Бразда
Бразда — село во Општина Чучер-Сандево, во областа Црногорија, во околината на градот Скопје.
Бразда | |
Селската чешма во Бразда | |
Координати 42°4′50″N 21°23′54″E / 42.08056° СГШ; 21.39833° ИГД | |
Регион | Скопски |
Општина | Чучер-Сандево |
Област | Црногорија |
Население | 647 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 1011 |
Повик. бр. | 02 |
Шифра на КО | 11004 |
Надм. вис. | 442 м |
Слава | Мала Богородица |
Бразда на општинската карта Атарот на Бразда во рамките на општината | |
Бразда на Ризницата |
Потекло на името
уредиСелото е споменато најпрвин како маало во турски документи од 1568 година. Се верува дека неговото име доаѓа од бразда, што значи мал довод или одвод на вода.[2]
Географија и местоположба
уредиСелото се наоѓа во северниот дел на Скопската Котлина, а во јужниот дел на територијата на Општина Чучер-Сандево.[3] Селото е рамничарско, на надморска височина од 390 метри. Денес, селото е скоро целосно споено со соседното село Глуво.[3]
Бразда претставува најјужно село на Скопска Црна Гора, сместено во долината на Бањанска Река, а во нејзиниот атар се спојуваат Бањанска и Кучевишка Река. Најголемиот дел од селото е сместено во долината, додека малку куќи се изградени на падините. Мештаните со вода за пиење се снабдувале од бунари и од три извори. Надвор од селото се наоѓаат уште извори.[4]
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Градиште, Желковац, Рудина, Клопотенец, Штитиње, Сува Чешма, Чар, Под Црква, Чивлак, Под Чивлак, Железница, Мала Главичица, Голема Главичица, Поројница, Бучел, Луг, Кремењача, Жабарница, Данчов Брест, Барица, Вртачица, Отрувачка, Рудина, Мало Страиште, Големо Страиште, Јурија, Бањашница или Бражданска Река, Бунарче, Св. Атанасија, Гола Глава, Крст, Крњевац, Палишевина, Каменитица, Врчва Дубоки Дол, Мал Стенковац, Голем Стенковац, Орашац, Поповска Страна, Шамак, Први Дол, Пударница, Лепенац, Бардовски Рид, Визбеговско Орманче, Старо Џаде, Коњски Дол, Мало Градиште, Кучевица, Бањански Пат, Глушка Бања, Чучерски Мост, Мирковачки Рид и Марков Камен.[4]
Селото има збиен тип и е издолжено во насока северозапад-југоисток. Поделено е на маала, во кои постојат групирани куќи по родови.[4]
Селото Бразда се наоѓа во западниот дел, на крајот на подножјето од јужната страна на планината Скопска Црна Гора.
Историја
уредиСелото е сместено околу ридот Градиште, на вливот на реките Бањанска и Кучевишка, поради што отсекогаш било погодно за живеење. Поради тоа, околината на селото покажува дека положбата била населена одамна, со остатоци до праисторијата.[4]
На Градиште како што кажува и самото негово име постоела тврдина, која била опкружена со ѕидини и важела за една од најзначајните во околината на Скопје. Од нејзе се штител сообраќајот на патот Скопје-Качаник.[4]
Месноста Св. Атанасија се наоѓа северозападно од селото и некогаш таму се наоѓала црква. Селаните и денес таму се собираат на зимски Атанасовден. Во месноста Видране, пак, покрај горниот дел на селото се наоѓала црква „Св. Спас“. Денес, таму се наоѓаат селските гробишта. Чивлак се наоѓа јужно од селото и некогаш таму било седиштето на турските владетели на поседите.[4]
Народната традиција верува дека пред основањето на чифлигот постоела мала словенска населба, каде се наоѓала црквата „Св. Троица“.[4]
За основањето на денешното село нема податоци. Прво споменување под ова име потекнува од втората половина на XV век.[4]
Народното предание наведува дека двете села, Глуво и Бразда, еднаш целосно биле напуштени. Подоцна, биле обновени од доселеници од некогашното село Марушани. Тоа село се наоѓало северозападно од Глуво, во подножјето на брдото Палишевина. Исто така, се верува дека од некогашното село Марушани се иселиле двајца браќа, кои подоцна ги обновиле двете села Глуво и Бразда, поради што имаат и заеднички атар.[4]
До крајот на турската власт во 1912 година, селото трпело напади од страна на муслиманските жители (особено од селото Никиштане) и не добивало заштита од страна на државата.[4]
Во XIX век, селото е дел од нахијата Кара Даг во Скопската каза во Отоманското Царство.
Стопанство
уредиАтарот на селото, кој е заеднички со соседното село Глуво, зафаќа простор од 15,7 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 731,1 хектар, на пасиштата отпаѓаат 658,8 хектари, а на шумите само 0,5 хектари.[3]
Население
уреди
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според опширните османлиски дефтери за населението на Скопската Каза од 1832/33 година, селото било христијанско, со 42 христијански домаќинства. На овој попис биле забележани 136 мажи христијани, со 14 новороденчиња. Се проценува дека селото во тој период имало 300 жители.
Стефан Верковиќ во 1857 година го бележи со 553 жители.[6]
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Бразда живееле 376 жители, сите Македонци.[7] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Бразда имало 464 жители, под врховенството на Бугарската егзархија.[8]
Во 1913 година, во селото биле евидентирани 409 жители. Било дел од Општина Бардовци.[9]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија од 1931 година, селото имало 500 Македонци.[10]
Бразда е село кое е средно по големина, но со намалување на бројот на населението. Во 1961 година, селото броело 535 жители, а во 1994 година бројот се намалил на 449 жители, од кои 445 биле Македонци и 3 Срби.[3]
Според пописот од 2002 година, во селото Бразда живееле 480 жители, од кои 470 Македонци, 5 Србин и 5 останати.[11]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 647 жители, од кои 602 Македонци, 1 Албанец, 9 Роми, 13 Срби, 5 останати и 17 лица без податоци.[12]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 376 | 464 | 548 | 611 | 535 | 488 | 458 | 484 | 449 | 480 | 647 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[13]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[14]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[15]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[16]
Родови
уредиБразда е македонско православно село. Сите родови се доселени, најмногу од денешните албански села Никиштане, Блаце и Паливоденица.[4]
Според истражувањата од 1960-тите родови во селото се: Славковци (12 к.) и Пејковци (15 к.), доселени се од сега албанското село Никиштане помеѓу 1840-1850 година.[17] Во родот Славковци се знае следното родословие: Богоја (жив на 60 г. во 1969 година) Бојко-Никола-Славко, кој се доселил во селото; Пршовци (4 к.), доселени се од селото Паливоденица кај Качаник; Јовчевци (6 к.), Живковци или Црсковци (7 к.), Бошковци (2 к.), Дапчевци (3 к.), Димовци (3 к.) и Јаневци (2 к.), доселени се од сега албанското село Блаце кај Качаник, во родот Живковци се знае следното родословие: Симон (жив на 70 г. во 1969 година) Велко-Стевко-Живко, основачот на родот кој се доселил; Којиќеви (5 к.), доселени се од местото Барица, кое лежело југозападно од Бразда; Данчевци (12 к.) и Кираџовци (3 к.), Кираџовци се гранка од Данчевци, доселени се од местото Данчев Брест кое лежело јужно од селото и Петковци (15 к.), Доклевци (3 к.) и Касовци (2 к.), доселени се однекаде.
Општествени установи
уреди- Месна заедница
Самоуправа и политика
уредиСелото влегува во рамките на Општина Чучер-Сандево и која не била променета при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година.
Во периодот од 1996 до 2004 година, селото било дел од тогашната Општина Чучер-Сандево.
Во периодот од 1962 до 1996 година, селото било сместено во големата општина Кале.
Во периодот од 1955 до 1962 година, селото било дел од тогашната општина Бутељ. Потоа, оваа општината била распуштена и била префрлена во општината Кале.
Во периодот 1952-1955, селото било седиште на тогашната Општина Бразда, во која покрај селото Бразда, се наоѓале и селата Бањане, Блаце, Визбегово, Глуво, Горно Оризари, Горњане, Мирковци и Чучер. Во периодот 1950-1952, селото исто така било седиште на некогашната општина Бразда, во која влегувале селата Бањане, Бразда, Глуво, Горњане, Мирковци, Оризари и Чучер.
Избирачко место
уредиВо селото постои избирачкото место бр. 2466 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на нов дом за млади.[18]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 432 гласачи.[19]
Културни и природни знаменитости
уреди- Археолошки наоѓалишта[20]
- Градиште — утврдена населба од железното, раноантичкото, римското и доцноантичкото време;
- Ѓорѓоец — водовод од римското време;
- Царевец — населба од римското време; и
- Видране (Св. Спас) — црква и некропола од средниот век.[21]
- Цркви[22]
- Црква „Рождество на Пресвета Богородица“ — главна селска црква црква од XIX век;
- Црква „Вознесение Христово“ — мала црквичка на горниот дел од селото;
- Параклиси
- Параклис „Св. Ава Сисој Велики“ — параклис на аеродромот Стенковец[23]
- Споменици
- Спомен-плоча за загинатите борци од НОБ
Редовни настани
уреди- Мала Богородица — селска и црковна слава
- Атанасовден (зимски) — селски собир
Личности
уреди- Потекло од Бразда
- Здравко Киранџиски (1922-1945) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
- Бошко Пејковски (1922-1945) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
- Пеце Пејковски (?-1945) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
- Александар П. Пејковски — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ[24]
- Стојко С. Пејковски — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ[24]
- Блаже В. Пејковски — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ[24]
- Неделко С. Пејковски — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ[24]
- Филип С. Данчевски — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ[24]
- Никче С. Данчевски — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ[24]
- Саво С. Данчевски — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ[24]
- Петар Б. Данчевски — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ[24]
- Ангелко П. Данчевски — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ[24]
- Панко Ј. Данчевски — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ[24]
- Голуб С. Јовчевски — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ[24]
- Лазе С. Јовчевски — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ[24]
- Петко А. Јовчевски — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ[24]
- Трајко К. Поповски — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ[24]
- Живко С. Поповски — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ[24]
- Киро К. Поповски — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ[24]
- Атанас Поповски — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ[24]
- Стоилко Н. Коевски — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ[24]
- Велко М. Коевски — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ[24]
- Краљо П. Славковски — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ[24]
- Стојко С. Славковски — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ[24]
- Никола Т. Славковски — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ[24]
- Ангеле Ј. Симоновски — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ[24]
- Љубомир С. Стевковски — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ[24]
- Боривое К. Доклевски — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ[24]
- Александар К. Доклевски — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ[24]
- Јован П. Пршевски — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ[24]
- Ѓорѓи А. Чивлачки — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ[24]
- Јован Пејковски — македонски политичар и поранешен градоначалник на Општина Чучер-Сандево.
- Коце Трајановски — македонски политичар и поранешен градоначалник на Скопје
- Горан Славковски — македонски фудбалер
Култура и спорт
уредиВо непосредна близина на селото се наоѓа и спортскиот аеродром Стенковец.
Иселеништво
уредиОд селото порано имало иселување во селото Булачани, Пејковци или Црногорчеви (7 к.) и Бражданци (4 к.). Пред крајот на отоманскиот период, неколку домаќинства се преселиле во Бугарија.[4]
По Втората светска војна се отселиле 20 семејства, главно во Скопје.[4]
Галерија
уреди-
Поглед на гробницата во наоѓалиштето Градиште
-
Спомен-плоча за загинатите во НОБ во селото
-
Информативна табла за археолошкиот парк во селото
Наводи
уреди- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Р Македонија : (Б,Ѓ,Е,Ј,Н,Р,Т,Ќ,У,Ф,Х,Џ,Ш). Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 69. ISBN 978-608-220-026-2.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 36. Посетено на 5 февруари 2019.
- ↑ 4,00 4,01 4,02 4,03 4,04 4,05 4,06 4,07 4,08 4,09 4,10 4,11 4,12 Трифуноски, Јован Ф.; Трифуноски, Јован Ф. (1971). Скопска Црна гора : природна средина, прошлост, насеља, становништво и привреда : (са скицама, фотографијама и картом) = Skopska Crna Gora : antropogeographische Forschungen. Skopje: Универзитет „Св. Кирил и Методиј“. OCLC 637308591.
- ↑ Стојановски, Бојко (1999). Скопско Црногорие од Бразда до Брњарци. Скопје.
- ↑ Верковиќ, Стефан (1889). Топографическо-этнографическій очеркъ Македоніи. Санкт Петербург.
- ↑ Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 206
- ↑ D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 116-117.
- ↑ Речник на местата во ослободената област Стара Србија по службени податоци. Белград: Мил. Ант. Вујиќ. 1914.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 5 февруари 2020.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ Трифуноски, Јован 1971: 74
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 5 февруари 2020.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2020-02-05. Посетено на 5 февруари 2020.
- ↑ Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
- ↑ Мештаните од с. Бразда откопале древна црква, за чие постоење знаеле предците![мртва врска]
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
- ↑ Мало осветување на параклис
- ↑ 24,00 24,01 24,02 24,03 24,04 24,05 24,06 24,07 24,08 24,09 24,10 24,11 24,12 24,13 24,14 24,15 24,16 24,17 24,18 24,19 24,20 24,21 24,22 24,23 24,24 24,25 24,26 24,27 Стојановски - Цоњче, Бојко (1999). Скопско црногорие: од Бразда до Брњарци - III Книга. Скопје: "Гоце Делчев". стр. 23–24. ISBN 9989-35-022-1.
Поврзано
уредиНадворешни врски
уреди„Бразда“ на Ризницата ? |