Летечки пекинезери

Летечки пекинезери - свинг-џез квинтет формиран во Скопје, во 2004 година.[1] Летечки пекинезери е бенд со огромен репертоар оригинални теми, a за создавање на репертоарот, најмногу се ангажирале основачите на бендот, Бојан Петков-Шамба (гитара) и Иво Солдатовиќ-Сол (кларинет). Останати членови на бендот се: Петар Христов, тенор-саксофон, Кирил Туфекчиевски, двоен бас и Славчо Коцев, тапани.

Летечки пекинезери
ПотеклоСкопје, Република Македонија
Жанровисвинг-џез
Период на активност2004-денес
Членови
Бојан Петков-Шамба
Иво Солдатовиќ-Сол
Кирил Туфекчиевски
Петар Христов
Славчо Коцев
Поранешни членови
Трајче Велков
Милан Димушевски
Иван Бејков
Драгиша Солдатовиќ
Тони Китановски
Александар Секуловски

Историја

уреди

Во 2004 година Бојан Петков-Шамба и Иво Солдатовиќ-Солго создале неформално кабаре-дуо, Летечки пекинезери, изведувајќи кавери, но и авторски импровизации, во разни клубови низ Скопје. Круна на тие неформални настапи била поканата за снимање на дел од тие оригинални теми. Снимањето се случило на 31 декември 2004 г. и за него помогнале Милан Димушевски на тапани и Иван Бејков на бас. Снимени биле 11 теми, кои никогаш не биле публикувани на носач на звук.

По снимањето, Шамба заминал на едносеместарски студии во Беркли, САД. По неговото враќање, овој џез-состав продолжувал со вечерните свирки, но овој пат секоја среда изведувале чалгиска музика, а во саботите настапувале како Летечки пекинезери (со Милан Димушевски на контрабас).

Во 2006 година поставата ја прошириле и со Трајче Велков на труба. Во еден краток период, со нив настапувал и таткото на Иво Солдатовиќ, Драгиша Солдатовиќ-Лабиш на клавијатури. Материјалите кои сведочат за оваа невообичаена соработка помеѓу татко и син, во еден бенд, бил концертот во живо во емисијата „Ако никој не свири“ во јануари 2007 година на музичкото радио „Канал 103“.

Наредната, 2007 година, издавачката куќа „Стотројка“ ја поместила темата Stompin’ at the savoy на компилациското цеде Ако никој не свири... Во живо на стотројка, и тоа било прво појавување на „Летечки пекинезери“ на еден носач на звук. Во тој период, во јануари 2007 година, овој џез-состав ја правел и својата прва мини-турнеја низ Македонија, но со различни басисти, речиси на секој настап, поради лошата здравствена состојба на Кирил. Иако свирките биле големо искуство за бендот и биле доста посетени, поради некои причини дошле до една подолга пауза, која траела сè до снимањето на деби албумот, три години подоцна.

2010-ти години

уреди

Летото 2010 година, како трио, започнале аранжмански да ги разработуваат новите теми. На тие средби ја донеле и одлуката повеќе да не настапуваат јавно со џез-стандарди, туку новата ориентација на бендот да бидат авторските свинг-композиции. Со завршувањето на летото на снимањето го повикале и Славчо Коцев од Велес (тапани), а непосредно во процесот на снимање им се придружил и кларинетистот Петар Христов од Битола (за да свири тенор-саксофон). Деби албумот со 14 теми бил снимен на 23 и 24 септември 2010 г. во студиото „Chicken Madness“, со Ален Хаџи-Стефанов како снимател и Бојан Петков како продуцент.

Новиот авторски материјал, воедно и првиот вистински концерт на бендот, за првпат го презентирале на самостојниот концерт во Кино „Фросина“, на 25 февруари 2011 г., во МКЦ.

Првиот концерт надвор од Македонија, членовите го свиреле во Приштина, Косово, на 17 септември 2011 г., а во октомври 2011 година, во формат на цеде материјалот го објавил „SJF Records“. Истиот месец, во неофицијалната програма на „Скопски џез-фестивал“, во чест на неговата 30-годишнина, организаторот правел приватна забава за гостите изведувачи на фестивалот, во клубот сместен во дирекцијата на Скопска пивара. Единствен музички гостин на забавата бил Летечки пекинезери. Според зборовите на членовите, тоа е единствениот концерт на кој, искачувајќи се на бина, навистина почувствувале трема.

Значајните концертни активности продолжиле и во 2012 година, најпрвин со настапот на 6 мај во Марибор, Словенија, како учесници на „Maribor 2012 – Evropska prestolnica culture“, а потоа и во Прилеп, на 20 септември 2012 г., на првото издание на „International Prilep Jazz Weekend“. На изведбата на темата Herkermer homolka, како гостин на бината ненајавено се искачил и Симеон Иванов-Канго, импровизирајќи вокално.

Својот втор самостоен концерт бендот го имал во летниот клуб „Хавана“ во Скопје, на 9 ноември 2012 г., а по неполн месец, на 1 декември 2012 г., за првпат членовите го прелетале и Атлантикот, одржувајќи го својот прв концерт во Галерија „МЦ“, во Њујорк, САД. Во истиот простор, настапиле и три и пол години подоцна, на 15 јуни 2016 г..

На 16 мај 2013 г., на премиерата на филмот „Големиот Гетсби“, во кината „Синеплекс“ во Скопје, следувала и реприза на самостојниот настап од пред една година во летниот клуб „Хавана“ на 18 мај, па настапот на 27 јуни на платото на МКЦ наречен „Save Jazz Fm 100.8“, и уште едно интернационално претставување, на фестивалот „Blues & Jazz Rallye“ на 20 јули 2013 г. во Луксембург.

Во 2014 година бил дел и од малата екипа вљубеници во џез-музиката, кои на 30 април 2014 г. со концерт го чествувале „International Jazz Day“, во клубот МКЦ. Истото чествување се случило и во наредната година, на 30 април 2015 г, но во Велес.

На 8 јуни 2014 година, членовите на бендот за првпат заминале и за Албанија, каде што биле дел од интернационалниот список на артисти, кои настапиле на фестивалот „All Eagles Fest“.

Во 2015 година, во филмот „Каде се парите“ на Владимир Петровски-Картер, биле употребени музички материјали од првиот албум на Летечки пекинезери.

Од позначајните настапи во тие години, биле концертите во рамки на манифестациите „Скопје Креатива“, (Универзална сала, 29.6.2015), „Скопско лето“ (Сули Ан, 23.7.2015), „Cinedays“ (МКЦ, 18.11.2015), „Pin Music Conference“ (МКЦ, 27.11.2015) и веројатно, најзначајниот настап во кариерата на бендот досега, како отворање на настапот на легендарниот трубач Артуро Сандовал во рамките на фестивалот „Охридско лето“, на 6.8.2016. Настапиле на „Урбан фест“, одржан на 29.4.2017, на „Јадран Сквер“ во Скопје.

Дискографија

уреди

Албуми

уреди
Наслов Носач на звук Издавачка куќа Година
Letecki Pekinezeri CD SJF 2011
Dog Show CD SJF 2014

Компилации

уреди
Наслов Носач на звук Издавачка куќа Година
V.A. - Ако никој не свири...Во живо на Стотројка / Stompin' at the savoy CD Stotrojka 2008

Наводи

уреди
  1. Филиповски, Тошо (2018). Македонска Рок Енциклопедија. Скопје: Корпус Деликти Рекордс, Тошо Филиповски. стр. 190–192. ISBN 978-608-66200-0-4.