Современа македонска музика

Современата македонска музика може да се третира како музичкиот период од крајот на Втората светска војна, или повоен период, кој е всушност првата етапа на современа музика, додека втората етапа, или тековната, денешна современа музика може да се означи од крајот на XX и во текот на овој XXI век. Музичките вредности, денес, сè уште активно се негуваат и растат. Во овој период, светската современа музика игра голема улога во глобализацијата на македонската музика, па така, музичките жанрови создадени од почетокот на минатиот век како поп, рокез, блуз, рап и електронска музика, меѓу многуте други, даваат корени кон оформување на современите македонски жанрови и нивната иднина.

Поп или „забавна“ музика уреди

Во македонската повоена музика се развил посебен жанр во практиката означен како забавна музика. Поделбата на музиката на народна, забавна и сериозна, од повеќе причини не може да се спроведе до крај, но во практиката таа постои. Самото име „забавна музика“, не упатува на нејзината намена, која е поврзана со забавата и релаксацијата на луѓето. Таа е многу близу до фолклорниот начин на создавање и музицирање, кога се сфаќа во потесна смисла на зборот, бидејќи има за цел со едноставни средства - кои немаат намера да ги вовлекуваат луѓето во размислување - да ја предизвика посаканата духовна состојба на растовареност. Французите, со векови ја негуваат шансоната, особено т.н. видови „вариетна“ и „народна“ шансона, кои се одликуваат со едноставност и непосредност, а имаат цел да ги развеселуваат присутните. Затоа, името шансониери, им било давано на трубадурите и труверите од XII до XIV век, за разлика од поетите кои пишувале поеми на сериозна тематика, односно тематика која не тера на размислување. Значи, забавната музика, како таква, има длабока традиција, меѓутоа, непосредните никулци на забавната музика, како посебен вид музицирање, ги среќаваме кон крајот на XVIII век. Во текот на XIX век, таа се развила во поширок обем, а во XX век, помогната од техничките средства (радио, телевизија, тонски филмови, грамофонска репродукција и сл.) објективно речено, достигнало толкав број изведби, што ги надминува и оние од сериозната музика. Фактите јасно зборуваат, дека и во Македонија, овој вид музика, е масовно прифатен и според тоа заслужува внимание.

Првите бранови на македонска поп-музика се појавиле во средината на XX век. Најпознати изведувачи од овие генерации се Зафир Хаџиманов, Верица Ристеска, Драган Мијалковски, Маја Оџаклиевска, Љупка Димитровска и многу други. Стилистички, македонскиот поп има силни западни влијанија, вклучително и од народната и ориенталната музика. Развиени се и неколку фузиски жанрови, како поп-рок, поп-фолк и етно музика.

Популарни поп изведувачи се: Тоше Проески ✝, Калиопи, Каролина Гочева, Влатко Лозаноски, Елена Ристеска, Влатко Илиевски, Дани Димитровска, Тамара Тодевска, Роберт Билбилов, Ламбе Алабаковски, Андријана Јаневска, Ребека, Кристина Арнаудова и други. Познати композитори, продуценти и аранжери вклучени во поп сцената се Дарко Димитров, Дамир Имери, Александар Масевски и Григор Копров. Многу уметници се познати и како пејачи и како текстописци како Јован Јованов и Мијата.

Поп фестивали уреди

Најголемите музички поп-фестивали во Македонија ги вклучуваат Скопје фест, Охрид фест, МакФест, Интерфест и други.

Македонија дебитира како независна држава на Евровизија во 1998 година. Досега, највисокото место на ова натпреварување е седмо на финалето на Евровизија 2019.

Рок уреди

Првата забележителна рок група е Бис без, која е под влијание на Битлси и други рок уметници од 1960-тите. Формирана е во 1964 година со спојувањето на два веќе постоечки бендови - „Бисери“ и „Безимени“. Во текот на 70-тите години забележителни групи се Пу, Мадригали, Илинден 903, Ден за Ден, Лева патика, Триангл, Тор и други. Повеќето од нив, жанровски, се хард-рок, прогресивен рок, фолк рок, симфониски рок, џез рок и фанк рок.

Од оваа деценија, вклучително и најуспешен и највлијателен рок бенд во Македонија и еден од најпопуларните во Западен Балкан е Леб и сол. Тие ја комбинираат рок-музиката со џез-фјужн и традиционалните музички елементи, создавајќи посебен звук за нив, станувајќи еден од врвните акти на Западен Балкан. По распадот, гитаристот Влатко Стефановски, басистот Бодан Арсовски, клавијатуристот Никола Кокан Димушевски и тапанарот Гарабет Тавитјан, започнуваат успешни соло кариери, секој во свој правец. Во 2006 година тие повторно се собираат за нова турнеја по повод 30-годишнината од нивниот почеток како бенд. Во 2008 година, во поинаква постава е снимен нов албум - „И така натака, без учество на Стефановски и Тавитјан.

Кон крајот на 1970-тите години се појавил панк-рокот. Првиот панк рок бенд е Фол јазик, формиран во Скопје во 1979 година. Во текот на 1980-тите, други значајни панк бендови се Сарачени и Бадмингтонс, и двете предводени од Владимир Петровски - Картер. Подоцна, тој се префрлил на помејнстрим звук и ја формирал групата Александар Македонски. На новобрановата сцена настапуваат уметници како ска групата „Цилиндар“, „Уста на уста“ и „Токму така“. Вокалистот на „Токму така“, Љупчо (Бубо) Каров од Кавадарци, подоцна станал популарен како глумец на хумористичното ТВ-шоу К-15, додека членот на Уста на уста, Александар Прокопиев станал истакнат писател. Друг влијателен бенд е Бон тон бенд со Дарио Панковски, кој објавил многу хитови од њувејв музика. Забележителни уметници на хеви метал се Карамела и бендот Конкорд, кои останале запаметени по нивниот радио хит „Високи штикли и црни чорапи“. Гитаристот на групата, Венко Серафимов, подоцна започнал успешна соло кариера. Синтпоп триото Бастион, во кое учествувал Кирил Џајковски, биле едни од најважните акти во 1980-тите. Друг забележителен акт од 1980 година се Хаос во Лаос. Поп-рок групата Меморија е формирана во 1984 година, и е една од најпросперитетните од овој период. Најпродуктивни во пост-панк, дарк вејв и готик рок сцената, биле култните бендови „Мизар“, „Архангел“ и „Падот на Византија“, кои биле своевремено предводени од Горан Трајкоски, а првите два бенда, исто така од Ристо Вртев. Подоцна, Трајковски ја формирал етно групата Анастасија, која останува меѓународно пофалена за својот саундтрак за филмот Пред дождот, номиниран за Оскар на Милчо Манчевски.

Забележителни уметници во текот на првата половина на 1990-тите се треш метал групата Санаториум, алтернативните рок бендови Санс, Ласт Експедишн, Хип, Балкан Експрес, Декаденс, Водолија, Никеја, панк рокерите Рок агресори и Паркети, и Д' Далтонс, кои што првично биле рокабили акт. Во втората половина на деценијата се појавиле хардкор панк бендовите Sidewalk, Флукс, Tank Warning Net, Smut, Bumbiks и No Name Nation, додека значаен екстремен метал бенд е Синијак. Во 2000-тите, истакнати бендови се ска панк бендот Суперхикс, Дени те чува (мелодичен хардкор, емо), Верка (етно-фолк метал), Две страни (хардкор панк), Културно Уметнички Работнички (гаражен панк), Новиот почеток (хардкор панк), Бернајс пропаганда (инди рок, пост-панк ривајвал) и други. Забележителни уметници во текот на 2010-тите се Визија (алтернативен рок), Xaхахa (панк рок), Хроматик поинт (Прогресивен метал), Колт (хард рок, прогресивен рок, гранџ), Молокаи (сурф рок), Smoke shakerers (инди рок), Културен развој (пост хардкор), Темпера (алтернативен рок), BNNY RBBT (експериментален рок) и други. Познати женски бендови на македонската сцена биле Ројал Алберт Хол и Вивид.

Рок фестивали уреди

Постојат неколку фестивали за рок-музика, некои од најзначајните ги вклучуваат: Таксират - годишно организиран од Литиум рекордс и Скопје гори организиран од Авалон продукција. И на двата фестивала се одржуваат бројни меѓународно признати рок, електронски и хип-хоп акти. Постојат и помали демо бенд фестивали, како што се Winner Fest (порано познат како Loser Fest) и Rok fest, кој постои веќе неколку децении. Најзначајниот меѓународен фестивал на отворено бил Аларм што се одржал во Љубаништа покрај Охридското Езеро во 2002 година. Во 1994 година, во Скопје бил организиран мировен фестивал наречен Урбан фест, кој собрал „андерграунд“ музички уметници од сите балкански земји.

Џез уреди

Македонската џез сцена е високо ценета. Познати и славни џез музичари и бендови ги вклучуваат: гитаристите Тони Китановски, Владимир Четкар, Влатко Стефановски; вибрафонистот Зоран Маџиров; пијанистите Драган Солдатовиќ - Лабиш и Симон Киселички; бендовите браќа Тавитјан, Сетстат, Летечки пекинезери, Ла колони волвокс и др. Скопскиот џез фестивал се одржува секоја година.

Етно-џез компонентата на македонската музика е високо промовирана од кларинетистот Тале Огненовски.

Mузичкиот критичар на JazzTimes, Бил Шомејкер, во написот под наслов „Дејв Даглас: Паралелни светови“, на нивното мрежно место на 3 јануари 1998, напишал:

„… жива дискусија за кларинетистот Тале Огненовски, кој започна со размножување на њујоршките бендови кои толкуваат балканска музика“.

Jazzclub Unterfahrt од Минхен, Баварија, Германија коментирале:

„Свирењето на музиката на кларинетистот Тале Огненовски е различно од имитирањето на стилот на Мајкл Брекерс“.

Во септември 2008 година, квартетот „Тале Огненовски“ издал ЦД албум: Македонски џез кларинет, компониран од Тале Огненовски, а потоа „All About Jazz“ на 27, септември, 2008 година, објавиле статија под наслов:

„Ново ЦД, Македонски џез кларинет, компониран од Тале Огненовски, меѓународно реномиран џез, фолклорен и класичен кларинетист“.

Хип-хоп уреди

Постои добро развиена хип-хоп музичка сцена.

Електронска сцена уреди

Најистакнати електронски музичари се Кирил Џајковски (поранешен член на Бастион), Галоски, ПМГ Колектив, Роботек, Новоградска и Готра. Македонија има развиена клупска сцена, особено во Скопје. Неколку фестивали со странски диџеи се случуваат во земјата, многу од нив на Охридското Езеро, во текот на летната сезона. Психоделичен транс е еден од најпопуларните електронски жанрови во Македонија и има голем број меѓународно популарни и успешни акти на псајтранс од Македонија, како Фоби, Кала, Јудистира, Антхил (придружен проект на Кала и Јудистира), Блисаргон Демогоргон, Атриом, Зопманика, Демоник Инскомнијак, Егоритмија, Галактик Експлорерс, Џантрикс, Спирит Архитект, Тенгри, итн.

Детска музика уреди

Еден од најзначајните детски музички фестивали е Златно Славејче, кое што годишно се одржува во Скопје, со долга традиција во Македонија. Други фестивали се Си-До од Битола, Калинка од Гевгелија и Супер Звезда, исто така во Скопје. Меѓу познатите композитори на детски песни, продуценти и аранжери се Миле Шерденков, Драган Каранфиловски - Бојс, Миодраг и Марјан Нечак, Кире Костов, Петар Сидовски, Славе Димитров, Милко Лозановски, Александар Џамбазов, Љупчо Мирковски, Дарко Мијалковски и други. Постојат неколку ТВ-емисии со музика за деца. Македонија исто така учествува на Детската Евровизија и го постигнала најдобриот резултат - 5 место на Детската Евровизија 2007.

Наводи уреди

Поврзано уреди

Надворешни врски уреди