Архангел (музичка група)

Архангел — македонска рок група основана во февруари 1989 година. Основач на групата е Ристо Вртев, првиот вокалист на групата Мизар и поранешен член на Инола Икс. Во текот на својата кариера, рок бендот има издадено четири албуми, и се смета за една од најдобрите групи во Македонија во деведесеттите години на минатиот век [1]. Архангел многу често била поврзувана со стилот на музика НСК (гермaнски: Neue Slowenische Kunst)

Архангел
Биографски податоци
ПотеклоСкопје, Македонија
Жанровипост панк, алтернативен рок, дарквејв, електронска музика
Период на активност1989–денес
ИздавачиHelidon
Avalon
Lithium
СоработнициМизар
Падот на Византија
Членови
Ристо Вртев
Поранешни членови
Панта Џамбазоски
Драган Гиновски
Петар Јанков
Дејан Аргировски - Ушко

ИсторијаУреди

Уште во 1980 година, многу пред формирањето на групата, Ристо Вртев ја компонираше песната „Архангел„ со која ги даде основните назнаки на својот иден уметнички израз. Подоцна, Вртев почна да прави песни за составот Мизар, додека тие сѐ уште беа насочени кон чиста рокенрол форма.

Архангел е формиран во јануари 1989 година во состав: Ристо Вртев (гитара, вокал, автор на музика и текст), Драган Гиновски (гитара), Дејан Аргировски (бас) и Зоран Цветковски (тапани). Благодарејќи на претходната репутација на Ристо Вртев како еден од членовите на култниот Мизар групата веднаш привлекла големо внимание во јавноста. Првите живи настапи на Архангел биле на најголемите рок фестивали во поранешна Југославија, оној на ЈУРМ во Загреб, како и на Младинскиот фестивал во Суботица во 1989 година каде влегоа во финалето. На фестивалот во Суботица е изведена изменета верзија на песната „Архангел", а на тој настап бас-гитара свири покојниот Дејан Аргировски - Ушко. Песната беше објавена на компилацискиот албум на фестивалот во Суботица под име „Архангел 80-89„. Најнакрај, конечната верзија на оваа песна со назив „Исус„ е објавена на нивниот албум првенец.

Во 1993 година во Македонија тие добиваат признание за најдобар албум, најдобар концерт, песна на годината и најдобар текстописец. Снимката од unplugged настапот на групата ја претставуваше Македонската телевизија на телевизискиот фестивал во Софија. Во ноември 1994 Архангел учествуваа на програмата „Денови на македонската култура„ во Данска. 1995 година свиреа на Т-фестивалот во Скопје заедно со групите Prodigy, Dog Eat Dog, Renegade Soundwave итн. Во ноември истата година настапуваа во белградскиот „Битеф театар„. Ристо Вртев ја компонираше музиката за театарската претстава „Маме му ебем кој прв почна„ според текстот на Дејан Дуковски и режија на Александар Поповски. Тапанарот Димитар Поповски и Вртев ја напишаа музиката за претставата „Туку така под облака„.[2]

Во 1995 година Архангел ја преработиле песната на Hüsker Dü - Never talkin to you again за што добиле награда за најдобра песна и најдобар спот во 1995. Во ноември 2000 Lithium Records ги реиздала сите албуми на Архангел. Првиот и вториот албум тогаш за првпат се појавиле на CD.

Име на групатаУреди

Групата своето име го добила по христијанскиот ангел Архангел, кој се смета за господар на ангелите во христијанската хиреархија веднаш под Богa.

ПоставаУреди

ДискографијаУреди

Архангел 1Уреди

  Главна статија: „Архангел (музички албум).

„Архангел“ е името на првиот албум на групата, издаден во март 1991 година во Белград, благодарение на Флавио Ригонат, сопственикот на куќата „Хаос“ која дотогаш издавала само книги и американски андерграунд стрипови. Покрај Вртев и Гиновски, на албумот настапиле и басистот Петар Јанков (екс ДДТ) и тапанарот Димитар Димовски (екс Цилиндар). Истата година, уредниците на 60 рок-списанија и радио емисии гласале за своите фаворити и Архангел бил прогласен за најдобар деби-албум и за најпријатно изненадување, а албумот се нашол на петтото место во категоријата „најдобар албум за годината“. Кусо по издавањето на првиот албум започнала и војната во Југославија, така што закажаната југословенска турнеја била откажана. Овој албум ги содржи следниве песни:

  1. Ладно оружје
  2. Гордост
  3. Исус
  4. Златно жолто
  5. Превез
  6. Молк
  7. Луна
  8. Два во еден
  9. Брчки
  10. Архангел

Од овој албум, најголеми хитови кои се издвоиле се: Архангел, Превез и Молк.

Архангел 2Уреди

  Главна статија: „Архангел 2.

„Архангел 2“ е вториот албум на групата, издаден во јуни 1993 година за музичката и касетната продукција на МРТ. Албумот, во касетно издание и со ист репертоар но со насловот „Дно“, бил објавен и на југословенскиот пазар, како издание на „Take it or leave it records“ <ref[>http://www.discogs.com/Arhangel-Dno/release/1249504] Discogs, Arhangel, Dno.</ref> Во Југославија албумот бил промовиран на концертот на белградскиот фестивал „Брзи бендови Србије“. Покрај песните на Вртев („Сениште“, „Човек без име и презиме“, „Војна“) на албумот се наоѓа и обработката на песната „Wonderful Life“ на британскиот музичар Black, како и „Зборови Волшебни“ на текст на Борис Пастернак. Овој албум ги содржи следниве песни:

  1. Сениште
  2. Драги мој
  3. Војна
  4. Дно
  5. Чудесен свет
  6. Човек без име и презиме
  7. 1000 Светла
  8. Зборови волшебни
  9. 1.000.000$
  10. Разговор без смисла

Во 1994 година, песната „Сениште“ била објавена и на компилацискиот албум „Македонски документ“.[3]

Heart CoreУреди

  Главна статија: „Heart Core (музички албум).

Heart Core е третиот албум на групата кој бил издаден по подолга пауза во април 1998, кратко пред заминувањето на басистот Петар Јанков и неговата замена со Џоле Маскимовски [4]. Издаден од Трето Уво, албумот ја заокружи триологијата што Вртев ја беше замислил уште во почетокот [5]. По издавањето на албумот, кон крајот на годината следеше работата на филмот Збогум на 20 век на Ацо Поповски и Дарко Митревски [6] каде песната Über Makedonische е главен носител на филмскиот саундтрак [7][8] Останатиот аудио материјал од филмот, претежно инструментален, ќе се најде на следниот албум на бендот. Обработката "Never Talking To You Again" од составот Hüsker Dü е посветена на починатиот басист Дејан Аргировски. Ударни песни на албумот се „Нова вера, нова Библија„, „Über Makedonische„, „Крст„, додека во песната „Владимир“ се вткаени стихови на Владимир Мајаковски. Овој албум ги содржи следниве песни:

  1. Нова вера нова библија
  2. Крст
  3. Heart core
  4. Нож
  5. Љубов или омраза
  6. Радост
  7. Uber Makedonishe
  8. Владимир
  9. Heart Core 2
  10. Never talk...

Небесна машинаУреди

  Главна статија: „Небесна машина.

Небесна машина е четвртиот албум на групата. Албумот бил издаден во 2003 година. Една од најуспешните песни од овој албум е Вина, невина. Нумери издадени на овој албум се следниве:

  1. Земја
  2. Небесна машина
  3. Рубин кармин
  4. Заумна сила
  5. Брчки
  6. Небо
  7. I'm so sad
  8. Шал од жал
  9. Билборд икона
  10. Вина невина

Дискографија на „Архангел“ евидентирана од ВБУ Музички Регистар.

Настапи во живоУреди

На 12 декември 1998 групата настапила на Скопскиот Саем пред околу 8.000 луѓе. Следувале неколку настапи низ Македонија и учество на фестивалот „Скопје Гори“ во мај 2000 година. Во 1993 и 1994 година, групата ги добила наградите за најдобар жив настап.

На 20 декември 2013 година, во спортскиот центар „Борис Трајковски“, Архангел одржале концерт заедно со Македонската филхармонија, под диригенство на Саша Николовски - Ѓумар.[9] На 10 декември 2016 година, групата настапила на завршната вечер на 18. издание на „Таксират“, во „Метрополис арената“.[10]

Концерти надвор од МакедонијаУреди

„Архангел“ одржал неколку турнеи во странство, и тоа: во Чехословачка, во 1990 година (Брно, Братислава и четири концерти во Прага); настап на концертот на УНИЦЕФ во Суботица, во 1992; настап на European Broadcasting Union Rock Festival во Љубљана, во 1994 година; турнеја низ Данска истата година; настап на фестивалот „FIAT рок“ во Подгорица, Црна Гора; настап на фестивалот „Exit“ во Нови Сад, во 2005 година.

ГалеријаУреди

НаводиУреди

  1. „Lithium Records“. Архивирано од изворникот на 2007-09-02. Посетено на 2009-06-11.
  2. http://www.delfi.rs/knjige/52144_ex_yu_rock_enciklopedija_knjiga_delfi_knjizare.html
  3. Македонски документ / Macedonian Document step 1. ТРОТ, CD 001, 1994.
  4. http://off.net.mk/i-sl/balkan-ekspres/muabeti-so-arhangel
  5. „архивска копија“. Архивирано од изворникот на 2007-01-13. Посетено на 2012-04-18.
  6. http://www.blesok.com.mk/tekst.asp?lang=mac&tekst=84&str=6#[мртва врска]
  7. http://www.youtube.com/watch?v=1ZGBhf2kmgU
  8. http://www.maccinema.com/filmovi_detali.asp?IDMAKFILM=97[мртва врска]
  9. „СИТЕЛ, „ФОТО: Фантастичен концерт на Архангел и Македонската филхармонија", 21 декември 2013“. Архивирано од изворникот на 2013-12-28. Посетено на 2013-12-27.
  10. „Со рекордна посетеност заврши „Таксират 18“!“, Слободен печат, година IV, број 940, вторник, 13 декември 2016, стр. 17.