Шифра (Борхес)
„Шифра“ (шпански: La cifra) — стихозбирка на арегнтинскиот писател Хорхе Луис Борхес од 1981 година. Збирката е посветена на Марија Кодама.[1]
Содржина
уредиЗбирката содржи 46 песни:[2] „Ронда“, „Чинот на книгата“, „Декарт“, „Две катедрали“, „Бепо“, „Кога набавив енциклопедија“, „Оној“, „Проповедник, I, 9“, „Два облика на несоницата“, „The Cloisters“, „Белешка за една фантастична приказна“, „Епилог“, „Буенос Аирес“, „Искушени“, „Химна“, „Среќа“, „Елегија“, „Блејк“, „Творецот“, „Yesyerdays“, „Ткаење“, „Милонга за Хуан Мурања“, „Андрес Армоа“, „Третиот човек“, „Носталгија за сегашноста“, „Суштина“, „Песна“, „Ангел“, „Сон“, „Еден сон“, „Заборавен сон“, „Пеколот, V, 129“, „Слава“, „Праведници“, „Соучесник“, „Доушник“, „Пустина“, „Лакираниот стап“, „На определен остров“, „Го“, „Шинто“, „Странец“, „Седумнаесет хаикуа“, „Нихон“ и „Шифра“.
Осврт кон делото
уредиВо предговорот кон збирката, Борхес наведува: „По многу години сфатив дека ми е забрането да имам магичен ритам, необична метафора, извик, мудро смислено дело кое не е со краток здив. Мојата судбина е она што обично се нарекува интелектуална поезија.“ Притоа, тој се повикува на влијанието од повеќе извори, како: Платон, Френсис Бекон, Емерсон, Фрост, Унамуно, Пол Валери и Луис де Леон, истакнувајќи дека неговата збирка трага по средниот пат меѓу интелектуалната и вербалната поезија.[3]
Во совој осврт кон книгата, Радивоје Константиновиќ ја опишува како збир на поетското и животното искуство на борхес и како освојување на нови поетски простори. Во тој поглед, „Шифра“ ја оценува како највисокиот степен на Борхесовата поетска еволуција која се движела во насоката на поголема економичност во изразувањето и поголема широчина во опфатот. Притоа, во ова дело повторно се среќаваат митологијата на некогашниот Буенос Аирес („Епилог“, „Слава“, „МИлонга за Хуан Мирања“), библиските теми („Проповедник“, „Среќа“) и портретите на неговите омилени поети и филозофи („Блејк“, „Декарт“). Ново во збирката е големото место што им е дадено на Јапонија („Го“, „Шинто“, „Нихон“, „Седумнаесет хаикуа“), и на сонот („Два облика на несоница“, „Сон“, „Еден сон“, „Заборавен сон“). Збирката се одликува со помалку прецизност и поетски хумор, но повеќе едноставност и ведрина. За разлика од воздржаноста карактеристична за неговите постари збирки, во „Шифра“ авторот не се воздржува да зборува за себеси, за своите чувства и за очекувањето на крајот на животот. Исто така, во збирката ја нема поделеноста на личноста која е карактеристична за Борхес (на пример, „Борхес и јас“), туку овде доаѓа до помирување меѓу човекот и поетот. Притоа, читателот не може да се ослободи од впечатокот дека, веќе уморен од слепилото и годините, со оваа збирка поетот се простува со сите убави и тешки мигови во животот, со луѓето, со омилените книги. Борхесовата порака е искажана во насловот: животот е шифра, енигма, гатанка, исто како и она што доаѓа по него; секому му е дадена можноста да биде целиот свет и целата човечка судбина и во тоа се состои убавината на животот, но и неговата трагика, зашто во нашата фрагментарност не можеме да ја досегнеме целоста во конечноста. Иако во неговото поетско творештво има стихозбирки кои повеќе се доближуваат до Борхесовиот идеал кој го дефинира како среден пат меѓу вербалната и интелектуалната поезија, сепак „Шифра“ е неговата најлична збирка. Во неговата еволуција кон едноставноста на поетскиот израз, Борхес се потпира врз сопственото искуство, а неговата поезија се сведува на исповед. Но, истовремено, во неговите песни е изразено чувството за поврзаноста на сите човечки судбини.[4]
Наводи
уреди- ↑ „Zapis“, во: Horhe Luis Borhes, Šifra. Beograd: Paidea, 2012, стр. 5.
- ↑ Horhe Luis Borhes, Šifra. Beograd: Paidea, 2012.
- ↑ „Predgovor“, во: Horhe Luis Borhes, Šifra. Beograd: Paidea, 2012, стр. 7-9.
- ↑ Radivoje Konstantinović, „Pogovor“, во: Horhe Luis Borhes, Šifra. Beograd: Paidea, 2012, стр. 103-105.