1768 година, а потоа и во Стразбур во 1770 година. Лесинг бил првиот германски писател кој се обидел да создаде драма за Фауст, но тој напишал само неколку фрагменти. Така, според нацртот на неговата трагедија, на крајот од драмата, еден ангел требало да им каже на ѓаволите: „Не славете, вие не ги победивте човештово и науката; божеството не му го даде на човекот најблагородниот нагон за да може засекогаш да го направи несреќен...“ Потоа, пред „Фауст“ на Гете, во Германија се појавиле и други дела кои го обработувале сижето за Фауст, како: „Јохан Фауст“ на Паул Вајдман (1775), „Фаустовиот живот“ на Фридрих Милер (само одделни сцени, 1776-1778), драматизацијата на темата за Фауст од Фридрих Шинк (1778-1804), „Доктор Фауст“ на Јулиус Хајнрих фон Зоден (1797), итн.[35]
Создавањето на делото
уредиПритоа, познато е дека Гете работел на „Фауст“ долго време и со многу колебања. Така, уште во младоста (1768-1775), тој го обработил сижето на драмата, а оваа обработка во науката се нарекува „Прафауст“ (Urfaust),[36] а по неа Гете напишал и втора верзија од 1788-1790, позната како „Фауст, еден фрагмент“ (Faust, ein Fragment). Првата верзија била напишана во текот на последните три години од престојот на Гете во Франкфурт, но постојат индиции дека некои сцени се напишани претходно. Долго време, за „Прафауст“ се знаело само врз основа на сведочењето на луѓето пред кои Гете го читал ова дело. Така, пријателот на Гете, Бое во својот дневник од септември 1774 година запишал: „Неговиот „Д-р Фуст“ е речиси готов и ми се чини дека е најголемата и најнеобичната творба од сите други“. Меѓутоа, сто години подоцна, неочекувано бил пронајден еден ракопис на оваа верзија, препишан од дворската писарка Гехаузен. Оваа верзија почнува со ноќниот монолог на Фауст, а продолжува со неговиот дијалог со Вагнер, дијалогот на Мефистофел со студентот, сцената од визбата на Ауербах, а најпосле е сцената со Грета до нејзиното затворање.[37]
Постојат податоци дека Гете ја читал оваа верзија и по преселбата во Вајмар, во ноември 1775 година. Исто така, во едно неговот писмо од 1 март 1788 година, кое е наведено во „Италијанските патувања“, Гете пишува: „Прво направив план за 'Фауст' и се надевам дека оваа операција ми е успешна...“ Ова сведоштво потврдува дека Гете се навратил на „Фауст' по 13 години од првата верзија, но овојпат со точно утврден план. Тогаш, Гете ги вметнал сцените „Вештерска кујна“ и „Шума и пештера“. Со овие сцени, со некои измени во верзијата од „Прафауст“ и со додавањето на сцената со катедралата како завршна, во 1790 година, издавачката куќа „Гешен“ го објавила текстот со наслов „Фауст, еден фрагмент“, како седми том од Гетеовите дела. Подоцна, Гете повторно се навратил на „Фауст“, и тоа како резултат на постојаното убедување од Шилер, кому „Фауст, еден фрагмент“ му делувал како „торзото на Херкул“, зашто ликот на Фауст воопшто не се појавува во последната сцена. Гете немал сила да го доработи делото, но му одговорил на Шилер дека „доколку во иднина нешто сторам во таа смисла, тоа секако ќе биде Ваша заслуга“.[38]
Гете го остварил ветувањето дури во јуни 1797 година, кога заминал во Швајцарија, а оттаму, на 22 јуни му испратил писмо на Шилер во кое го известил дека „...се решив да се зафатам со 'Фауст' и ако не го завршам, барем да го поттурнам напред за еден добар дел, со тоа што... поточно ќе го подготвам изведувањето на планот, кој всушност е само идеја.“ Два дена подоцна, Гете напишал 32 стиха со наслов „Посвета“ со која почнува дефинитивната верзија со насловот „Фауст, прв дел“, а малку подоцна ги напишал и „Предигра во театарот“ и „Пролог на небо“ (оваа сцена својата дефинитивна верзија ја добила три години подоцна). Потоа, во текот на три години (1797-1800), Гете ги завршил следниве сцени: „Пред портата“, „Собата на Фауст“ (со големиот монолог), „Валпургиската ноќ“, „Ноќ“ (со смртта на Валентин) и „Затворот“. Дефинитивната верзија на првиот дел од „Фауст“ датира од 1801 година, но таа била објавена дури во 1808 година, а во 1800 година на Гете му се родила идејата за вториот дел на „Фауст“ при што тој дури напишал и скици за некои сцени со Елена. Така, создавањето на „Фауст, прв дел“ траело вкупно 25 години, така што во 1805 година, по повод појавата на неговите собрани дела, тој ја најавил дефинитивната верзија на „Фауст, прв дел“ со зборовите: „Фауст, зголемен за половина“.[39] Според сведочењето на самиот Гете, во староста, неговата продуктивност се намалила и тогаш пишувал само периодично и под определени околности: на пример, на вториот дел од „Фауст“ работел само во текот на утрото, па и тогаш пишувал само „колку што може да се напише на дланката на едната рака“ или, во најдобар случај, само една страница.[40]
Колку бил Гете преокупиран со работата врз „Фауст“ сведочи неговата забелешка во дневникот од 22 јули 1831 година: „Мојата главна творба е готова“, а потоа на неговиот пријател Екерман му рекол: „Она што уште ми останува да живеам, за мене е чист подарок, и сега ми е всушност сеедно дали ќе создадам уште нешто“.[41]
Осврт кон делото
уредиГете работел на „Фауст“ околу 60 години и во него може да се согледаат сите фази низ кои поминал во поетскиот развој. Неговата првобитна идеја била во рамките на легендата за Фауст да го опише сопствениот духовен развој. Во првиот дел преовладуваат сцени во кои се сменуваат нежните и стравичните елементи, а тежиштето се состои во приказот на внатрешната борба меѓу сетилната и духовната природа на човекот. Централната порака на вториот дел е сознанието дека вистинската среќа на човекот се состои во пожртвуваната работа за доброто на другите. Притоа, овој дел е исполнет со многу алегории, од кои некои не се расветлени до ден-денес. Исто така, многу книжевни критичари сметаат дека овој дел не го достигнал уметничкото ниво на првиот дел и на другите познати дела на Гете.[42]
Барањето на смислата на животот е основната тема што јасно се провлекува во првиот дел од „Фауст“. Притоа, легендата за Фауст го ослободила Гете од религиозните рамки и му овозможила врз неа да ги накалеми своите искуства и погледи на светот. Исто како д-р Фауст, и Гете следел два пата, емоционално низ поезијата и експериментално низ науката, за да ја открие суштината на природата. Уште на почетокот на делото, Гете дава остра критика на тогашната состојба во науката и философијата и му се потсмева на германскиот граѓански морал. Вториот дел на „Фауст“ логично се надоврзува на првиот со кого прави целина, иако меѓу нив има остра структурна граница. Притоа, развојот на дејството е насочено така што решението на проблемот на смислата на животот е дадено во вториот дел, а тоа е творењето. Во „Фауст“, Гете го применува дијалектичкиот метод во развојот на дејството и на ликовите. Во прв ред, тоа се однесува на ликовите на Фауст и Грета, кои се во постојана борба со реалноста, прикажана во ликот на Мефистофел, но секогаш се стремат кон возвишеното.[43]
Самиот Гете, во писмото до Екерман од 6 мај 1827 година за „Фауст“ напишал: „Впрочем, Германците се чудни луѓе!... Тие доаѓаат и прашуваат какви идеи сакав да овоплотам во мојот 'Фауст'. Божем самиот јас тоа го знам и божем би можел тоа да го искажам!... Тоа што ѓаволот го губи облогот и тоа што еден човек кој... се стреми кон нешто поубаво, може да се спаси, е навистина добра мисла што има дејство и понешто објаснува, но тоа не е идеја што се наоѓа во целината и во секоја одделна сцена посебно.“[44][45]
Според Гете, „Фауст“ е нешто сосема инкомензурабилно (неизмерливо) и залудни се сите обиди тој да се доближи до разумот. Фауст е толку чуден поединец, што само малкумина можат да ги почувствуваат неговите душевни состојби. Од друга страна, карактерот на Мефистофел е, исто така, нешто тешко поради иронијата и како резултат на големото животно искуство. Притоа, првиот дел е сосема субјективен, зашто сè во него произлегло од многу збунет и страстен поединец, но во вториот дел нема речиси ништо субјективно, туку таму се појавува повисокиот, поширок и посветол Свет, така што секој кој нема малку повеќе да се потруди, нема ниту да го разбере.[46] Според сведоштвоот на самиот Гете, мрачната состојба и очајот на Фауст, како и љубовните чувства на Грета ги напишал врз основа на сопствените доживувања, додека за другите работи многу му помогнало набљудувањето на природата.[47]
Значење и влијание
уредиПојавата на првиот дел на „Фауст“ предизвикала големо внимание како во Германија така и во странство. Така, во своите предавања по естетика, Хегел го опишал делото како „апсолутна философска трагедија во која... трагичниот обид за посредување на субјективното знаење и стремење кон апсолутното... ѝ дава на содржината широчина каква што никој порано не се осмелил да опфати во едно единствено дело“. Во својата книга „Романтичарската школа“, Хајне го поистоветува Фауст со целата германска нација, зашто „тој најпосле со својот дух ја сфати недоволноста на духот и се стреми кон материјалните уживања и на месото му ги враќа неговите права... Во тој случај, револуцијата станува големата ќерка на реформацијата.“ Во сличен тон, Рудолф Винбарг, во својата книга „Естетски походи“ вели дека „Фауст е Германија што се бори за ослободувањето, дури тој е ослободената Германија, која однапред е свесна за победата на својата слобода, Фауст е првиот навестувач на таа победа и истовремено гаранција за неа“.[48]
Гетеовиот „Фауст“ извршил големо влијание и врз многу писатели. На пример, во новелата „Кротка“ на Достоевски, главниот машки лик (раскажувачот) го цитира делот во кој Мефисто му се претставува на Фауст со зборовите: „јас сум дел на оној дел од целината која сака да прави зло, но меѓутоа прави добро...“[49] Исто така, една песна на рускиот поет Александар Пушкин носи наслов „Сцена од Фауст“.[50]
Изданија на македонски јазик
уредиВо 1989 година, неколку издавачки куќи (Култура, Македонска книга, Мисла и Наша книга) заедно го објавиле првиот дел на „Фауст“, во едицијата „Странски и југословенски автори“. Преводот од германски јазик го направил Душан Томовски, ликовното уредување е дело на Методија Николовски, а книгата е испечатена во печатницата „Киро Дандаро“ од Битола. Книгата е со димензии од 20 сантиметри и има 248 страници. Таа е каталогизирана во НУБ „Климент Охридски“, Скопје, но без меѓународната ознака ISBN.[1]
Надворешни врски
уреди- Faust, Part 1 на Проектот „Гутенберг“ (German)
- Faust, Part 2 на Проектот „Гутенберг“ (German)
- Faust, Part 1 на Проектот „Гутенберг“ (1912 English translation by Bayard Taylorl)
- Faust, Part 1 and 2 Архивирано на 3 март 2016 г. English translation from Project Gutenberg in a modern design
- Faust full text Архивирано на 31 март 2013 г. in German and English side-by-side (translations: Priest, Brooks and Coleridge)
- Faust available at Семрежен архив, scanned illustrated books
- Faust, Part II Архивирано на 5 август 2011 г. available at digbib.org (German)
- Faust, Pt. 1 available at Google Books (1867 English translation by John Wynniatt Grant)
- Faust, Pt. 1 available at Google Books (1908 English translation by Abraham Hayward with illustrations by Willy Pogany)
- Notes, explanation, and commentary on the work Архивирано на 3 август 2011 г. In English, with excerpts from the German translated into English
Наводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 Јохан Волфганг Гете, Фауст. Скопје: Култура, Македонска книга, Мисла, Наша книга, 1989.
- ↑ Јохан Волфганг Гете, Фауст. Скопје: Култура, Македонска книга, Мисла, Наша книга, 1989, стр. 5-6.
- ↑ Јохан Волфганг Гете, Фауст. Скопје: Култура, Македонска книга, Мисла, Наша книга, 1989, стр. 7-13.
- ↑ „Коментари“ во: Јохан Волфганг Гете, Фауст. Скопје: Култура, Македонска книга, Мисла, Наша книга, 1989, стр. 209.
- ↑ Јохан Волфганг Гете, Фауст. Скопје: Култура, Македонска книга, Мисла, Наша книга, 1989, стр. 14-18.
- ↑ Јохан Волфганг Гете, Фауст. Скопје: Култура, Македонска книга, Мисла, Наша книга, 1989, стр. 19-34.
- ↑ Јохан Волфганг Гете, Фауст. Скопје: Култура, Македонска книга, Мисла, Наша книга, 1989, стр. 34-48.
- ↑ Јохан Волфганг Гете, Фауст. Скопје: Култура, Македонска книга, Мисла, Наша книга, 1989, стр. 48-60.
- ↑ Јохан Волфганг Гете, Фауст. Скопје: Култура, Македонска книга, Мисла, Наша книга, 1989, стр. 61-82.
- ↑ Јохан Волфганг Гете, Фауст. Скопје: Култура, Македонска книга, Мисла, Наша книга, 1989, стр. 82-98.
- ↑ Јохан Волфганг Гете, Фауст. Скопје: Култура, Македонска книга, Мисла, Наша книга, 1989, стр. 98-111.
- ↑ Јохан Волфганг Гете, Фауст. Скопје: Култура, Македонска книга, Мисла, Наша книга, 1989, стр. 111-115.
- ↑ Јохан Волфганг Гете, Фауст. Скопје: Култура, Македонска книга, Мисла, Наша книга, 1989, стр. 115-119.
- ↑ Јохан Волфганг Гете, Фауст. Скопје: Култура, Македонска книга, Мисла, Наша книга, 1989, стр. 120-122.
- ↑ Јохан Волфганг Гете, Фауст. Скопје: Култура, Македонска книга, Мисла, Наша книга, 1989, стр. 122-131.
- ↑ Јохан Волфганг Гете, Фауст. Скопје: Култура, Македонска книга, Мисла, Наша книга, 1989, стр. 131-134.
- ↑ Јохан Волфганг Гете, Фауст. Скопје: Култура, Македонска книга, Мисла, Наша книга, 1989, стр. 134-142.
- ↑ Јохан Волфганг Гете, Фауст. Скопје: Култура, Македонска книга, Мисла, Наша книга, 1989, стр. 142-144.
- ↑ Јохан Волфганг Гете, Фауст. Скопје: Култура, Македонска книга, Мисла, Наша книга, 1989, стр. 144-149.
- ↑ Јохан Волфганг Гете, Фауст. Скопје: Култура, Македонска книга, Мисла, Наша книга, 1989, стр. 149-151.
- ↑ Јохан Волфганг Гете, Фауст. Скопје: Култура, Македонска книга, Мисла, Наша книга, 1989, стр. 151-157.
- ↑ Јохан Волфганг Гете, Фауст. Скопје: Култура, Македонска книга, Мисла, Наша книга, 1989, стр. 157-159.
- ↑ Јохан Волфганг Гете, Фауст. Скопје: Култура, Македонска книга, Мисла, Наша книга, 1989, стр. 159-160.
- ↑ Јохан Волфганг Гете, Фауст. Скопје: Култура, Македонска книга, Мисла, Наша книга, 1989, стр. 161-168.
- ↑ Јохан Волфганг Гете, Фауст. Скопје: Култура, Македонска книга, Мисла, Наша книга, 1989, стр. 168-170.
- ↑ Јохан Волфганг Гете, Фауст. Скопје: Култура, Македонска книга, Мисла, Наша книга, 1989, стр. 170-187.
- ↑ Јохан Волфганг Гете, Фауст. Скопје: Култура, Македонска книга, Мисла, Наша книга, 1989, стр. 187-194.
- ↑ Јохан Волфганг Гете, Фауст. Скопје: Култура, Македонска книга, Мисла, Наша книга, 1989, стр. 195-197.
- ↑ Јохан Волфганг Гете, Фауст. Скопје: Култура, Македонска книга, Мисла, Наша книга, 1989, стр. 197-198.
- ↑ Јохан Волфганг Гете, Фауст. Скопје: Култура, Македонска книга, Мисла, Наша книга, 1989, стр. 198-208.
- ↑ Душан Томовски, „Поговор“, во: Јохан Волфганг Гете, Фауст. Скопје: Култура, Македонска книга, Мисла, Наша книга, 1989, стр. 241-244.
- ↑ J. P. Ekerman, Razgovori sa Geteom: Poslednjih godina njegova života. Beograd: Rad, 1960, стр. 5.
- ↑ Душан Томовски, „Поговор“, во: Јохан Волфганг Гете, Фауст. Скопје: Култура, Македонска книга, Мисла, Наша книга, 1989, стр. 242-243.
- ↑ Душан Томовски, „Поговор“, во: Јохан Волфганг Гете, Фауст. Скопје: Култура, Македонска книга, Мисла, Наша книга, 1989, стр. 243.
- ↑ Душан Томовски, „Поговор“, во: Јохан Волфганг Гете, Фауст. Скопје: Култура, Македонска книга, Мисла, Наша книга, 1989, стр. 232-235.
- ↑ Душан Томовски, „Поговор“, во: Јохан Волфганг Гете, Фауст. Скопје: Култура, Македонска книга, Мисла, Наша книга, 1989, стр. 230.
- ↑ Душан Томовски, „Поговор“, во: Јохан Волфганг Гете, Фауст. Скопје: Култура, Македонска книга, Мисла, Наша книга, 1989, стр. 235-236.
- ↑ Душан Томовски, „Поговор“, во: Јохан Волфганг Гете, Фауст. Скопје: Култура, Македонска книга, Мисла, Наша книга, 1989, стр. 236.
- ↑ Душан Томовски, „Поговор“, во: Јохан Волфганг Гете, Фауст. Скопје: Култура, Македонска книга, Мисла, Наша книга, 1989, стр. 236-237.
- ↑ J. P. Ekerman, Razgovori sa Geteom: Poslednjih godina njegova života. Beograd: Rad, 1960, стр. 9-10.
- ↑ Душан Томовски, „Поговор“, во: Јохан Волфганг Гете, Фауст. Скопје: Култура, Македонска книга, Мисла, Наша книга, 1989, стр. 230-231.
- ↑ Dragoslava Perišić, „Pogovor“, во: Johan Volfgang Gete, Pesme. Beograd: Rad, 1964, стр. 121-122
- ↑ Душан Томовски, „Поговор“, во: Јохан Волфганг Гете, Фауст. Скопје: Култура, Македонска книга, Мисла, Наша книга, 1989, стр. 238-240.
- ↑ Душан Томовски, „Поговор“, во: Јохан Волфганг Гете, Фауст. Скопје: Култура, Македонска книга, Мисла, Наша книга, 1989, стр. 231-232.
- ↑ J. P. Ekerman, Razgovori sa Geteom: Poslednjih godina njegova života. Beograd: Rad, 1960, стр. 7-8.
- ↑ J. P. Ekerman, Razgovori sa Geteom: Poslednjih godina njegova života. Beograd: Rad, 1960, стр. 9.
- ↑ J. P. Ekerman, Razgovori sa Geteom: Poslednjih godina njegova života. Beograd: Rad, 1960, стр. 19.
- ↑ Душан Томовски, „Поговор“, во: Јохан Волфганг Гете, Фауст. Скопје: Култура, Македонска книга, Мисла, Наша книга, 1989, стр. 231
- ↑ „Кротка“ во: Ф. М. Достојевски, Новеле. Народна просвета, Београд, 1933, стр. 23.
- ↑ A. S. Puškin, Lirika. Rad, Beograd, 1979, стр. 119-123.