Сан Марино (италијански: San Marino) или официјално Најспокојна Република Сан Марино [6] (италијански: Serenissima Repubblica di San Marino) е држава на Апенинскиот Полуостров во јужниот дел на Европа. Сан Марино е држава без излез на море и е енклава во Италија, односно целосно е опколена со италијанска територија. Вкупната површина на Сан Марино изнесува 61 километар квадратен и има население од околу 30.000 жители. Главениот град на државата го носи истото име, односно град Сан Марино. Сан Марино е една од најмалите независни држави во Европа и има најмалку жители од сите членки на Советот на Европа.

Најспокојна Република Сан Марино
Serenissima Repubblica di San Marino
Знаме на Сан Марино Грб на Сан Марино
Знаме Грб
ГеслоLibertas (латински)
"Слобода"
ХимнаInno Nazionale della Repubblica
Државна химна на Републиката

Location of San Marino in Europe
Location of San Marino in Europe
Местоположбата на  Сан Марино  (зелена)

на Европскиот континент  (темнозелена)  —  [Легенда]

Главен градСан Марино
43°56′N 12°26′E / 43.933° СГШ; 12.433° ИГД / 43.933; 12.433
Најголем град Догана
Службен јазик италијански
Народности  Санмаринци, Италијанци
Демоним Санмаринец
Уредување парламентарна република
 •  Главен регент Марко Конти
Глауко Сансовини
Независност од Римско Царство 
 •  Датум 3 септември 301 (традиционално) 
 •  Устав 8 октомври 1600 
Површина
 •  Вкупна 61,2 км2 [1](221-ва)
 •  Вода (%) 0
Население
 •  проценка за 30 јуни 2009 г. 31.434[2] (209-та)
 •  Густина 501 жит/км2 
БДП (ПКМ) проценка за 2008 г.
 •  Вкупен 1.17 милијарди долари[3][4] (177-ма)
 •  По жител $35.928[3][4] (24-та)
БДП (номинален) проценка за 2008 г.
 •  Вкупно 1.44 милијарди долари[3][4] (163-та)
 •  По жител 44.208 долари[3][4] (15-та)
Валута Евро (EUR)
Часовен појас СЕВ (UTC+1)
 •  (ЛСВ) СЕЛВ (UTC+2)
Се вози на десно
НДД .sm
Повик. бр. +378
Светец заштитник Света Агата
[1][5]

Сан Марино тврди дека е најстара документирана независна уставна република во светот. Независноста на Сан Марино започнала со основање на манастирска заедница предводена од Свети Марин на 3 септември 301 година. Марин го напуштил Раб, тогашна римска покраина на Арба, во 257 година кога тогашниот иден император Диоклецијан издал декрет за реконструкција на градските ѕидини на Римини кои претходно биле уништени од лубурниските пирати.[7]

Уставот на Сан Марино е усвоен во 1600 година и е најстар устав кој е сè уште на сила.[8] Економијата на државата воглавно зависи од туризмот. Поради малобројноста на населението, Сан Марино е една од најбогатите држави во светот според БНП по глава на жител. Економскиот статус на Сан Марино се смета за доста стабилен, без национални задолжувања и буџетски недостатоци.[1]

Потекло на поимот

уреди

Името на државата доаѓа од името на основачот на Сан Марино, Свети Марин или на италијански San Marino.

Историја

уреди
 
Планинска кула на планината Титано.

Според традиционалното верување, Свети Марин го напуштил островот Раб во Хрватска и со неговиот пријател Лео тргнале за Римини како масони. Поради неговите христијански верувања тој претрпел силни прогонувања и пребегнал во близина на планината Титано, каде изградил мала црква и го основал денешниот град и држава Сан Марино. Официјалното основање на градот и државата е на 3 септември 301 година.

До средината на 5 век се создала мала заедница која поради недостапноста на местото и неговата сиромаштија, успеала да ја зачува независноста на територијата на денешната Република Сан Марино. Во 1631 година независноста на Сан Марино била призната и од Папството.

За време на раната фаза на италијанското обединување во 19 век, Сан Марино служел како место за бегалци кои биле протерувани поради нивните залагања за обединување на Италија. Така, Џузепе Гарибалди ја прифатил желбата на Сан Марино да не биде дел од обединета Италија. Исто така, Наполеон Бонапарт одбил да го преземе Сан Марино и кога го прашале зошти не го окупирал Сан Марино, тоа тој одговарал: „Зошто? Затоа што тоа е модел на република.“

Владата го прогласила американскиот претседател Абрахам Линколн за почесен граѓанин на Сан Марино[9].

За време на Првата светска војна, кога Италија ѝ објавила војна на Австроунгарија, и Сан Марино го направил тоа на 3 јуни 1915 година[10].

За време на Втората светска војна, Сан Марино најпрво објавил војна на Британија[11]. Подоцна кога Италија го опколила Сан Марино, Сан Марино прогласил неутралност, а на 21 септември 1944 Сан Марино објавил војна на Германија[12] .

Сè до 1968 кога Науру прогласи независност Сан Марино била најмалата држава во светот. Сан Марино е член на Советот на Европа, но не е член на Европската Унија.

Географија и клима

уреди
 
Планината Титано.

Сан Марино се наоѓа во централниот дел од Апенинскиот Полуостров, во јужниот дел од Европа. Државата е енклава во Италија бидејќи од сите страни е опколена со италијанска територија. Сан Марино има површина од 60,57 квадратни километри и со тоа оваа република е трета најмала држава во Европа, веднаш пред Ватикан и Монако. Главен град на државата е Сан Марино, додека најголем град е градот Догана. Оддалеченоста помеѓу најсеверната и најјужната граница на Сан Марино изнесува 12 километри. Највисок врв е Титано (видео Архивирано на 5 април 2008 г.) чија височина изнесува 739 метри. Климата е влажна суптропска, но е поблага од онаа во приморјето поради надморската височина.[13] Во лето температурата варира од 20°С до 30°С, а во зима од -2°С до 10°С [14]. Просечните врнежи изнесуваат 550 mm годишно.

Административна поделба

уреди
 
Карта на општините во Сан Марино

Сан Марино е поделен на девет општини, кои локално се познати како Castelli - „замоци“. Општините на Сан Марино се:

Најголем град во Сан Марино е градот Догана кој не е посебна општина, туку припаѓа на општината Серавале. Секоја општина има главен град локално познат како „каполуого“ (capoluogo).

Политички систем

уреди
 
Карта на Сан Марино.

Сан Марино е демократска република каде капетанот-регент е на чело на државата. Сан Марино е со повеќепартиски систем. Извршната власт е во рацете на владата, законодавната власт е во рацете на владата и на Големиот и општ совет на Сан Марино. Судството е независно и одделно од останатите органи во државата.

Сан Марино бил предводен од институцијата Аренго. Во 13 век, управувањето со државата го презело Советот. Во 1243 се номинирале првите два капетани регенти од страна на Советот, начин на номинација кој и денес се користи.

Законодавната власт во државатавоглавно е во рацете на Големиот и Општ Совет. Советот се состои од околу 60 членови и се избираат на секои 5 години преку директни избори. Граѓаните со над 18 години имаат право на глас во државата. Советот го одлучува буџетот и ги избира капетаните-регенти. Исто така, Советот има овластување да ратификува договори со други држави. Советот е поделен на пет различни советодавни комисии со по 15 членови. На секои шест месеци се избираат генералите-регенти и најчесто тие се избираат од редовите на опозициската партија. Капетаните ја преземаат функцијата на 1 април, а истата истекува на 1 октомври. Граѓаните имаат потоа рок од три дена да достават поплаки за капетаните и ако има некои нерегуларности, судска власт презема соодветни мерки.

Практиката на повеќе шефови на државата е директно наследена од Римското Царство. Советот е еднаков со римскиот Сенат а додека капетанот-регент со римскиот советник. Главните политички партии во Сан Марино се: Санмаринска Христијанска Демократска Партија (СХДП) и Партија на Социјалисти и Демократи (ПСД). Поради малиот број на население тешко е да се добие чисто мнозинство во Советот на Сан Марино.

Стопанство

уреди
 
Борго Маџоре

Иако Сан Марино не е членка на ЕУ, го користи еврото како своја валута и има право да става свои национални симболи на монетите на еврото. Пред да се воведе еврото, санмаринската лира се користела во рамките на државата заедно со италијанската лира.

Околу 50% од развојот на Сан Марино се заснова на туризмот. Сан Марино има доста странски туристички посети, така што само во 1997 година државата ја посетиле повеќе од 3.3 милиони туристи. Други клучни стопански сектори се банкарството и керамиката. Главните земјоделски производи се виното и сирењето.

Поштенските марки на Сан Марино се користат и се валидни само во рамките на државата. Според стандардот на живеење, Сан Марино е на исто ниво со Италија.

Сообраќај

уреди
 
Жичарница до планината Титано.

Во Сан Марино има 220 км автопатна мрежа. Санмаринските власти ги регистрираат локалните автомобили со свои таблички. Табличките се во сина боја каде се наоѓа грбот на Сан Марино, додека потоа следат буква и четири бројки. Повеќето автомобили носат меѓународна патна ознака „РСМ“.

Во Сан Марино нема аеродром, но има меѓународен хелипорт кој се наоѓа во Борго Маџоре. Повеќето туристи кои доаѓаат во Сан Марино патуваат со автобус. Поради фактот што Сан Марино нема излез на море, нема ни воден сообраќај во земјата.

Јавен транспорт

уреди

Сан Марино има ограничен јавен транспорт. Во државата има редовни автобуски линии до Римини и Сан Марино, која популарна меѓу туристите и туристичките работници. Оваа автобуска линија допира на речиси 20 места во Римини и Сан Марино.

Ограничени лиценцирани такси превозници оперираат во државата. Во Сан Марино има седум регистрирани такси компании[15] и исто така италијанските такси превозници оперираат во Сан Марино.

Покрај овие, има и 1.5 км жичарница во Сан Марино која ја поврзува планината Титано со Борго Маџоре, втор најголем град во државата. Таа дава добар поглед на Борго Маџоре. Од таа локација има и автобуска линија до најголемиот град во Сан Марино, Догана.

Железнички превоз

уреди

Денес во Сан Марино нема железница, но за време на Втората светска војна имало мала железница што ја поврзувала државата со Римини. Оваа железница била отворена на 12 јуни 1932. Таа добро функционирала, но била уништена за време на Втората светска војна[16].

Демографија

уреди
Верници во Сан Марино
Католици
  
97 %
Други
  
3 %
 
Базилика Сан Марино (лево) и Црква Свети Петар (десно) во Сан МАрино.

Сан Марино има население од околу 30.000 жители, од кои 1.000 се странци, најмногу со италијанско потекло. Околу 5.000 Санмаринци живеат надвор од Сан Марино, главно во Италија. Санмаринците уживаат во еден од најдобрите животни стандарди.

Службен јазик во Сан Марино е италијанскиот јазик кој е и најмногу зборуван јазик во државата.

Католицизмот е најдоминантна религија во Сан Марино. Околу 97% од вкупното населениа на државата се припадници на Римокатоличката црква. Сепак, и покрај овој голем процент на Католици, во државата има и останати мали религиски групи, како на пример Евреи кои живеат во државата уште од 600 година.

Година Население
1828 7.000
1948 12.000
1960 15.000
1970 18.000
Година Население
1978 21.000
1986 22.000
1992 25.000
2006 30.000

Војска

уреди

Сан Марино ја има една од најмалите воени сили во светот. Националната одбрана е должност на италијанската војска. Војската на Сан Марино има должност да изведува церемонијални должности, да патролира на границата, да ги чува владините објекти и да помага на полицијата во поголеми криминални случаи.

Стрелачки корпус

уреди

Иако некогаш стрелачкиот корпус бил срцето на санмаринската војска, денес овој корпус има церемонијална улога и има околу 80 волонтери. Од 1295 овој корпус изведува демонстративни пукања и стрелања на различни церемонии. Униформата е средновековна и иако се смета за дел од војската, овој корпус денес нема воена функција.

Гардата на Карпата

уреди
 
Тројца членови на Гардата на Карпата.

Гардата на Карпата или националната гарда е воена единица во Сан Марино. Таа ги патролира и обезбедува државните граници. Тие исто така го обезбедуваат Големиот и општ Совет во Сан Марино. Тие се најчесто присутни во Сан Марино и најчесто забележани од страна на туристите во Сан Марино, кои се препознатливи по нивната замена на смена. Покрај овие основни функции, тие се назначени и како полициски сили за криминал и помагаат на полицијата во истрагите. Униформата на овие сили е црвена и зелена.

Гарда на Големиот и општ Совет

уреди
 
Гардата на Советот.

Гардата на Големиот и општ Совет или познат и како „Гардата на Советот“ е формирана во 1740. Таа е волонтерска единица со церемонијална должност. Униформата на гардата е со воочилива сина боја со бели и златни делаљи и е можеби најпознатата воена единица на Сан Марино која може да се види на безброј разгледници од Сан Марино. Оваа гарда има задача да го обезбедува капетанот-регент и да го обезбедува Советот за време на церемонии. Исто така извршуват задачи за безбедност на високи личности од општествениот живот на Сан Марино.

Армиска полиција

уреди

Во минатото, сите фамилии кои имале две или повеќе возрани машки лица морале пола од нив да земат учество во полицијата. Оваа единица останува основната боречка сила во Сан Марино, но сепак во поголем дел е церемонијална. Во прашање е цивилна гордост на Санмаринците да бидат дел од оваа гарда и сите граѓани со најмалку шест години престој во земјата можат да бидат дел од полицијата. Униформата е темносина со бели и светлосини капи.

Воен ансамбал

уреди

Порано оваа единица била дел од воената полиција и е церемонијален воен бенд во Сан Марино со околу 50 музичари. Униформата е слична со таа на воената полиција.

Жандармерија

уреди

Жандармеријата е основана во 1842 и е воена агенција. Нејзините членови работаат постојано и имаат надлежности за безбедноста на населението, сопствеништвото и за зачувување на правото и законите во државата. Сите останати воени единици соработуваат со жандармеријата.

Култура

уреди
 
Илустрација на Свети Марин, силна културна фигура во Сан Марино.
 
Стазата за Големата Награда на Сан марино

Трите кули на Сан Марино се сместени на трите врва на планината Титано во главниот град на државата. Тие се претставени и на грбот на Сан Марино и на знамето на Сан Марино. Трите кули се: Гваита, која е најстара и изградена во 11 век, Кеста, изградена во 13 век и Монтале која е изградена во 14 век и денес е во приватно сопствеништво.

Во Сан Марино е позната тортата „Тортата на трите планини“ или на италијански La Torta Di Tre Monti.

Универзитети

уреди

Универзитетот на Република Сан Марино е главниот универзитет во државата кој ги вклучува и училиштето за историски науки и меѓународен центар за историја предводен од Лучано Канфора. Други останати важни институции се Музичкиот институт во Сан Марино и Меѓународна академија на науки во Сан Марино. Есперанто јазикот се користи во рамките на оваа институција.

Кујна

уреди

Санмаринската кујна е многу слична со италијанската кујна, но има и голем број уникатни санмарински јадења. Најпознатото санмаринско јадење е Тортата на Трите Планини, торта со чоколада. Во Сан Марино има и мала винска индустрија.

Сан Марино и УНЕСКО

уреди

Сан Марино е дел од светкото културно наследство на УНЕСКО кој бил додаден во 2008 година. Одлуката била донесена за време на 32-то собрание на УНЕСКО во Квебек, Канада. Тоа е светско признание за културното и историското наследство на републиката.

Музика

уреди

Сан Марино за првпат учествувал на Евровизија во 2008 со бендот Миодио. Групата не влегла во финалето на натпреварот. Во земјата постојат локални музичари и музички групи.

Спорт

уреди

Најпопуларен спорт во Сан Марино е фудбалот. Исто така популарни се кошарката и одбојката. Трите спорта имаат национални федерации: Фудбалска Федерација на Сан Марино, Кошаркарска Федерација на Сан Марино и Одбојкарска Федерација на Сан марино.

Во Сан Марино се одржува Големата Награда на Сан Марино. Оваа трка во Формула 1 иако е именувана по државата, сепак таа не се одржува во Сан Марино туку во Имола во Италија - околу 100 км северозападно од Сан Марино.

Сан Марино како тема во уметноста

уреди
  • „Сан Марино“ - песна на српскиот писател Иво Андриќ од 1918 година.[17]

Користена литература

уреди
  • Fabio Foresti: Quella nostra sancta libertà. Lingue, storia e società nella Repubblica di San Marino. Biblioteca e ricerca. Quaderni della Segretaria di Stato per la Pubblica Istruzione, Affari Sociali. Istituti Culturali e Giustizia 6. Aiep, San Marino 1998. ISBN 88-86051-66-2
  • Günter Weitershagen: San Marino und die Einführung des Euro. Libertas Paper. Bd 33. Libertas, Sindelfingen 2000. ISBN 3-921929-37-7
  • Friedrich Kochwasser: San Marino. Die älteste und kleinste Republik der Welt. Erdmann, Herrenalb im Schwarzwald 1961.

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 Светска книга на факти“ на ЦИА — запис за „San Marino(англиски)
  2. BOLLETTINO DI STATISTICA-Bollettino I trimestre 2010: Tavola 2.1 - Bilancio Demografico (movimento della popolazione residente) Архивирано на 11 мај 2011 г., Upeceds, Government of San Marino. Accessed on 6 јуни 2010.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 CONTO DELLA GENERAZIONE DEI REDDITI NAZIONALI Архивирано на 20 март 2012 г., Upeceds, Government of San Marino. Accessed on 6 јуни 2010.
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 World Development Indicators, World Bank. Note: "PPP conversion factor, GDP (LCU per international $)" for Italy was used.
  5. „San Marino“ (PDF). UNECE Statistics Programme. UNECE. 2009. Посетено на 13 март 2010.
  6. „Десетте најмали држави во светот“.
  7. „San Marino Historical Origins and Legends“. Sanmarinosite.com. Архивирано од изворникот на 2014-09-26. Посетено на 2009-10-24.
  8. Law Library of United States Congress. „Guide to Law Online: San Marino“. Посетено на 2008-05-21.
  9. Irving Wallace, The Book of Lists 3
  10. First World War.com - Feature Articles - Who Declared War and When
  11. „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2013-08-10. Посетено на 2009-02-28.
  12. „The World at War - Diplomatic Timeline 1939-1945“.
  13. „Climate-Data.org > Europe > San Marino Climate“ (англиски). Посетено на 2020-09-10. Занемарен непознатиот параметар |web= (help)
  14. „Meteo San Marino - The National Center of Meteorology And Climatology of San Marino“. Архивирано од изворникот на 2008-09-29. Посетено на 2008-03-14.
  15. Government tourism website Архивирано на 1 мај 2010 г..
  16. Internacia Fervojisto (International Railways), 2005.6, p85. In Esperanto
  17. Иво Андрић, Ex Ponto - Немири - Лирика. Београд: Просвета, 1977, стр. 176.

Галерија

уреди

Поврзано

уреди

Надворешни врски

уреди
Влада
Општи информации
Патување
  Статијата „Сан Марино“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).