Ален Гинсберг

(Пренасочено од Ален Гинзберг)

Ирвин Ален Гинсберг (3 јуни 1926 - 5 април 1997) — американски поет, икона на хипи-движењето од втората половина на дваесеттиот век. Гинсберг е најпознат по своето дело Урлик (1956), една долга поема во која го дава суровиот реалистичен приказ на само-уништувањето на неговите пријатели од Бит генерацијата, како и деструктивните сили на материјализмот и конформизот на американското општество врз човековата личност.

Ален Гинсберг
Роден/а3 јуни 1926
САД Њу Џерси, САД
Починат/а5 април 1997
САД Њујорк Сити, САД
Занимањепоет, активист, есеист
Книжевно движењеБит генерација,
Нови американски поети,
Постмодернизам

Животопис

уреди

Ран живот и семејство

уреди

Гинсберг е роден во еврејско семејство во Њуарк, Њу Џерси. Неговиот татко - социјалистот Луј Гинсберг е поет и средношколски професор. Мајката на Гинсберг, Наоми Ливерџант (која страда од епилепсија и ментални болести од типот на параноја[1]) е активен член на Комунистичката партија на САД и често ги носи своите синови - Ален и Јуџин - на партиските состаноци. Гинсберг подоцна ќе рече: "Мама ги измислуваше нашите приказни за пред спиење и сите изгледаа вака: добриот крал јаваше кон својот замок, ги виде несреќните работници и им помогна.'"[2]

Како тинејџер, Гинсберг почнува да пишува писма до Њујорк Тајмс во врска со политички теми од типот на Втората светска војна и правата на работниците.[2] Кога станува средношколец, патува со автобус, заедно со својата мајка, на нејзината терапија. Патувањето го вознемирува младиот Гинсберг - го спомнува него, заедно со уште неколку други моменти од своето детство во неговата долга автобиографска поема "Кадиш за Наоми Гинсберг (1894-1956)."[1] Додека е во средно училиште, Гинсберг почнува да го чита Волт Витман; ќе рече дека бил инспириран од страста на неговиот учител за читање.

Во 1943 Гинсберг го завршува средното школо во Истсајд и за кратко време го посетува Државниот Универзитет во Монклер пред да се запише на Колумбискиот Универзитет со помош на една стипендија што му е дадена од Young Men's Hebrew Association (1949).[3] Додека е на Колумбија, Гинсберг пишува за литературното списание Columbia Review, за хумористичниот магазин Jester, ја добива поетската награда Вудбери и е претседател на дебатната група во училиштето.

Њујоршките битници

уреди

Додека е бруцош, Гинзберг се спријателува со Лусиен Кар, кој го запознава Ален со идните битници Џек Керуак, Вилијам С. Бароус и Џон Клелон Холмс. Многу набрзо се поврзуваат, бидејќи сите се приврзаници на младешкиот ентузијазам, на потенцијалот што постои во потиштената и ограничена млада повоена американска генерација. Гинсберг и Кар со возбуда зборуваат за "Новата Визија" (фраза адаптирана од големиот француски поет Артур Рембо) на американската литература. Кар го запознава Гинсберг и со Нил Кесиди, со кого тој долго време ќе биде опседнат.[4] Керуак подоцна ќе ја опише првата средба меѓу Гинсберг и Кесиди во неговиот познат роман од 1957 година На патот.[1] Керуак ги гледа како мрачната (Гинсберг) и светлата (Кесиди) страна на нивната заедничка "Нова визија." Ваквата слика за Гинсберг кај Керуак е всадена поради политичките погледи на Ален; тој ќе го нарече Гинсберг "Карло Маркс" во На патот. Ова е една од причините за дихармонизацијата на односот меѓу Керуак и Гинсберг - Керуак, иако отпрво бил делумен приврзаник на комунизмот, со време, сосема се разочарал од него.

 
Гинсберг (десно) со својот долгогодишен пријател Грегори Корзо

Во 1948 година, во стан во Харлем, Гинзберг има аудитивна халуцинација во која Вилијам Блејк му ги читал своите песни "Ах, сончогледу," "Болната ружа," и "Изгубеното девојче". Во тој период Гинсберг ги читал токму овие три песни и рекол дека му звучеле навистина познато; набрзо слушнал некој далечен глас кој звучел како да му припаѓа на Бог, но кој, според Гинсберг, бил Блејков. Во тој момент, почувствувал дека присуствува на некакво откровение. Верувал дека ги видел сите поврзаности во универзумот. Погледнал кон пожарникарските скали и сфатил дека некој ги има направено; потоа погледнал кон небото и интуитивно осознал дека и тоа е направено од некого, односно дека нечија рака успеала да го создаде. Подоцна Гинсберг ќе рече дека оваа халуцинација не била плод на земање дрога, но ќе напомене дека успевал во подоцнежните години да ја поврати со помош на халуциногени средства.[5]

Во Њујорк Гинсберг се запознава и со Грегори Корзо, и тоа во Pony Stable Bar, еден од првите лезбејски барови во светот. Корзо, кој штотуку бил пуштен од затвор и кој бил парично издржуван од патроните на барот, пишувал песна во мигот кога се запознале. Гинзберг ќе рече дека веднаш бил привлечен од Корзо, кој, за разлика, од него, бил хетеросексуалец но ги разбирал и различно ориентираните по трите години минати во затвор. Откако причитал дел од песните на Корзо, Гинзберг бил уште пофасциниран, сфаќајќи дека Грегори бил и "духовно надарен." Наскоро, тој го запознава Корзо со другите негови блиски пријатели. Во текот на нивниот прв состанок во Pony Stable, Корзо му покажува песна во која ја опишува убавината на една девојка која се сончала гола на прозорецот. Изненадувачки, убавицата всушност била девојка на Гинсберг во периодот на еден од неговите неколку хетеро-излети. Гинсберг и Корзо ќе останат пријатели до крајот на нивните животи.

Во овој период Гинсберг е дел од една романтична врска со поетесата Елис Ковен, уште еден член на битниците; во 1962 година, Елис ќе се самоубие фрлајќи се од својот стан на седмиот спрат.

Ренесансата во Сан Франциско

уреди

Во 1954 во Сан Франциско, Гинсберг го запознава Питер Орловски, (кој е седум години помлад од него) во кого веднаш се вљубува и со кого останува во доживотна врска; под негово влијание тој ќе го отпочне кокетирањето со тибетскиот будизам.

Во Сан Франциско, Гинсберг ќе се спријатели и со голем број од членовите на движењето наречено санфранциска ренесанса кои со време ќе станат битници во поширока смисла на зборот. Воли Хендрик – сликар и соосновач на Шестата Галерија – во летото 1955 година му се доближил на Гинсберг и побарал од него да организира поетско читање во неговата галерија. Најпрво Гинсберг одбива... но откако ќе напише една груба скица на Урлик, си го променува мислењето.[6] Гинсберг го рекламира настанот како "Шест поети во Шестата галерија." Еден од најзначајните митови во легендариумот на битниците, познат само како "Читањето во Шестата галерија" се случува на 7 октомври 1955.[7] Настанот, суштински, ги поврзува источните и западните фракции на бит-движењет. Од полично значење за Гинсберг: таа ноќ за првпат јавно се чита "Урлик", песната што му носи светска слава на Гинсберг, како и на останатите поети од движењето. Настанот е забележан во романот на Керуак "Алкохоличарите од Дарма", каде се опишува собирањето пари од сите присутни за да се купи вино и страсното и пијано рецитирање на Гинсберг, придружено со низа гестикулации.

Најважното дело на Гинсберг, "Урлик", го содржи добро-познатиот прв стих, еден од најчесто цитираните во историјата на постмодерната литература: Видов како најголемите умови на мојата генерација гладуваат, уништени од лудило и хистерично голи, како се влечат низ црнечките улици во зорите барајќи гневен фикс, ангелоглави хипстери што горат во древните небесни нишки на ѕвезденото динамо од машинеријата на ноќта. [8] "Урлик" се смета за скандалозна поема во времето на нејзиното издавање поради грубоста на јазикот, кој многу често е и алузивен и експлицитен. Поради користење на непристоен јазик, многу брзо по нејзиното печатење, песната е забранета. Забраната станува cause célèbre меѓу бранителите на Првиот Амандман, и подоцна е крената од страна на судијата Клејтон В. Хорн со објаснување дека е од искупувачко социјално значење.

Биографски алузии во "Урлик"

уреди

Еднаш Гинсберг ќе рече дека сѐ што напишал било негова лична и проширена биографија (како Керуаковата Легенда Дулоуз). Но Урлик не е само биографија на Гинсберг пред 1955 година, туку и хроника на бит-генерацијата. Гинсберг ќе тврди дека Урлик ги истражува и неговите сѐ уште нерешени чувства за неговата шизофрена мајка. Иако Кадиш поексплицитно го истражува овој проблем (толку многу што подлабока стих-по-стих анализа би била прекумерно исцрпна и релативно нејасна), Урлик на многу места го користи истиот приод. Иако голем дел од неговите дела зборуваат многу за неговиот живот, неговите односи со останатите битници, како и неговите политички гледишта, се најзастапени во Урлик.

Во Париз и во 'Бит хотелот'

уреди

Во 1957, Гинсберг го изненадува литературниот свет, напуштајќи го Сан Франциско; заедно со Питер Орловски одат во Париз каде веќе е Грегори Корзо. Корзо ќе им покаже една мала, дрвена куќичка сместена на 9 rue Gît-le-Coeur која ќе остане запаметена во историјата како Бит Хотел. Набрзо им се приклучуваат Вилијам Бароус и уште неколку битници. Овој период е продуктивен и длабоко креативен за сите. Тука Гинсберг ја завршува својата позната епска песна "Кадиш", Корзо ги компонира "Бомба" и "Свадба", а Бароус (со помош на Гинсберг и Корзо) ја оформува "Гол ручек", средувајќи ги своите претходни записи. Овој период е документиран од фотографот Харолд Чепмен, кој се доселува безмалку истовремено и кој постојано ги слика гостите на хотелот сè до неговото затворање во 1963 година.

Продолжена литературна активност

уреди
 
Фотографија на Гинсберг со Боб Дилан од 1975 година.

Иако "Бит" е термин најдлабоко поврзан со Гинсберг и неговите блиски пријатели (Корзо, Орловски, Керуак, Бароус, итн.), самата фраза "Бит генерација" се однесува на многу други луѓе кои Гинсберг ги запознава во текот на 1950тите и раните 1960ти. Клучно во поврзувањето на некој поет со овој назив, од денешна гледна точка, изгледа дека е пријателството со Гинсберг. (Пријателството со Керуак или Бароус било исто така значајно, но обајцата со тек на време ќе се обидат да се исклучат од "Бит генерацијата.") Дел од незадоволството на битниците доаѓа од причина што Гинсберг често бил именуван како нивни водач. Тој никогаш нема да се смета за водач. Сепак, ќе рече дела голем дел од неговите пријатели-поети во овој период ги делеле истите намери и пишувале за исти мотиви. Дел од неговите понови пријатели се: Боб Кауфман; Лерој Џоунс пред да стане Амири Барака, кој, откако ја причитал "Урлик", му напишал писмо на Гинсберг на тоалетна хартија; Дајен Деприма; Роберт Крили и Денис Левертов, како и Френк O' Хара и Кенет Кох.

Подоцна, Гинсберг ќе ја направи клучната врска меѓу битниците од 1950-тите и хипиците од 1960-тите, спријателувајќи се, меѓу другите, и со Тимоти Лири, Кен Киси, Род Мекуен и Боб Дилан.

Будистичкиот период

уреди

Гинсберговото духовно патување започнува спонтано и паралелно со неговите визии и продолжува со едно негово рано патување во Индија и една случајна средба со Чонгјам Тунгпа (и двајцата се обидуваат да фатат едно исто такси), професор по медитација, кој ќе му стане негов пријател и доживотен учител. Еден период Гинсберг ќе се поврзе и со хиндуизмот. Ќе стане пријател со Бактиведанта Свами Прабхупада, основач на движењето Харе Кришна на западната полутопка, однос документиран од Сатсварупа Госвами во неговиот биографски запис 'Срила Прабхупада Лиламрта'. Гинсберг донира пари, материјали и репутација за да им помогне на Свами да го воспостави својот прв храм и оди на турнеја заедно со него. Гинсберг е првата личност на северноамериканскиот континент кој јавно ја пее мантрата на Харе Кришна. Ќе биде оплакуван од харе-кришнистите по неговата смрт во 1997 година. Музиката и пеењето ќе бидат важен дел од јавните рецитации на Ален Гинсберг. Често самостојно ќе се придржува со хармониум, а неретко и од некој друг гитарист. Во текот на неговата кариера, скоро секогаш Гинсберг ќе чита пред застаната публика.

Смрт и слава

уреди

Гинсберг ја добива Националната награда за најдобра книга Падот на Америка. Во 1993, францускиот министер за култура му го доделува орденот Chevalier des Arts et des Lettres (Редот на уметноста и писмата).

Ален Гинсберг умира на 5 април 1997, крај своето семејство и пријатели во неговата куќа во Њујорк Сити, како последица на рак на црниот дроб и компликација со хепатит. Има 70 години. Гинсберг пишува сè до последните денови од својот живот: неговата последна песна "Работите што нема да ги направам (Носталгии)" е напишана на 30 март [9].

Гинсберг е закопан во семејната гробница во Гомел Чесд, дел од еврејската гробница на аголот на Мек Клелан и авенијата Маунт Оливет, близу Њуарк, Њу Џерси. Местото не е јасно обележано и не е место каде се собираат голем број негови следбеници, но сепак често доаѓаат помал број приврзаници на Гинсберг кои понекогаш оставаат по некоја книга или цвеќе на неговиот гроб.

Издадени книги

уреди
  • Howl and Other Poems („Урлик и други песни“, 1956)
  • Kaddish and Other Poems („Кадиш и други песни“, 1961)
  • Reality Sandwiches („Сендвичи на реалноста“, 1953)
  • The Yage Letters („Писмата од Јаг“, 1963) - со Вилијам С. Бароус
  • Planet News („Вести од планетата“, 1968)
  • The Gates of Wrath: Rhymed Poems („Портите на Гневот: римувани поеми“, 1972)
  • Iron Horse („Железен коњ“, 1972)
  • The Fall of America: Poems of These States („Падот на Америка: песни за овие држави“, 1973)
  • First Blues: Rags, Ballads & Harmonium Songs 1971 - 1974 („Прв блуз: партали, балади и песни на хармониум 1971 - 1974“, 1975)
  • Mind Breaths („Воздишки на умот“, 1978)
  • Plutonian Ode: Poems („Плутонова ода: поеми“, 1982)
  • Collected Poems 1947–1980 („Собрани песни 1947–1980“, 1984)
  • White Shroud Poems („Песни под бела покривка“, 1986)
  • Cosmopolitan Greetings Poems („Поздравни поеми од Космополитен“, 1994)
  • Illuminated Poems („Илуминирани песни“, 1996)
  • Selected Poems: 1947–1995 („Избрани песни: 1947–1995“, 1996)
  • Death and Fame: Poems („Смрт и слава: песни“, 1999)
  • Deliberate Prose („Намерна проза“, 2000)

Белешки

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 Чартерс, Ен. „Животот на Ален Гинсберг“. Modern American Poetry website. Архивирано од изворникот на 2008-05-11. Посетено на 2007-09-30. Не се допушта закосување или задебелување во: |publisher= (help)
  2. 2,0 2,1 Џоунс, Боунси. „Биографски белешки за Ален Гинсберг“. Biography Project. Не се допушта закосување или задебелување во: |publisher= (help)
  3. „Посмртницата на Гинсверг“. New York Times.
  4. Бери Гифорд, Како и секогаш: Собрани преписки меѓу Ален Гинсберг и Нил Кесиди.
  5. Бери Мајлс, Гинсберг: Биографија. Лондон: Virgin Publishing Ltd. (2001), 628 страни.
  6. Џона Раскин, Американски врисок: „Урликот“ на Ален Гинсберг и создавањето на бит-генерацијата.
  7. Сигел, Роберт. „Раѓање на бит-генерацијата: 50 години 'Урлик'.
  8. Слободен препев; во оригиналот стиховите гласат вака: "I saw the best minds of my generation destroyed by madness, starving hysterical naked, dragging themselves through the negro streets at dawn looking for an angry fix angelheaded hipsters burning for the ancient heavenly connection to the starry dynamo in the machinery of the night."
  9. Ален Гинсберг, Собрани песни 1947-1997, стр. 1160-1.

Надворешни врски

уреди
 
Викицитат има збирка цитати поврзани со: