Пу (музичка група)

Пу - македонска музичка група, активна од 1972 до 1978 година.[1] Групата Пу била еден од првите состави што функционирале со професионална опрема за свирење и со сопствено озвучување. Првата постава на бендот, од почетокот на 1972 година, ја сочинувале: Гранит Таки како гитарист и вокал, Бурим Дема на тапани, Драган Гашевски на бас и Рамиз Јусуфи-Цики на клавијатури. Во есента 1974 година како гитарист се придружил братот на Бурим, Ариан Дема-Љани (екс The Lyons), a бас-гитарата ја презел младиот Данаил Дарковски-Дарко, екс Проектили.

Пу
ПотеклоСкопје, Македонија
Жанровирок
Период на активност1972–1978

Историја

уреди

1974 - 1976

уреди

Од Октомври 1974 година, групата започнала да создава свои авторски песни под влијание на светски доминантниот музички звук, таканаречен симфо-рок. Истиот месец, на 9 октомври го имала и својот прв настап како авторски состав, како едни од учесниците на локалната гитаријада во Домот на младите „25 Мај“, заедно со Универзум, Listen, Torr и други. Во јануари 1975 година бендот го имал и својот прв самостоен концерт во Скопје, а на 1 февруари истата година за прв пат бил дел од еден голем фестивал надвор од Македонија, кога настапувал во финалната вечер на познатата „Зајечарска Гитаријада“. Понесени од импресиите со кои ќе се соочуваат, членовите на Пу организирале сличен настан и во Скопје, првиот македонски поп-фестивал, бил одржан на 12 април во салата на КК „Работнички“, собирајќи ја тогашната елита на македонската рок-музика: Torr, Listen, Око, Брег, Мост и Република 903. Кон крајот на годината се појавиле и на големиот сејугословенски концерт во „Dom Sindikata“ во Белград. Кон средината на таа година, Пу бил дел од македонската рок-елита што се појавила на првиот Поп Фест, на 15.5.1976, во Кочани, заедно со бендови како Леб и сол и Око, а по една недела, на 23 мај, настапиле на Скопскиот саем, на фестивалот наречен „Поп Фест ‘76“ односно „12 – 24, Млади ‘76“, Во мај 1976 година, групата за првпат влегла во старото студио на РТ Скопје и во еден здив ги снимила македонските столбови на симфо-рокот, песните Мисла, Анатема и Повторно раѓање, за жал, денес изгубени во архивите на МРТВ. Во декември 1976 година, Пу биле повторно во студио и снимиле уште една снимка во РТ Скопје, песната Неправда, со Славе Димитров како продуцент. Еден од најголемите македонски рок-хитови на сите времиња, Неправда, е творба на Таки Гранит и е, всушност, случаен производ во работата на еден бенд што негувал сосема поинаков музички израз, па не може да се смета за вистински репрезент на кариерата на бендот.

1977 - 1978

уреди

На почетокот од 1977 година, групата го проширила својот состав со двочлена дувачка секција, па кон крајот на јануари ја започнала познатата турнеја низ Македонија, која одела под името „Поп Фест ’77“ и претставувале трето, патувачко издание на фестивалот што бендот го започнал две години претходно. Финалната вечер на турнејата била на 24 февруари во Скопје, повторно во салата на КК „Работнички“, проширена со настапите на Мед и Млеко и бендот Listen. Летото 1977 година, од бендот си заминал Бурим, а на негово место, во еден период од два до три месеца како тапанари се смениле: Гарабет Тавитјан (екс Брег), Благоја Трпковски-Трте (екс Triangl) и Антоније Тоскиќ (екс Нај). Со Антоније бендот настапувал на најдоброто можно место, на претпоследното издание на „Boom Festival“ во Нови Сад, во периодот од 10ти до 11ти декември 1977 година. На почетокот од 1978 година, со изборот на Бошко Доневски-Чико (екс Torr) како нов тапанар, групата конечно го решила својот долготраен проблем. Поточно, во периодот од 26 до 18 јануари, Пу по втор пат учествувале на гитаријадата во Зајечар и биле прогласени за севкупен победник: прво место од публиката и второ место од жирито. Љани бил прогласен за најдобар инструменталист на гитаријадата. За потребите на РТ Белград, легендарниот радиоводител Никола Караклајиќ организирал снимање во мобилното студио на РТБ, па во таа пригода биле снимени: Анатема, Нервоза I, Нервоза II, Мисла, Неправда, Јас сум луд и Гег. Најпознатата свирка се случила на 22.4.1978, на легендарен концерт на паркингот на Средно Водно, за Денот на полнолетството, каде што на иста бина се појавувале и Машинска Глава, БТ Топ, Мадригали, Алфа и Леб и сол. Но Љани не бил задоволен од новата музичка насока на бендот. Недоразбирањата во бендот довеле и до прекинување на разговорите со ПГП РТБ, од каде што првично се појавил интерес за објавување сингл-плоча, а потоа и на албум. По настапот на фестивалот во Суботица, „Omladina ’78“ (од 11 до 13 мај 1978 година), каде што групата ги изведува Анатема и Мисла, Љани го напуштил бендот и преминал во Den Za Den, поприфатлив за него. Неправда останува единствениот сочуван студиски запис што сведочи за присуството на Ариан Дема во бендот. До крајот на годината, групата се обидела да најде соодветна замена за Љани, но не успеала. Со крајот на календарската 1978 година, Пу и официјално повеќе не постоел.

На 24.9.2011, на прославата по повод 100-годишнината од постоењето на улица „Македонија“, на сцената се искачила последната постава на Пу (Гранит, Љани, Дарко, Цики и Бошко) изведувајќи ги Неправда и Можеби сум луд.  

Наводи

уреди
  1. Филиповски, Тошо (2018). Македонска рок енциклопедија (1963 - 2018). Скопје: Корпус Деликти Рекордс, Тошо Филиповски. стр. 265, 266 стр.