Кротка (руски: Кроткая) - новела од рускиот писател Фјодор Михајлович Достоевски прв пат објавена во 1876 година.

Содржина уреди

Новелата „Кротка“ се состои од две глави, секоја со по неколку делови:

Прва глава
  1. Кој бев јас и која беше таа
  2. Брачната понуда
  3. Најблагородниот човек, но и самиот во тоа не верувам
  4. Само планови и планови
  5. Кротка се буни
  6. Страшниот спомен
Втора глава
  1. Сонот на гордоста
  2. Превезот наеднаш падна
  3. Премногу разбирам
  4. Задоцнив само пет минути


Во делото се опишува односот меѓу мажот и жената која штотуку извршила самоубиство. Новелата е напишана во прво лице еднина при што, шест часа по смртта на сопругата, главниот јунак прави ретроспектива на нивниот заеднички живот, обидувајќи се да ја открие причината за самоубиството. Тој е поранешен офицер, кој си дал оставка од армијата по еден немил настан, кога одбил да предизвика друг офицер на двобој. Потоа, тој поминал неколку години во очај и во најголема беда, но среќата му се насмевнала кога добил наследство со кое отворил заложна куќа. Со таа работа се зафатил во знак на одмазда кон општеството кое го отфрлило, а неговиот план бил да собере доволно пари и тогаш да замине далеку од градот во кој живеел.

Еден ден, кај него дошла млада девојка на возраст од околу 15-16 години, која, притисната од сиромаштијата, сакала да заложи некои предмети. Уште при првите неколку средби, тој се заинтересирал за девојката и подоцна се оженил со неа. На почетокот од нивната врска, таа била многу среќна, но тој бил строг кон неа, особено во поглед на финансиските работи. Како последица на тоа, нивната врска започанла да спласнува и поголемиот дел од животот го поминувале во молчење. Постепено, девојката почнала да се буни против таквиот начин на живот и започнала да му пркоси, отворено да му се потсмева на неговото минато, да му се меша во работата на заложната куќа и најпосле, по цели денови самостојно да излегува надвор од домот. Најпосле, во знак на протест, таа се обидела да започне љубовна врска. Нејзиниот сопруг дознал за тоа и тајно го прислушнувал разговорот меѓу неа и еден офицер во кој таа, не можејќи да оди против својата природа, грубо ја одбила љубовната понуда.

По тој настан, двајцата живееле одвоено во станот и речиси не зборувале меѓу себе, а девојката била цело време потиштена поради „неверството“ во кое била фатена. Еднаш, таа го зела револверот и го ставила на слепоочницата на нејзиниот сопруг, со намера да го убие, но немала сила да го направи тоа. Тој настан, сопругот си го протолкувал како своја конечна победа над неа, а таа паднала во тешка болест. Дури тогаш, кај него се разбудиле чувствата и тој започнал да се грижи за неа и да ја лекува. Еден ден, кога ја слушнал како пее, тој сфатил дека нејзината љубов исчезнала и дека мора да го промени својот однос кон неа. Така, тој паднал пред неа на колена, ја молел за прошка и ѝ ветувал среќна иднина, па дури ја затворил и заложната куќа. Меѓутоа, слабата девојка не можела да го издржи тешкиот психички товар и, за време не неговото кратко отсуство од домот, се фрлила од прозорецот.[1] [2]

За делото уреди

Новелата „Кротка“ е едно од подоцнежните дела на Достоевски. Таа е напишана според вистински настан за кој Достоевски дознал од петербуршките весници - самоубиството на млада, сиромашна девојка, која скокнала од прозорецот, држејќи ја семејната икона во рацете. Во новелата, Достоевски ја слика бурната драма на судирот меѓу две личности, меѓу два пола, меѓу две генерации. Новелата го покажува мајсторството на Достоевски во длабинското продирање во човековата психа, како да го снима процесот на мислење и функционирањето на психичките механизми. Евоцирајќи го заедничкито живот со младата жена, главниот лик постојано запаѓа во контрадикции, со што докажува дека не постои еден став, една вистина и еден начин на гледање на работите, туку секогаш постојат најмалку две точки на гледишта. Според некои аналитичари, во ова дело на најдобар начин се манифестира најважнито раскажувачки принцип на Достоевски - принципот на изнесување на гледиштата „за“ и „против“.[3]
Во предговорот, авторот вели дека ѝ дал поднаслов „фантастична“ иако ја смета за реална, бидејќи во неа фантастичното е реално, и тоа токму во самата форма на приказната, т.е. во самата постапка на пишувањето авторот си претпоставува постоење невидлив „стенограф“ кој ги запишува мислите на главниот јунак. Во тој поглед, Достоевски се повикува на Виктор Иго, кој ја применил истата постапка во делото „Последниот ден на осуденикот на смрт“.[4]

Изданија на македонски јазик уреди

Издание на „Панили“ од 2006 уреди

Во 2006 година, издавачката куќа „Панили“ го објавила делото „Кротка“, во превод на Златко Иванов. Книгата е каталогизирана во НУБ „Св. Климент Охридски“ - Скопје и ја носи меѓународната ознака ISBN 9989-48-674-3. Книгата е отпечатена во мал формат (19 сантиметри), во мек повез и има 68 страници. Лектурата ја извршила Анета Велкоска.[1]

Значење и влијание уреди

Во 2017 година, украинскиот режисер Сергеј Лозница го снимил истоимениот филм кој е инспириран од новелата на Достоевски, иако дејствието на филмот целосно се разликува од новелата.[5]

Наводи уреди

  1. 1,0 1,1 Фјодор Михајлович Достоевски, Кротка. Скопје: Панили, 2006.
  2. „Кротка“ во: Ф. М. Достојевски, Новеле. Народна просвета, Београд, 1933.
  3. З. И., „Кротка на Фјодор М. Достоевски“, во: Фјодор Михајлович Достоевски, Кротка. Скопје: Панили, 2006, стр. 65-68.
  4. „Збор на авторот“, во: Фјодор Михајлович Достоевски, Кротка. Скопје: Панили, 2006, стр. 5-6.
  5. HRT, Krotkaya,franc.-njem.-rusko-litvan.-nizoz.-ukrajinski film (пристапено на 29.9.2019)