Чучер-Сандево

село во Општина Чучер-Сандево
(Пренасочено од Чучер)

Чучер-Сандево (во минатото познато само како Чучер) — село во Општина Чучер-Сандево, во областа Црногорија, во околината на градот Скопје. Селото претставува административно седиште на истоимената општина.

Чучер-Сандево
Чучер

Поглед на селото Чучер

Чучер-Сандево во рамките на Македонија
Чучер-Сандево
Местоположба на Чучер-Сандево во Македонија
Чучер-Сандево на карта

Карта

Координати 42°6′12″N 21°22′55″E / 42.10333° СГШ; 21.38194° ИГД / 42.10333; 21.38194
Регион  Скопски
Општина  Чучер-Сандево
Област Црногорија
Население 290 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 1011
Повик. бр. 02
Шифра на КО 25030, 25530
Надм. вис. 447 м
Слава Духовден
Чучер-Сандево на општинската карта

Атарот на Чучер-Сандево во рамките на општината
Чучер-Сандево на Ризницата

Географија и местоположба

уреди
 
Стара куќа во селото

Селото се наоѓа во северниот дел на Скопската Котлина, во средишниот дел на територијата на Општина Чучер-Сандево.[2] Селото е ридско, на надморска височина од 540 метри.[2]

Селото зазема амфитеатрална положба. Сместено е на падините на брдото Тромеѓа, како и во една сува долина. Мештаните со вода за пиење се снабдувале од пет чешми, кои со вода се снабдуваат од изворот Шумљаковац, северозападно од селото. Во атарот на селото постојат и други извори на вода, особено во планинскиот дел.[3] Во 1950 година бил изграден водовод.[4]

Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Дол, Лазово, Шумљаковац, Забел, Лулево, Црквен Забел, Извор, Солиште, Маринкова Голина, Трчмео, Големи Брег, Рапочева Појата, Блачански Рид, Елезица, Мост, Вржи Вир, Лепенац, Лука, Пруга, Никиштанско Куличе, Душка, Шумљак, Мусов Гроб, Кула, Чешмиче, Средно Солиште, Клепотенец, Марков Камен, Марков Даб, Црњевац, Палешевина, Пударац, Река, Коларово Кладенче, Булини Гробишта, Вртвоѓа и Крна Глава.[3]

Селото има особен збиен тип. Родовските куќи образуваат свои маала, како што се Џепиќи, Урдаревиќи, Кајевиќи, Ливриниќи и други. Во поново време, куќите се градат издвоени од стариот дел на селото.[3]

Селото се наоѓа во областа Црногорија, во југозападните делови на планината Скопска Црна Гора. Чучер-Сандево е на 15 километри оддалеченост северно од градот Скопје.

Чучер е едно од ретките села во која има куќи со пространи чардаци и чешми со многу дулки.[4]

Историја

уреди
 
Собир во Чучер (пред 1920 г .)

Западно од селото, во близина на реката Лепенец, се наоѓала некогашна Давина Кула, во која според мештаните се наоѓала некоја жена по име Дафина. Подоцна, кулата била освоена од Турците. И денес се наоѓаат остатоците од некогашната кула и други ѕидини.[3]

Преданието наведува дека селото најпрвин се наоѓало неколку стотина метри северозападно од денешната местоположба, околу изворот Шумљаковац. Меѓутоа, мештаните морале да го напуштат тоа село, бидејќи поради нешто било запалено. Селото не било преместено наеднаш, туку домаќинствата се селеле повеќепати.[3]

Од старите родови во некогашното село, во денешното село се зачувани само родовите Кајевиќи и Ливриниќи.[3]

Според бугарските извори, во селото се доселиле српски доселеници во периодот 1689-1739 година.[5]

До крајот на турската власт во 1912 година, селото трпело напади од страна на муслиманските жители (особено од селото Блаце) и не добивало заштита од страна на државата.[3]

Во XIX век, селото е дел од нахијата Кара Даг во Скопската каза во Отоманското Царство.

Првичното име на селото било само Чучер, но било додадено и „Сандево“ по Втората светска војна во чест на народниот херој Александар Урдаревски-Санде. Всушност, по војната се случило спојување на старото село Чучер и новосоздадената населба Сандево во непосредна близина на селото.[4]

Стопанство

уреди

Атарот на селото зафаќа простор од 11 км2. На него преовладуваат пасиштата на површина од 596 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 238 хектари, а на шумите 114 хектари.[2]

Селото, во основа, има полјоделско-сточарска функција.[2]

Сточарството било главна стопанска гранка на мештаните до крајот на Втората светска војна. Особено биле одгледувани кози. Стоката била чувана во месностите Бела Вода и Стануловац на планината Скопска Црна Гора.[3]

По војната, сточарството нагло опаднало и само мал број домаќинства чува стока. Во поново време, скоро целото население работи во градот Скопје.[3]

Население

уреди
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948752—    
1953708−5.9%
1961518−26.8%
1971438−15.4%
1981374−14.6%
ГодинаНас.±%
1991317−15.2%
1994274−13.6%
2002299+9.1%
2021290−3.0%

Според опширните османлиски дефтери за населението на Скопската Каза од 1832/33 година, селото било христијанско, со 33 христијански домаќинства. На овој попис биле забележани 152 мажи христијани, со 5 новороденчиња. Се проценува дека селото во тој период имало 314 жители.[6]

Стефан Верковиќ во 1857 го бележи со 429 жители.[7]

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Чучер живееле 360 жители, сите Македонци.[8] Според секретарот на Бугарската егзархија Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Чучер имало 640 жители, патријаршисти.[9]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија во 1931 година, селото имало 750 Македонци.[10]

Селото во 1961 година броело 518 жители, од кои 328 биле Срби, а 180 Македонци. Во 1994 година бројот се намалил на 274 жители, од кои 234 биле Срби и 35 Македонци.[2]

Според пописот од 2002 година, во селото Чучер живееле 299 жители, од кои 117 Македонци, 180 Срби, 1 Албанец и 1 останат.[11]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 290 жители, од кои 107 Македонци, 134 Срби, 8 останати и 41 лице без податоци.[12]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 360 640 752 708 518 438 374 317 274 299 290
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[13]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[14]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[15]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[16]

Родови

уреди

Чучер е православно село со мешан состав на населението, Срби и Македонци. Сите родови се доселени, едните со потекло од јужниот дел на Косово, а другите од некогашни села на планината Скопска Црна Гора.[3]

Според истражувањата од 1960-тите родови во селото се:

  • Постари родови: Кајевиќи или Кајови (20 к.), доселени се од селото Ѓерекаре кај Витина, нивниот предок најпрво се населил во Горњане, па прешол во Чучер. Во Чучер останале три негови синови, додека четвртиот се преселил во Бањане; Ливриниќи или Ливрини (20 к.), доселени се од местото Св. Спас, тоа лежи на планината Скопска Црна Гора, северно од Бањане. Го знаат следното родословие: Јован (жив на 56 г. во 1969 година) Анѓелко-Стевко-Перо-Миленко, се доселил таткото на Миленко. Старото име им било Миленковиќи, Предокот Миленко имал и еден син Златан, и по него една родовска гранка се вика Златановци. Во 1930 година една родовска гранка (Зивчевиќи) се поделила на 42 членови;
  • Помлади родови: Путиќи или Путови (4 к.), доселени се однекаде; Џепиќи или Качаниклиќи (4 к.), доселени се од денес албанското село Ѓургевдол кај Качаник. Го знаат следното родословие: Живко (жив на 34 г. во 1969 година) Перо-Крста-Митар-Анѓелко, се доселил таткото на Алѓелко; Ќуксановиќи (13 к.), доселени се од населбата Јуручка Река на планината Скопска Црна Гора (близу село Блаце). Две нивни гранки се викаат Стамболиеви и Лулеви; Јанковиќи или Јанкови (4 к.), деленици се од родот Ќуксановци; Челинковиќи (4 к.), доселени се од сега албанското село Блаце кај Качаник и Урдаревиќи (8 к.), доселени се од селото Штрпце кај Сириниќ. Велат дека таму имаат роднини.

Општествени установи

уреди
  • Поранешно основно училиште, кое работело од 1866 до 1964 година кај селската црква
  • Месна заедница

Самоуправа и политика

уреди

Селото влегува во рамките на Општина Чучер-Сандево и која не била променета при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година.

Во периодот од 1996 до 2004 година, селото било дел од тогашната Општина Чучер-Сандево.

Во периодот од 1962 до 1996 година, селото било сместено во големата општина Кале.

Во периодот од 1955 до 1962 година, селото било дел од тогашната општина Бутељ. Потоа, оваа општината била распуштена и била префрлена во општината Кале.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Бразда, во која покрај селото Чучер, се наоѓале и селата Бањане, Блаце, Бразда, Визбегово, Глуво, Горно Оризари, Горњане и Мирковци. Во периодот 1950-1952, селото исто така било дел од некогашната општина Бразда, во која влегувале селата Бањане, Бразда, Глуво, Горњане, Мирковци, Оризари и Чучер.

Избирачко место

уреди

Во селото постои избирачкото место бр. 2464 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на партизанскиот дом „Сандево“.[17]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 365 гласачи.[18]

Културни и природни знаменитости

уреди
 
Поглед на главната селска црква „Св. Троица“
Археолошки наоѓалишта[19]
Цркви[20]
Споменици

Редовни настани

уреди

Личности

уреди
Родени во Чучер-Сандево

Потекло

уреди

Иселеништво

уреди

И ова село го зафатиле големи миграциски движења. Од постарите иселеници се знае за Кајови и Станковчеви кои се иселиле во соседното село Бањане. Како и за родот Урдаревци или Миленковци кои се иселиле во селото Булачани.[3]

После Првата светска војна се иселиле следниве родови: Ќуксановиќи во селото Љуботен, Душќиќевци и Лалови во селото Волково и Ливрини во селото Злокуќани.[3]

После Втората светска војна имало иселеници во Скопје (30 семејства), Ново Село (10 семејства) и во Орман (3 семејства).[3]

Неколку чучерски домаќинства се иселиле во Глогоњ во Војводина: Качаниклиќи (2 семејства), Златановиќи (1 семејство), Путовиќи (1 семејство), Челиковиќи (1 семејство) и Урдаревиќи (1 семејство).[3]

Галерија

уреди

Наводи

уреди
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 320. Посетено на 29 јануари 2019.
  3. 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 3,11 3,12 3,13 Трифуноски, Јован Ф.; Трифуноски, Јован Ф. (1971). Скопска Црна гора : природна средина, прошлост, насеља, становништво и привреда : (са скицама, фотографијама и картом) = Skopska Crna Gora : antropogeographische Forschungen. Skopje: Универзитет „Св. Кирил и Методиј“. OCLC 637308591.
  4. 4,0 4,1 4,2 „РОДНОКРАЈСКИ ЗАПИС“. web.archive.org. 2016-03-04. Архивирано од изворникот на 2016-03-04. Посетено на 2020-01-30.CS1-одржување: бот: непознат статус на изворната URL (link)
  5. Георгиев, Величко, Стайко Трифонов, История на българите 1878 - 1944 в документи, том 1 1878 - 1912, част втора, стр. 296.
  6. Османлиски документи за историјата на Македонија - пописи од XIX век на христијанското население - Скопски Санџак, каза Скопје. Скопје: д-р Емил Крстески. 2021.
  7. Верковиќ, Стефан (1889). Топографическо-этнографическій очеркъ Македоніи. Санкт Петербург.
  8. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 206
  9. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 116-117.
  10. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  11. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 29 јануари 2020.
  12. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  13. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  14. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  15. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  16. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  17. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 29 јануари 2020.
  18. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2020-01-29. Посетено на 29 јануари 2020.
  19. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
  20. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  21. 21,00 21,01 21,02 21,03 21,04 21,05 21,06 21,07 21,08 21,09 21,10 21,11 21,12 21,13 21,14 21,15 21,16 21,17 21,18 21,19 21,20 21,21 21,22 21,23 21,24 21,25 21,26 21,27 21,28 21,29 21,30 21,31 21,32 21,33 21,34 21,35 21,36 21,37 Стојановски - Цоњче, Бојко (1999). Скопско црногорие: од Бразда до Брњарци - III Книга. Скопје: "Гоце Делчев". стр. 94–95. ISBN 9989-35-022-1.

Поврзано

уреди

Надворешни врски

уреди