Јохан Петер Екерман

Јохан Петер Екерман (германски: Johann Peter Eckermann, 21 септември 1792 - 3 декември 1854) — германски писател.

Јохан Петер Екерман
Јохан Петер Екерман

Животопис

уреди

Во воведот на својата книга „Разговори со Гете“, Екерман дава податоци за својот живот. Тој е роден во Винзен на Луе, Харбург, во сиромашна куќа со една просторија во која се греело и без скали. Како најмладо дете од вториот брак на татко му, тој растел осамено. Од првиот брак, татко му имал два сина: едниот бил морнар, а завршил во ропство некаде низ светот; другиот долго време живеел на Гренланд како ловец на китови и ајкули, а потоа се вратил во Хамбург каде живеел скромен живот. Од вториот брак на татко му имал две постари сестри кои го напуштиле домот кога тој имал 12 години и работеле како слугинки во родното место и во Хамбург. Неговото семејство било многу сиромашно: имало малку земја и една крава, мајка му заработувала така што шиела капи за жените, а татко му имал мал трговски дуќан поради што често бил отсутен од домот. Јохан Петер Екерман имал тешко детство зашто постојано морал да работи тешки земјоделски и домашни работи, а кога пораснал го придружувал татко си во неговите патувања. За тоа време, тој повремено одел на училиште, обидувајќи се да научи да чита и да пишува. Истовремено, тој ја открил својата дарба за цртање и сликање и набргу бил забележан од началникот на округот, но родителите го спречиле неговиот обид да стане сликар. Сепак, благодарение на богатите луѓе, Екерман бил примен во приватно училиште, но повторно, сиромаштијата го спречила да се запише во гимназијата.[1]

Откако наполнил 16 години, Екерман станал писар кај локалниот судски службеник, а во периодот 1808-1810 работел ситни адвокатски работи. Потоа се вработил во Дирекцијата за непосредни даноци во Линебург, а по нејзиното укинување се префрлил во Помошната префектура во Уелцен, а во 1812 година бил поставен за општински секретар во Бефензен каде останал до пролетта 1813 година. Тогаш, тој ја напуштил службата, се вратил во родното место и кон крајот на летото, како доброволец, му се приклучил на Килмансегеовиот корпус кој се борел за ослободување од француската окупација. Притоа, тој учествувал во походот низ Мекленбург, Холштајн и Хамбург против армијата на маршалот Давуст, во борбата против генералот Мезон, а летото војувал во Фландрија и Брабант.[2]

Есента 1814 година, Екерман се вратил дома каде дознал дека умрел татко му, а мајка му живеела со најстарата сестра која ја презела родителската куќа. Зимата 1815 година, тој заминал во Хановер со намера да учи кај сликарот Рамберг, меѓутоа во мај истата година тешко се разболел и така ја прекинал сликарската практика. Тогаш, тој се вработил во една воена установа, а здравјето му се подобрило. Во тоа време се запознал со поезијата на Теодор Кернер и така кај него се појавил интерес за книжевноста. Исто така, почнал да ги чита делата на Шилер и Клопсток, а потоа се запознал со песните на Гете кои му оставиле силен впечаток, а откако ги прочитал „Вилхелм Мајстер“ и „Фауст“ постојано мислел и зборувал за Гете. Поттикнат од Гетеовата поезија, Екерман почнал да ги чита и делата на Шекспир, Софокле и Хомер, но тогаш сфатил дека му е неопходно формално образование и почнал да посетува приватни часови кај еден наставник во гимназијата во Хановер, учејќи ги латинскиот и грчкиот јазик. На возраст од 25 години, Екерман се запишал во гимназијата во Хановер,[3] иако на приемниот испит не поминал најдобро. Во текот на неколку месеци, истовремено работел и учел, но не можел да го издржи тој напор и пролетта 1817 година ја напуштил гимназијата. Откако сфатил дека му е потребно повисоко образование, тој дал оставка во воената канцеларија и во мај 1821 година се запишал на Универзитетот во Гетинген, каде студирла право, а во втората академска година се префрлил на студиите по филологија, запознавајќи се со професорот Дисен. Меѓутоа, тој сфатил дека неговиот интерес лежи во книжевноста и есента 1822 година ги напуштил студиите и се населил во едно село во близината на Хановер.[4]

Набргу по доаѓањето во Гетинген, Екерман му испратил на Гете примерок од својата поетска збирка, а во 1823 година му го испратил и својот ракопис „Прилози кон поезијата“ (Beiträge zur Poesie), со молба да му помогне да најде издавач. Откако разбрал дека Гете имал убаво мислење за неговите дела, во мај 1823 година, Екерман заминал пеш во Вајмар со намера лично да се запознае со Гете.[5][6] Таму, Екерман работел како приватен учител при што во текот на девет години му бил личен секретар на Гете,[7] а неколку години му бил учител на синот на големиот војвода. Во 1830 година заминал на пат низ Италија, заедно со синот на Гете. Во 1838 година бил назначен за војводски советник и библиотекар на војвотката.[3]

Екерман му останал верен на Гете и по неговата смрт, кога се зафатил со редактирање на книжевното наследство на Гете и со објавувањето на посмртното издание на Гетеовите целокупни дела. Инаку, Екерман не бил платен за својата работа како секретар на Гете, така што умрел во голема сиромаштија која пред крајот на животот му го попрачила умот.[8]

Творештво

уреди

Екерман почнал да пишува песни уште во младоста, но не им обрнувал внимание и воопшто не ги ценел. Неговиот интерес за поезијата се појавил за време на престојот во Хановер каде бил воодушевен од поезијата на Теодор Кернер. Тогаш, тој напишал една песна за враќањето на германските војници од војната против француската армија, ја испечатил во неколку стотини примероци и ја разделил низ градот. Песната доживеала голем успех: била објавена во некои списанија, а врз основа на неа еден композитор создал музичко дело. Оттогаш, тој почнал редовно да пишува песни и истовремено се запознал со делата на Шилер и Клопсток.[9] По напуштањето на гимназијата, како реакција на популарните дела „Вина“ на Милнер и „Прабаба“ на Грилпарцер, во 1820 година, Екерман напишал едно драмско дело кое им ги читал на пријателите, но тие не се изразиле пофално за него. Тогаш, тој одлучил да го преработи делото, но претходно објавил поетска збирка која успеал да ја продаде и да заработи 150 талири. По напуштањето на студиите, тој започнал да пишува теоретски статии за книжевноста и во 1823 ја завршил книгата „Прилози кон поезијата со посебен осврт на Гете“.[10]

Денес, творештвото на Екерман нема големо значење, односно неговите критички есеи и збирката „Песни“ (1821) се заборавени, но тој останал познат во историјата на книжевноста по својата книга „Разговори со Гете“ (Gespräche mit Goethe) која настанала како резултат на неговата работа како личен секретар во последните девет години од животот на Гете.

Наводи

уреди
  1. „Увод“, во: J. P. Ekerman, Razgovori sa Geteom: Poslednjih godina njegova života. Rad, Beograd, 1960, стр. 89-93.
  2. „Увод“, во: J. P. Ekerman, Razgovori sa Geteom: Poslednjih godina njegova života. Rad, Beograd, 1960, стр. 93-94.
  3. 3,0 3,1 Chisholm 1911, стр. 885.
  4. „Увод“, во: J. P. Ekerman, Razgovori sa Geteom: Poslednjih godina njegova života. Rad, Beograd, 1960, стр. 94-107.
  5. „Увод“, во: J. P. Ekerman, Razgovori sa Geteom: Poslednjih godina njegova života. Rad, Beograd, 1960, стр. 107-108.
  6. „Goethe's Theory of Colours, Part II: Physical Colours, Eastlake's Note L“. Архивирано од изворникот на 2021-09-18. Посетено на 2021-02-16.
  7. J. P. Ekerman, Razgovori sa Geteom: Poslednjih godina njegova života. Rad, Beograd, 1960, стр. 85.
  8. E. K., „Pogovor“, во: J. P. Ekerman, Razgovori sa Geteom: Poslednjih godina njegova života. Beograd: Rad, 1960, стр. 116.
  9. „Увод“, во: J. P. Ekerman, Razgovori sa Geteom: Poslednjih godina njegova života. Rad, Beograd, 1960, стр. 98.
  10. „Увод“, во: J. P. Ekerman, Razgovori sa Geteom: Poslednjih godina njegova života. Rad, Beograd, 1960, стр. 103-104.