Волково

село во Општина Ѓорче Петров


Волково — населба во Општина Ѓорче Петров. Се наоѓа во западниот дел на градот Скопје и е доста урбанизирано, наликувајќи на современа скопска населба. Покрај самото Волково, во неговиот атар се и поновите населби Пржина и Стопански Двор.

Волково

Панорамски поглед на Волково

Волково во рамките на Македонија
Волково
Местоположба на Волково во Македонија
Волково на карта

Карта

Координати 42°2′45″N 21°20′45″E / 42.04583° СГШ; 21.34583° ИГД / 42.04583; 21.34583Координати: 42°2′45″N 21°20′45″E / 42.04583° СГШ; 21.34583° ИГД / 42.04583; 21.34583
Општина Ѓорче Петров
Население 6.402 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 1060
Шифра на КО 25141
Волково на општинската карта

Атарот на Волково во рамките на општината
Волково на Ризницата

Географија и местоположба уреди

 
Поглед на стариот дел на Волково — Вучидол.

Волково се наоѓа на 11 километри северозападно од центарот на градот Скопје. Расположено е од десната страна на реката Лепенец на исток и во подножјето на ридот Церовик (659 метри) кој се издигнува западно.[2]. Покрај самото село минува обиколницата на градот Скопје која ги сврзува авто-патните коридори 8 и 10, а низ Волково минуваат железничката пруга и автомобилскиот пат Е-65 кон Косово и локални патишта кон соседните села Орман, Кучково, Никиштане и Грачани. Во Волково постои железничка станица која е и граничен и царински железнички контролен премин кон Косово. Земјиштето на кое лежи Волково е дел од алувијалната рамнина на реката Лепенец и е составено од хумусни почви, голема плодност погодна за влажни земјоделски култури. Етногеографски Волково припаѓа на пределот Средорек во рамките на Скопското Поле.

Историја уреди

 
Поглед кон стариот дел на село Волково

Во XIX век, селото Волково било потполно чифчиско село под власта на познатиот Хамзи-паша чие седиште и конаци и денес се наоѓаат во соседното село Бардовци, во рамките на Скопската каза[3], на Отоманското Царство. На почетокот на XX век во селото постоеле повеќе чифлици на 11 различни чифлик-сајбии муслимани кои живееле во Скопје, а во селото живееле македонски семејства кои ја обработувале земјата[3]. Од чифлигарството Волково се ослободило преку аграрната реформа во 1924 и 1925 година, кога селаните се стекнале со сопственост на земјата. Еден дел од атарот на селото, поточно пасиштата во ридскиот предел, за време на отоманското владеење бил заземен од доселените Албанци од соседното село Никиштане, меѓутоа тој предел потоа повторно бил вратен на Волково. Главниот развој и подем, Волково го има по скопскиот земјотрес во 1963 и сè поголемата индустријализација на Скопје. Во текот на седумдесеттите и осумдесеттите години на XX век се доселува огромен број на население од разни краишта на Македонија, со што населеното место значително се зголемува и се здобива со денешниот изглед и урбана физиономија

Потекло и историја на името уреди

 
Главната улица низ Волково

Во минатото, па сè до Втората светска војна, Волково било познато под името Вучи Дол или Вучидол. Името Волково во администрацијата најпрвин било воведено од бугарските власти за време на Првата и Втората светска војна, а по 1944 година слободнатата македонска власт во административната евиденција започнува официјално да ги користи имињата Волчи Дол и сегашното име Волково[4]. Имињата Вучи или Волчи Дол денес ретко може да се чујат од најстарите жители на селото, а може да се забележат и на старите административни табли на зградата на месната заедница. За потеклото на името може да се заклучи дека потекнува од името на дивото животно — волкот. Населението на Волково за потеклото на името смета дека е многу старо и дека настанало поради тоа што во времето на основањето на селото земјиштето и целата околина (посебно ридскиот предел) била под шума во која имало волци[5].

Археолошки наоѓалишта уреди

  • Дубиченекропола од железното време. На 500 м северно од селото, на левата страна од патот за селото Орман има блага падина што се спушта кон асфалтниот пат, на која се наоѓаат делови од камени плочи од надгробни конструкции. Се работи за некропола од постарото железно време (VII-VI век пред н.е.), на која на неколку наврати биле вршени мали археолошки ископувања (1952, 1954 и 1962 година). Откриени се повеќе погребувања во гробови од камени плочи од типот на тип циста, со инхумација и со гробни прилози од керамика, накит и оружје. Со интензивното обработување на теренот некрополата е уништена во голема мера. Наодите се чуваат во Музејот на Македонија во Скопје и во Музејот на Град Скопје.
  • Ливаданекропола од римското време. Според белешките на М. Грбиќ, од десната страна на железничката пруга Орман-Волково била констатирана некропола од која потекнува римски надгробен споменик со натпис.
  • Ушинаселба од римското време. На 2 км југозападно од селото, во лозовите насади со површина од 1,5 хектар се среќаваат многубројни остатоци од керамички садови, питоси, покривни ќерамиди и друг градежен материјал.
  • Црквиштеосамен наод од римското време. Во 1958 година во нива од селото Кучково, што се наоѓа на околу 500 м од десниот брег на Лепенец, случајно е откопан мермерен споменик со двојазичен натпис на грчки и латински.

Стопанство уреди

Поради поволната географска положба, Волково има доста развиена економска активност. Во минатото населението се занимавало со земјоделство поради погодната положба и плодна почва крај Лепенец, меѓутоа со големиот број на доселеници од разни краишта и зафаќање на обработливите површини, земјоделството денес е многу малку застапено и речиси напуштено. Со земјоделство се занимава помал дел на населението и тоа староседелското население во стариот дел на Волково кое се занимавало со земјоделство и во минатоот. Од земјоделството најзастапени се полјоделството и градинарството. Најзастапени земјоделски култури се: жито (пченица и јачмен), кромид, лук, млад кромид, млад лук, марула, домати, пиперки, морков, зелка, како и одлгедување на расад за градинарски култури и овоштарство. На повеќе места во ридскиот предел застапено е и лозарството. Земјоделството е претежно за сопствени потреби. Најразвени економски гранки денес во Волково се индустриското производство, трговијата и услужните дејности. Од Економски аспект во Волково главно се оформени мали трговски погони и трговски претпријатија. Од поголемите се издвојуваат:
- "СПИК" Претпријатие за производство и продажба на водоводна опрема и керамика.
- "AЖУР" Фабрика за производство на теписи, килими и јамболии
- “СТАБИЛ“ фабрика за доработка на кожа и производи од кожа.

-„МЕРИАН АС“ погон за производство на школски столчиња и клупи
-Во минатото егзистирала "СКОПЈАНКА" Фабрика која го експлоатирала изворот за полнење на минерална вода под истото име, но е затворена пред повеќе од 20 години
- Помали или поголеми погони за кожа, текстил и пластика. Волково е препознаено како чиста и еколошка средина погодна за инвестирање. Новата обиколница на Скопје поминува токму низ него со што ја зголемува неговата конкурентност и погодност за инвестирање. Најголемиот дел од населението се занимава со секундарни и терциерни стопански дејности, на работни места претежно во градот Скопје. Дел од населението се занимава со градежништво, ѕидарство, молерство, автомеханичарство. Во Волково работат повеќе трговски продавници, ресторани, кафе-барови.

Население уреди

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948409—    
1953524+28.1%
1961715+36.5%
1971—    
1981—    
ГодинаНас.±%
1991—    
1994—    
20026.750—    
20216.402−5.2%

На пописот од 2002 година, селото имало 6.750 жители, 6.187 Македонци, 45 Роми, 5 Власи, 429 Срби, 1 Бошњак и 83 останати.[6]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 6.402 жители, од кои 5.436 Македонци, 5 Албанци, 1 Турчин, 31 Ром, 4 Власи, 316 Срби, 7 Бошњаци, 120 останати и 482 лица без податоци.[7]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 96 40 409 524 715 6.750 6.402
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[8]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[9]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[10]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[11]

Родови уреди

Најголемиот доминантен дел од населението на Волково се Македонци од православна христијанска вероисповед. Во селото Волково се застапени и старинечки и доселенички родови. Старинечки македонски родови во Волково се: Вељановци, Макревци, Нејковци, Поровци и Богдановци[4]. Постари доселенички родови се: Воиновци (од с. Јажинце-Тетовско), Глумовци (од с. Глумово), Тодорови (од Битолско), Стојановци (од с. Трубарево), Ќосеви и Васковски (двата рода од с. Сарај), Видевци, Кисовци, Богдановци, Јаневци и Трајановски (сите од с. Кучково), Штипјанци (од Штипско), Избеговци и Гиевци (двата од с. Визбегово), Јовановци (од Кумановско), Станковци (од с. Бразда), Исајлови (од с. Галичник), Душкикевци и Лалеви (двата од с. Чучер), Шолиови (од с. Мирковци), Брњарчеви (од с. Горњани), Стевовски (од с. Глуво)[5].

Во време на најголемиот бран доселувања во Волково во втората половина на XX век најголемиот број на доселениците Македонци се од Прилепско, Тетовско, Порече, областа Дебрца во Охридско, Гостиварско, областа Азот во Велешко, Кривопаланечко, соседните околни села Кучково и Орман, како и од околината на Босилеград (овие доселеници се познати и како „Бугари“). Значаен дел од изјаснетите Срби, меѓу месното население се познати под името Моравци со потекло од долината на Морава во Србија и Косово. Останатиот дел на Срби се доселеници од Косово и јужниот дел на Србија. Постари доселенички ромски родови во Волково се: Азироски и Мустафовци, Мемедовци (од Сарај) и Зитоски (од Кондово)[12].

Општествени установи уреди

 
Зградата на месната заедница и амбулантата во Волково

Во зградата на месната заедница работи здравствена амбуланта. На почетокот пред Волково се наоѓа основото училиште „Тихомир Милошевски“ во кое настава посетуваат децата од Волково и Ново Село.

Самоуправа и политика уреди

Волково има своја сопствена Месна заедница која е во склоп на општината Ѓорче Петров, има амбуланта и пошта.

Културни и природни знаменитости уреди

Редовни настани уреди

Личности уреди

Култура и спорт уреди

Во Волково има две цркви - Света Петка и Свети Атанас.

Во зградата на месната зедница работи младинското културно-уметничко друштво „Трајан Јанковски“ кое го носи името на паднатиот борец во НОВ од Волково.

Иселеништво уреди

Од Волково се забележани иселеници во: градот Скопје и селата Ново Село, Визбегово, Огњанци, Бардовци, Црешево, Радишани како и во некогашните села Сарајско Оризари и Долно Водно кои денес се дел од потесното урбано-градско подрачје на градот Скопје[12]. Во поново време се забележани иселеници и во странство: САД, Канада, Германија, Шведска, Италија.

Наводи уреди

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. Трифуноски, Ф. Јован. „Скопско поле“. Скопје, 1955, стр. 90
  3. 3,0 3,1 Трифуноски, Ф. Јован. „Скопско поле“. Скопје, 1955, стр. 91
  4. 4,0 4,1 Трифуноски, Ф. Јован. „Скопско поле“. Скопје, 1955, стр. 92
  5. 5,0 5,1 Трифуноски, Ф. Јован. „Скопско поле“. Скопје, 1955, стр. 92-93
  6. Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2002 - Книга X
  7. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  8. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  9. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  10. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  11. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  12. 12,0 12,1 Трифуноски, Ф. Јован. „Скопско поле“. Скопје, 1955, стр. 93
  13. Беа, загинаа, останаа. Скопје: Историски Архив - Скопје. 1969. стр. 71. На |first= му недостасува |last= (help)

Надворешни врски уреди