Пекол или адрелигиозен поим што означува место во кое, по смртта, одат душите на луѓето што правеле гревови за време на животот. Пеколот е категорија што се јавува во речиси сите поголеми религии.

Пеколот во старогрчката митологија

уреди

Старите Грци го нарекувале пеколот Тартар.[1]

Пеколот во христијанството

уреди

Според една средновековна легенда, господарот на пеколот, Луцифер, паднал од небото на јужната полутопка со главата надолу, а преплашената земја се тргнала и така пред него настанал пеколот, а зад него чистилиштето. Оттука, ако се влезе во пеколот од северната полутопка, Луцифер стои на нозете, а ако се гледа од јужната полутопка, тој стои наопаку, т.е. со стапалата нагоре.[2]

Сфаќањата за пеколот во книжевноста од раниот среден век

уреди

Карактеристично за средновековната книжевност од раниот среден век (VIVIII век), како во делата на Григориј I, Григориј Турски, Беда Многупочитуван, Римберт и Бонифациј, е тоа што описите на пеколот се нејасни, фрагментарни и без многу детаљи. Уште повеќе, во „Анскаровата визија“, дело на Римберт од IX век, пеколот е опишан без никакви маки, туку во него грешниците чувствуваат само потиштеност и страв, но не се изложени на физички измачувања.[3] Исто така, раните средновековни свештени писатели не давале сигурен одговор ниту на прашањето: Каде се наоѓа пеколот? Некои сметале дека тој се наоѓа некаде на Земјата, додека други мислеле дека се наоѓа под површината на земјата. На пример, поаѓајќи од етимологијата на зборот „пекол“ (латински: infernum), папата Григориј I сметал дека пеколот се наоѓа под земјата. Всушност, во раниот Средне век било раширено верувањето, под влијание на антиката, дека вулканските кратери на Сицилија претставуваат влез во подземниот свет. Уште повеќе, во легендите за патувањата на св. Брендан (кој живеел во V-VI век) се споменува дека Ветената земја (рајот) не е просторно одделена од живеалиштето на нечистата сила, т.е. дека патот до рајот лесно може да доведе до пеколот. Така, во легендата за патувањата на Брендан и калуѓерите по „островите на блажените“ се вели дека на еден остров се потковувале душите на грешниците, а на една карпа го сретнале Јуда Искариотски кој во недела се одмарал од пеколните маки, а кога ќе истечел рокот, него го земале демоните и го носеле во пеколот.[4]

Пеколот е опишан во „Дијалозите“ на папата Григориј I, кој раскажува за судбината на еден човек кого откако умрел го фатиле одвратни луѓе на кои им излегувал пламен од устата и од носот и кои го однеле во некои мрачни места. Притоа, папата не дава поточно објаснување каде се наоѓа пеколот ниту за неговото уредување, освен дека во него гори оган и дека осудениците се подложни на разни казни во согласност со нивните гревови, и дека на нивните маки им нема крај. Според тоа, може да се заклучи дека кон крајот на VI век ниту високите свештеници немале јасна претстава за пеколот, т.е. вообичаената слика за него е изградена многу подоцна.[5] Подетална слика на пеколот дал Григориј Велики (кој умрел и воскреснал), кој раскажува дека бил пренесен преку еден мост кој висел над црна и смрдлива матица при што само праведниците можеле да го поминат мостот, одека грешниците паѓале во смрдливата вода.[6] Описот на пеколот се среќава и кај Григориј Турски, кој имал визија дека бил на местата во кои тече огнена река во која се наоѓале многу луѓе - некои биле потопени до колковите, други од брадата, а некои до рамената при што сите стенкале и викале од големите маки што ги трпеле. Над реката висел мост, толку тесен што на него едвај можело да се чекори со едното стапало.[7]

И во делото „Црковна историја на Англите“ на Беда Многупочитуван се среќава описот на пеколот. На пример, авторот ја опишува визијата на Ирецот Фурса, кој видел мрачна долина и над неа четири огна: огнот на лагата, огнот на користољубието, огнот на раздорот и огнот на неправедноста и на нечесноста. Исто така, Фурса ги видел и демоните кои летале во пламенот. Слично на тоа, Беда Многупочитуван ја опишува и визијата на некој Дриктхелм кој видел одвратен пламен што бучно излегувал од еден огромен бунар и повторно паѓал во него; огнените јазици биле полни со човечки души кои се кревале нагоре како искри, но бунарот повторно ги голтал. На тоа место владеела неиздржчива смрдеа, а група демони со пцовки и извици ги одвлекувале во мрачниот бунар душите кои стенкале и плачеле. Притоа, неколку мрачни духови го опколиле Дриктхелм и тој видел дека нивните очи светеле, а од устата и носот им излегувал пламен. Подоцна, неговиот водич му објаснил дека бунарот е влезот во пеколот.[8]

Често во средновековната книжевност се наведува дека во пеколот се наоѓаат и високите свештеници и владетели кои за време на животот не се однесувале побожно. На пример, во „Ветиновата визија“ се наведува дека во пеколот се мачел неодамна починатиот епископ Аделхејм, двајца грофа и Карло Велики; во „Евхериевото житие“ на Хинкмар од Рем се споменува дека во пеколот се мачи Карло Мартел кој за време на животот ги напаѓал црковните имоти; во „Бернолдовата визија“, во пеколот е сместен Карло Ќелавиот кој за време на животот не ги слушал советите на клерот; Вилијам Мелмсбершки во пеколот ги сместува некои епископи, кралски вазали и кралеви.[9]

Во средновековната книжевност од раниот Среден век, исклучок претставува познатото „Видение Павлово“ за кое се претпоставува дека претставува превод на грчки текст од III век и во кое детаљно се опишани сите оддели на пеколот и сите облици на измачување на грешниците кои се распоредени според тежината на нивните гревови. Авторот на ова дело се повикува на св. Павле, кој набројал 144 000 казни за грешниците при што дури и „сто мажи... од кои секој би имал по четири железни јазици, тие не би можеле да раскажат ниту за една пеколна мака.“ Ужасот на пеколните маки го потврдуваат и другите автори на средновековните визии во кои се вели дека пеколните маки не можат да ги опишат ниту „сто глави со по сто јазици“ ниту „кога сите лисја на дрвјата би се претвориле во јазици“. Меѓутоа, благодарение на залагањето на апостол Павле, грешниците биле ослободени од маките во недела.[10]

Еден од најпознатите и најцелосни описи на пеколот е даден во „Тнугдаловата визија“ (или „Тунгдаловата визија“) од XII век, едно од најсовршениет дела на визионерскиот жанр. Во него се среќава градација на пеколните маки, во согласност со тежината на гревовите и во тој поглед, ова дело се смета за претходник на описот на пеколот што подоцна го дал Данте. Сепак, и во ова дела, пеколот не е организиран, туку претставува само збир од места (планини, долини, мочуришта, јами итн.) кои се одделени со некакви празнини кои Тнугдал и неговиот ангел-водич лесно ги прескокнувале. Всушност, во голем дел од средновековните дела, пеколот е опишан како неповрзана, расцепкана област. Исто така, зачудува тоа што во него постои вообичаеното време, наместо очекувана вечност. На пример, во „Брендановото патување“ јасно се зборува дека грешниците во недела и за време на празниците се ослободени од маките, а тоа се однесува и на самиот Јуда. Притоа, во вторник, четврток и сабота, тој е подложен на измачување во „долниот пекол“, а во понеделник, среда и петок во „горниот пекол“. Во „Адамноновата визија“ се вели дека свештениците кои го прекршиле заветот наизменично, на секој час, се креваат на небото, а потоа се спуштаат во пеколот. Слично, во „Баронтовата визија“, душите кои се мачат во пеколот, секој ден, околу шестиот час, добиваат од рајот мвлем кој им ја обновува снагата. Тнугдал го видел на другиот свет ирскиот крал Кормак Макарти, кој секојдневно три часа бил подложен на пеколните маки. Во визијата на калуѓерот Алберих од Монтекасино е наведено дека на грешниците им е одредена казна од три години, а на грешните свештеници - 60 или 80 години, зависно од рангот. Овие примери покажуваат дека според средновековното сфаќање, и во пеколот постои времето.[11]

Пеколот го опишува и Хонориј Августодунски во делото „Светило“. Според него, постојат два пекола - горен и долен. Горниот пекол, всушност, е овоземниот свет кој е исполнет со маки, возбуда, студ, глад, жед и разни телесни и душевни страдања. Долниот пекол се наоѓа под земјата и во него има девет видови измачувања за грешните души: таму гори вечен оган и владее неиздржлив студ; пеколот врие од црви со страшен изглед, змии и змејови кои живеат во огнот; четвртата мака е неподносливата смрдеа; петтата мака се камшиците на демоните; шестата мака е мракот кој се чувствува; седмата мака е срамот поради гревовите за кои дознале сите и кои не можат да се скријат; осмата мака е страшниот изглед на змејовите и демоните и страшните крици на жртвите и на џелатите; најпосле, деветтата мака се огнените окови со кои се врзани екстремитетите на грешниците. Луѓето кои за време на животот биле заглавени во алчност ќе горат во пеколниот оган; оние кои биле слуги на студенилото на злото ќе се мачат во пеколниот студ; слугите на зависта и омразата ги очекуваат пеколните црви и змии; оние кои уживале во смрдеата на раскошот ги очекува пеколната смрдеа; оние што ги отфрлиле заслужените казни на земјата ќе бидат камшикувани во пеколот; оние кои ја отфрлиле светлината Христова ќе бидат фрлени во пеколниот мрак; оние кои не се срамеле од своите гревови на земјата, во пеколот ќе бидат изложени на општиот срам; оние кои на земјата немале слух за доброто, таму ќе гледаат и слушаат само страшни работи; оние кои биле робови на различни пороци во пеколот ќе бидта оковани со огнените синџири. Во пеколот, грешниците ќе висат со главите надолу, ќе стојат завртени со грбовите еден кон друг, телата ќе им бидат растргнати итн. Вака детаљни одлики на пеколните маки не се среќава во раната теолошка литература, туку Хонориј е првиот кој дал систематизирана и целосна слика на пеколот.[12]

Дантеовиот опис на пеколот

уреди

Веројатно, најпознатиот опис на христијанското сфаќање на пеколот го дал италијанскиот поет Данте Алигиери во неговото дело „Пеколот“. Инаку, пеколот се состои од девет кругови, поставени во облик на превртен конус, така што како што се слегува подлабоко, круговите стануваат потесни. Притоа, грешниците се сместени во соодветните кругови во зависност од тежината на извршените престапи, одејќи од најлесните кон најтешките гревови. Притоа, во „Пеколот“, душите на грешниците имаат способност да ја предвидуваат иднината, но не ја познаваат сегашноста.

Пред да започне вистинскиот пекол се наоѓа првиот круг (Лимб) во кој се наоѓаат луѓето кои не направиле гревови, но кои живееле пред Христа, т.е. биле незнабожци. Тие не се примени во рајот за да не го нагрдат, но не се примени ниту во пеколот, бидејќи грешниците кои се сместени во пеколот би се чувствувале задоволни што се во друштво на луѓе кои не грешеле.[13] Во вториот круг, грешниците (љубовниците и блудниците) постојано ги вее силен ветар. Во третиот круг, лакомите ги врне вечен дожд. На влезот од четвртиот круг на пеколот се наоѓа Плутон, прикажан како демон. Во овој круг се наоѓаат скржавците и оние кои се расфрлале со пари. Тие се движат во круг при што скржавците одат од левата, а другите од десната страна при што се осудени вечно да одат по својот полукруг, среќавајќи се меѓу себе, а потоа повторно го започнуваат своето кружење при што пред себе туркаат тежок товар. Кога ќе се сретнат, двете групи грешници меѓу себе се обвинуваат за нивниот грев. Петтиот круг го претставува смрдливото мочуриште Стикс, кое го опколува огнениот град Дис (Dite). На површината и во горните делови на Стикс се дават бесните, лутите луѓе, додека на дното се мрзеливите. Флегија, лик од старогрчката митологија кој го запалил храмот во Делфи, ги пренесува душите преку Стикс. Градот Дис го сочинува шестиот круг со кој започнува долниот дел од пеколот. Во него се наоѓаат кривоверците. Од градот Дис се слегува во седмиот круг низ една тркалезна стрмнина со разурнати карпи, под дејство на потресот што настанал при слегувањето на Христос во пеколот. Во седмиот круг се насилниците, симонистите (оние кои со помош на пари се пробивале низ црковната хиерархија). На неговиот влез стои Минотаур, а во него пасат кентаури. Тој се дели на три појаси во кои се сместени оние кои правеле насилство против луѓето (тирани, насилници, убијци), против себе (самоубијците) и против бога и природата (богохулници, содомисти, хомосексуалци, лихварите). Во третиот појас, грешниците лежат на вжештен песок. На самиот раб на седмиот круг клечат лихварите.[14]

Во осмиот круг се наоѓаат измамниците, како и оние кои правеле сплетки и внесувале раздор. Чувар на овој круг е митскиот крал Герион. Осмиот круг е поделен на десет концентрични ровови, меѓу себе одделени со бедеми, и распоредени околу еден поток. Во првиот ров се сводниците и заводниците, во вториот ров се ласкавците, потоа симонистите, потоа врачите и лажните пророци, во петтиот ров се подмитливците. Петтиот ров го чуваат ѓаволи кои Данте ги нарекол Malebranche („зли канџи“), а нивниот водач е Злоопашестиот (Malacoda). Другите ѓаволи ги нарекол: Alichino („спуштени крила“), Calcabrina (Газимраз), Cagnazzo (Пес), Barbariccia (Виткана брада), Draghignazzo (Змеиште), Grafficane (Дерипес), Ciriatto sannuto (Забестиот), Libiccoco (нејасно значење) и Farfarello. Во шестиот ров се лицемерите, во седмиот ров се крадците кои се осудени на постојана промена на телото, во осмиот ров се злобните советници, во деветтиот ров се поттикнувачите на граѓански и верски раздори, а во десеттиот ров се фалсификаторите. На преминот од осмиот кон деветтиот круг се наоѓаат титаните. Деветтиот круг (целиот покриен со мраз) — составен од четири појаси: Првиот појас на деветтиот круг се вика Каина, а во него се сместени предавниците на роднините. Вториот појас се вика Антенора, според тројанецот кој го дал предлогот Елена да им ја вратат на Грците и да склучат мир. Во овој појас се предавниците на татковината и на партиите, т.е. политичките предавници. Третиот појас е наречен Толомеја, според библискиот лик Птоломеј кој ги поканил на гости Симон Макавеецот и неговите два сина, а потоа наредил да ги убијат. Во овој појас се предавниците на пријателите, а специфично за него е што во него може да дојде душата уште пред да умре човекот. Низ пеколот тече реката Флегетон или Флегетонт („Огнената река“), која паѓа од седмиот во осмиот круг со голем шум, а незјината вода е матна од крв.[14]

Во средновековното црковно сликарство, пеколот најчесто е прикажан или како отворената уста на библиското чудовиште Левијатан или како голем котел ставен на оган, а околу него демоните со помош на мевови го разгоруваат огнот. Демоните се прикажани како суштества со антропоморфни и зооморфни одлики кои злобно се смеат и со стапови ги тепаат грешниците и ја мешаат пеколната чорба. Притоа, за разлика од книжевноста во која одделните видови грешници трпат различни маки, во сликарството и во скулптурата најчесто не се прави разлика меѓу грешниците, туку ѓаволите ги носат во пеколот сите грешници заедно. Понекогаш, како исклучок се јавуваат алчните луѓе кои се прикажани со паричниците врзани околу вратот. Исто така, во некои композиции се прикажани и владетелите, облечени во свечена облека и со круни на главите. Во продолжение, пеколот е прикажан со многу жаби и змии кои ги касаат грешниците; со измислени чудовишта кои со огромните шепи ги притискаат главите на грешниците или ги растргнуваат со канџите и со забите; грешниците се прикажани со изобличени тела и лица и со гротескни гримаси, итн.[15]

Пеколот како тема во уметноста и во популарната култура

уреди

Пеколот како тема во книжевноста

уреди

Пеколот како тема во филмот

уреди

Пеколот како мотив во музиката

уреди
  • „Автопат до пеколот“ (англиски: Highway To Hell) - песна од истоимениот албум на австралиската рок-група АЦ ДЦ (AC DC') од 1979 година.[23]
  • „Пеколни камбани“ (англиски: Hells bells) - песна на АЦ ДЦ од 1980 година.[24]
  • „Осуден за во пеколот“ (англиски: Hellbound) - песна на американската рок-група Бридерс (The Breeders) од 1990 година.[25]
  • „Влезот во пеколот“ (англиски: The Entrance to Hell) - албум на американската рок-група Булет (Bullet') од 1971 година.[26]
  • „Пекол на Земјата“ (англиски: A Hell On Earth) — песна на англиската хардкор-панк група Дисчарџ (Discharge) од 1982 година.[27]
  • „Седејќи во лимбот“ (англиски: Sitting In Limbo) - песна на реге-музичарот Џими Клиф (Jommy Cliff) од 1972 година.[28]
  • „Пекол со отворен капак“ (англиски: Hell With The Lid Off) — музички албум на американските хип-хоп музичари MC 900 Ft и DJ Zero) од 1989 година.[29]
  • „Ми се деси пекол“ - песна на македонската рок-група Д Џон (The John).[30] ж
  • „Пеколот надоаѓа“ (англиски: Raising Hell) - песна од истоимениот албум на американската рап-група Ран Ди Ем Си (Run DMC) од 1987 година.[31]
  • „Пеколот е половина ар“ (англиски: Hell's Half Acre)“ - песна на американскиот рок-музичар Роби Робертсон (Robbie Robertson) од 1987 година.[32]
  • „Момчињата од окружниот пекол“ (англиски: Boys from the County Hell) - песна на ирската рок-група Поугс (The Pogues) од 1984 година.[33]
  • „Пеколот чека“ (англиски: Hell Awaits) - песна на американската хеви-метал група Слеер (Slayer).[34]
  • „Пекол што се тресе“ (англиски: Shaking Hell) - песна на американската рок-група Соник Јут (Sonic Youth) од 1983 година.[35]
  • „Диско пекол“ (англиски: Disco Inferno) - песна на американската група Тремпс (The Trammps) од 1977 година.[36]
  • „Пеколот е зад аголот“ (англиски: Hell Is Round The Corner) - песна на британскиот трип-хоп музичар Трики (Tricky).[37]
  • „Ново лице во пеколот“ (англиски: New Face in Hell) - песна на британската рок-група Фол (The Fall) од 1980 година.[38]
  • „Возење до пеколот“ (англиски: Hayride To Hell) - песна на австралиската рок-група Худу Гурус (Hoodoo Gurus) од 1985 година.[39]
  • Пеколот“ (англиски: Inferno) — музички албум на Ханс Цимер од 2016 година.[40]
  • „Приватен пекол“ (англиски: Private Hell) - песна на англиската рок-група Џем (The Jam) од 1979 година.[41]

Наводи

уреди
  1. „Beleške“, во: Pesma o kralju Nalu. Beograd: Rad, 1963, стр. 109.
  2. Dante Aligijeri, Pakao. Beograd: Rad, 1961, стр. 222.
  3. Aron Gurevič, Problemi narodne kulture u srednjem veku. Beograd: Grafos, 1987, стр. 209-213.
  4. Aron Gurevič, Problemi narodne kulture u srednjem veku. Beograd: Grafos, 1987, стр. 213-215.
  5. Aron Gurevič, Problemi narodne kulture u srednjem veku. Beograd: Grafos, 1987, стр. 186-187.
  6. Aron Gurevič, Problemi narodne kulture u srednjem veku. Beograd: Grafos, 1987, стр. 188.
  7. Aron Gurevič, Problemi narodne kulture u srednjem veku. Beograd: Grafos, 1987, стр. 190.
  8. Aron Gurevič, Problemi narodne kulture u srednjem veku. Beograd: Grafos, 1987, стр. 194-195.
  9. Aron Gurevič, Problemi narodne kulture u srednjem veku. Beograd: Grafos, 1987, стр. 201.
  10. Aron Gurevič, Problemi narodne kulture u srednjem veku. Beograd: Grafos, 1987, стр. 211-213.
  11. Aron Gurevič, Problemi narodne kulture u srednjem veku. Beograd: Grafos, 1987, стр. 217-220.
  12. Aron Gurevič, Problemi narodne kulture u srednjem veku. Beograd: Grafos, 1987, стр. 249-250.
  13. Dante Aligijeri, Pakao. Beograd: Rad, 1961, стр. 19.
  14. 14,0 14,1 Dante Aligijeri, Pakao. Beograd: Rad, 1961.
  15. Aron Gurevič, Problemi narodne kulture u srednjem veku. Beograd: Grafos, 1987, стр. 178-179.
  16. Dante Aligijeri, Pakao. Beograd: Rad, 1961, стр. 194-220.
  17. Милко Бојковски, Фотографии од пеколот. Скопје: Бегемот, 2017.
  18. Ана Бунтеска, Колку е потребно за среќа. Скопје: Матица Македонска, 2016, стр. 158-159.
  19. Aleksandar Grin, Pacolovac. Beograd: Rad, 1979, стр. 77-109.
  20. Артур Рембо, Боравак у паклу. Београд: Култура, 1968, стр. 14-142.
  21. „Објавена книга со драми на Сашо Огненовски“, Дневник, година XXI, број 6289, вторник, 14 февруари 2017, стр. 17.
  22. Zbignjev Herbert, Izabrane pesme. Beograd: Treći trg – Čigoja štampa, стр. 142.
  23. Discogs, AC/DC ‎– Highway To Hell (пристапено на 13.2.2019)
  24. YouTube, Ac/Dc Hells Bells with lyrics (пристапено на 15.6.2017)
  25. DISCOGS, The Breeders ‎– Pod (пристапено на 26.7.2019)
  26. YouTube, Bullet - The Entrance to Hell 1971 (full album) (пристапено на 11.3.2018)
  27. Discharge – Hear Nothing See Nothing Say Nothing (пристапено на 25.6.2022)
  28. DISCOGS, Various ‎– The Harder They Come (Original Soundtrack Recording) (пристапено на 24.12.2017)
  29. MC 900 Ft Jesus With DJ Zero – Hell With The Lid Off (пристапено на 3.3.2023)
  30. The John & Space Rebel Gang, PMG Recordings #99.
  31. YouTube, Raising Hell - Run - D.M.C(Full Album) (пристапено на 29.9.2019)
  32. YouTube, robbie robertson hells half acre (пристапено на 23.10.2017)
  33. YouTube, The Pogues - Red Roses For Me (FULL ALBUM) (пристапено на 22.8.2017)
  34. YouTube, Slayer - Hell Awaits (пристапено на 22.12.2017)
  35. DISCOGS, Sonic Youth ‎– Evol (пристапено на 26.7.2019)
  36. Discogs, Various ‎– Saturday Night Fever (The Original Movie Sound Track) (пристапено на 31.3.2019)
  37. Discogs, Tricky – The Best Of (пристапено на 8.2.2021)
  38. YouTube, The Fall - Grotesque (full album) (пристапено на 29.6.2017)
  39. YouTube, Hoodoo Gurus - Mars Needs Guitars! (1985 full album) (пристапено на 15.12.2017)
  40. „Hans Zimmer - Inferno“. Архивирано од изворникот на 2016-10-07. Посетено на 2017-08-18.
  41. DISCOGS, The Jam ‎– Setting Sons (пристапено на 3.6.2020)