Леб и сол (музичка група)

Леб и сол
Лево кон десно: Кокан Димушевски, Гарабет Тавитјан, Бодан Арсовски, Влатко Стефановски.
Лево кон десно: Кокан Димушевски, Гарабет Тавитјан, Бодан Арсовски, Влатко Стефановски
Информации
Потекло Скопје, Македонија
Жанрови Етно
Рок
Џез-рок
Активни 19761995
2006—
Стандардна постава
Бодан Арсовски
Кокан Димушевски
Влатко Стефановски
Гарабет Тавитјан
Други членови

Леб и сол[1]македонска џез/рок-група, основана на 1 јануари 1976 г., од нејзините основачи Влатко Стефановски и Бодан Арсовски.

Историја

уреди
 
Омотот на албумот во живо од Њујорк, Live in New York

1976 година

уреди

Секоја од досега познатите приказни за овој вонсериски состав започнува со податокот дека групата е основана на 1.1.1976 година, во скопската населба Тафталиџе, на улицата Мексичка. Но, овде ќе се обидеме да се вратиме неколку месеци порано, во есента 1975 година кога всушност и започнуваат разговорите меѓу Владимир Стефановски-Влатко, Бодан Арсовски, Никола Димушевски-Кокан и Димитар Чочоровски-Чочор за формирање музички состав низ кој ќе се рефлектира најдоброто од светската фјужн-џез сцена: „Mahavishnu Orchestra“, „Return To Forever“, „Weather Report“, од прогресивната: „East Of Eden“, „Soft Machine“, „Gong“, од симфо-звукот: „ELP“, „Yes“, и состав кој како свои доблести ќе ги поседува: храброста на Безимени, одлучноста на Бис Без, посветеноста на Република 903, авангардноста на Скрб, интелигентноста на Брег, експлозивноста на Torr, пркосот на Triangl, популарноста на Пу и виртуозноста на Око, состав кој екот и одекот на македонската традиционална песна ќе го има како параметар во формирањето на сопствениот автентичен звук.

Почетните проби на оваа четворка немале некоја конкретна форма, туку повеќе се сведувале на премерување на силите, препознавање еден со друг на нејзините членови и расвирување на инструментите, па и самиот репертоар во овој период е доминантно составен од кавери. Викендот пред новата 1976 година е моментот кога тие ќе почувствуваат дека можат да се носат со предизвикот. На првата следна проба што ќе ја договорат, во бараката на Чочор во населбата Влае, ќе го официјализираат и почетокот на групата на која ќе ѝ го дадат името Леб и сол. Кратко, оригинално и автохтоно. Тој ден – 1.1.1976 – ќе го забележат во своите нотеси. Сè по тој датум е испишување на една од најимпресивните музички кариери на овие балкански простори и, со сигурност, најдоминантната во македонската музичка историја. Од едно сериозно временско растојание од 47 години, со факти може да се утврди големото, директно и индиректно влијание на групата, пред сè во развојот на месната сцена, но и обемот и значењето на корпусот творештво што ќе го остави зад себе во своето, нешто повеќе од 18 години постоење. Во многу нешта ќе биде пионер, многу од веќе воспоставените правила на сцената значително ќе ги подобри, и многу од нејзините резултати ќе бидат недостижни за сите поколенија групи по неа. Ретко кој ќе се доближи до нејзините достигнувања, што е факт кој сам по себе зборува за огромната дискрепанција во траекториите на Леб и сол и целата македонска музичка сцена, во периодот кога заедно се движеле навидум во ист правец.

Сите четворица и претходно имаат некое музичко искуство. Влатко и Бодан во основно училиште го имаат составот наречен Јегуље, во кој Влатко е на тапани. Бодан подоцна е и во Дијаманти. Со преминот во средно училиште, ја прават и првата посериозна заедничка група со име Ирис, со Тоше Митковски на тапани. Овој состав, покрај репертоарот базиран на песни од „Cream“ и од „Rolling Stones“, започнува да се изразува и авторски создавајќи нумери како Елегија за себе. Во репертоарот на Ирис ќе се најде и првта авторска песна на Бодан, Страв. Составот ќе трае кратко – до почетокот на следната, 1975 година, кога Влатко првпат посериозно ќе земе учество во една друга група, Брег – а ќе се покаже и како последен тест пред започнувањето на најзначајниот македонски музички бренд. Во тој период од неколку месеци, Бодан не е дел од никаква група и е на граница да стави крај на својата музичка кариера. Сепак, судбината ќе посака Брег да трае релативно кратко, па веќе во есента 1975 година, Влатко и Бодан ќе се соединат повторно, започнувајќи ги првите проби на сè уште неименуваниот нов состав. Чочор, исто така, ќе има средношколска група, која е безимена и е со единствена цел: свирење на игранки во училиштето „Орце Николов“. Со него како трио свиреле и Ангел Брадарски, подоцна во Listen, и Звонимир Игиќ-Нонте, подоцна во Око. Кокан, пак, до тие моменти е дел од прогресивниот фолк-состав Разбој.

Првата медиумска објава дека македонската сцена е побогата за уште една нова група, јавноста ќе ја види на 16.1.1976, кога новинарот Тодор Ќерамитчиевски ќе напише во неделникот „Екран“ дека на македонската музичка сцена се појавува нов надежен состав, Леб и Сол. Единствени места за свирка во тој почетен период ќе бидат игранките, сините вечери и хотелите, каде што групата – се разбира – изведува кавери, но со постојан вокал во групата, Живко Груевски, поранешниот пејач на Listen. Целиот репертоар на групата е преработки на актуелни светски хитови, а нејзиниот прв настап на сцената ќе биде игранка во ОУ „Георги Димитров“, во скопската населба Тафталиџе, на 5.3.1976 година. Уште еден таков сличен настап ќе има и на 2.4.1976 во гимназијата „ Ј.Б. Тито“. Недолго по овие концерти, Живко ќе ја напушти групата, а набргу потоа и Кокан. Местото на Кокан ќе го заземе неговиот пријател кому подоцна ќе му биде и зет, Драгиша Солдатовиќ-Лабиш, до тој момент член во авангардниот експериментален состав Скрб. Ќе следува периодот во кој Леб и сол сè повеќе се свртува кон авторски теми, оставајќи го настрана репертоарот составен од кавери. За краток период ќе престанат и настапите на игранки, па првиот официјален настап на групата во кој доминира авторски материјал, ќе биде во рамките на второто издание на фестивалот „ПопБум“ во Кочани, во април 1976 година. За многу краток период, Леб и сол ќе се наметне како едно од водечките имиња на сцената. Веќе на следното искачување на бина, воедно и првото поголемо пред скопската јавност, на 23.5.1976 на вториот „Поп Фестивал ‘76“ во Скопскиот саем, Леб и Сол е една од ѕвездите на фестивалот. Фестивалот е најавуван под чудната бројаница „12-24 - млади ‘76“.

Општо земено, во почетокот од втората половина на седумдесеттите, целата ситуација во општеството е далеку полиберализирана, а вратите на продукцијата на РТС се значително подотворени. Одговорните во културните институции веќе не гледаат со одбивност кон рок-сцената, како што било случај во претходните години. Догмите, табуата и наметнатите железни окови на сцената што неколку поколенија музичари и групи се бореле да ги скршат, тие години се веќе релативизирани. Леб и сол влегува на терен што веќе не е непријателски, или барем не до мера на игнорирање. Првите 3 снимки групата ќе ги направи во јуни 1976 година, во импровизираното студио на Радио Скопје, во основното училиште „Ј.Х. Песталоци“. Ќе бидат снимени нумерите Кокошка, Утринска тема и песната на Лабиш Фанки, за потребите на радиоемисијата „Повелете-Покажете“, која ја водел познатиот музичар од Бис-Без, Димитар Чемков. Тоа ќе биде единствениот материјал од Леб и сол што колку-толку ќе се заврти на радио, но сосема доволен групата да го исполни Домот на младите „25 Мај“, на својот прв самостоен концерт во септември 1976 година. Веднаш по овој настап, Лабиш ќе ги напушти и веќе следната година ќе го оформи својот најуспешен проект, Den Za Den. Зад клавијатурите повторно ќе се врати Никола Димушевски-Кокан. На крајот од 1976 година Леб и сол ќе го има и своето прво вистинско студиско снимање, во двоканалното студио на РТС, каде што за само 2 часа ќе сними три нови песни: Деветка, Етида No.3 и Песна за нас. Во Песна за нас, отпеана на македонски јазик, го промовира и новиот вокален солист, искусниот пејач на Бангладеш, Република 903, Мост, РазбојМиодраг Јовановски-Џафер. Со овие песни групата ќе аплицира на конкурсот за учество на младинскиот фестивал во Суботица, „Omladina ’77“.

1977 година

уреди

Извонредниот прием што ќе го доживеат нумерите уште по првото пуштање во етер во јануари 1977 година, ќе биде и одлична медиумска реклама за групата за претстојниот „Поп Фест ‘77“ во Скопје. На фестивалот ќе настапи на 22.2.1977 во салата на КК „Работнички“ и ќе биде негова најголема ѕвезда. Публиката ќе биде почестена со премиерната изведба на новата тема, Под вода. Инаку во тој период, групата веќе ќе има солидна популарност во Македонија, но за останатиот дел од југословенските простори ќе биде целосна непознаница.

Првиот концерт надвор од Македонија, Леб и сол ќе го отсвири на 16.4.1977 година во Нови Сад, на покана на новинарот Анѓелко Малетиќ, а како предгрупа на настапот на веќе легендарниот Драго Млинарец од „Grupa 220“. Единаесет дена по овој мал клупски концерт, ќе одржи уште еден, во студиото „М“ на Радио Нови Сад. Концертот е всушност снимање со публика, и токму на оваа сесија снимената Devetka ќе биде одбрана да биде вклучена во јубилејното винилно издание на фестивалот, објавено на две плочи во 1981 година. Нецел месец по овие снимања, на 18.5.1977, ќе се случи и долгоочекуваното појавување на сцената на многу респектираниот фестивал во Суботица. Леб и Сол поточно ќе има два настапи на две локации во два дена во Суботица. Тоа ќе бидат легендарните настапи на групата по кои сите југословенски медиуми ќе излезат со написи полни со суперлативи за новото освежување на југословенската музичка сцена, групата од Македонија – Leb I Sol. Концертите ќе бидат и последното појавување на Leb I Sol со друг фронтмен, во конкретниот случај, последниот пејач на групата – Џафер. Џафер ќе си замине од групата, а неколку години подоцна ќе го направи сопствениот Автограм. Со овие први појавувања на концерти надвор од Македонија и првите написи за групата, започнува и употребата на латиничната верзија на името – Leb I Sol - која ќе ја користат до крајот на своето постоење. Враќањето на групата дома ќе биде проследено со пофалби и низ неколкуте домашни медиуми, но најважно од сè за групата е желбата на публиката да ги посетува нивните концерти, а со тоа и организаторите сè почесто да ги покануваат на настани од секаков тип.

Во првите две-три години, Leb I Sol нема да одбива безмалку ниту една покана за настап, а подоцна и самите членови на групата ќе почнат да иницират настани за кои ќе мислат дека ќе им бидат од полза во кариерата. Еден од тие култни настани ќе се случи на 30.5.1977, на прославата организирана во аулата на Филозофскиот факултет во Скопје по повод завршувањето на школската година. Само неколку дена пред овој фамозен концерт, Leb I Sol по вторпат ќе влезе во студиото на РТ Скопје за да сними нов материјал. Ова е последно снимање со Чочор зад тапаните, кој ќе ги напушти за да им се посвети на факултетските обврски. По една година, Чочор ќе биде дел од иницијалната постава на уште еден голем и значаен македонски џез-рок состав, Den za Den. Во летниот период што е пред групата, Leb I Sol ќе се обиде да земе малку здив и да поработи на дооформување на својата сет-листа, сè уште недоволно стегната за еден, исто така, значаен настап што му претстоел на групата. Најтензичен ќе биде периодот од 2.8.1977, односно доаѓањето на новиот и многу искусен тапанар Гарабет Тавитјан-Гаро (екс Брег), па до неговото прво појавување во поставата на Leb I Sol на сцена, само 26 дена подоцна. Неговото деби ќе се случи на 28.8.1977, на најголемиот дотогаш виден фестивал од отворен карактер на просторите на некогашна Југославија, фамозниот „Koncert kod Hajdučke česme“. Стотина илјади луѓе ќе присуствуваат на концертот на кој главна ѕвезда е „Bijelo Dugme“, но Leb I Sol нема да дозволи да биде само обично загревање. „Džuboks“, како најобјективен медиум во тоа време, ќе го забележи настапот на групата искажувајќи неверојатна низа пофални зборови за неа. Ќе истакне дека Leb I Sol многу авторитативно ќе изведе еден сет инструментални теми потпирајќи се на вештината на младиот гитарист и на употребата на непарните ритмови преземени од македонскиот народен мелос, кои преку извонредната ритам-секцијата маестрално ја обременуваат комплетната звучна слика. Токму написите во „Džuboks“ и поддршката од едно почитувано поколение музички новинари од тоа време, ќе бидат ветерот во грб за групата што ниту еден македонски состав до тој момент го немал. На домашен терен, медиумите по правило секогаш ќе доцнат со изнесувањето на сопствени ставови или, пак, со изразувањето поддршка за појавата на нешто поавангардно од воспоставеното клише. Во случајот со Leb I Sol, неделникот „Екран“, дури по враќањето на групата од Белград, ќе ѝ ја додели насловната страница. Тоа се случува на 9.9.1977 година, во бр. 356 на списанието, каде што и официјално ќе биде промовиран новиот тапанар Гарабет Тавитјан-Гаро.

Турбулентната година за групата и неговото неверојатно брзо искачување по скалилата на шоу-бизнисот во Југославија, ќе кулминираат со понудениот тригодишен договор од „PGP RTB“, кој сублимиран гласел – итно снимање деби-албум. Така, во септември 1977 година, во 8-каналното студио на РТВ Нови Сад, започнува историското снимање на првиот рок-албум на една македонска група. Снимањето ќе биде завршено за рекордни пет дена, вклучително со времето потребно за миксање на материјалот. Останатиот период до појавата на деби-албумот – 100-ина дена – во кои „PGP RTB“ работел на процедурите околу издавањето, ќе бидат најстресните за групата. Но за среќа, збиената концертна агенда нема да им остави премногу простор за грижи. „Bijelo Dugme“ ќе има закажано концерт за 6.10.1977 на Градскиот стадион во Скопје, а изборот за негов гостин – Leb I Sol – ниту во еден момент не бил ставен под знак прашање. Овој концерт е значаен за подигањето на самодовербата на членовите на групата, а впечатливи и обилно фалени ќе бидат и настапите во иста комбинација, и во Сараево и во Нови Сад. И највлијателното музичко списание на просторите на Југославија со нетрпение ќе го очекува излегувањето на дебиалбумот на големото македонско откритие, па во своето ноемвриско издание со бр. 40, ќе издвои еден поголем простор за посеопфатно портретирање на групата од Македонија – Leb I Sol. На почетокот на декември, на 10 и на 11 во месецот, групата повторно заминува во Нови Сад и за првпат настапува на легендарниот „Boom Festival“. Нешто по издавањето на деби-албумот, во продажба ќе се појави и дуплиот албум од фестивалот, на кој Leb I Sol е застапен со две теми во живо, Pod vodom и U senci. Кратко по враќањето од Нови Сад, како некој вид претпромоција, Leb I Sol за првпат ќе организира концерт во популарниот Драмски театар. Традицијата на предновогодишен концерт во овој простор што ќе ја започне со овој концерт, ќе ја продолжи и во следните неколку години. На првиот, премиерно ќе ја изведе – до тој миг сè уште неснимената – Абер дојде Донке.

Сепак, и покрај сите напори на издавачот, до крајот на годината албумот сè уште нема да биде готов. Последното известување што групата ќе го добие од „PGP RTB“ е дека тимот на издавачката куќа успеал да ја заврши само првата половина од предвидената работа. Имено, страната А од плочата е отпечатена на 26.12.1977, а по завршените новогодишни одмори на вработените, на 9.1.1978 ќе биде отпечатена и страната Б. Оттука е и вечната дилема кај колекционерите, дали плочата ѝ припаѓа на 1977 или на 1978 година. Кон средината на јануари, и официјално, во продавниците за плочи на „PGP RTB“ ќе се појави истоимениот албум Leb i Sol. Само три од 9-те теми на албумот – Utrinska tema, Nisam tvoj и Čudo za tri dana – се вокални, што во тие времиња е надвор од сите пазарни правила. Но продажбата на албумот ќе ги демантира злобните критичари на одлуката на „PGP RTB“ да ја потпише оваа група. Постојат најмалку 10 познати допечатувања на винилот, а веројатно уште толку на тогаш популарниот касетен формат, што по некоја произволна математика води кон бројката од близу 100.000 вкупно продадени примероци. Пет од темите се потпишани од Влатко (спомнатите три вокални, но и Pod vodom и Kokoška), две се на Кокан (Devetka, Pesma o Sonji H…), а по една ќе потпишат Гаро (U senci) и Бодан (Damar). Снимател на албумот е Иштван Тибаи, а како продуцент ќе се потпише легендарниот гитарист Јосип Бочек.

1978 година

уреди

Промотивните настапи за изданието ќе започнат на 28.1.1978, кога групата ќе се појави како гостин на извиканата гитаријада во Зајечар. Но, планот на „PGP RTB“ е сосема поинаков. Според веќе воспоставените правила на играта, најдобрите изданија дискографските куќи ги промовираат на престижниот фестивал во Опатија, а на 15.3.1978, така ќе биде и за Leb I Sol. На самиот фестивал е промовирана и компилациска плоча со групи што ќе настапуваат на таканареченото „Veče Rok Muzike“. Leb I Sol ќе биде застапена со Nie četvoricata, песна што нема да биде ставена на албумот. Иако многу попознат како фестивал со шлагерски карактер, сепак пошироката концепција на Опатија повеќе наликувала на саем за музика, со најразлични програми. Самата промоција, но пред сè настапот во живо на Leb I Sol ќе биде триумфалното искачување на последното скалило до врвот на југословенската музичка сцена, влез во таканаречената прва лига групи. Еднаш кога веќе ќе му биде дозволен влезот, Leb I Sol нема никогаш да дозволи тој статус да биде ставен под лупа. Мудрите потези што ќе ги влечат неговите членови, уште за време на егзистирањето на групата ќе им го обезбеди статусот на легендарен состав, како и сигурно место во сите идни енциклопедии, антологии и вечни листи што ќе се прават во Југославија, а и во просторите сукцесори на таа заедничка држава, години потоа.

Веднаш по враќањето од таа медиумска промотивна турнеја по поголемите и позначајни југословенски центри, Leb I Sol го добива в раце и промотивниот сингл што „PGP RTB“ по обичај го објавува како најава за албум што треба да биде објавен, а кој во овој случај доцнел. На синглот се поместени Nie četvoricata и Devetka. Во април 1978 година, во скопското диско „Турист“, во релативно мал простор, ќе се случи скромната, но сепак, историска промоција на првиот македонски рок-албум, а со него и на првиот самостоен сингл на македонска група. Неколку дена по промоцијата, на 22.4.1978, со вистински овации на отворена сцена ќе биде дочекан настапот на групата на Средно Водно, каде што е една од неколкуте групи што го слават традиционалниот Ден на полнолетство. Краток период по овие настапи, РТВ Скопје ќе се обиде и самата да добие некој бенефит од моменталната популарност на групата, па ќе организира концерт на неколку македонски групи (Leb I Sol, Мадригали и БТ Топ) во холот на училиштето „Песталоци“, кој ќе го снима за своите потреби.

Веднаш по објавувањето на првиот албум, групата ќе започне да ја работи музиката за театарската претстава „Ослободување на Скопје“, во режија на Љубиша Ристиќ. Со тоа ќе го прошири и полето во кое музички ќе се изразуваат нејзините членови, интерес и ангажман што трае до денешен ден кај сите од нив поединечно. Квалитетот и свежината на делови од таа наменски создадена музика ќе знае да биде дури и поизразен во споредба со некои класични поп-структуирани форми што групата ќе ги практикува во подоцнежните објави. Благодарение на отвореноста на РТС, Leb I Sol во РТС ја снима песната што ќе стане заштитен знак на групата во првата фаза од неговата работа, вонвременската психоделична сага, Абер дојде Донке. Некаде од овој период започнува и долгогодишната соработка со Братислав Зафировски-Брацо, до тој момент тон-мајстор на Triangl. Во годините на соработка со Leb I Sol, Брацо ќе ја има одговорната улога на тон-мајстор на сите концертни настапи на групата. Во осумдесетитте ќе биде и снимател, а на одредени изданија и копродуцент на албумите на Leb I Sol.

Во 1978 година, Leb I Sol ќе отсвири две многу важни турнеи што ќе одиграат клучна улога во зголемувањето на популарноста на групата, едната низ Македонија, а втората низ поголемите градови во Југославија, и двете одлично посетени. Некаде помеѓу класичните турнеи, на 15.6.1978, групата ќе настапи и на легендарниот „Ljubljana Jazz Festival“, станувајќи првата македонска група што настапила на овој или на кој било друг реномиран џез-фестивал воопшто. Само неколку дена подоцна, на 19.6.1978, групата влегува во новото 24-канално студио во Белград, започнувајќи да го „троши“ дадениот кредит од „PGP RTB“ од две седмици за снимање втор албум. И овој потег ќе наиде на полемики во музичките кругови со оглед на младоста на екипата, а повеќе поради воспоставеното мислење според кое, групите треба да се подготвуваат за снимање на втор албум, подолг период. Објавување два албума во една календарска година се случувало навистина ретко. Само неколку години подоцна, една друга крупна фигура на југословенската рок-сцена, Џони Штулиќ, исто така ќе си поигра со непишаните дискографски правила, објавувајќи неколкутомни албумски ремек-дела во само една година. Во таков хиперпродуктивен период ќе се најдат и членовите на Leb I Sol, а особено Влатко, кој истата таа, 1978 година, веќе со ореол на еден од најдобрите југословенски гитаристи, ќе замине за Лондон за да ги отсвири гитарските делници на заедничкиот албум на „одбегнатите копчиња“ Ипе Ивандиќ и Лаза Ристовски, албумот „Stižemo“.

Чекор поблиску до самиот врв ќе биде појавувањето на Leb I Sol како ѕвезда на фамозниот „Polet Fest ‘78“, на 30.9.1978 во „Dom Sportova“ во Загреб, настан преку кој влијателното младинско списание од Загреб на голема врата ќе го промовира надоаѓачкиот нов бран во Југословенската музика („Paraf“, „Prljavo Kazalište“, „Azra“, „Pankrti“). Членовите на Leb I Sol, како млади и успешни автори, биле совршениот лидерски прототип кој ќе го привлече вниманието на медиумите и јавноста и ќе посочи кон таа сосема различна музичка генерација. Интересно е дека во годините потоа, ниту една од групите што ќе настапат на овој фестивал и кои и самите ќе направат угледни кариери, иако се со музички дијаметрално спротивни ставови, нема да упатат ниту еден омаловажувачки збор кон Leb I Sol. Почитта кон него, и во музичката фела што изобилува со „его-трипови“, ќе биде на високо ниво. Круна на метеорскиот заслужен успех на групата, во септември таа година, ќе биде добивањето на една од најголемите младински награди во некогашна Југославија, традиционалната „7 секретари на СКОЈ“, која за првпат ќе му биде доделена на еден музички состав.

Во период на сите церемонии околу доделувањето на наградата, фабриките на „PGP RTB“ забрзано ги печатат примероците прво од промотивниот сингл Talasna Dužina/Dikijeva Igra (на 27.9.1978), а по неколку дена (на 30.9.1978 и на 5.10.1978) и од вториот албум на групата, едноставно наречен 2. Исто како и во случајот со деби-албумот, постојат десетина допечатувања и на овој албум, со што вкупната бројка продадени примероци ќе биде близу, а можеби и поголема од таа на претходникот. Осумте теми на албумот ќе ги испродуцира повторно Јосип Бочек, а снимател ќе биде Тахир Дуркалиќ. Повторно Влатко е доминантен, со 4 теми (две на текст на Горан и два инструментали, Akupunktura и Marija), една ќе потпише групата (Aber dojde Donke), а по една ќе имаат Бодан (Kako ti drago), Гаро (Dikijeva igra) и Кокан (Uzvodno od tuge). За првпат како текстописец ќе се појави и братот на Влатко, драматургот Горан Стефановски, во темите Talasna dužina и Bonus. Ликовното решение на омотот е дело на архитектот Мирослав Грчев, а прекрасната фотографија на внатрешата страна од преклопот е направена од Лазо Плавевски. Крајот на успешната календарска година ќе биде одбележан со триумфален настап на групата како гостин на фестивалот во одумирање „BOOM ’78“ (10 – 11.12.1978), одржан по втор пат во Нови Сад. Интересно е дека на фестивалот, пред Leb I Sol ќе настапат и поголем дел од групите што пред неколку месеци настапиле и на „Polet Fest“. Непосредно пред заминување на фестивалот, во ноември, во РТС е снимена преработката на народната Оган го гори Брезово. Од нејасни причини, групата никогаш нема да ја стави на носач на звук.

1979 година

уреди

Крајот на старата и дочекот на новата година сосема соодветно ќе го одбележи македонскиот неделник „Екран“, кој за првпат од своето постоење ќе стави еден македонски рок-состав на календар, истовремено подарувајќи им на своите читатели и голем постер од групата. Во тој момент и во Македонија Leb I Sol се признаени како големи музички ѕвезди. Објавата и постерот ќе бидат и квалитетна најава за големата 40-дневна југословенска турнеја на групата, која ќе започне со концерт на Старото сајмиште во Скопје, на 14.1.1979 година. Во месецот на тригодишнината од своето официјално постоење, на 21.1.1979, Leb I Sol добива уште една валоризација за својот труд. Во познатиот „Dom Sindikata“ во Белград, матичната издавачка куќа „PGP RTB“ организира коктел за новинари и музичари-колеги, на кој и официјално ќе му ги додели првите сребрени плочи заслужени со одличната продажбата на првиот албум. Иако почетоците и одењето по трнливиот пат на успехот групата ќе ги помине со Самоил Дуковски-Дукле како менаџер, од таа, 1979 година и спомнатата турнеја, во приказната за Leb I Sol се вклучува уште едно познато менаџерско име, Велибор Џаровски-Џаро. По завршувањето на турнејата, на традиционалната прослава на Денот на полнолетството на 22 април во Скопје, овојпат на Градскиот плоштад, ќе биде организиран првиот масовен концерт на Leb I Sol, токму на 23. роденден на Бодан Арсовски. По неколку дена, на 27 април, ТВ Скопје премиерно ќе ја емитува специјалната емисија за Leb I Sol, која е дел од тогаш актуелната „Цртанка“ на Дарко Марковиќ. Интересен е податокот дека се работи за единствениот „документарец“ што РТС, а потоа и МРТВ ќе го изработи за најзначајниот македонски не само музички, туку и културен продукт. По заслужениот одмор што ќе си го дозволи, на 15 септември Leb I Sol е повторно во Нови Сад, за да го направи повпечатливо отворањето на првиот џез-фестивал во овој град.

Веќе во октомври 1979 година, групата го започнува снимањето и на третиот албум, Ručni Rad, со кој најмногу му сe приближува на џезот. Композициите се зрели и содржински, самите вокали се во функција на инструменти, а во аранжманските зафати се чувствува еден нов сензибилизитет. Првиот гостин на едно нивно албумско издание ќе биде познатиот саксофонист Миливој Марковиќ, во темата Hogar. Ова е албумот што содржи најмал број на теми – само седум – и албум на кој Влатко не е толку доминантен. Само во две теми ќе биде потпишан како автор (Lenja pesma и Kumova slama), подеднакво по број со Гаро (Put u vedro и Hogar) и со Кокан (Rebus и Verni pas), а за сметка на единствената и насловна тема на Бодан – Ručni rad. Албумот ќе биде отпечатен експресно по снимањето – веќе на 24.10 1979 – а во продажба ќе се најде кон средината на ноември. Интересен е податокот дека оваа плоча на Leb I Sol малку подоцна ќе биде дистрибуирана и на големиот пазар во СССР. Во декемврискиот број 78 на „Džuboks“, групата ја добива и својата прва насловна страница од неколкуте што потоа ќе следуваат.

По неколкугодишна заедничка работа, на крајот од декември 1979 година, во групата се случуваат првите несогласувања, по кои си заминува Кокан. Со оглед на големата југословенска турнеја што му претстои на групата и материјалот што е аранжамански подготвен за изведба со клавијатури, Leb I Sol ќе одреагира брзо, па на местото зад клавијатурите ќе го покани човекот од кого тројцата учеле, Миодраг Петковски-Мики. Неполни 5 години од расформирањето на Брег, тројца од четворката се во можност повторно да засвират заедно, но под името Leb I Sol. Мики во тој момент се наоѓа на пресвртница во својата кариера: штотуку е вратен од ЈНА, има еден соло албум зад себе, но е без ангажман во „Smak“ или во друга група. Размислува да замине во странство, но поканата што ќе ја добие од Leb I Sol ќе биде доволно мотивирачка за да го одложи патувањето за некое друго време. Пробите ќе бидат кратки и интензивни, но актуелната ситуација во Југославија не им оди во прилог на членовите на групата. Тито се наоѓа во болнички кревет, а тоа подразбирало и пасивизираност во сите сфери на општеството, па и на културата. Иако се подготвени за голема летна југословенска турнеја, околностите ќе го сторат своето, па голем дел концерти ќе мора да бидат откажани. Групата ќе ги отсвири само оние подготвителните од почетокот на годината.

1980 година

уреди

Последен концерт на Мики со Leb I Sol ќе биде оној традиционалниот во Драмски театар, во февруари 1980 година. Концертот ќе го започне со музиката работена за театарската претстава „Диво месо“. Кон средината на настанот, групата ќе засвири и една песна од соло албумот на Мики, а ќе финишира со кавер од „Fleetwood Mac“. Мики нема да има трпение работите да се нормализираат, па одлучува да замине на кратко во посета на својот брат во Канада, во април 1980 година. Ќе се испостави дека тоа ќе биде трајна преселба. Оттогаш, само на двапати ќе се врати во Македонија, на кратко, во 1982 и во 1985 година. Leb I Sol е повторно во незавидна ситуација, без клавијатурист, па ќе го повика Кокан да се врати, само за да го реализираат својот прв интернационален настап, на 8.6.1980 во Благоевград, Бугарија. Конечно, по неколку откажувања и одлагања, на 30.6.1980 година Leb I Sol ќе ја започне својата голема 45-дневна „Jadranska Turneja ‘80“ со два последователни концерта во Ужице. Ова ќе бидат првите настапи на групата како трио. Во рамките на турнејата, на 7 јули, како учесници на првиот „Rock Jazz Blues Festival“ во Загреб, тројцата ќе ја делат бината со некои од своите детски идоли, Би-Би Кинг и Стенли Кларк. По подолг период, во септември таа година ќе им се обратат и на македонските фанови, свирејќи една серија од 10 концерти, во организација на домашниот СИЗ за Култура.

1981 година

уреди

Барајќи излез од не многу идеалната општествено-политичка ситуација во земјата, а и чувствувајќи го надоаѓачкиот нов бран во музиката на кој своевремено тие беа избрани како предводници, членовите на Leb I Sol во јануари 1981 година одлучуваат повторно да влезат во студио. Тимот што ќе го одберат за соработка е безмалку истиот како и на вториот албум: Бочек како продуцент, Тахир за снимател, Плавевски како фотограф, но и дизајнерот од третиот албум, Грчев. Основната музичка разлика со претходниците е што овој албум е првиот работен како трио. И овојпат „PGP RTB“ ќе се потруди да не ја повтори „грешката“ направена со првите два албума, па веднаш по добивањето на матриците од студио, на 17.2.1981 ќе го отпечати албумот кој за име го има симболот на бесконечност, (). Авторски, и овој албум е еден вид баланс во групата: традиционалната Ajde sonce zajde ќе ја потпишат заеднички, три самостојно или со својот брат Горан ќе потпише Влатко (Živa rana, Beli mrak и Stomačne vijuge), исто толку на своето конто ќе впише и Гаро (Hars, Neplačena struja и Kasno popodne) и повторно Бодан ќе сработи само една, „сканкерската“ Skakavac. Многу бргу по појавувањето на првите примероци од плочата во музичките дуќани низ државата, на 6 април, Leb I Sol ќе замине на уште една подолга промотивна турнеја, со прв концерт во Загреб. Како дел од таа промотивна кампања, на 19 април групата ќе направи еден несекојдневен подвиг: ќе отсвири три концерти во еден ден, од 11:00, од 16:00 и од 20:00 часот, во Малата дворана на Спортскиот дом во Загреб, како едукативни настани за учениците од средните и од основните школи во Загреб. Турнејата „Бесконечно“ ќе ја заврши во Скопје со два последователни концерта во Универзалната сала, на 25 и на 26 април 1981 година. Не стигнувајќи да земе здив, а почитувајќи го барањето на промотерите да биде присутна на сите важни настани во државата, во јули 1981 година групата прифаќа да биде дел од големиот концерт на Хиподромот во Загреб. Затворањето на овој мега концерт ќе биде токму со Leb I Sol. Интересен момент ќе се случи веднаш по завршувањето на сетот на групата, кога на самата бина на групата ќе ѝ се придружат Горан Бреговиќ и двоецот од „Idoli“, Влада Дивјан и Небојша Крстиќ, па во еден фуриозен ритам ќе ги отпеат „Ne spavaj mala moja muzika dok svira“, „Ha Ha Ha“ и „Maljčiki“.

До крајот на летото Leb I Sol за првпат ќе реализира и една петдневна мини турнеја надвор од границите на Југославија, презентирајќи ја својата музика во Кипар. Но, по враќањето Гаро одлучува да продолжи да работи некоја друга музика. Така, на финалето на првиот македонски рокфестивал, кое ќе се случи на 12.9.1981 на Градскиот стадион во Кавадарци, во публиката ќе бидат забележани и Бодан и Влатко во друштво со новиот тапанар на Leb I Sol, Драгољуб Ѓуричиќ, дотогашен тапанар во белградската „YU Grupa“. Премиерните настапи со Драгољуб ќе бидат двата концерта низ Македонија, во Делчево на 27 октомври и во Пробиштип на 28 октомври, по што во ноември, групата влегува во студиото „М-2“ на РТС за да го снима следниот албум. За снимател на новиот материјал ќе го донесе човекот со кого ги сними и претходните плочи, Тахир Дуркалиќ. Овојпат албумот ќе го продуцираат самите членови на групата, а мастерингот ќе го направат во Лондон. По веќе воспоставената традиција, една од темите ќе биде извадена од македонскиот фолклор, Mile Pop Jordanov, текстовите ќе ги напише Горан, а дизајнот е на Грчев и на Плавевски. За првпат на едно издание на групата, продукцијата ќе ја потпише самата група. Невообичаено инспириран ќе биде Бодан, кој самостојно ќе потпише дури три теми (Lokomobila, Let u mestu и Miris juga), а за првпат по години работа, една тема ќе биде потпишана и како заедничко дело на Бодан и на Влатко (Oda Radosti). Во оваа песна како заднински вокали се појавуваат градските девојки познати како „Амазонки“: Мими, Јана, Жане, Сања и Еле. Останатите пет ќе бидат теми на Влатко (Pazi da paziš, Mirko, Nosim tvoj žig, Njena sena и Hvala na svemu). Албумот ќе биде отпечатен на 23.12.1981 година.

Со оглед на големата популарност што групата ја има насекаде во Југославија, а благодарение и на одличната продажба на претходните албуми, „PGP RTB“ ќе има интересна кампања по повод излегувањето на новиот албум.

1982 година

уреди

Во јануарскиот број на „Džuboks“ на секоја страница од списанието ќе вметне рекламна порака како најава за новиот албум на групата Sledovanje, со 8.2.1982 нотиран како датум за појавување во продавниците. Името на албумот е одбран затоа што секоја година групата издава по еден албум и има по една голема југословенска турнеја. За маркетиншки цели, „PGP RTB“ ќе објави и две промотивни плочи – практика на издавачките куќи од тој период – што ќе ги дели по југословенските радиостаници, а на кои се поместени песните од Sledovanje со коментари за истите дадени од Влатко Стефановски и Бодан Арсовски. На плочите, на едната страна е Leb I Sol, а на другата, со сличен концепт, „PGP RTB“ ќе го стави својот пулен Мирослав Илиќ. Промотивната априлска турнеја на Leb I Sol ќе започне на 13 април од Загреб, со концерт во клубот „Kulušić“, а триумфално ќе заврши во родниот град, во Домот на младите „25 Мај“, со 4 последователни концерти – од 22 до 25 април 1982 година – што ниту дотогаш ниту потоа не му успеало на ниту една група. По примерот на неколку големи југословенски групи, и Leb I Sol ќе го снима концертот во Загреб. Летото истата година ќе му се посвети на создавањето музика за две театарски претстави: „Лет во Место“ и „Џон Пиплфокс“. Кон крајот на септември 1982 година, групата повторно ќе влезе во РТ Скопје и ќе го микса материјалот снимен во Загреб. Акцентот ќе биде ставен врз нумери од актуелниот албум Sledovanje, како и од првите два албума, со должно потсетување и на најзначајните минути од () и Ručni Rad. Се разбира, одбрани ќе бидат теми зад кои се потпишани Влатко и Бодан односно такви што се потпишани од целата група. Во ноември 1982 година, во продавниците се појавува Akustična Trauma, првиот македонски албум во живо и истовремено првиот двоен албум. До денешен ден останува еден од малкуте македонски албуми снимени во живо и единствениот двоен албум објавен на винил. Објавувањето вакво издание е одлука на групата со која и формално ќе ги исполни сите преземени обврски од договорот со „PGP RTB“, со намера во наредната година да влезе во преговори со некој нов издавач а без каква било формална задршка. Завршувајќи ги набрзина официјалните медиумски активности, групата ќе замине на пат за Америка како дел од екипата на театарот „KPGT“ на Љубиша Ристиќ, кој ја игра претставата „Ослободување на Скопје“. Патувањето ќе го искористи за создавање контакти, па таму и ќе има само два полу-јавни настапи, повеќе во форма на сешн отколку на концерт.

Во меѓувреме, по подолг период на концертна апстиненција невообичаена за групата, пред да започне со подготовките за снимањето на новиот студиски албум, во октомври 1982 година Leb I Sol ќе одржи неколку пробни концерти низ Македонија (Македонска Каменица, Делчево, Виница, Берово и Пробиштип), и на тој начин ќе ѝ овозможи на оваа публика прва да ги слушне работните верзии на албумот што допрва ќе го снима.

1983 година

уреди

Следната, 1983 година, невообичаено бргу по враќањето од Америка, на 19 февруари Leb I Sol повторно влегуваат во студиото „М-2“ на РТС и го користи добиениот термин до 8 март за снимање нов материјал. Албумот ќе го снимаат Милка Герасимова и Брацо. Две теми ќе бидат потпишани од Бодан (Pubertet vlada gradom и Bez reči), а пет се креација на Влатко односно братскиот тандем Влатко-Горан кога станува збор за текстуалните теми (Kalabalak, L.A.krdija, Billion air-conditions, Malo sutra и Zelena fotelja mog doma). Одлика на материјалот е изразеното свртување кон поп-структурата на песна, во обид за создавање хит-теми што ќе се паметат лесно. За првпат еден албум на Leb I Sol нема да содржи обработка на фолклорна тема, а целиот материјал е насочен кон освојување на топ-листите. Веројатно и затоа Leb I Sol на овој албум е повторно во проширена формација што вклучува хамонд-оргули (Слободан Мицев-Боби) и тенор-саксофон (Петар Каргов). Мислењето на новиот издавач „Jugoton“ е дека во рацете има потенцијален хит (Kalabalak) и хиталбум, па експресно бргу ќе го отпечати првиот албум на Leb I Sol за нивната куќа - Kalabalak. Песната по која ќе остане запаметено ова издание е заедничкото дело на Бодан и на Влатко, авторската тема длабоко инспирирана од фолклорот, една од најдобрите теми на Leb I Sol воопшто – Bistra voda. Интересен е и омотот на албумот, кој го работи познатиот хрватски дизајнер и стрип-цртач Мирко Илиќ. Постојат две различни верзии – случајно или намерно направени – кои се разликуваат единствено по редоследот на боите во горниот десен агол од насловницата. Концертната промоција на албумот се случува на 26.4.1983 година во Универзалната сала. Краток период по промоцијата на албумот, Влатко и Бодан заминуваат во ЈНА.

1984 година

уреди

Останувајќи во комуникација, на почетокот од 1984 започнуваат да прават планови и да работат на костурот на новиот албум. Нивната желба доставена до издавачот е тој да биде продуциран од Кевин Ајерс, членот на легендарните „Soft Machine“. Во септември, во студиото „Aquarius“ во Белград се снимени 9 теми, повторно како трио, со Лаза Ристовски како гостин на клавијатури и со Ненад Јелиќ на перкусии. Три теми се на Бодан и двојно повеќе, шест на Влатко. За жал албумот, Tangenta ќе помине под очекувањата, со само два полухита на плочата: Kontakt je skup и Tako blizu. Македонската промоција на албумот ќе биде од затворен тип, со концерт во живо на 28.12.1984 во хотелот „Континентал“ во Скопје, со Bastion како гостин. Интересно е дека во периодот на исчекување на новиот албум, на 31.10.1984, групата ќе му помогне на својот пријател Иво Јанкоски (екс Зефир), па ќе ја отсвири и ќе ја сними музиката за две негови песни, Обои ме и Шангри ла. Името под кое се заведени овие две нумери во фонотеката на Радио Скопје е Иво и Неговите Проектили. Неколку години подоцна, Иво Јанкоски ќе биде издавач и менаџер на групата.

1985 година

уреди

На 17 мај наредната, 1985 година, Leb I Sol ќе отсвири еден „скриен“ концерт во ФЛУ во Скопје, само еден ден пред официјалниот и голем концертен настап на Градскиот плоштад, по повод прославата „Фестивал на трудот на младите од Југославија“. Неколку месеци подоцна, во август, Драгољуб ќе ја напушти групата, а зад тапаните повторно ќе седне Гаро. Оваа постава за првпат по подолг период заедно ќе засвири на септемврискиот голем концерт на Leb I Sol на Градскиот стадион во Скопје. Со оглед на тоа дека таа, 1985 година ќе биде една од најтворечките години на групата за создавање наменска музика за театарски претстави и филмови, тој ќе паузира од работа на нов материјал, а и поретко ќе настапува. Интересно е дека на хуманитарниот концерт наречен „Рок-концерт – за етиопските мајки“, одржан на 8 март во Домот на младите „25 Мај“, на кој ќе свири целата елита на македонската музичка сцена, Leb I Sol официјално нема да настапи, но Влатко, Бодан, Гаро и Кокан ќе бидат музичка придружба на кантавторот Љупчо Стојановски.

1986 година

уреди

Во 1986 година, кон средината на мај, ќе ја изненади целокупната музичка јавност со објавувањето на албумот што е колекција на најдоброто од музиката на Leb I Sol создавана за театар, филм и за ТВ, албумот Zvučni Zid – Muzika Za Teatar, Film I TV. Освен теми што се дел од нивниот ангажман во изминатата година: Šmeker, Za sreću je potrebno troje, Srećna nova ’49, Koštana, Bušava azbuka, изданието содржи и траки од два постари ангажмани: Tumba, tumba divina (1982) и Oslobođenje Skopja (1978). Интересно е дека гостин во уводна тема на Srećna nova ’49, на усна армоника, е стариот пријател на членовите на групата и светло-мајстор од почетоците на нивната кариера, познатиот фризер Љупчо Богдановски-Кљок. Еден месец пред појавата на албумот, скопската публика ќе има можност премиерно да слушне дел од овој материјал на еден од најголемите дочеци на Штафетата на младоста, на 28.3.1986 на Скопскиот саем. На концертот на иста сцена ќе се појават најдобрите македонски групи во тој момент, а меѓу нив и најдобриот – Leb I Sol. Конечно, 10 години по формирањето, и градот од кој потекнуваат членовите на групата ќе се сети да им оддаде признание, па таа година ќе им ја додели престижната награда на Град Скопје „13 Ноември“.

Од една сериозна временска дистанција, може да се констатира дека лбумот Zvučni Zid – Muzika Za Teatar, Film I TV, ќе биде едно заокружување на дотогашната кариера на групата. Со повторното влегување во студиото на РТС на 20 ноември таа, 1986 година, групата ќе започне да креира една многу поинаква звучна слика, ниту за нијанса помалку успешна од претходната, со која ќе го прошири својот круг на слушатели и меѓу население што ја претпочита поп-музиката. Новиот курс на групата значел и враќање на клавијатурите како инструмент, што ќе ѝ даде една специфична боја на новата поп-рок структура на песни. Зад клавијатурите за првпат ќе застане Кирил Џајковски, поранешниот лидер на Bastion. Албумот музички во целост го потпишува Влатко, со исклучок на една тема, Autoput на Бодан. Текстовите, освен во случајот со Femme fatale со текст на Арсен Дедиќ, и Autoput и Skopje потпишани од Горан, ќе ги напише Влатко. Во спомнатата тема на Дедиќ, женските вокали ќе ги отпее белградската пејачка Беби Дол, додека придружните вокали на албумот во целост ѝ припаѓаат на Ана Костовска (екс Bastion). Интересно е дека за прв и последен пат во својата кариера, Leb I Sol ќе запише и еден саксофонист како полноправен член на групата, Гоце Мицанов. Албумот не изобилува со многу гости, па не смее да се минимизира придонесот на ирските гајди на Рони Ватен и перкусиите на Мишко Михајловски (D’Boys). Дизајнот на омотот е повторно, како и во случајот со претходниот албум, дело на Иван Станчиќ-Пико („Film“), кој на насловната страница ќе употреби уметничка слика од Пол Гоген. Како продуценти ќе се потпишат тројца, Влатко, Бодан и Брацо, кој, пак, е и снимател на материјалот. Kao Kakao е веројатно најкомерцијалниот албум на групата ако се цени според бројот на продадени примероци, но и според бројот на хитови што ќе ги продуцира, а кои во годините што ќе следуваат, ќе бидат неизоставен дел од сет-листите на групата. Веќе со статус на антологиски песни се безмалку сите теми: Mamurni ljudi, Kao kakao, Femme fatale, Čuvam noć od budnih, Kriza tridesetih, Autoput, Igraj, Skopje, Čekam kišu.

1987 година

уреди

Во промотивни цели, на 3.3.1987 „Jugoton“ ќе отпечати и едно не толку големо количество синглови со генерички кавер, кои ќе ги дели на сите радиостаници во Југославија. За радиохитови ќе бидат одбрани Femme fatale и Kao kakao. Истиот ден ќе започне и со печатењето на комплетниот албум. На 25.4.1987, групата ќе направи голем промотивен концерт за албумот пред својата, македонска публика во СРЦ „Кале“, на исто место и отприлика во ист период како и пред 6 години, кога го промовира албумот Ručni Rad. Два месеци подоцна, на 26 јуни, Leb I Sol е ѕвездата на големиот концерт на Градскиот стадион, именуван како „Рок-концерт – Скопско лето“, а на кој ќе настапат и Мизар и Aleksandar Makedonski, но и големите југословенски рок-имиња во тој момент: „EKV“, „Električni Orgazam“, „Film“, Масимо Савиќ и други. На 19 јули 1987 година, Leb I Sol има фасцинантен настап на затворањето на Универзијадата во Загреб, пред повеќе од 70 000 публика и со медиумски пренос во целиот свет. Во септември групата ги реализира и своите први гостувања во Италија и во Шпанија. Овие концерти ќе бидат увертира за нејзината голема југословенска турнеја што ќе следува есента, на која ќе ја преполни „Hala Sportova“ во Белград. Вреден за секоја почит е фактот дека само еден месец пред овој голем концерт, Leb I Sol ќе отсвири 4 последователни концерти во преполниот белградски „SKC“. Кратко по Белград, на 30 и 31 октомври и на 1 ноември 1987 година, следуваат „само“ три полни сали во загрепскиот клуб „Kulušič“,. За да се добие малку појасна слика за какви клубови станува збор и за рангот на групи што успевале да ги исполнат, треба да се напомене дека и двата концертни простори имаат статус на национално културно богатство, а меѓу групите што настапувале и често снимале албуми во живо во нив се и „Bijelo Dugme“, „EKV“, „Električni Orgazam“, „Film“ и други.

Кога станува збор за вакви случувања и полнења сали, и на домашен терен Leb I Sol ја има главната улога, особено во поставувањето нови параметри тешко достижни дури и по три децении. Во 1987 година, три дена по ред – на 22, 23 и на 24 декември, Домот на младите „25 Мај“ ќе биде исполнет до максимум. Следствено на постигнатите успеси и на неверојатниот прием кај публиката, албумот не помалку ќе го испофалат и критичарите.

1988 година

уреди

Речиси во сите годишни избори на југословенско ниво на почетокот од 1988 година, Leb I Sol и нивниот актуелен албум Kao Kakao се прогласени за најдобри во неколку категории: албум, хит на година, продукција, инструменталисти итн. Сè уште одработувајќи го албумот концертно и во наредната 1988 година, летото групата ќе го има својот прв настап и во Виена, Австрија. Во септември, пак, го има најсериозниот интернационален предизвик во кариерата, 30-дневната турнеја по СССР. Враќајќи се од неа, повторно, на 12 октомври има триумфален настап на полниот Градски плоштад во Скопје.

1989 година

уреди

Понесени од успехот на Kao Kakao, на почетокот од 1989 година членовите на групата повторно влегуваат во студио со намера да снимат подеднакво успешен албум. Поставата ќе биде иста – Влатко, Бодан, Гаро, Кирил и Брацо како снимател – со малку проширен состав на гости: Калиопи Грил како придружен вокал, Кокан Димушевски на клавијатури, Зоран Јовановиќ-Лима на саксофон и на кларинет, и Кире Костов на хорна. Дизајнерското решение за омотот ќе го даде Пол Фурнаџиски Адамс, а фотографиите се на Ѓорги Христовски. Иако не во толкав хитовски обем, и од последниот винилен албум на Leb I Sol Putujemo ќе се издвојат неколку мејнстрим-хитови на југословенско ниво, пред сè Čukni vo drvo, Istok-Zapad (telepatski) и Romansa. Во периодот пред официјалната објава на албумот, кој е печатен на 9.5.1989, од групата ќе си замине Кирил, а неговото место ќе го заземе Валентин Скендеровски. На концертот по повод првомајските празници, одржан на 1.5.1989, Leb I Sol ќе настапи пред легендарната кафеана Кермес во Градскиот парк, заедно со Супер Нова и со Клержо. Според некое веќе воспоставено правило, скопската концертна промоција ќе се случи во СРЦ „Кале“, на 15.12.1989 година.

1990 година

уреди

Пролетта 1990 година, групата ќе ја отсвири последната пообемна југословенска турнеја. Девет години подоцна, дел од материјалот снимен на турнејата, српската издавачка куќа „VG Music“ ќе го објави како цеде со наслов Live Anthology.

Нестабилноста на државата во која Leb I Sol како група работи полни 14 години, полека започнува да се рефлектира и на музичката индустрија, па и на членовите на групата како личности. Сè поизвесната неизвесна судбина на државата ги тера да размислуваат за поинакви ангажмани што ќе ги одржат во форма, но и такви што ќе овозможат културен континуитет на државата во која живеат, Р Македонија. Непосредно пред дочекот на новата 1990 година, списанието за деца „Росица“ ќе им додели на своите најмлади читатели сингл-плоча со две песни, Среќна Нова Година и инструментална верзија на Чукни во дрво. Насловната ќе биде потпишана за првпат како Влатко и Бодан. Песната ќе биде промовирана на големата новогодишна прослава на Градскиот плоштад, ноќта во очи на дочекот на Новата 1990 година. Големата новогодишна забава ќе ја разубават и настапите на Aleksandar Makedonski, Last Expedition, Royal Albert Hall и други македонски состави. Во јануари 1990 година се случува премиерата на балетската претстава „Зодијак“, на музика компонирана и потпишана повторно како Влатко и Бодан. Десет месеци по премиерата, на 4.10.1990 во продажба се појавува првото македонско цеде-издание, со музиката од балетот Zodiac, како прво издание на издавачката куќа „Third Ear“ на менаџерот на групата, Иво Јанкоски. Пролетта 1990 година, Leb I Sol ќе замине и на турнеја во Шведска, прво патување на групата по Скандинавија. Во периодот на правење на музиката за балетот „Зодијак“, ќе дојде и до повторно ангажирање на Кокан во Leb I Sol. Во таа постава, групата ќе работи во еден период на правење музика за пропаганден филм на „Eurovision“, но без некоја конкретна завршница. Сепак, благодарение на овие контакти, во октомври ќе одржи концерт во Ирска, организиран од Европската радиодифузија.

1991 година

уреди

Во мај 1991 година заминува по втор пат за САД, но овојпат со Драгољуб зад тапаните и со многу појасна цел: снимање нов материјал и, пред сè, настап во легендарниот њујоршки клуб „CBGB“. Конкретниот резултат по враќањето од САД ќе биде видлив неколку месеци подоцна, на 13.12.1991 година, со промоцијата на нивниот последен хит, Uči me majko, karaj me и албумот Live In New York. Куриозитет не многу познат во јавноста е дека тапаните во спомнатата песна, во студио ќе ги отсвири Кокан Димушевски. Неверојатниот медиумски успех на песната ќе ја врати групата во живот барем уште еден период, иако уште по враќањето од САД може да се забележи дека односите меѓу неговоте членови не се на некое високо ниво. Заморот од туркањето една извонредно плодна и успешна кариера, сега ограничена на еден мал простор, едноставно започнува да се рефлектира и врз односите меѓу нив.

1992 година

уреди

Својот епитаф ќе го испишат на 14.2.1992 со концертот за паметење на Скопскиот саем, со Sanatorium и со Легенда како предгрупи, последниот во Скопје на групата што ја испиша најсјајната страница на македонската урбана музика. Овој концерт официјално се води како промоција на неговото последно издание, прво на цеде-формат, Live In New York, исто како и следните неколку концерти во март 1992 година – четири последователни во белградскиот „Сава центар“. Највпечатлив за групата од тој период, ќе биде настапот во октомври 1992 година, на престижниот саем „EXPO ‘92“ во Севиља, Шпанија.

1993 и 1995 година

уреди

Во периодот што следува, концертите ќе станат сè поретки, а страничните ангажманите на секој поединечно, сè почести. На групата ѝ преостанува уште само малку време на заедничка работа, во која ќе се вбројат неколку настапи со кои само ќе ја надополи својата биографија, но и егото на своите членови. Еден од тие настапи е секако и концертот на 22.4.1993, кога Leb I Sol свири во легендарниот амстердамски клуб „Paradiso“. Во 1995 година, „Third Ear Music“ објавува двоен албум насловен како Anthology. Во декември истата година, Leb I Sol ја реализира својата последна промотивна турнеја низ Хрватска: 7 последователни концерти, од кои 2 во салата „Lisinski“ во Загреб, а останатите во Пула, Ријека и во Сплит. Последниот концерт пред официјалното распаѓање го има на 13.12.1995 во уште еден легендарен простор, во клубот „Mylos“ во Солун. Долги 10 години од овој настап, секој од нив ќе гради повеќе или помалку успешна соло кариера, секој поединечно создавајќи десетици нови музички дела, но без никаква соработка помеѓу нив.

Приказната за Leb I Sol ќе биде ставена во фолдерот историја сè до „понудата што не се одбива“, а која групата ќе ја добие од „Avalon Produkcija“.

2006 година

уреди

Триесет години од формирањето, во мај 2006 година, Leb I Sol ќе се реоформи и ќе најави серија повратнички концерти низ Македонија, како и на просторите на некогашна Југославија, во поставата што според многумина најдобро функционирала: Влатко, Бодан, Гаро и Кокан. Во септември истата година, во студиото „Тра Ла Ла“ е снимена новата песна на Leb I Sol, прва по 15 години, Raspukala Šar Planina. По еден месец, „Avalon Produkcija“ објавува двојно цеде, а паралелно и дивиди-издание, со материјал снимен во живо од јулскоавгустовските концерти во античките локалитети, на 1 јули во Хераклеа во Битола и на 2 август во Античкиот театар во Охрид. Албумот ја содржи и спомнатата студиска песна. По објавата и дистрибуцијата на двете изданија 30th Annyversary Tour – Live In Macedonia, во ноември – декември ќе следува турнеја од 15-ина концерти низ неколку поголеми центри во поранешна Југославија, со завршни два последователни концерта на 9 и на 10 декември 2006 година во „Метрополис арена“ на Скопскиот саем, први во Скопје по безмалку 15-годишна пауза. Според однапред направениот договор, овие концерти претпоставувале дефинитивно затворање на приказната за реоформувањето на групата.

2007 година

уреди

Во мај 2007 година, Бодан, Кокан и Гаро се на мислење дека приказната вреди да се продолжи. Фантастичните реакции од регионот што во континуитет ќе пристигнуваат неколку месеци, дополнително ќе ја потхранат таа идеја. Но, Влатко нема да прифати. Истиот месец тој објавува дека обврските кон продукцијата, спонзорите и кон публиката се исполнети и дека треба да се стави точка на понатамошната парцијална употреба на името Leb I Sol. Останатите сепак ќе продолжат понатаму. Во септември, остатокот од групата ќе ја промовира замената за Влатко, Димитар Божиков (екс Меморија). Кратко по започнатите подготовки и по промотивниот концерт во Скопје, на 8 Септември по повод Денот на независноста, од проектот ќе излезе и Гаро. Негова замена ќе биде српскиот тапанар Срѓан Дункиќ. Во период од два месеци, декември – јануари, во новосадското студио „Hammer“ се снимени 9 теми за албумот I Taka Nataka. Како автори на музиката, подеднакво со по четири песни, ќе партиципираат и Бодан и Кокан. Деветтата тема е традиционалната Si zaljubiv edno mome, која ќе ја отпее Дадо Топиќ („Time“). Во создавањето на албумот учествува и синот на Кокан, Милан Димушевски, како вокал во темата што го отвора албумот, Leb I igri. Комплетната листа на гости е малку подолга од спомнатите двајца, и во неа се вклучени: Светлана Палада и глумецот Сергеј Трифуновиќ како вокали, Александар Бузаџиќ на ефекти и на лупови, Слободан Тркуља на кларинет, и Миле Николиќ и Срѓан Драговиќ на тамбури.

2008 година

уреди

Албумот, во 2008 година, ќе го објави матичната издавачка куќа на Leb I Sol од почетоците на групата, сега „PGP RTS“ од Белград. Иако бледо прифатен на просторите од поранешна Југославија, групата ќе опстои свирејќи го овој материјал цели 8 години. Промените во групата што дополнително ќе се случуваат се на тапанарското столче, на кое извесен период ќе седи и Михаил Парушев. Во овој период групата ќе засвири и на простори каде што Leb I Sol никогаш нема засвирено, во Канада и во Австралија. Сепак, без нов снимен материјал, било повеќе од извесно дека кога-тогаш работите ќе дојдат до својот крај. Конечно, Кокан ќе иницира, а членовите на групата ќе прифатат да се разидат во придружба на симфониски оркестар.

2016 година

уреди

Така, на 20, 21 и на 22 декември 2016 година, Leb I Sol свират три проштални концерта во Македонската опера и балет, придружувани од симфонискиот оркестар. Веќе утредента, по 41 година од формирањето, Бодан и Кокан ќе потврдат дека фајлот Leb I Sol е повторно затворен. Засекогаш или до некоја следна прилика, никој со сигурност не може да тврди.

Дискографија

уреди

Студиски албуми

уреди
Година Албум
1978 Leb i Sol
1978 2
1979 Ručni Rad
1981
1982 Sledovanje
1982 Akustična Trauma
1983 Kalabalak
1984 Tangenta
1986 Zvučni Zid - Muzika za Teatar, Film i TV
1986 Kao Kakao
1989 Putujemo
1995 Anthology
2006 30th Annyversary Tour - Live in Macedonia
2008 I Taka Nataka

Албуми во живо

уреди
Година Албум во живо
1999 Live Anthology
1991 Live in New York

Синглови

уреди
Година Сингл
1978 Talasna Dužina / Dikijeva Igra

Наводи

уреди
  1. Филиповски, Тошо (2018). Македонска Рок Енциклопедија. Скопје: Корпус Деликти Рекордс, Тошо Филиповски. стр. 179–190. ISBN 978-608-66200-0-4.