Пештера претставува подземна шуплина во која не допира или незначително допира дневна светлина со претежно хоризонтално протегање во внатрешноста на карбонатните терени. Настануваат со комбинирано дејство на механичката и хемиската ерозија на подземните водни текови кои денес или некогаш протекувале низ нив и се состојат од пештерски канали и сали.[1]

Пештера
Пештера
Пештера

Пештерски делови

уреди
  • Пештерски канал претставува дел од пештерската шуплина, со скоро праволиниско протегање, чија должина неколкупати ја надминува неговата ширина и висина. Во зависност од големината и формата на каналот во еден пештерски систем, се разликуваат главен, спореден и слеп канал. Лесно прооден пештерски канал се нарекува ходник или галерија.
  • Пештерска сала е поголемо проширување во пештера: ширина и висина од неколку метри до неколку десетина метри. Обично се наоѓа на места каде се спојуваат неколку пештерски канали, а може да настане со рушење на таваницата или поедини катови на пештерски канали. Се смета дека некои сали се формирани со корозија (хемиска, карстна ерозија) на мешана вода при спојување на два или повеќе подземни текови.

На таваниците во пештерските канали или сали често се среќаваат вертикални канали - оџаци кои во висина се стеснуваат и завршуваат.[2]

Видови

уреди

Проста пештера се состои од еден канал или подземна просторија, додека сложена се состои од повеќе канали и сали (пештерски систем). Каналите на една пештера можат да бидат распореден и во повеќе нивоа. Во тој случај станува збор за катни (етажни) пештери, чии најниски канали се најмлади и по правило со најактивна хидрографска функција, додека највисоките се надвор од хидрографска функција.

Во зависност од тоа дали во нив постои речен тек се делат на суви (фосилни) и речни (активни) пештери. Речните пештери се наоѓаат во активна фаза на изградување и во зависност од хидрографската функција се делат на понорски, кои претсавуваат понири на површинските водотеци и сифонски од кои избива вода на површината (карстни извори). Според режимот на подземниот тек речните пештери се делат на постојани и периодични. Сувите пештери претставуваат фосилни пештери кои се наоѓаат надвор од секаква хидрографска функција и нивната натамошна еволуција е поврзана за дејството на водата прокапница и уривањето на карпестиот материјал од таваниците.

Со процесот на рушење на таваниците пештерите постепено се уништуваат и како завршна фаза во еволуцијата на речните пештери остануваат прерасти – лаковидни делови во вид на природни мостови и прозорци – заостанати делови од пештерските канали при целосно уништување на пештерите.

Пештерата како тема во уметноста и во популарната култура

уреди
  • „Спелеолози“ — кус расказ на австрискиот писател Томас Берхнард од 1978 година.[3]
  • „Пештера“ (шпански: Cueva) — песна на шпанскиот поет Федерико Гарсија Лорка.[4]
  • „Пештера“ — песна на полската поетеса Вислава Шимборска.[5]
  • „Пештерите на Алтамира“ (англиски: The Caves Of Altamira) — песна на американската рок-група Стили Ден (Steely Dan) од 1976 година.[6]
  • „Во шпанската пештера“ (англиски: In The Spanish Cave) — музички албум на американската рок-група Тин вајт роуп (Thin White Rope) од 1988 година.[7]

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. Makedonsko geografsko društvo (1989). Географски разгледи (27-30. изд.). Društvo.
  2. John Burcham. „Learning about caves; how caves are formed“. Journey into amazing caves. Project Underground. Архивирано од изворникот на 2009-05-03. Посетено на 8 септември 2009.
  3. Томас Бернхард, Имитатор на гласови. Скопје: Темплум, 2008, стр. 23-24.
  4. Федерико Гарсија Лорка, Неверна жена. Скопје: Македонска книга, Култура, Мисла, Наша книга, 1982, стр. 29.
  5. Vislava Šimborska, Izabrane pesme. Beograd: Treći trg, 2014, стр. 127-128.
  6. [htttps://www.discogs.com/master/16969-Steely-Dan-The-Royal-Scam Steely Dan – The Royal Scam (пристапено на 20.4.2024)]
  7. Thin White Rope – In The Spanish Cave (пристапено на 30.12.2023)